Божин Павловски „Уткини соседи“ Оние луѓе што останаа живи понекогаш слушаа глас на утка Таа птица како и смртта им беа први соседи. ДЕЛ ПРВ ЗАСЛУГ Додека народниот херој Злате Будигора се јадосуваше што тргна на пат по овој кијамет, учителот Бале Колар седеше зад него во џипот и му раскажуваше за изменетата клима во Бовојзо. Дека пред илјада години овде зимите биле кратки и благи, а пак летата топли, суви и долги. Покрај виновата лоза, зрееја и смоквата и калинката. Градинарските култури се изнесуваа на пазар уште во рана пролет. Злате Будигора му го одзеде зборот на учителот; штом умее толку да лаже нека напише книга, му советуваше. Тој знае повеќе за минатото на Бовојзо, зашто овде се криеше за време на окупацијата. И дека реката Анама извира од западните ребра на снежната планина, а пред да се влие во Белото Море посетува уште двесте населени места. Ги познава речиси сите извори на термални води, а шетал и по шумите богати со руда. „Кога се правиш толку учен, кажи ми од кој период е името на Горен Бовојзо?“ праша Злате Будигора. „Од бронзена доба!“ одговори Бале Колар. „Гледаш дека не знаеш? Мојов возач ќе ти докаже дека Горен Бовојзо е основан во железниот период!“ заврши Злате тегнејќи го возачот за ракавот од гуната. „Ќе ми дозволиш да проверам!“ побара учителот со одречно вртење на главата и се пофати за лузната, што се протегаше од увото до носот, како трага од камшик. „Ме сметаш за лажовен? Не ми веруваш, ти изгледам луничав?“ му се вдаде Злате под челото и го испрска со плунка. „Зошто сакаш да ме збрложиш, ние добро се познаваме!“ се засмеа Бале и со шамиче ги избриша образите. „Дека се правиш многу учен!“ „Ретко кога зборувам неточно!“ „Ајде кажи ми во кој период се лишави гората?“ „Не знам!“ фати да се смее учителот, а по него и возачот. „Сега едно лесно прашање!“ ликуваше народниот херој. „Против чии интереси работеше окупаторот?“ „Против интересите на месното население!“ одговори Бале и крена рамена, божем не е сигурен. „Може да се мисли така!“ прифати Злате. „А ќе се сетиш ли за бројот на жртвите од теророт во Горен и Долен Бовојзо?“ праша и повторно го испрска. „Точниот број? Да ме убиеш, не ми текнува!“ се замисли Бале и се загледа надвор, во лапавицата. „Не знаеш! А не се поминати ни десет години од крајот на војната! Ова беше најлесно прашање! За минатото на Бовојзо да не истрчуваш пред мене, јас сум цар за тебе!“ извика Злате и се исправи на седиштето. „Само Беломорско Сонце знае повеќе од мене!“ додаде со кренат прст. „Ќе ти ја симнам капата!“ двозначно прифати Бале. „Но за сегашноста не прашувај ме, можам сè да закашкам!“ се поврати Злате кон учителот и повторно го испрска. „Што сакаш да знаеш?“ притаено се смешкаше Бале, вадејќи го шамичето. „Седум години мојата нога не стапнала ваму! Не знам ни дали се залечени раните од војната, ни дали се множите, ни дали престанавте да се иселувате!“ „Се крполи некако!“ воздивна Бале Колар. „Застани овде!“ му нареди Злате на возачот откако џипот затрака на еден дрвен мост. „Ама дрчаво време!“ се пожали на лапавицата додека излегуваше на џадето и се загрнуваше со бундата. „Мостот на крвникот, ти текнува?“ извика Бале Колар виткајќи го белиот шал околу вратот. „Прашај ме што сакаш за овој мост!“ се пофали Злате и фати да ја дрма расклатената ограда. „Само рекава не ми изгледа така голема како порано!“ додаде, загледан во брановите што удираа во излоканиот брег. „Не знаеш колку пати е преѕидуван!“ провоцираше Бале Колар, следејќи една птица во лет што заграка откако исчезна во густежот. „Осум пати!“ одговори Злате како од пушка. „Верно ти си думежлив човек!“ „Последниот градител не е Сулејман Крвникот, како што вели легендата, туку еден трговец со волна!“ Злате како да доби крилја, но помнењето брзо го издаде. „Како му беше името?“ фати да се туфка со премрзнатите раце и да бара помош од возачот кој седеше зад воланот со отворена врата и немоќно креваше рамена. „Само Крвникот наплаќаше друмарина!“ извика Бале и плукна во реката. „Посебни измеќари го чуваа мостов! Кефере! Немуслимани, го чуваа и го поправаа! Тој беше како митница!“ „Сè додека Беломорско Сонце не му ја скрати сенката на Сулејман Крвникот!“ „И потоа! Девет години по убиството се плаќаше како патарина така и главарина!“ објасни Злате Будигора. „Да не беше лизгав врлежот, ќе се искачевме до кладенецот!“ рече Бале Колар дувајќи во прстите. „Тебе јазикот ќе ти испадне како на пес!“ се засмеа Злате и потскокнуваше на штиците за да се загрее. „Не треба да ме потценуваш, и јас многу се изменив! Сто товари полжави набрав од голежите!“ „Што се лутиш? Ако си решил да пешачиш, толку подобро!“ „Гладот ме натера!“ призна Бале Колар. „Кажи ми сега уште нешто за Беломорско Сонце?“ Злате ја мени темата. „Па ти знаеш сè! Славејко Плавески е фантастичен херој роден во потиснат народ, во полуварварски период на историјата, заштитник на сиромасите! По една борба со аскерот во која беше ранет, се пренесоа гласови дека е убиен!“ „Доста, те молам, тоа да им го кажуваш на учениците, а не мене!“ го прекина Злате Будигора. „Како изгледа тоа старо дртало сега?“ се интересираше народниот херој. „Дали ќе го прими орденот со чисто и широко срце?“ додаде најпосле. „Ќе видиш уште вечер!“ „Не вечер туку утре! Не сакам престојот да ми почне со кавга!“ „Зошто кавга? Вие сте пријатели од војната, во неговата куќа ти ги зацели раните!“ „Да си немаш ни земање ни давање со него!“ промрмори Злате и го повика учителот да побрза кон џипот. „Ќе гламносаме на овој кијамет!“ додаде и потоа му нареди на возачот да тргне. Макадамот беше излокан и лизгав; се врвеше крај дрвореди од тополи на кои удираше слаб ветар измешан со лапавица. Во измаглината на хоризонтот се покажа снежната планина на чиј врв повремено блеснуваше сонцето. Џипот се размина со две пазарџиски коли и веќе ѝ се доближи на првата воденица. Злате Будигора беше нервозен, како да ѝ се оттгрнал на дремката; се џареше ту во голежите кај црквата и гробиштата, ту во далечните кровови што побелуваа од лапавицата. Му се сврте на учителот и го потсети дека е должен да му раскаже како изгледа Беломорско Сонце денес. Како секој што завлегол во длабока старост, фати да опишува Бале. Челото и сега му е широко, но многу поизбраздено, а косата сосема побелена. Мислиш сините, благи очи не носат оган, дека пропаднале во коската, но тие сè уште светкаат како молњи. Лицето му е бледо, издолжено, како штавено, вратот како на желка, ама знае да се сврти на секаков шум. Ја носи истата капа што не е ни каскет ни шубара, туку обете во исто време. Учителот потоа раскажа дека војводата наметнува друго гунче со некој господски крој и со боја на суви лисја. „Мајчиниот, не може а да не покаже дека се разликува од другите во Горен Бовојзо!“ коментираше Злате Будигора. „Што сакаш да знаеш уште? Цокулите ги замени со гумени опинци заради полесно искачување по врлежот! Си обува дебели, волнени чорапи, облекува ленена кошула без корил, како и шајачни панталони! Кога е постудено како денес додава кожувче без ракави! За бастунот и шарениот пес да не ти прикажувам!“ заврши Бале Колар, отпоздравувајќи го поштарот Стево Лајме кој се мачеше да го докутура велосипедот низ калта. „Овој Лајме некогаш беше копук, а види го сега! Господин во униформа! Ха, ха, ха!“ се кикотеше Злате мавтајќи му на поштарот кој го препозна. „Очите му се крвјосани!“ додаде Бале. „Да не претерува со пиењето?“ праша Злате. „Го нападна некоја чудна болест, туберкулоза на кожата! Сè му се собра нему!“ воздивна Бале. „Тебе што ти е? Ми личиш на дамлосан! Кажи ми што прават овците, а што прави изворот?“ Злате се обиде да го расположи. „Овците клопотат, изворот клобучи! Ах, не ми е до шега!“ заврши Бале Колар. „Не биди зејгора, крени ја главата! Да не се полакоми за нешто?“ го праша и пак го испрска по лицето. „Да не сакаш да ти исполнам три желби?“ додаде. „Како во сказните!“ „Ќе се лутиш ако не те примам овојпат на гости?“ се осмели Бале Колар откако ги забриша образите со дланка. „Тоа е проблемот? Ха, ха, ха!“ фати да клокоти Злате и ќе се задавеше од кашлање. „Посиромав не сум бил никогаш!“воздивна учителот. „Да ме молиш не одседнувам кај тебе! Преку глава ми е од домаќини што немаат два грама шеќер, што вечераат полжави, што пијат устоена вода наместо вино!“ се распали народниот херој. „Чувам шише ракија!“ изусти Бале. „Кажи ми ти кој е најбогат во Горен Бовојзо? Нему ќе му направам визита! Како беше онаа јаничарска песна? Ќе ти дојдам нагости, ќе ти дупам мајката, мајката и жената, а на излегување и ќерката! Ха, ха, ха!“ Злате се растури од смеење, а возачот му се придружи. „Најбогат е Апостол Дилески, комесарот и неговиот брат, ветеринарот! Не знам ти како го мериш богатството?“ поголтна Бале Колар и низ прозорецот на џипот му кимна на Узеир Алија, кој водеше кобила. „Тој губиден се запари толку? Учителе, ти си веровит човек, да не ме пратиш во куќа со вошки?“ го предупреди Злате со показалецот, божем не му е договорен престојот во Горен Бовојзо. „Што ме тормозиш со вакви прашања? За разлика од Стево Лајме, комесарот никогаш не бил копук! Не го познаваш неговиот брат Данило?“ заврши Бале Колар. „Оној мрчко со најубава жена во Горен Бовојзо?“ „Ете, знаеш сè! Нема што да се таи од тебе!“ призна Бале Колар и му го покажа на возачот сокакот од левата страна. „Многу си ми засипнат! Да ти шепнам нешто, ти не смееш да се збогатиш! Тебе ќе те расипат секакви пари, ха, ха, ха!“ Злате уживаше да го измачува учителот. „Така е, штом се полакомиш, немаш наситка!“ прифати Бале со воздишка и замоли да го слезат од џипот. „Патот до куќата на комесарот ти е познат!“ додаде, туткајќи ја кожената торба. „Што изигруваш наперчен господин? Не сакаш да вечераш со мене?“ Злате почна да млазга со устата. „Немам намера да правам метании пред тој човек!“ решително одговори Бале Колар и успеа да му се наложи на возачот кој го запре џипот во најголемата кал. „Зошто ми го расипуваш атерот? Што се замислуваш, жена нејавната? Знам сè за вашиот лажен комесар, не треба да ме потсетува никој! Еден ден ќе го намердам убаво, но вечерва дојди со мене! Три дена и три ноќи ќе пиеме и мезиме, тој уста не ќе отвори дека му е мачкан газот!“ објаснуваше Злате Будигора и го задржуваше пријателот за ракавот. „За утре ќе се договориме! Нов ден, нова нафака!“ извика Бале пребирајќи ја калта што го натлачи. „Врати се назад, да му отседнеме на тој многугрешен, ќе нè запомни засекогаш! И сонцето ќе му мркне, кога ти велам!“ навалуваше Злате додека џипот бучеше. „Не сакаш да му се наднесе црн облак над куќата?“ додаде со божемна лутина. „Милина е да јадеш со него!“ одговори Бале и фати да се кикоти со дланка на устата. „Дојди, ако се премислиш! Си се сторил мивка, пријателе!“ одмавна Злате со раката и со тресок ја затвори вратата на џипот. Малку потоа возилото застана пред големата куќа на Дилевци. На сокакот беше вријавец, толкумина сакаа да го стегнат Злате во прегратка; дека славата ја стекна во атарот на Горен Бовојзо. Тој не беше изненаден од избликот чувства, но мразеше да се целува и милува. „За нас ти си натприродна личност!“ рече ѕидарот Богоја Талески. „А ти изгоре да ме видиш! Збиток и валчест, карпа не те потиснува!“ извика Злате Будигора и го затресе. „Ќе го ѕидаме мостот?“ одненадеж праша Богоја и му ја позеде торбата. „Неоти сакаш да работиш?“ провоцираше Злате и брзаше во прегратките на Апостол Дилески. Откако се исцелуваа со глембавиот домаќин, една жена ги напрчи усните. „Киска злокуќница!“ извика Злате и фати да ја врти околу себе дебелкавата, но многу привлечна жена. „Од кога се бацуваш со мажи?“ го праша таа. „Секој зумбул ќе овене во моиве раце!“ се правдаше тој. „Мракобесието нема да се поврати со тебе!“ го караше таа. „Молчи, чупче наказанче!“ извика Злате најпосле и ѝ го бакна носот. Така, пречекот го возбуди повеќе одошто се надеваше. „Ќе се најде време за една средба во месната заедница?“ запраша Богоја кога му ја враќаше торбата. „Неоти знам колку ќе останам кај вас?“ одговори Злате со кревање рамена. „Ние би сакале да разговараме за името на мостот!“ продолжи Богоја, иако Апостол го нагазуваше по чизмите. „Кој е против војводата Беломорско Сонце ќе си има работи со мене!“ подвикна Злате Будигора за да слушнат сите. „Чувај боже, овде нема таков!“ се замеша Апостол Дилески. „Војводата Славејко не е мизерен човек!“ коментираше учителката Киска. „Така е, да не му фаќаме кусур на тој неволничав старец!“ прифати Апостол. „Тој е обичен мивтар во сокаков!“ се осмели Богоја Талески. „Сега те слушнав и никогаш повеќе! Не излегувај ми пред очи барем два дена!“ му се закани Злате Будигора и прејде во дворот на Дилевци. „Чија маша е оној ѕидар?“ го праша комесарот додека се искачуваше по скалите. „Ничија, долг му е јазикот! Обично маткало, се плетка како одборник во месната заедница!“ одговори Апостол, воведувајќи го гостинот в куќа. „Каде ти е невестата, со неа не се целивав!“ се интересираше Злате, а потоа ја фрли торбата на еден диван. „Тука е некаде, се матка низ куќи! И јас сум дома неприбран, барав цемент и железо!“ се правдаше Апостол, покажувајќи му ја гостинската соба. „Брат ти не е дома?“ „Часкум ќе дојде, пече месо во фурната!“ „Многу убави вести слушнав за тебе! Си станал и комесар во Горен Бовојзо!“ извика Злате, ни сериозно, ни подбивно. „Што не ќе измислат мештаниве!“ фати да се правда Апостол Дилески. „Кога имаат војвода, зошто да немале комесар?“ додаде со присилна насмевка. „Немој случајно да се мериш со Беломорско Сонце!“ го предупреди Злате и седна да здивне на широкиот кревет со бела преслека. „Не мислам да се споредувам со никого!“ „Така е, него сабја не го сече!“ провоцираше Злате Будигора и веќе се оптегна на креветот. „Да го каниме на вечера?“ „Ти си човек исавлија, процени самиот!“ одговори Злате. „Умот му е изострен на Слав, ќе те навредува и тебе!“ рече Апостол од вратата. „Нека си ѕенза дома, утре ќе му излезам на мегдан!“ се реши да предложи Злате и побара ѓум со топла вода за да се одмие; потоа се интересираше дали орденот ќе го врачува во старата зграда на училиштето. „Сакаш некој друг да викнеме?“ праша Апостол откако потврди за врачувањето на орденот. „Бале Колар и некоја зајреста жена!“ одговори Злате мислејќи на учителката Киска. „Имаш посебни желби за вечерата?“ „Најпрво да ми покажеш каде се оди по голема и мала нужда, потоа ќе зборуваме за трпезата!“ скокна Злате од креветот и тргна кон чардакот. „Немој случајно ти да го држиш ѓумот додека се одмивам!“ додаде на слегување по скалите. Виде не виде, Апостол ја повика својата ќерка Софија. Ѓ даде совети како да се однесува пред гостинот, ѝ нареди да го избрише црвенилото од усните, лицето ѝ го намачка со малку гар од печката; таа облече еден од поветвите фустани, ги смени чевлите со гумени опинци и веќе чекаше во дворот со ѓумот в раце. Денот се мрачеше, лапавицата беше престаната, но сè уште подросуваше. Апостол ги спотера кокошките на спиење, им тури помија на свињите, му донесе зобница на коњот, и на кравата ѝ дофрли сено. Само бикот го остави гладен да ја тресе пондилата. Погледнуваше во часовникот, се тревожеше дека сè уште не пристигнаа Данило и неговата жена Сидора. Тогаш од нужникот излезе гостинот, свиркаше со устата како препороден, си го запетлуваше ременот. Фрли поглед на големата куќа, потоа на кочината, плевната и сеницата, се војваше по гумното како да не ја гледа Софија со ѓумот што испаруваше. „Климата во Горен Бовојзо е менета, ама до твојот двор не допрела! Машала, кај тебе зрее и смоквата и калинката!“ извика Злате, присетен на разговорот што го водеше со Бале Колар. „Куќа со грбнина!“ одговори Апостол, сакајќи да го истакне имотот што го наследи од татка си. „Не знам што е подобро, да имаш или да немаш? Сите завидуваат во оваа зачмаена населба!“ заврши повикувајќи ја Софија со ѓумот. „Кој ќе го прекупи ова, ако ти ја исполнам желбата за селење?“ праша Злате подавајќи ги рацете кон топлата вода. „Неоти ми останало време да планирам толку далеку?“ излажа Апостол Дилески, лутејќи му се на бикот кој мукаше. „Што си ја облекол девојката во грди рутишта?“ одненадеж вресна Злате и фати да гаргара со грлото. „Не стигна да се наружа, досега ја одменуваше мајка си!“ се преплаши Апостол. „Одмалена ја измачуваш, те познавам јас тебе!“ го укори додека си го бришеше вратот и лицето. „Не знам дали сум лош татко, им се одмилив на сите!“ „Ќе остариш ама пак нема да се одлошиш!“ „Не порекнувам дека е така!“ Апостол крена рамена, го прифати укорот, среќен што гостинот не пројавува интерес за девојката. „Ќе ја мажиш Софија?“ праша Злате додека си ја запетлуваше кошулата. „Сама ќе си оди!“ воздивна Апостол давајќи ѝ ишарет на Софија да се повлече дома. „Го избрала тој одрпан човек со изрошени образи, повратник од Америка! Не ме слуша, не чека да се преселиме! За инает една ока сол ќе изеде!“ заврши прекудно, чекорејќи зад гостинот. „Таа ќе му го управува срцето, тој ќе ѝ ги озарува очите!“ рече Злате Будигора како некој поет. „Настапи великолепно време за младите!“ додаде на скалите. „Нека се омажи, нека се оклети!“ „Сега те слушнав и никогаш повеќе!“ „А се продава честа за безчестие?“ „Не го сакаш зетот?“ „Трипати го одбив, но тој ме надитри, решил Софија да ја размоми!“ „Дај им благослов, да не болеат еден за друг!“ „Кај го најде него, најгрд на светов?“ „Ти не знаеш како изгледа однатре? Што ако му е ликот таков? Можеби прележал некоја болест!“ „Затоа попуштив!“ одговори Апостол земајќи пагур од една полица во гостинската соба. „Не велам дека е лош, туку само грд!“ додаде. „Имаш наук да се будиш в зори?“ праша гостинот, седнувајќи крај трпезата, џарејќи се во празната одаја. „Кога одам на лов! А зошто?“ Апостол ги наполни чашите. „Порано да ме разбудиш, ќе скокнам до Изворите на беглерот! Ќе видам дали сонот лаже!“ Злате наздрави со ракијата и ја затресе главата, а потоа објасни дека тоа ќе го стореше пред неколку часа да не беше времето толку дрчаво. „Да не те облазила некоја гасеница? И ти почна да страдаш додека спиеш?“ се кикотеше домаќинот и дотураше во чашите. „Маката не е во сонот, туку во стварноста! Јас и порано знаев дека земјата бучи крај тие извори! Но вчера ме здрма нешто на полноќ, во најслаткиот сон! Како сета земја трепет да ја обзеде, а некој пламен мене ме позеде! И така, видов огнена колесница на небото што падна во изворите!“ заврши домаќинот, правејќи гримаса поради ракијата што го опече. „Зина земјата и те проголта?“ „Не, туку се покажа чудна лавовска лика!“ „И што бараш на изворите?“ „Да се уверам дали верно земјата бучи! Дали сонот станал стварност!“ заврши гостинот и набоде со вилушката од туршијата. „Не разбрав ништо!“ призна Апостол. „Во Сулејман пукаа таму?“ „И го убија!“ одговори Апостол. „Во мене пукаа?“ „Решето те направија на изворите! Но Беломорско Сонце те склони на безбедно место и раните ти ги исцели!“ одговори Апостол. „Сè е јасно! Само уште да се уверам дека земјата бучеше тогаш кога лежев во крвои!“ објасни Злате, додека Апостол го собра вратот, пак не разбра. „Не знам што ќе постигнеш со тоа! Сè уште мислиш дека некој те поткажа на изворите?“ праша Апостол станувајќи до прозорецот да види кој тропа на портата. „Ти само разбуди ме в зори!“ повтори Злате Будигора и самиот ја дополни чашата со ракија. „Стигна брат ми со месото!“ се пофали Апостол Дилески на враќање кон трпезата. „Каде е жена му Сидора?“ праша гостинот додека ѝ се нафрлаше на една голема, бела пиперка. „Меси зелници во куќата на еден ѕидар, тука близу, зад чешмата! Не си бил кај Иле Алески?“ „Оној со болните гради? Зетот на Беломорско Сонце? Кај него виткате зелници и мазници?“ се зачуди Злате. „Му умре таа жена што ја познаваш ти! Сега е преженет со млада невеста која не ги знае тајните на брашното!“ објасни Апостол Дилески. „Што е ново во Горен Бовојзо? Имаш нешто за во четири очи?“ „Долга беше зимата, фативме сите да смрдиме!“ почна одоколу домаќинот. „Ние со тебе сме дамнешни познајници, ако не се лутиш, можам сè да ти кажам! Еве, на пример, Слав Плавески! Ќе го добие орденот, ќе го испофалиме пред мештаниве и тука нека заврши сè! Што мора неговото име да го врзуваме со новиот мост?“ се осмели најпосле. „Како што е наредено од повисоко, така ќе биде!“ одговори Злате Будигора и почна да черечи парче од зелката. „Некогаш Беломорско Сонце му беше закрепа на целиот валог, затоа влезе во песните! Ама сега тој не е со нас!“ продолжи Апостол надевајќи се дека ќе постигне нешто. „Благословено ќе биде делото негово!“ процеди Злате и ги собра усните од пиперката што го олути. „Фали го бога што не живееш во негова близина!“ „Болеста и староста го заштитуваат војводата!“ „Но тој се огнаси од сите лоши работи!“ „Зошто ми кажуваш итрина наместо мудрост? Ти реков да не се споредуваш со него!“ „Немој да се опираш на такви, тие се несигурни луѓе!“ „А ти каков си? Умот ти зајдува кога ќе се видиш самиот во огледало! Толку си се бендисуваш?“ „Не знам што ми е вечерва? Никако да ти угодам!“ се повлече Апостол и наздрави со чашата. Злате Будигора одмавна со рака, божем тоа не е важно. Тој сакаше да слушне како ќе се долебат мештаните од Горен Бовојзо до новата жетва? И што прават кога не одат на нива; а не да му се полни главата за тој старец чии коски веќе се миросуваат. Дека тие се измачени од тешките зулуми во минатото, сè уште бегаат по шумите, иако не се дезертери. Десет години по војната изминаа, сега треба верно да му се служи на режимот. Во разговорот Апостола го нарече нешто како кмет на Горен Бовојзо. Дали тој пламено агитира за новите идеи, дали применува демократски и проверени методи за афирмација на новото општествено уредување? Ги советува ли да не се продлабочуваат наследените економски, политички и национални прашања, или остава да тече сè по старо? Ќе се бара ли и годинава намалување на данокот поради слабиот род на житото и лошата зима? „Накусо, што прават луѓето кога е дрчаво времето?“ заврши Злате и се замези. „Кодошат, ете што прават! Од секој сокак по два шпиона! Знаеш што вели за нас Рамадан, синот на Сулејман Крвникот? Дека во Горен Бовојзо има добро вино и добра интрига, ха, ха, ха!“ „Не е тоа смешно!“ Злате му го скрати задоволството на Апостол да се кикоти. „Јас би плачел да сум на твое место!“ додаде и ја истури чашата в уста. „Каде што гнои раната не е само смрадно туку и гадно!“ „Ти би сакал уште некого да притвориме?“ „Ја знаеш мојата најголема желба!“ итро се приви Апостол и ги дополни чашите. „Ќе избудалам ако останам во ова блато!“ додаде и продолжи да ја оплакува својата положба. „Додека не се изградат мостот и здравниот дом, не надевај се! Потоа ќе ти најдеме решение!“ вети гостинот. „Ако ми помогнеш, дваж повеќе ќе ти вратам!“ Апостол му го допре рамото и додаде, божем телото му е поразено, но душата сè уште здрава. „Затоа толку се дебелиш?“ заклокоти гостинот со парче од кисел домат во устата. „Од мака се дујам!“ „Ќе ми ја испееш онаа песна за ѕвездата Обденица?“ фати да се подбива гостинот, облегнат на столот што крцкаше. „Нека дојдат и другите, да не пеам двапати, ме боли грлото!“ „Каде се твоите красноглави синови?“ „Постариот е на лов со идниот зет, малиот денгуби некаде по сокаците! Штом огладне, ќе дотрча, ни пес опален не му втасува!“ одговори Апостол Дилески. „Велам јас, великолепно е времето за нив!“ „Да не ги разгалиме премногу!“ „Мислиш ќе станат полоши од нас?“ „Можат да ни ја огнасат староста!“ „Немој да ме гудишкаш! Што ќе ти е староста ако ти се погоди младоста, ха, ха, ха!“ се затресе Злате во грохотна смеа. „Знаеш што бев јас пред војната?“ „Ѕидар, што друго?“ „Тесар и ѕидар!“ „Секогаш извалкан, никогаш колосан!“ „Ни случајно!“ се побуни Злате Будигора. „И во карстот одев со ласнати чевли!“ „Чувам еден весник со твоја слика!“ „Знам која! Два реденика вкрстени на градите, пиштол, кама и шест бомби наредени на коланот! Тешко облечен, уште потешко вооружен, ха, ха, ха, како да одам во авантура!“ „Не! Развејуваш знаме на некоја свадба!“ го исправи Апостол. „Ми текна! Не е свадба туку празник на трудот! Тоа е нашето ѕидарско знаме, срп и тесла вкрстени на црвена основа!“ извика Злате одушевен од меморијата на домаќинот. Спомените го навасаа и цела вечер раскажуваше како било пред војната. Како се ожени во окупирана селендра, што се пееше на свадбата, како изгледаше неговата избраничка пред да се размоми. „Друг маж таа не познаваше!“ се пофали наздравувајќи со Данило Дилески, кој пристигна со месото и веќе седеше крај гостинот. „Можам да си замислам!“ одговори ветеринарот со крената чаша. „И ти си имаш жена преубава!“ додаде Злате со шепот. „Само да не е толку болна!“ се пожали Данило празнејќи ја чашата брзо. Сидора на двапати минуваше низ собата со гостинот, меѓутоа, разговорот не го слушаше. На Злате му се ококорија очите, ракијата го окрили, му се прелеа срцето со трепет. Необична убавина за жена од Горен Бовојзо, како да потекнува од благородници, си мислеше, како некоја антилопа. Облечена во селски ткаенини, ама со градски крој; полата со боја на вишна, блузата бела како снег, полимбена на градите, еден долг и нежен врат под чудесната глава, за да го излуди мажот. „Снајке, ти немаш време за стареење!“ ја задеваше гостинот пред намуртениот ветеринар. Сидора одвај се насмевна со крајче на усните и пак исчезна некаде. На Злате Будигора му затрепери снагата, образите му поцрвенеа, но срам не почувствува. „Излези на сонце, фустанот ќе обели, ама тоа бледо лице ќе поцрни!“ додаде вториот пат кога ја виде. Домаќините ги навалија главите кон мезето и ракијата; малку потоа во собата дојде жената на Апостол и фати да го черечи печеното месо во земјени паници. „Колку е огрдена Деса!“ му шепна Злате на Данило и заграби парче од месото. Апостол почна да пее некоја детска, шеговна песна; сите дома на попара, дури мајка не окара. На трпезата се донесе и виното во земјени бокали. „Каде застанав?“ праша Злате полевајќи ја устата со новиот пијалак. „Кај задругите!“ извика Данило за да го подлаже. „Ах, да! Пред војната имавме набавни и продажни задруги, добра работа беа тие! Го штитеа мештанинот од разни шпекуланти, а зад таа фасада можеа да делуваат носителите на прогресивната мисла!“ се снајде Злате џвакајќи од месото. „Легални центри за илегална дејност!“ додаде Апостол. „Токму така, во тие задруги правевме што сакавме! Кражби немаше! Се купуваше и продаваше мешовита стока, бакалска, текстилна и, се разбира, градежна! Еден продавач работеше од утро до вечер за фиксна плата, а за неговата исправност одговараа двајца гаранти!“ „Постоеја управен и надзорен одбор!“ го дополни Апостол. „Добра работа биле тие задруги!“ коментираше Данило, ни сериозно, ни подбивно. „Дали можеш да се сетиш кога почна во Горен Бовојзо да се игра танц?“ му се обрати Злате на Апостол Дилески. „Штом се појави танцмајсторот!“ одговори Апостол брзо. „Е, не! Откако се основа првото јавно читалиште!“ го исправи Злате и побара да се наздрави со виното. „Војната беше погибел за тие задруги!“ се замеша Данило и локна од виното безмерно. „Ти брзо сфаќаш! Голема мудрост имаш во срцето!“ му се надвисна Злате и го шлакна по главата. „Каква птица е клукајдрвецот?“ се исправи ветеринарот, крвјосан во очите. „Шарена!“ му ждригна Злате в уста. „Лета од дрво на дрво, кога ќе најде што ѝ треба, ќе го преклуе стеблото и ќе се вгнезди!“ заврши со гримаси на блуење. „Знаеш што, ти си како некоја дружељубива ѕверка!“ извика Данило и го бакна во челото. „Прашај ме што сакаш за птиците!“ продолжи Злате лизнувајќи од бокалот. „Каде свива гнездо ластовицата?“ „Или над луѓето или над водите!“ „Така е! Пријателе, на рацете мои ти ќе умреш! Хик!“ „Не сакам кавга во куќава!“ предупреди Апостол и потоа ѝ нареди на Деса да испече кафе. „Ти да молчиш!“ му се вдаде Злате Будигора. „Ќе јадеме, ќе пиеме и ќе го славиме новиот поредок!“ „Ако продолжи да јаде брат ми, во ниедна врата не ќе го собере!“ шантаво се радуваше Данило. „Да си проклет во веки!“ воздивна Апостол. „Опа, почнаа да се караат најмоќните браќа во Горен Бовојзо!“ ликуваше Злате нафрлувајќи се колку на храната, толку на виното. „Пијам вода толку ретко како бизонот!“ додаде низ џвакање. „Доста го трпев!“ Данило му се обеси на гостинот и фати да го кодоши својот брат. „Да ти шепнам нешто!“ му рече Злате. „Твојата жена е посветла и од сонцето!“ „Само да не беше толку болна! Хик!“ одговори Данило, затајувајќи ја лутината. „Мораш да истрпиш сè во својот живот!“ додаде гостинот и му го понуди бокалот. „Причувај се, јас зелена трева не пасам! Хик!“ промрморе Данило пред да се напие. „Ќе окркаш ќотек, ако се закануваш!“ се замеша Апостол со муртење кон братот. „Се обдув од јадење!“ призна Злате Будигора. „Мене нозете ме болат, не можам да стојам!“ рече Данило. „Да сакам ќе ве скарам и ќе ве одмилам! Ама не сакам, оти ми се допаѓате!“ се пофали Злате и побара од Апостола да ја испее песната за ѕвездата Обденица. Апостол само што почна да пее за чудата на ѕвездата Обденица, веќе Деса му јави дека пред портата чека војводата Беломорско Сонце. Кога слушна, тој се ококори. „Ако решил да касне нешто мрсно во време на пости, нека повели горе!“ рече со подзината уста. „Не викај го на трпеза, ќе се покаеш! Тој божји угодник сега живее во голема беда! Хик!“ советуваше Данило. „Нека дојде горе, нека окрши едно парче од зелникот!“ повтори Апостол и со распетлана кошула тргна по скалите. Деса му го попречи патот, го врати назад. „Не те бара тебе туку гостинот!“ рече и потоа му се обрати на Злате Будигора. „Што му требам на тоа дребно билје омајниче?“ се исчуди овој додека со мака се исправи на нозе. Деса му помагаше да слезе долу во дворот. Ветрот го пресече брзо, по снагата го облеа студена пот. Додека чекореше со клатење сматно ја здогледа високата фигура на Беломорско Сонце во мракот. По него дотрча Апостол и го нагрна со некое кожувче. Се измешаа кучешки лаежи и мукање на говеда, зафрка и коњ во сокакот. „Кога ќе обзори зората јас ќе тропнам кај тебе!“ извика Злате Будигора од гумното. „Мојата куќа е отворена!“ возврати Слав Плавески, кревајќи ја гуната. „Малку се земјосав вечерва! Ќе ми фатиш кусур?“ со џбарење во мракот Злате му ја подаде раката. „Крв да ти се стори!“ „Дојди горе, трпезата е поставена!“ „Зорт ме доведе кај тебе!“ „Да не ти го отруја песот? Хик!“ „Помагај ако имаш душа!“ „Што те снајде, кажувај побрзо, гледаш дека смрзнав!“ извика Злате Будигора, тресејќи се во кожувчето. „Мојата внука настрада, си ја скрши ногата!“ одговори Слав Плавески, загледан ту во гостинот, ту во домаќините. „Чув за таа несреќа!“ воздивна Деса и се навали до портата. „Сирота девојка, каква болка ќе истрпи!“ „Дојди горе!“ навалуваше Злате Будигора и проба да го завлече кон дворот. „Безбели не е толку страшно! Да размислам што можам да сторам!“ „Не сум сам!“ се одбрани Слав и покажа на луѓето што се наѕираа во мракот. Дури тогаш Злате Будигора излезе на сокакот и се приближи до запрежната кола. Го прегрна едноракиот учител Деспот откако го препозна, се поздрави и со жената во колата што ја покриваше главата на повредената девојка, му пристапи и на Бале Колар кој ја држеше уздата на коњот. Креваше рамена, не му текнуваше зошто мештаниве го бараа токму него. „Кога и каде е скршена ногата?“ праша навалувајќи се преку лесата за да го повлече веленцето од главата на девојката. „Пред старата зграда на училиштето!“ одговори Илина Алеска и се вудвоса во колата. „Се лизна на мразот!“ додаде едноракиот Деспот. „Кај беа другите да ѝ помогнат, триесет лакти пред неа?“ се лутеше народниот херој и ја стави дланката на челото од девојката што трепереше. „Носевме вода со кофи, го рибавме подот заради утрешната свеченост!“ објасни Деспот. „Сопрво мислеле дека ногата е само исчанчена!“ се замеша Бале Колар. „Што презедовте досега?“ сакаше да знае Злате Будигора. „Изгубив доста време кај воденичарот!“ призна едноракиот учител. „Тој проба да ја намести коската, ама не можеше! Рече дека е здробена како песок!“ додаде мошне загрижено. „Што барате сега од мене?“ извика Злате, премрзнат, растрган, лут. „Ни треба возилото, далеку е болницата!“ одговори Слав Плавески и се надвисна над колата за да ја покрие својата внука со веленцето. „Зашто не кажавте веднаш? Каде е возачот?“ „Спие во куќата на учителите!“ одговори Апостол. „Ќе го разбудите, ќе му ја пренесете мојата наредба, штом ја превезе болнава, пак да се врати!“ заврши Злате Будигора и, бегајќи од ветрот што зашиба, влезе во дворот на Дилевци. Колата затрака надолу по раскалениот сокак; Бале Колар го водеше коњот за уздата. Сега во дворот беа и синовите на Апостол заедно со Сидора. Додека Злате ги распрашуваше за јуначкото срце младинско, од сокакот повторно го извикаа. „Војводата сака нешто од тебе!“ му шепна Јован Дилески. „Стрпи се малку, кога ќе се обзори јас ќе бидам кај тебе! Затоа сум дојден во Горен Бовојзо!“ издиша Злате нервозно и се поврати неколку чекори. „Го прими моето писмо?“ праша Беломорско Сонце. „Ме сметаш за прокажен?“ „Неоти си прашал за попот Никола?“ „Штом ќе збае снегот в планина, тој ќе се врати дома! Не е виновен толку колку што мислевме!“ одговори Злате Будигора. „Да ти се умножи славата!“ блосоеше Слав чекорејќи по едноракиот учител. „Нема да ни се придружите?“ праша Апостол со половина уста, додека ја залостуваше портата. „Кога ќе спијат? Првите петли веќе се огласија!“ промрморе Деса од скалите. „Кој ти се обрати тебе?“ луто ја укори Апостол и тргна во пондилата, да му фрли сено на бикот. „Оди дома, свари уште по едно кафе!“ ѝ нареди оддалеку. Затропаа ламарини по покривите на куќите, ветрот свиреше удирајќи по авлиите и разнесуваше снегулки. Додека го исчекуваше гостинот да излезе од нужникот, комесарот се војваше по гумното. Беше вознемирен како да заулави, ги крцкаше прстите, се џареше во осветлените прозорци на куќата. За малку ќе се закрвеше со родениот брат, а потоа ќе му се одмилеше и на гостинот. Се зарече дека ќе вложи напор да си ги контролира страстите и погледна во часовникот. Кога забуче џипот по долните сокаци, веќе и Злате излезе од нужникот. Беше премрзнат, трчаше по скалите; и додека седнуваше крај трпезата, сè уште потскокнуваше и ги триеше дланките. „Сакаш да работиш во службата за безбедност?“ го праша Јована, поземајќи го бокалот од неговите раце. „Тоа ми е најголемата желба!“ одговори Јован. „Ми кажа татко ти! Ако ме слушаш, од тебе ќе направам голем човек!“ вети гостинот и зеде парче од печеното месо. Во меѓувреме Деса го донесе кафето, Апостол го покрена јазичето на газиената ламба што мижуркаше. Данило беше легнат со главата меѓу паниците со месо; со прстите на левата рака удираше по дрвото, меѓутоа, не беше способен за разговор. „До лето ќе останеш во рудникот, потоа ќе преминеш во безбедноста!“ му шепна Злате на Јована. „Татко ми запнал да ме ожени!“ се пожали овој и фати да одбира во паницата. „Не слушај никого освен мене!“ советуваше Злате и го прегрна. „Гледаш какви се обајцата? Да ги фатиш едниот за глава, другиот за опашка и да ги треснеш од земја! Ни искрени, ни отворени, им смрди здивот!“ заврши, презриво загледан во Данило, кој преташе на трпезата. Апостол понуди бокал со новоточено вино, вложи напор да го врати преѓешното расположение, ја продолжи дури и песната за ѕвездата Обденица, но почувствува некаква горчина во грлото. Во собата влезе и Сидора колку да ја суреди масата, го молеше Данила да си легне в кревет; тој ја отфрли грубо. „Што не ме повика мене туку она тезгере?“ воздивна Злате гушкајќи го Јована и копнеејќи по жената што излегуваше надвор со паници в раце. Овој го искриви лицето како да се смее, наздрави и го принесе бокалот до усните. „Не сум задоволен од дочеков!“ одненадеж извика Злате Будигора и длабоко издиша откако се напи вино. „Да испечеме зајак?“ предложи Апостол, како фатен во стапица. „Не е сè во јадењето и пиењето! Ако претерам ќе станам глембав како тебе!“ провоцираше Злате и притоа ја проценуваше издржливоста на Јован Дилески. „Ти си најдраг гостин во мојава куќа, сторив сè што можев!“ се правдаше Апостол, муртејќи му се на својот брат кој се лигавеше на трпезата. „Не допатував во Горен Бовојзо само поради орденот на војводата, туку и да разменам мисли со мештаниве! Каде ти се напредните учители, каде ти се одборниците?“ „Ги канев, не дојдоа!“ се правдаше домаќинот. „Беломорско Сонце не е достоен за твојата трпеза? Се гнасиш од неговата старост? Па тој вечерал и во царски палати, не знам дали ти е познато!“ „Те прашав за него, кога ти спомнав дека јазикот му е изострен!“ „Кому сега да му прикажувам за фабриките што ќе ги градиме? На овој драпач што се омацури по две капки вино?“ праша Злате Будигора и му врза шлаканица на Данило по тилот. „Остави го да поспие малку!“ го замоли Јован гостинот. „Да си немаш работа со брат ми, многу е лош!“ додаде Апостол, кревајќи го Данила за рацете и потоа го завлече кон вратата. „Цел гробник е тој мрчко, најмалку три дена да не ми се јавува пред очи! И ти не враќај се назад ако си се бендисуваш самиот! Јас си најдов другар рамен на себе!“ извика Злате Будигора и ја клоцна вратата зад комесарот. Со воспалени образи и распетлани гради му објаснуваше на младиот соговорник дека ќе пие за окајување на гревовите; духот ќе гори, умот ќе блеска. Дел втор ОПАШКАТА НА ЗИМАТА ГЛАВА ПРВА Откако го премерија дрвениот мост и речното корито, Апостол Дилески им дозволи на двајцата помошници да си одат дома. Иле Алески, му порача со чаеви и топла ракија, како знае и умее, да ја залечи кашлицата. Богоја Талески, постариот, не примаше совети за долгата, студена ноќ. Брзо го прибраа конецот и алатите в торби и заминаа крај меѓите на ливаѓето. Утре почнува изградбата на новиот мост, си мислеше Апостол загледан во помошниците, штом се обезбеди цемент и железо, работата може да ја одложи само поплава или задоцнет снег. Задува ветрот што ги подмрзнува барите крај реката, се најавија и други знаци на предвечерјето. Апостол студот не го чувствуваше дека се подгреваше со ракија. Шеташе по гнилите штици на мостот и си правеше есап на својот живот. Многу убави работи му се случуваа годинава, како во некоја сказна. Веќе се замислуваше како историска личност на Горен Бовојзо. Власта падна во негови раце и долго се задржа, ни приговор дека е злоупотребена. Пролетва си токмеше две свадби во семејството. Прво ќе се мажи единствената ќерка Софија за Алексо Тунај, повратникот од Америка наречен Алекс, потоа ќе се жени постариот син Јован со попската ќерка Деница. Раскажано со прости зборови, личната среќа на Апостол се поклопи со препородот на овој валог, само десет години по големата војна. Додека цупаше по скапаните штици на мостот тој копнееше за разговор со некого. Веќе зажали што ги пушти ѕидарите дома. Да го задржеше Илета уште малку. Кому да се исповеда сега за толку убавите настани, се прашуваше цицајќи од пагурот со ракија. Зарем на Слав Плавески, некогашниот војвода, што е седнат на студените речни камења спроти мостов, кој дреме како некој тажен мачор? Би му пристапил и би си ја отворил душата и пред него, меѓутоа, војводата нема да се израдува. Апостол беше сигурен дека лозата на Слав не го изгасна жарчето на омраза кон неговата лоза. Тој знаеше за кавгите што се провлекоа близу сто години. Некогаш, во ропските времиња тие биле еден сој, но се закрвиле како најголеми душмани, па така, од роднинството и пријателството не останало ништо. Дури ни мажењето на Сидора, внуката на војводата, за Данило, братот на Апостола не ги измени работите меѓу обата соја. Па верно, сега на квечеринава тој немаше со кого да ја подели радоста што го заплисна под дејство на алкохолот. Подгрбавениот војвода Слав, во младоста наречен Беломорско Сонце, како да не ги чувствуваше ни плановите на глембавиот Апостол, некогашен комесар, ни студот што се потсилуваше со доаѓањето на квечерината. Три несреќи го згромија за неполни десет години: жената Благуна му умре од туберкулоза, ќерката Калина му ја прегази товарен воз, а пак постариот син Јордан му го убија на граница. Тоа што единствениот син Доран отиде во престолнината како некаков функционер на власта исто така го сметаше за божја казна, дека таму се пропи. Слав не гледаше сега на виежот повод за разговор со глембавиот комесар. Се меркаа наспроти пенливата река како непријатели. За Апостола мажите од лозата на Плавевци беа подмолни убијци и луѓе што заборавиле на идеалите, па можеби требаше да ги погоди таква несреќа, да станат бесцветни растенија. Секоја чест за жените како Сидора, тие не се задоени од истото млеко, се подбиваше дебелиот во мислите и чекор по чекор му се доближуваше на војводата. Овој не помалку го презираше сојот на Дилевци, а за најлош го издвојуваше токму комесарот, споредувајќи го со итра, граблива ѕверка. Што бара да му се приближува сега, се лутеше војводата Слав, нека си ја плете својата мрежа на друго место. Уште сто години да живее тој дрпач не ќе може да му стане пријател. Плавевци научија да се бранат од Дилевци, ако мора, пак ќе се пролее крвта. Времињата се менија, сега тие ја држат власта во котлинава, но спомените останаа, а заветот нема да се погази, си мислеше војводата. Апостол кипеше од возбуда и гореше од желба за разговор со некого. Ако луѓето во него гледаат херој тој мора прв да дава пријателска рака. Мир за мртвите, слога за живите, си велеше загледан де во сонцето што заоѓаше на виежот де во коријата што го криеше рудникот. Новото време си донесе подруги обичаи, во заедништво ќе се гради посветла иднина. Зошто сега да не поведе топол муабет со војводата Беломорско Сонце? Зарем не ќе може еден комесар како него од подмолните убијци на Плавевци да создаде чесни граѓани, се праша и ги направи последните чекори. „Од утре деновите ќе бидат и подолги и потопли!“ извика Апостол божем разговара со ветрето што пиркаше низ полето. „А по рекава ќе дотече млеко!“ одговори Слав чешајќи го вратот на својот шарен пес. „Почнуваме со изградба на мостот!“ „Мирен, ѕверу!“ војводата го искара песот кој залаја. Ја залепи цигарата што ја виткаше и плукна во брзата река. Го стегна за вратот животното што се готвеше да каса. Кога би го ослободил на Апостола би му смрзнала крвта, помисли Слав. Би му студело околу срцето сè додека не му одлета душата, а потоа и него ќе го легнат во гробот како земјосан. Шарениот пес залаја посилно како да ги сфати намерите на стопанот. Отров за глембавите во овие гладни времиња, прошепоти војводата загледан во некои деца крај ливаѓето. Но Апостол не слушна ништо, тој упорно настојуваше да поведе разговор. „Сакаш да знаеш каква е наредбата на општинската управа за новиот мост?“ „Дење да се гради, ноќе да се урива!“ се пошегува Слав и го фрли опушокот в река. „Откако ќе го завршиме да го наречеме Мост на војводата!“ извика Апостол самоуверено и зачекори кон речниот брег. Извади пагурче ракија од џебот на долгото палто и фати да цица со наслада. Сега очекуваше Беломорско Сонце да се расположи и да се разнежи со изблик на чувства. „Мостот си доби име од народот!“ ладно одговори Слав и фати да витка цигара. „Да сум на твое место не би го менувал името!“ додаде. „Наредбата од општинската управа не ми се допаѓа, но јас морам да ја спроведам!“ „Зошто ми кажуваш мене?“ „Така да знаеш! Мостот на крвникот ќе се вика Мост на војводата!“ „Господ нека те разбере тебе!“ „Многу работи ќе се изменат во Горен Бовојзо! Учителите веќе ги преселивме во новата куќа, наскоро ќе доведеме и лекари! Ќе се намали смртноста кај новородените!“ „Мислиш тоа мене не ме радува?“ „Искарај го песот ако ти се допаѓаат моиве идеи! Кому ќе ги забива тие остри заби?“ се налути Апостол и фати да ја плакне својата распенета уста. „Мирен, ѕверу, не погани ја муцката!“ му подвикна Слав на песот кој сè уште 'ржеше. „Би го загнал да ме касне?“ праша Апостол седнувајќи на камен спроти мостот. „Биди скраја од него и нема да ти фали влакно од косата!“ „Што се однесува до мене, секирата е закопана!“ помирливо рече Апостол и го понуди војводата со ракија. „Господ нека ти плати!“ одврати Слав одбивајќи го пагурот, луто ја фрли цигарата во брановите, стана и држејќи го песот за вратот се упати кон децата што бавно вабеа разиграни јагниња по ливаѓето. „Како ќе живееме со толкава омраза, војводо?“ се засмеа Апостол откако го виде песот затрчан по јагнињата и продолжи да го празни шишето. „Јас градам мост што ќе го слави твоето име, а ти би ме дал на ѕверот! Беломорско Сонце, ха, ха, ха!“ додаде најпосле. Војводата не одговори на предизвикот, сега беше загледан во децата што ги напасуваа јагнињата во пченичните никавици и во ливаѓето што ботееја. Некаква тага го имаше поземено но тој сепак уживаше во глетката со пролетното будење на измитарената природа. Им завидуваше на сојовите во чии куќи ечат детски викотници; нему му преостануваше нив да ги слуша по реките и нивите. Вака не ја замислуваше својата грда старост, веќе се плашеше од најлошото. Ако не се врати Доран назад, огништето ќе му згасне, тој верно ќе заврши како бесцветно растение. За кого се бореше, кој ќе ја продолжи лозата на Беломорско Сонце? Но така си е тоа со децата, почнуваше брзо да се теши, отпрво се мрсулави и дробни, штом пораснат го избираат својот пат, закуќуваат огниште во котлинава Бовојзо или на друго место. Радоста секнува како некое поточе, си мислеше додека виткаше нова цигара. За некого секнува, за другите бликнува, се јадоса набрзо чурејќи од устата. Кога ќе умре, неговата куќа ќе се испусти, воздивна загледан во измаглината кон мостот. Сојот на Дилевци ќе се одржи, помисли Слав, иако требаше коренот да им се исуши на тие грабливи ѕверови. Сè им тргна од рака, се богатат безмерно, власта ја приграбија цврсто, се лутеше војводата. Паѓаше во искушение да го насрчи песот кон глембавиот и душмански да гледа како се растргнува месото од коските. Пак воздивна длабоко и продолжи да ја следи играта на децата со јагнињата. Набрзо таму се разгоре лута караница. Апостол дотрча и сопрво уживаше да гледа како се тепаат, се кикотеше и ги храбреше. Слав беше загрижен, го насрчи песот да ги преплаши децата, но тој сега не сакаше да лае. „Внимавајте на очите!“ извика Апостол. „Да се засрамите, само се тепате, само се карате!“ ги кореше Деница Николова, заштитувајќи ја помалата сестра. „Песот нека ги смири! Ха, ха, ха!“ Господ нека те казни, ја затресе главата Слав, чудејќи се од постапката на дебелиот. Направи стап од врбите за да ги потера јагнињата кон селото. Многу расипан човек, власта го опијани, а пак ракијата го дотолчи. Нека прави свадби, благослов не ќе му треба. Нека гради мостови, нека повикува лекари, најпосле и него змија ќе го касне за срцето, кобеше Слав. Очите негови сега не сакаа да го видат. Се замеша меѓу децата со намера да ги смирува. Фрчеа белутраци од реката, се кубеа долгите коси на девојките. Тогаш и песот залаја со крената муцка. Еден заскитан камен погоди дребно јагне кое падна во браздата како да пцовисува. Апостол сега посака да помогне, фати да ја теши малата ќерка на попот која липаше на сиот глас. „Ние друго јагне си немаме!“ „Земете од нашите!“ предложи Тале, најмалиот син на Апостол Дилески. „Ако сакаш и дома ќе ви го донесам!“ веќаваше. „И тоа ми е некаква игра, да се тепаат јагниња!“ се лутеше Деница, помагајќи му на замелушеното јагне. „Чесен збор, случајно ми излета каменот!“ се правдаше Тале. „Веќе не сакам да те видам!“ се закани Деница. „Ќе ме гледаш и вода ќе ми носиш!“ „Никогаш, со вас ни мртва не останувам!“ „Брзо ќе гувееш на прагот од нашата куќа!“ самоуверено одговори момчакот. Апостол поита да ги смири. Јагнето беше веќе на нозе, како да не страдало од камен. Деница го погали и го потера да се замеша со другите. Војводата ги одлачи своите јагниња но потоа го поваби целото стадо; на децата им советуваше да побрзаат зашто почнува да се темни. „Може и да заврне! И громови да паднат! Ха, ха, ха!“ извика распетланиот Апостол враќајќи се на дрвениот мост. „Како постапува комесарот? Па ние веќе не сме деца!“ се чудеше Деница Николова. „Некој ќе му ја скрши главата!“ рече Слав. „Кој приговара таму?“ се интересираше пијаниот Апостол. „Само господ ќе те казни тебе!“ извика Слав. „Јас ќе ти градам мост, а ти колнеш по мене! Ха, ха, ха!“ одекнуваше зад војводата. Селото во примракот изгледаше замаглено и раскинато. Од полето го делеа седумте новосоѕидани куќи на рударите, задружниот, незастаклен дом и училиштето. Од северните ридишта протечуваа неколку потоци кои се здружуваа во јазот и, откако ќе поминеа низ воденицата, се вливаа во големата река. Сега, на квечеринава, од падините слегуваа две помали стада овци што ги вознемирија јагнињата. Говедата мукаа прејадени од првата пролетна трева, се надгласуваа ѕвонците и клопотарците, се надвикуваа говедарите со овчарите. Војводата одвај се влечкаше зад трите јагниња што ги плашеше шарениот пес, а децата со стадото беа заминати далеку пред него. Тие работата ја сфатиле како игра, ги лачеа јагнињата по куќните дворови, развикуваа, се веселеа. На Слав му беше криво што во неговиот испустен двор нема да го слушне детскиот џагор. Со тажни очи ги следеше двете ќерки на попот Никола како го пренесуваат јагнето преку дрвеното вратниче. Колку би сакал оваа Деница да биде невеста за Дорана во неговата куќа. Таа е здрава и силна, девет синови ќе му роди на својот маж, си мислеше истоштениот старец правејќи тешки чекори по нагорницата кон својата куќа. Но Доран е триж постар од неа, се присети додека се одмараше навален на бастунот, досега се женеше двапати. А поубава девојка од оваа Деница војводата не помнеше. Таа годинава завршува основно училиште, веќе на Духови ќе се знае во чија куќа ќе биде омажена. И додека таткото лежи во затворот, мајката ќе ја направи свадбата. Ќе си ја продаде најубавата ќерка, се нервираше старецот. Кој свекор ќе го присвои оној ангел, се прашуваше задишан од долгото пешачење и преплашен од грабливоста на Дилевци. Им ја отвори портата на јагнињата. Тие заблејаа штом ги здогледаа четирите преостанати овци од некогаш големото стадо на Плавевци. А песот со неколку лавежи ги втера сите зад плотената ограда. „Дедо Слав!“ извика Деница од патот. „Ќе влезеш да си поседиме?“ се интересираше војводата додека им потфрлаше сено на овците. „Да ти зготвам нешто за вечера?“ „Не треба, но ако сакаш може да си поседиме крај огништето!“ „Утре ќе дојдам! Да видам сега што имам за учење!“ „Зошто толку се грижиш за мене?“ „Додека е болна внука ти, јас ќе ти помагам во куќата!“ се насмевна Деница и фати да се повлекува. Ја пресретнаа двајцата учители, Бале Колар и Силе Наумов, со торби полжави што ги собрале по доловите. Таа ги поздрави тивко, а тие одговорија уште потивко. Спокојството на предвечерјето го наруши една колска запрега што изнесуваше пондилско ѓубре. Поминаа и магариња натоварени дрва. Војводата им отпоздрави на дрварите и седна на триножно столче под сеницата. Не му се влегуваше в куќа иако знаеше дека мора да го запали огништето. Ветрето донесе мирис на отворени пондили кај соседите. Да не станеше Доран функционер и во неговата штала ќе преживаа крави и волови. Вака нема кој да им го прави изметот. Градите на Слав ќе пукнеа од некоја тешка болка што го раскинуваше, со насолзени очи гледаше во песот кој дремеше на студот. Сам во големата, стара куќа што се ронеше по ќошовите, ќе вечера сув леб и неколку варени пиперки. Зошто не ѝ дозволи на Деница да му спржи нешто во тавата? Завитка цигара, светна и потоа зачури во примракот. По сокачето профуче мотор, војводата знаеше дека така лудо вози само ветеринарот Данило. Набрзо овој застана пред портата на Плавевци, ја симна кожената капа од главата и фати да искашлува со плукање. Очекуваше Слав да го покани дома и да му понуди ракија. Зафати разговор за квечерините што се толку студени иако пролетта се најави со првите распупени врби. Божем зимата сè уште не се предава. И како да се предаде кога планината спие под длабок снег? А тој како единствен ветеринар во цел Бовојзо мора да ги изоди сите патишта, се жалеше. „Кратко лето по острата зима!“ извика Данило потоа. „Што му фали на времево?“ пркосеше Слав. „Ладно е, бара топла ракија!“ си ги кажа намерите ветеринарот и се исправи крај мотоциклот. „Не употребувам алкохол!“ се одбрани Слав. „Ниту сливи имам, ниту грозје берам!“ „Има ли поскржав од тебе? Што ќе ти стане ако дадеш чаша пијалак?“ праша ветеринарот налутено. „Кажи си ги вистинските намери зошто дојде, или врви си по патот!“ војводата стана од триножникот. „Нели мојата жена Сидора ти е внука?“ „И стреите плачеа кога се мажеше! Кажи сега што те доведе пред мојава порта?“ „Зошто не ги вакцинираш кокошките? Не знаеш какви зарази пренесуваат тие? Пердувестата живина пцовисува без вакцина, не ти кажале?“ Данило го заврте клучот на моторот. „Не! Ама и тебе не те пробале забите на мојот пес!“ „Немаш свинче за чистење?“ „Само песот го имам во дворов! Кажи си ги намерите ако не сакаш да зборуваш со него!“ „Верно ќе ги продаваш црешовите насади?“ „Што ќе помисли Сидора за твојата алчност?“ „Нели сме роднини, војводо?“ „В куќи да не ми влегуваш, разбојнику!“ викаше Слав додека песот лаеше по моторот. Како брат му Апостол е, како сите од лозата на Дилевци. Ќе ти го очисти свинчето и ќе ти го испразни ќесето. Уште и ракија да му се принесе на тој крадец. Воздивна болно и немоќно, го погали песот и потоа им фрли уште малку сено на овците. Цигарите го силеа на кашлање, нешто и грлото го гребеше, реши да се прибере крај огништето и да свари од сувиот планински чај. По вечерата задрема на чергата, но тој не сонуваше речиси никогаш. Го стресе помислата дека на лозата од Дилевци ѝ пеат сите утрински петли, додека на неговата ѝ кобат утките. Очајуваше затоплен од гламјите што се пеплосуваа во огништето, дека завршуваше уште еден зловестен ден во неговиот долг живот. Дотогаш Апостол Дилески се опи на мостот. Чекањето се издолжи, пагурот се испразни. Црвеното, забесто сонце одамна беше скриено зад снежната планина, стадата веќе преживаа во пондилите. Помина и рудничкиот автомобил, а возачот му понуди да го превезе до селото. Апостол го насетуваше мракот што ја покриваше оголената дабова корија и веќе се прашуваше што му се случи на синот во рудникот. Прв работен ден му беше на Јована, затоа сакаше да го пресретне на мостов, да го испраша за јамите и за рударите, за тежината на работата. „Што те задржа толку долго?“ запраша потоа, кога го здогледа. „Им свиркав на ѕверовите, уживав!“ одговори Јован слегувајќи по мрачниот срт на коријата. „Така се разговара со родител?“ збунето праша Апостол. „Остро, само остро!“ одговори Јован. „Што ти е тебе вечерва?“ „Не би сакал да работам во рудникот!“ „Да не ти се потсмеваа, да не те подлажуваа?“ „Не ме оставија да ги допрам алатите!“ „Така и си мислев!“ „Што зборуваш, татко?“ „Отвори ги очите подобро! Раководи службено, остро но правично!“ советуваше Апостол патем. „Некои копаат руда и за двајца!“ „Тоа им е задача, да копаат и да слушаат!“ „Ама што ти е тебе? Мирисаш на ракија, да не се опи?“ „Голтнав малку повеќе, ха, ха, ха! Но чавките не ми го испија умот! Го премеривме речното корито, утре почнуваме со мостот! Војводата би ме удавил во капка вода, а јас ќе го овековечам неговото име!“ „И мене тој не ме сака!“ се пожали Јован. „Цел гробник е војводата!“ додаде потоа. „Што е важно тоа? Ти гледај си го рудникот, таму нека те почитуваат! Ха, ха, ха! Благ ти е карактерот, ти свети ѕвездата! Целиот си на мајка ти!“ „Нема да те разочарам ни тебе! Колку си весел вечерва! Значи така, Мостот на крвникот ќе стане Мост на војводата!“ „Ја виде дрвената скела?“ Апостол покажа на мостот што се наѕираше во темницата. „Ќе ми треба една седмица, најмногу две, за таа бетонска градба! Потоа носете ја рудата со најтешки камиони! Ха, ха, ха, ракијата верно ме стопли!“ „Да побрзаме, ќе се разболиш!“ Јован се пожали дека му пристуде. „Мора да си посилен од мене, сфаќаш! Што се дрвиш како невеста? Те чекав да позборуваме за твојата иднина, а ти би сакал да побрзаш дома!“ се лутеше Апостол. „Верно ми студи!“ „Таков не те познавам!“ „Што си наумил вечерва?“ „Светот да го освојам!“ „Немој да ме гудишкаш! Да не те очајува тоа што ќе се гради Мостот на војводата?“ „Веќе сè ми се измеша! Не успеав да ги убедам властите од општината да ме преместат в град! Овде ќе станам најобичен зејгора!“ „Не само што ми студи туку и прегладнев! Крени ја главата и покажи ја гордоста! И водата надолу ќе истекува, и новиот мост ќе остари, и нас земјата ќе нè проголта!“ мудруваше Јован закрепувајќи го својот татко. „И ние ќе се отселиме од Горен Бовојзо!“ додаде. „Мислиш дека и мостот подоцна ќе си го мени името? Ха, ха, ха, ѓаволу мој!“ се одушеви Апостол во темницата и фати да трча по синот кој бегаше напред. „Како ја затанчи работава?“ „Што можеме да измениме ние овде?“ праша задишаниот Апостол обидувајќи се да го престигне Јована. „Пред да збае снегот на планина ќе ги загадиме водите, потоа ќе ги исечеме шумите! А и нивите ќе ги покриеме со железна џгура! Во меѓувреме ќе се иселиме од Горен Бовојзо!“ „Не сакам да се караме на овој студ!“ таткото се откажа да трча по синот. „Не си ми соговорник вечерва!“ додаде збивајќи. „Чаша вино ќе те стопли, побрзај!“ „Да видеше една убавица што напасуваше јагне, тебе сега немаше да ти студи!“ „Деница?“ праша Јован. „Не ме привлекува колку што мислиш ти!“ додаде. „Какво име ѝ дал попот Никола! Ха, ха, ха! Кога ќе се сетам дека скапува во оној затвор ми се нажалува за него!“ „Верно не можеш да му помогнеш?“ праша Јован загледан во црниот облак над селото. „Да го доведеме на свадбата, ако сакаш! Сирот Никола, секогаш во татковината, никогаш дома!“ се шегуваше Апостол обземен од заразна смеа. „Потивко, некој клечи во меѓата!“ предупреди Јован. „Брат ми, Данило!“ извика Апостол Дилески, ни среќен ни тажен што ја препозна сенката на човекот. ГЛАВА ВТОРА Утрото Беломорско Сонце како по обичај излезе многу рано; чекор по чекор се влечкаше кон дрвениот мост. Сакаше да му се пожали на песот дека му трпнеат нозете во опинците. Додека студените ветришта го шибаа по главата тој изоди половина пат. Снежната планина не можеше да ја распознае поради густите магли во далечините, но, по изгревот на сонцето очекуваше убав и топол ден. Тревата и овошките сè уште беа насланети иако по џадето се креваа правливи облачиња. Утро во рана пролет, затоа времето е лажливо, си мислеше војводата. Во ушите му ѕунеше неподнослива тишина; зачмаено поле, призрачни овошки, ни птица да запее, ни пес да залае. Слав веќе се плашеше од осамата, па така, ги забрза чекорите кон мостот. Провирајќи го погледот меѓу редиците тополи што го оградуваа џадето веќе успеа да ги забележи ѕидарите што работеа крај реката. Го збунија десетината шалувани столбови што се подготвуваа за бетонирање, но и мајсторите кои со тесли корнеа гнили трупци од мостот. Зар толку брзо ќе оди работата, се чудеше војводата. Им посака успешен ден на сите и тргна по откованите штици. „Како ќе ти ги собираме коските ако паднеш?“ го запраша некој од групата ѕидари. „Си видел коза да паѓа од карпа?“ праша Слав. „Што бараш овде? Мостов сè уште не е твој! Ајде витосај се кај песот!“ извика помошникот Богоја Талески. „Нема да ви сторам пакост! овде поминувам веќе шеесет години!“ се правдаше војводата брзајќи од другата страна на реката, кај песот кој го очекуваше со повремени лаежи. Се фати за првата грмушка да се одмори, си ја понамести торбата преку рамо, ја забриша потта од главата. Со магливи очи погледна во насланетите ливаѓе и во пченичните никавици. „Ги бараш децата?“ запраша Иле Алески полугласно, како за себе. „Сакав да те видам тебе!“ Одговори Слав Плавески. „Децата не треба да ги очекуваш до пладне, тие се на училиште! А мене ќе ме најдеш дома, ако повелиш!“ се закашла Иле корнејќи една штица. „Ќе ми кажеш нешто за внуката?“ се осмели Слав. „Ногата беше скршена, знаеш самиот!“ „Зошто не ја посетиш в болница?“ „А кој ќе работи за мене на мостов?“ се закашла Иле. „Да не ти затребаа пари?“ „Ништо мене не ми треба, само ќерката да ми оздрави!“ „Сè уште ме обвинуваш?“ запраша војводата. „Веќе не знам што да мислам!“ одговори Иле и со левата рака ги стегна градите за да го сопре кашлањето. „Ќе го изгубиш здравјето! Колку години ја носиш таа болест?“ „Остави ме сега да работам!“ „Да не го чекаш главниот ѕидар?“ праша Богоја со подбив кон војводата. „Мислиш на дебелиот? Хи, хи, хи! Тој мене ништо не ми може, ама ти ќе настрадаш; садиш тикви со него!“ се расположи Слав Плавески. „Многу е среќен заради мостов со твоето име! Ха, ха, ха! Знаеш, рано отпатува во општинската управа да ги пофали твоите дела! Се плаши да не се премислат!“ заврши Богоја и предизвика општа смеа. „Не брзајте со градењето! Здушете ја рекава, од јужната страна земјата е жива и сè уште бучи! Да не ви се урне мостот!“ предупреди Слав искачувајќи се по нагорницата. „Тебе ти бучи во главата!“ го искара Богоја. Изворот можеше да го најде и со затворени очи. Седна на подадениот корен од големиот даб, извади варено јајце од торбата и додека го лупеше низ гранките набљудуваше дел од стариот мост. Зар толку брзо ќе го бетонираат, зар верно не открија дека бучи земјата, се чудеше џвакајќи од сувиот леб. Се напи вода од војничкото канче обесено на синџирче и таинствено прошепоти: „Господ е голем, нека ми даде уште малку сила“. Однеодамна во неговото тело се насели чуден страв дека некој му готви одмазда. Бестрашниот војвода затреперуваше на шум од гуштерите. Не сфаќаше како, но стравот беше сè поголем; или ќе го отрујат или некој ќе го заколе на спиење. Бегајќи од тие црни мисли војводата фати да размислува за судбината на синот Доран и западна во уште поцрни. Што ќе му фалеше на тој господин ако работеше со оние ѕидари? Ќе можеа да се гледаат секој ден, а ќе си ја подредеа и куќата како што прилега. Морници го полазија од сознанието дека наскоро ќе му изгасне огништето. Стана вознемирен и го побара селото за да изброи од колку оџаци не излегува чадот, но тука коријата му го покри видикот. Пак седна и се загледа во поточето што подмрзнало недалеку од изворот. Се присети на крвта што ја пролеа Сулејман на тоа место, старата кожа се намовна. Гранките ги затресе птица што пискаше како да премрзнала. Зимата не се предава лесно, иако не беше од најлошите, помисли војводата. Верно е дека снегот стана од Горен Бовојзо и тревата почна да пркнува, а кукуреците одамна расцутеа, но старото тело на Слав Плавески чувствуваше и голем страв и голем студ. Некој го следи за да му ја земе душата. Како да му се ближи и смртта, сега крвта тешко му струеше и по рацете и по нозете. Господ е голем, пак изусти како за себе, потоа стана од влажниот корен и тргна надолу кон реката, но по друга патека. Му се причини дека водите надошле уште повеќе, јачкаат и го ронат брегот. Ако е така, си рече, климата е разблажена и снегот на планината се топи, иако нему му пристудува како среде зима. • се доближи на матната река што протечуваше со бучење. Кога ли ќе се повлече водата од поплавените ниви, кога тој ќе ора? Веќе никогаш, се разочара брзо, зашто неговиот имот е распустен и продаден, а двете последни ниви ги поплави флотацијата од рудникот. Но има ли сили во Слав за орање? Чии волови би спрегнал во јаремот? Дури кога би ја изорал железната џгура, кое семе би го посеал во земјата? Прашањата го стресоа, студот го позеде. По реката дуваше силен ветар што ја креваше прашината од џадето, утринското сонце не грееше туку светеше. Војводата Слав трепереше како сув лист, со молбени очи ги бараше зраците да го затоплат. Како да се премори во раното утро, со оловни нозе тргна кон мостот. Што го нема глембавиот комесар утрово? Да не се разболел од онаа ракија што ја локаше? Да не умрел ѕверот? Или можеби слатко дреме штом знае дека за него работат други. Не веруваше дека отпатувал во општинската управа заради кодошење. Сакаше да го види сега и да разговара со него. Па каде е тој ѕвер што ја приграби моќта, се прашуваше. Тогаш во близина слушна чукање со тешки чекани врз некои штици. Ударите се повторуваа, војводата побрза кон врбаците за да открие што се работи. Се повлече низ грмушките и ги пронајде тројцата ѕидари кои подигаа барака на ледината. Покрај неговиот бивш зет Иле Алески, тука беа Узеир Алија, син на негов соборец од ропските времиња и Богоја Талески, вториот помошник на Апостола. „Што ќе ви е тоа?“ праша војводата. „Сакаш да знаеш сè! Секаде го пикаш носот!“ одговори Богоја. „Сопрво ќе му послужи на комесарот, потоа за алатот на патарите!“ рече Узеир Алија. „Не прашуваш за алатот на комесарот?“ му се обрати Богоја на војводата, со подбивна насмевка. „Да не лапна мува во сонот ноќеска?“ му врати Слав. „Тебе мечка те пресретна утрово? Блед си како смртта да си ја носиш во торбата!“ додаде Богоја. „Не пречи, војводо!“ советуваше Узеир Алија. „Шефот ќе дојде наскоро, тој ќе ти каже сè!“ помирливо рече Иле. „Ќе ви се урне мостов, образот ќе ви се извалка!“ предвидуваше Слав со воздишка, држејќи го мирниот пес за вратот. „Ама ти претеруваш, војводо!“ се исправи Узеир да го укори заради кобењето. „Колку ме нервира овој старец! Ние ќе му ја удвоиме славата, а тој ни го расипува денот!“ извика Богоја и фати да делка една талпа. Погана уста, процеди Слав како за себе, потоа се оддалечи неколку чекори и седна на влажната меѓа. Завитка цигара и додека чуреше го прислушуваше разговорот на тројцата ѕидари. Божем ќе бидат готови со бараката до утре, а пак со мостот за седум дена. „А потоа селење на ново градилиште“ рече Иле борејќи се со кашлицата. „Да идам со вас или да си останам дома?“ праша Узеир Алија. „Премали се твоите деца“ додаде Иле Алески. „Мислиш нема да порастат без татко? Па нему домаќинката му е како суво злато!“ извика Богоја. „Што знаеш ти за мојата жена?“ луто праша Узеир. „Не беше таа мажена за постариот син на војводата?“ провоцираше Богоја. „Зошто го превртуваш во гробот, лесна да му е земјата!“ го укори Узеир. „Мора да е златна жената што се премажи и си ја мени верата!“ се закикоте Богоја. „Еден ден ќе ти го пресечам јазикот!“ се закани Узеир. „Дотогаш ќе се изначекаш!“ одговори Богоја. „Остани си дома!“ советуваше Иле. „Оваа прилика не смее да ја пропушти!“ мудруваше Богоја и силно удираше по талпата. „Каде и да оди патот за дома ќе му биде отворен!“ рече Иле. Колку се лекоумни тројцата, се чудеше војводата, фрлајќи го опушокот во џбунот. Колку лесно ги замислуваат селидбите! А сè ќе им се дозакашка кога ќе се урне мостот, предвидуваше. „Си го одрав грлото!“ се пожали Иле трудејќи се да задржи воздух во градите. „Што не побара лек за таа кашлица!“ му се вдаде Слав излегувајќи од густежот. „Не вреди да се лекува!“ одговори Иле и пак закашла. „А ти прислушуваш, војводо! Не ти е срам?“ праша Богоја држејќи летви во рацете. „Откако те познавам не си подобар! Како дете, на квачките им крадеше јајца!“ се одбрани Слав Плавески. „Ако те заспичам по нозете со секирава!“ се закани Богоја. „Како се најдовте со глембавиот? Два зумбула!“ воздивна Слав и фати да го мири песот кој лаеше. Тројцата работници удираа со алатите и се кикотеа подбивно. „Мостот ќе ја понесе славата на овој старец, ха, ха, ха! шепотеше Богоја Талески. На војводата му се присакуваше да го загне песот и да му ја смрзне крвта во вените. „Во мое присуство не треба да го навредувате!“ рече Иле, смеејќи се и кашлајќи. Врагот ќе им плати со тоа што ќе им клекне мостот, помисли војводата најпосле и нога за нога се изгуби од нивниот видик. Од другата страна на врбаците го заплисна посилен ветар кој разнесуваше суви дабови лисја од коријата во реката. Сонцето е на половина од својот пат но студов никако да смекне, се чудеше виткајќи цигара. Неколку мига следеше како се бетонираат страничните столбови, потоа реши да се искачи по сртот на коријата, до рудникот за железо. Кривата врлетка веќе се одмрзнуваше и му задаваше мака на старецот, но тој вешто се прифаќаше за грмушките. Исплашен зајак му го пресече патот и се изгуби во долиштата. За миг му заигра снагата, се преплаши од мислата дека некој го следи во чекор. Но кога ги слушна моторите што ја дробеа рудата веќе му олесна; сега патот беше порамен, а видикот кон селото отворен. Ја стави раката над веѓите и почна да ги брои оџаците што не чадеа, но очите го издадоа, погледот му се замати. Песот залаја во правец на црвените кровови како да сакаше да му помогне на господарот. Слав одмавна со бастунот и се откажа од намерата. Се израдува дека ушите сè уште го служеа; верно не ги виде стадата што го напуштаа атарот на селото, ама ги слушна ѕвонците. Овчарите бездруго ги забрале и неговите четири овци, а за јагнињата самиот ќе се погрижи, со децата во ливаѓето. „Само напред, во нови победи!“ извика некој од брегот. „Пак ми се подбиваш!“ се налути војводата, заканувајќи му се со бастунот на Алекс Тунај, повратникот од Америка. „Како црн гавран си, војводо!“ „И тебе ќе ти се затемни набрзо!“ задишано врати Слав. „Нели ти забранив да се качуваш ваму?“ се лутеше рударот. „Ако веќе не слушаш, облечи си потопла бунда како мојава, завиткај го вратот со дебел шал како мене!“ додаде помирливо. „Многу си се бендисуваш!“ „Ќе испиеш кафе со нас! Тука е Јован, јамскиот бригадир!“ „На жалник како мене добра му е водата од изворот!“ одговори Слав. „Влези да се стоплиш, што се дурмиш, целиот си како мразулец!“ „Не ми треба вашата топлина!“ одби војводата. Отиде зад бараката и слушаше што велат за него. Дека е чуден карактер со гнидосана коса, а му било судено да живее долго за да ја извалка својата легенда. „Да си лежеше во некој гроб досега најмалку две школи ќе го носеа неговото име“, рече Јован Дилески. „Ни се води, ни се тера! Да имаше фамилија сите ќе ги тормозеше!“ додаде некој. „Можеби не е таков како што се претставува!“ сожаливо заврши Алекс Тунај. Вратата на бараката беше отворена, тие го очекуваа. Ќе ги снајде истата судбина, секој номадски живот свршува тажно, воздивна Слав добли-жувајќи им се на рударите. Му студеше и во коските но сè уште размислуваше дали да се прибере крај огнот. Потајум следеше како едни влегуваа во бараката црвени од студот, а пак други излегуваа надвор исто така зацрвенети во образите од жештина. „Убаво кафе вариме!“ се пофали Јован со пријателска насмевка. „Мирен, ѕверу!“ му нареди Слав на песот стегајќи го за вратот и карајќи го да не 'ржи. „Стопли се крај огнот и оди си!“ „Нема да ви пречам?“ „Уште и прашуваш, војводо!“ Во бараката затекна неред; по аглите купишта одбрана руда, по ѕидовите набесени алишта, торби со храна, шлемови, а на двете маси рударите пиеја вино во земјени садови. Му направија место на гостинот, го послужија горчливо кафе, почекаа малку да здивне и потоа фатија да се подбиваат. Какви му се плановите за денес, што сонил ноќеска, што ќе руча дома, дали можеби нема да се преженува, колку често добива писма од господинот син. На Јована прво му се допаѓаше ваквиот разговор, му понуди чаша вино. „Од твоето лозје, војводо!“ рече но кога виде дека гостинот ќе се навреди ги истера сите рудари од бараката. Му дотури кафе во чанчето, го замоли да седне поблизу до печката, го понуди заедно да јадат. Изгледа синот е подобар од таткото, помисли Слав Плавески. „Да ти предложам една работа?“ шепна Јован. „Сакаш зајак да фатиме?“ „Овде ни треба чувар со дресирано куче!“ најпосле Јован ги искажа намерите. „Реши да ме навредуваш?“ „Размисли, утре ќе ни кажеш! Зошто се лутиш, самјачкиот живот не е лесен!“ „Сполај ти за кафето, морам да си одам!“ „Не мислев да те навредам!“ „Викни си некој губиден од Бовојзо! Не сакам да ме сожалуваш!“ како стрела војводата исчезна од затоплената барака. Надвор го чекаше шарениот пес. Му се пристори дека и времето е зблажено од пладневното сонце. Рударите патем го задеваа, божем од кафето ќе добие пролив. „Оставете го старецот намира“ им нареди Алекс Тунај. Да му се позлати устата, благословеше Слав благодарно, да му се живи најблиските. „Размисли за чуварското место, ти ќе се излежуваш, ние ќе те плаќаме! Пензијата нема да ти секне, а плата ќе ти даваме!“ извика Јован Дилески од брегот. Не е подобар од татко му, сојот му е расипан, простенка Слав додека песот остро лаеше. „Оставете го намира ако не сакате да имате работа со мене!“ ги предупреди Алекс Тунај сите што го задеваа старецот. „Што бара таа желка на ископиве? Да пропадне во некоја јама?“ праша некој скриен зад грмушките. „На овие рудини беше неговото бачило, не знаеш? Кога се отвори рудников нему му потонаа лаѓите, не ти кажале?“ прашално одговори Тунај. „Кој си пак ти да ни солиш памет, некни се врати од Америка!“ возврати глас од шумата. „Народната власт му ги откупи сите овци! Пензијата не му е мала, ха, ха, ха, наместо леб војводата бара погача!“ извика Јован од брегот, а потоа се врати во затоплената барака. Веќе сонцето беше над рудникот кога Слав го фати патот за дома. Ќе руча и малку ќе отпочине, попладне ќе излезе во ливаѓето за јагнињата да ги напасе. Уште неколку седмици ќе се грижи за нив пред да ги смеша во стадото, се уверуваше, брзајќи по надолницата како некое момче. Го слушаше шумот на поточињата во долиштата, го веселеа и трнарчињата што вревеа и скокаа по џбуновите. Веќе се испоти по снагата кога завлезе во првото сокаче. Дома ќе го разгори огништето и ќе ја исуши кошулата, си помисли загледан во Гаврила, најблискиот сосед, кој го спрегнуваше коњот за колата. Две помали кучиња се загнаа по неговиот пес; соседот пцуеше дека отпочна лута борба под авлијата на плевната. Војводата го викаше својот пес но попусто; од куќата истрчаа деца и уживаа во глетката. Гаврил ја остави колата со коњот и брзо искорна дрво од плотот. Дотрча и неговата зајреста жена со клетва против песот. Војводата се обидуваше да ги смири, а децата навиваа за борба. „Лош пес, уште полош стопан!“ викаше Гаврил со пена во устата. „Причувај се од неговите заби!“ советуваше Слав. „Зачепи му ја таа муцка, инаку ќе му ги искршам сите коски!“ се остреше соседот и замавнуваше со дрвото. „Знаеш што? Ќе му се фатиш за опашката!“ извика Слав и ги засмеа децата. „Остави ги кучињата нека поиграат! И тие ѝ се радуваат на пролетта!“ „Само за штета сте родени! И ти и твојот пес!“ „Ама него кучка го окучи!“ војводата и натаму ги веселеше гурелавите деца. „До гуша ми дојде! И ти и твојата слава!“ „Коњот тргна!“ „Кој ти одобри да врвиш низ мојот двор?“ му се вдаде соседот и веќе се откажа од намерата да удира по песот. „Ова место не беше твое!“ „Чие е, ако не е мое?“ „Беше вакувско, како што го зеде, така да го вратиш!“ се осоколи војводата. „Многу ти знае главата, затоа ќе си пропатиш! Уште и крадец ќе ме направиш!“ Гаврил ја фрли ластегарката и ја фати уздата на вознемирениот коњ. „Да не те видам другпат во мојот двор! И три моста да ти изградат јас нема да те почитувам!“ изјави соседот и се искачи во колата. „Колку си грд кога се лутиш!“ се насмеа Слав Плавески повлекувајќи се под стреата на куќата. „И ти си некое Беломорско Сонце!“ Кучињата си ги подушкаа муцките и се разделија. Попусто децата ги загнуваа за нова борба, тие сега беа како глутница, заедно исчезнаа во долот. И војводата побрза дома откако процени дека е бескорисно да му возврати на соседот. Што му требаше и устата да ја отвора, се јадосуваше патем. Кого ќе моли да му ја изора градината? Но со надеж дека секако ќе се помират дотогаш, тој пречекори низ вратничето и се најде во својот двор. Значи така, соседот не верува во подвизите на војводата Беломорско Сонце, си мислеше кимајќи со главата. Тој е доста помлад и затоа не знае ништо. Дали времето ќе ја извалка легендата за него, се праша загледан во разурнатата плевна. Им потфрли малку сено на јагнињата, се проѕевна од пладневната дремка што го зафаќаше и реши да поспие крај огнот што ќе го разгори. Да си готви ручек не планираше, гладта не ја чувствуваше. Кога ќе се наспие можеби ќе касне два залака од лебот. Веќе го креваше резето на вратата кога слушна гласови од сокакот. „Не чекаш да се запролети, до носот си забатачен!“ извика некој, ни сериозно, ни шеговито. „Ти ми требаш, учителе, токму мислев на тебе!“ се зарадува војводата повраќајќи се кон портата за да се поздрави. „Ние сме двајца!“ одговори Бале претставувајќи го својот колега Силе. „И за него ќе се најдат печурки и полжави по ридиштата!“ војводата му подаде рака на учителот што го гледаше за првпат. „Ќе повелите во мојот скромен дом?“ праша. „Брзаме, доста време изгубивме! Каде скиташ, војводо?“ се интересираше Бале. „Ех, ги одмерувам синорите! Испеана е мојата песна, уште спомените ме држат!“ се пожали Слав. „Но што ви текна да ме побарате дома?“ „Како што? Па ти си единствената жива легенда во котлинава! Мислиш се заборавени твоите подвизи во оние ропски времиња?“ извика Бале со глас што им даваше големо значење на зборовите. „Не сум единствениот!“ призна Слав Плавески. „Тука скромност не се бара! Можеби не си единствениот но сите знаат дека си најхрабриот!“ рече Силе и го фати резето на вратата. „Кој има време да слуша за тоа? Кого сè уште го интересираат ропските времиња?“ „Не биди толку скромен, не ти е првпат да раскажуваш за своите подвизи! Нашите ученици, како есеноска, одвај те чекаат, тоа ќе биде час по историја! Што ќе те прашаат тоа ќе одговориш! Знаеш самиот, да им оставиме драг спомен, ти си жив сведок на историјата! Нека им се вреже во сеќавање дека го виделе жив војводата Беломорско Сонце! Го виделе и го слушале!“ се обидуваше Бале да го наговори, правејќи му пат на песот кој се враќаше од соседните дворови. „Есеноска не ме слушаа со внимание туку се гудикаа!“ се присети војводата. „Грешно беше времето што го избравме!“ се правдаше Бале. „Не знам колку е мудро да доаѓам повторно!“ се двоумеше Слав. „Да закажеме по два дена, важи?“ навалуваше Бале. „Овојпат не можам, мора да ме разберете!“ се извлекуваше Слав. „Многу сум назад со полските работи, ни орано ни копано! Побарајте ме наесен пак, амбарите кога ќе се наполнат!“ заврши и со очи што ќе просолзеа влезе дома. „Зар ќе ги разочараш децата?“ праша Силе од сокакот, но војводата не го слушна; тој веќе не мислеше на тоа, ги редеше сувите трески и го спотнуваше огнот. Песот ја разбиваше самотијата во пустата куќа. Слав често разговараше со него како со другар. Ќе му дадеше касај леб а потоа ќе му принесеше фотографии на синовите и ќерката пред муцката и ќе му зборуваше за минатите времиња. Неговите деца се родија и растеа откако тој ја обеси пушката на ѕидот и се зафати со полските работи и сточарењето, но тој често им го покажуваше трофејното оружје и реденикот. Иако младоста ја помина во лути боеви со посилни, царски војски, иако спиеше по горите на штрек, кога веќе се ожени тој стана домаќин и примерен татко. Како се случи тркалото на животот да се издроби на толку ситни парчиња, се прашуваше сега, задремувајќи на чергата крај огништето. Во долапот го наџбара писмото што го прими од Дорана, го отвори за да го чита, но беше премален и брзо го спастри во пазувата. Цепанките во огнот прскаа како сачми, песот се превртуваше како да се измачува. Војводата стана и фати да шета низ големата, испустена и замрежена куќа што се ронеше од мувлата. Го отвори старинскиот ковчег во кој покојната жена Благуна го донесе чеизот, го стави писмото на синот меѓу клашенците и пак се врати крај огништето. Потоа во загорениот лонец пристави сув планински чај и пак се испружи на чергата. И сега тој спиеше на штрек, како во комитските времиња. Околу полноќ, кога се разбуди да погледа зошто квичи песот, во долапот си ја најде вечерата: неколку компири со црвени пиперки што го потсетија на малата, убава готвачка. ГЛАВА ТРЕТА И наредниот ден осамна со ведро небо; сонцето брзо ги растопи утринските мразеви. Апостол Дилески седна на греда од мостот свртен кон дотекот на реката. Пред него пукаше видик со црвени куќни кровови, оџаците вееја чад кон голежот. Се обидуваше да ја распознае куќата на Плавевци, се прашуваше што му станало на стариот убиец утрово, зошто не дојде на мостов. Кому да му се пофали дека животот си го подреди како во некоја сказна? На реката што бучеше и матно брзаше кон морињата? На своите помошници што ги поврзуваа обата дела на џадето? Па тие за бетонот и железото знаеја повеќе од својот раководител, си рече бившиот комесар, затоплувајќи ги градите со голтка од пагурчето. Тие го градеа мостот а тој издаваше наредби и ја надгледуваше работата. Сега овде му недостигаше војводата Беломорско Сонце, да го навредува и да му создава завист. Со него да ја спореди личната моќ, да му се потсмева дека вчера ги убеди општинските власти да му го променат името на мостот. Вредните ѕидари веќе знаеја сè; работеа како пчели, многу време за бесцелни разговори немаа. Тие го ценеа комесарот, тој ги штитеше нивните интереси. „Ќе го изградиме мостов преку ноќ, како во приказните!“ рече Богоја Талески поземајќи го пагурот од Апостола. „Само што Беломорско Сонце ја коби нашата работа!“ додаде. „Остави го тоа бесцветно растение!“ извика млад ѕидар употребувајќи ја познатата изрека на комесарот. „Потоа ќе ѕидаме здравен дом, па ново училиште и, да не должам многу, ќе се прероди целава котлина!“ мудруваше Апостол и многу рано се опиваше. „Некој ќе го слави нашето дело!“ го дополни Богоја. „Колку што ние го славиме делото на војводата!“ се испречи Иле Алески незадоволен од самофалбата на другарите. „Големите дела не умираат!“ пак мудруваше Апостол. „Денес сонцето ќе припече!“ рече Узеир Алија колку да ја смени темата на разговорот и продолжи да кове гредички на столбот. „Дури се белее снегот на планината, немам гајле од горештините!“ извика Богоја и фати да свири од устата. „Мене секогаш ќе ми студи!“ призна Иле мачејќи се да не закашла. „Зошто не полежа в болница, со ќерка ти?“ праша Апостол надгледувајќи ја работата. „Не се лечи мојава болест!“ сожаливо процеди Иле. „Да сум на твое место не би губел надеж!“ го храбреше Узеир Алија. „Нема болест што не се лечи!“ „Кога ќе ѕидаме во некој град, ќе најдеме мевлем за твојава кашлица!“ вети Апостол Дилески, голтна од ракијата и магливо се загледа во куќните оџаци што чадеа. Помина руднички камион со внимателно лазење по раскоените талпи на мостот. Возачот се смешкаше итро гледајќи дека набрзо ќе се постави бетонската плоча. Апостол му ја подаде ракијата; тој се правдаше оти не смее да пие но сепак голтна неколку капки. „За тебе не е важно дали мостов ќе го носи името на војводата или на сите недолжни жртви од котлинава!“ извика Апостол. „Жими господ, така е, само да го поднесе товарот што го пренесувам!“ одговори насмеаниот возач; потоа јурна со голема брзина, а зад камионот се крена облак прашина. „Верно беше во општинската управа?“ праша Богоја доближувајќи се до бившиот комесар. „Затвори ја устата и шалувај ги столбовите!“ се налути Апостол. „На што ти личам јас?“ додаде и фати да ги исправа талпите што ги поставуваше еден млад ѕидар. „Сè под конец!“ советуваше Узеир Алија. „До кога ќе те подучувам со шајките!“ вресна Апостол. „Не слушнал за брзата кучка!“ се шегуваше Богоја помагајќи му на младиот работник. „Што го нема старото дртало?“ се исчудуваше Апостол и нервозно погледнуваше во часовникот. Часкум се искачи до изворот под големиот даб. Сега верно му недостигаше војводата; иако го презираше тој не сакаше да му се случи ништо лошо. Фати да ја пребарува околината, налеа вода во канчето што висеше на синџир, испи неколку голтки и тргна назад, кон мостот. Слав Плавески знаеше да се војва околу изворот со часови, да преседнува на корењето, тој овде го наоѓаше својот мир. Што го врзува тој убиец за ова место, се чудеше Апостол на слегување. Пак се загледа наоколу, но освен снежната планина во далечините и една сојка што скокаше на гранките, друго ништо не виде. Повремено допираа грмежи од ископите на рудникот. Комесарот слезе кај мостот разочаран дека не може да ја открие тајната на Беломорско Сонце и лут што го нема да го навредува. Работата напредуваше брзо, железото веќе се поставуваше. Само Иле Алески бараше поштеда од два часа бидејќи кашлицата го истошти и му ја испоти снагата. Апостол им дозволи на сите да здивнат, ги послужи со ракијата и седна да појадува. „Мораме да го завршиме пред да расцути првата слива!“ се исповедаше комесарот меѓу залаците што ги полеваше со ракија. „Ако треба да градиме и ноќе!“ прифати Богоја. „Кога ќе спиеме, кога ќе одмараме?“ праша Иле кашлајќи. „Нешто и ќе жртвуваме!“ опонираше Богоја. „Што му стана на војводата?“ се исчудуваше Апостол зјапнат по меѓите на ливаѓето. Ѕевгар волови разнесуваше шталско ѓубре. Комесарот не сакаше да го следи земјоделецот кој со вила го расфрлаше ѓубрето по угарот. Плукна во реката, погледна во сонцето, им подвикна на ѕидарите да стануваат. Сега им објасни сè во врска со завршувањето на мостот до расцутувањето на првата крајпатна слива. Општинската управа за патишта бара и квалитет и рок затоа што благовремено обезбедила цемент и железо, алати за работа, шајки и талпи. Благодарение на нејзиното разбирање, објаснуваше Апостол, добиени се и дванаесет готови шалови за столбовите, како и полукроено железо, така што нема причини за пречекорување на рокот. „Муштулак за тој што ќе ја здогледа првата расцутена слива!“ се пошегува Богоја. „Водата и песокта се под нас!“ додаде Иле со кашлање. „Можеме да завршиме и порано!“ Апостол Дилески им веруваше на своите ѕидари. Досега со нив подигна стотина палати и куќи во полуостровските градови, за принцови, велможи и трговци. Мостов беше една од првите градби во родниот крај и не му задаваше посебни грижи. Додека појадуваа и одмараа во реката надојде поголема вода што продре и во лежиштата за носечките столбови. Апостол ја насети опасноста и бараше ѕидарите да побрзаат со заштитување на градбата од распенетата вода. Узеир и Богоја фрлаа камења, подметнуваа талпи и така ја одвратуваа водата од новите темели на мостот. Иле се пожали дека некоја сила ја голта песокта; се плашеше да не се удави самиот. Еден млад ѕидар удираше со остра секира како да набива колје во цврста земја. Узеир Алија се наводени до појасот и со многу труд го продлабочи коритото. Најпосле сите десетмина здивнаа задоволни од успехот на својата работа. „Поројот се намали!“ извика Апостол и дозволи одмор колку за една цигара. „Што ѓавол е оваа река?“ се чудеше Узеир преслекувајќи ги панталоните. „Ноќеска задуваа топлите ветрови, не сетивте?“ праша Иле Алески. „Јас си легнав како некој труп!“ се пошегува Апостол на своја сметка. „Дека ме дави оваа кашлица јас излегував понадвор неколкупати! Дуваа толку млаки ветрови кои мораше да предизвикаат брзо топење на снегот!“ заврши Иле со кратко искашлување. „Да си ги отвориме очите во наредниве три дена!“ предложи Узеир. „Попусто би дежурале, водите умеат да надојдат и на полноќ! Ќе се спасиме ако побрзаме, нема да претрпиме никаква штета!“ заврши Апостол Дилески. Сонцето се навали кон рудникот кога ѕидарите седнаа да ручаат. Денот им се погоди необично топол, се разбудија и првите инсекти, а гранките на евлите потпукнуваа како да сакаа да разлистаат. Иле Алески спротивно на советите од Узеир Алија ја распетла кошулата. „Не отворај ги градите, братучед, причувај се од оваа лажлива пролет!“ му велеше. Никој никого не слушаше, сите ѕидари беа капнати од работата иако задоволни од резултатот. „Дали ќе здогледам расцутена слива!“ шепотеше Иле загледан во меѓите крај џадето. „Поткасај си го јазикот!“ го укори Богоја. „Отидов во бараката, очите ми се затворија!“ излажа Апостол и нога за нога се изгуби зад џбуновите. „Мостов ќе го завршиме не за седум туку за пет дена!“ прогнозираше Богоја. „Учете ме како да постапам јас! Да тргнам со вас или да си останам дома?“ гласно размислуваше Узеир Алија. „Ти со нас, овој што кашла нека се пријави во санаториум!“ предложи Богоја. „Кој може да одлучува за мене?“ се налути Иле. „Штом оздравиш влези во првиот автобус, лесно ќе нè најдеш!“ предложи Богоја Талески. „А мене децата ми се мали!“ се пожали Узеир Алија. „Жената ти е убава, пријател, тоа е јанѕата!“ не издржа Богоја, но за секој случај стана и се оддалечи. „Колку ти е долг јазикот!“ се налути Узеир, наречувајќи го ѕидарот слабокарактерен и непоправлив. „Таму каде што ќе одиме најдобро плаќаат!“ „Здравјето нема цена, братучед!“ „Не трчам по парите!“ „Парите го расипаа најдобриот меѓу нас!“ „Доста ми беа триесет години беда!“ извика закашланиот Иле Алески и пак се искачи на скелињата. Ѕидарите го мешаа цементот со песокта и работејќи се исповедаа. Верно ќе ја напуштат котлинава но возот ќе ги врати кога ќе посакаат. Не би оделе многу далеку затоа што главниот ѕидар е одговорен за власта во Горен Бовојзо. „Не се заминува од уѕур туку од мака“ рече Иле Алески. „А нивите што ќе останат неизорани?“ праша Узеир Алија. „Кој видел полза од нивите?“ возврати Иле со кашлање. „Ех, кога би имал плодна земја во Горен Бовојзо?“ воздивна Узеир Алија. „Орај ги моите, родот ќе го делиме!“ предложи Иле. Апостол Дилески не отиде да прилегне туку сè уште нервозно ја исчекуваше својата љубовница. Учителката Киска доцнеше; комесарот беше опседнат од нејзината младост и убавина, не му пречеше нејзината глембавост. Само што пристигна таа го расположи; го затресе фустанот пред бараката и кокетно влезе. „Не стоиш на ветувањето!“ ја укори Апостол. „И ти не си многу точен!“ се закикоте Киска и предизвикувачки седна на железниот кревет. „Не сретна никого во полено?“ праша Апостол. „Два вола ми се испречија на патот!“ се закикоте жената и фати да го отпетлува фустанот. „Ама си го чуваш угледот!“ „Не умрел никој в село?“ праша Апостол додека ги слекуваше панталоните. „Кој е луд да си замине од овој волшебен свет?“ се подбиваше жената. „Да не цркнал жужалецот? Не знам што можело да го спречи да не сврати до својот мост!“ се чудеше комесарот. „Ама си луд! Нему коските му загноија од спиење, но жив е, го видов!“ Киска се веселеше како заразена од смеата. „Леле, веќе се испотив!“ најпосле со комбинезонот го бришеше облото тело. „Сигурна си дека го виде Беломорско Сонце?“ „Не умира тој пред тебе!“ „Кучка ќе си останеш! Не чувствуваш колку сум помлад од војводата?“ „Што запнуваш така, ќе ме раскинеш!“ „Не случајно те викаат злокуќница!“ Апостол ја предупреди жената да не испушта крикови што би ги слушнале ѕидарите. „Ах, твојот посран углед!“ се подбиваше таа и не дозволуваше да ја лиже по рамената. „Зошто да те скокоткам кога можам да те изедам?“ се осоколи мажот. „Касај но модрини не оставај!“ прифати Киска со уживање. Бараката како да се тресеше од играта на глембавите љубовници; тој ѝ се фалеше дека ќе потоне во синилото на нејзините големи очи. Но Киска тоа го сфати на подбив, испотена и разлигавена, лудо се смееше. „Ќе те убијам со моите големи гради, ќе те изедам со мојата голема уста!“ пискаше како избезумена. „Може некој да те засити тебе?“ праша Апостол грицкајќи ги дојките. „Само брат ти Данило!“ во занес одговори жената. „Ороспијо, свесно го помисли тоа?“ скокна комесарот како ѕвер над мрша. „Колку си убав со таа љубомора? Зар да те менувам тебе со некого од белиот свет?“ се кикотеше Киска и го чешкаше мажот по брадата. „Ни срам ни перде!“ шепотеше овој помирливо и си ја бришеше потта со кошулата. „Толку голем љубовник си што ми застуде!“ се пожали жената. „Ти пак ме навредуваш!“ воздивна Апостол и се загледа во шумата низ прозорецот на бараката. Комесарот беше лут и разочаран, но жената му се доближи и фати да го милува по голите рамена. „Ама смрдиш на ракија! Облечи ја кошулата!“ му помагаше таа. „Имам претчувство дека не сме сами!“ рече Апостол додека со поглед го пребаруваше местото околу врбите. „Кој би сакал да те посрами тебе?“ божем се исчудуваше жената. „Знам колку ме ценат ѕидарите!“ се исповедаше принесувајќи го пагурот в уста. „Но Беломорско Сонце ме валка каде што ќе стигне! Додека јас му го ѕидам мостот, тој ќе ми го урне самарот!“ заврши комесарот со чудна тага во гласот. „Но ти си најмоќниот човек во Горен Бовојзо!“ го потсети Киска. „Ако поживее тој гарван ќе ме оцрни пред власта!“ призна глембавиот. „Зошто не се избавиш од таа мора? Измисли нешто против него, тебе сè уште ти веруваат сите!“ предложи Киска додека ја чешлаше косата. „Неговата легенда не се урива така!“ воздивна Апостол, џарејќи се низ прозорот. „Ако не можеш да го извалкаш, мил, дружи се со него!“ предложи жената. „Па тој влече назад, кон минатото, кон темните времиња!“ се разлути Апостол облекувајќи го долгото палто. „Штом не ме слушаш мене, најди си подобро решение самиот!“ одврати Киска. „Што ти паѓа на ум? Зар не ги запомна моите планови? Мене два живота не ми се доволни за напред, а ти ми предлагаш да се здружам со луѓе што се прославиле во ропството!“ заврши Апостол со тресење на вилиците. „Еден е Беломорско Сонце!“ дофрли жената на станување од столот. „Зошто не дојде на мостот?“ се пашуваше комесарот. „Биди цврст како стена! Одведи ме на изворот!“ му се обеси Киска околу вратот. „Имам претчувство дека војводата боледува в постела!“ рече Апостол заклучувајќи ја вратата на бараката. Откако ги заплакна образите со изворска вода Апостол мошне се освежи и расположи. Фати да му свирка на едно трнарче од најблиската грмушка и да ужива во жолтата светлина што паѓаше врз снежната планина. Киска го одмиваше целото тело и пискаше од студената вода што ја скокоткаше. „Немаш крастави деца во училиштето?“ праша веселиот комесар. „Вошките се накотија, затоа и болеста не се искоренува!“ се пожали учителката. „Лековите се порачани, ги очекуваме! Но вие мора да продолжите со агитирање во секоја куќа, хигиената не задоволува! Сакам да им дојде крајот на сите болести!“ извика Апостол. „Си размислувал за тоа како ќе се најадат гладните?“ праша Киска. „Ти реши да ме навредуваш! Не гледаш колку добро напредува пченицата? Наскоро ќе се посади и пченката!“ одговори глембавиот и пак голтна од ракијата. Сега Киска го наговараше да трчаат по коријата и да уживаат во гората што пупеше. „Веќе ништо не може да ме врати во детството!“ призна Апостол и погледа во часовникот, а потоа и во сонцето што се повлекуваше кон планината. Ѕидарите бездруго излеале дел од бетонот, си помисли, што ќе речат тие сега за својот раководител? „Да одам малку да поработам!“ извика колку да ја вразуми својата љубовница. „Ако си решил така, да се разделиме!“ прифати Киска и почна да слегува по кривата патека. „Не ти е страв да се враќаш сама дома?“ праша Апостол. „Кој би ме нападнал мене?“ се исчуди жената кокетно. „Рударите среќаваат мечки во коријава!“ ја преплаши Апостол. „Што ми можат мене ѕверовите?“ самоуверено извика жената и брзо се изгуби меѓу дрвјето што шумолеа на благиот ветар. Апостол ги крена рамената, не знаеше како да постапи; да ја заштитува Киска во шумата или да ја препушти на судбината. Локна уште малку од пагурот, клоцна една гнила пенушка со чизмата и се упати кон мостот. Зошто се изложува на ризици да му се извалка името, зошто се влечка со онаа жена, се прашуваше. Пролетва или најдоцна в лето ќе жени син, ќе мажи ќерка, зрелоста стаса, одговорноста притисна, а тој сè уште води љубов со онаа дебела учителка. Колку што го привлекува, двојно повеќе го навредува. Верно е дека венчаната жена му се исуши како некоја старичка, а неговите копнежи не спласнаа, но што ќе речат во општината ако се дознае за оваа работа? Воздивнуваше и се јадосуваше, како преплашен се загледуваше де во мостот што се бетонираше, де во сртот на коријата од каде што го очекуваше синот да пристигне. Ѕидарите ги отвораа последните вреќи цемент за овој ден и ги полнеа бурињата со вода. Мостот светеше на сонцето, реката бучеше во своето корито. Уште само неколку дена, си рече Апостол во занес, ќе го накитиме како невеста. Сега му се стори дека се радуваат и јагнињата што пасеа во ливаѓето и во пченичните никавици. Малку време ја следеше играта на децата крај брегот на реката, го препозна и својот најмлад син. Сакаше да ги повика и да им раскаже како за новиот мост така и за другите промени што се очекуваат во Горен Бовојзо. Учителите веќе се грижат за општата писменост, наскоро и лекарите ќе бдеат над здравјето. „Медовина ќе протече за сите бивши робови!“ се насмевна Апостол Дилески, не обидувајќи се да им верува на зборовите. Така ја замислуваше иднината кога на џадето го здогледа мотоциклот на својот брат Данило. Што бара тој на градилиштево, се исчуди и во брзањето се препна. Стана пцуејќи, пак голтна од ракијата и, додека го тресеше палтото од земјата, гледаше во разиграните деца. Штом тие не се раскикотија значи дека не видоа кога падна, претпостави најпосле. Но каде е стариот убиец денес, се праша гласно, зошто овде не лае неговиот шарен пес? Вечер бездруго ќе намине во домот на Плавевци, лично да се увери во здравјето на војводата, се обврза Апостол пред да му пристапи на својот брат. „Што не ги засукаш ракавите, малку да помогнеш?“ фати да се шегува Апостол. „Ќе ни ги одерат кожите ако не побрзаме!“ одговори Данило и, додека ја навлекуваше капата, му објасни на братот за некој важен настан во општинската управа. „Ти гори под нозете, брате!“ додаде и се качи на мотоциклот. „Само мене или на двајцата?“ „Изгледа само тебе!“ одговори Данило, спомнувајќи ја народната изрека дека брат брата не жали но тешко на оној што го нема. „Какви се тие лоши вести?“ запраша Апостол, преплашено седнувајќи зад братот. „Полоши не можат да бидат! Што е со тебе, брате? Мислиш дојде време за сладок живот?“ го укори Данило, додавајќи гас во моторот. „Кога се откри тајната?“ „Каква тајна? Таа злокуќница води љубов со половина од општинарите!“ „И со тебе?“ „Зар е важно тоа, брате?“ „Не ти мирисам на ракија?“ „Како буре смрдиш!“ се разлути Данило. Мотоциклот скокна од насипот на џадето, забуче силно, испушти каделки чад и јурна надолу. Попусто Апостол бараше да се одмие и да си ја спастри облеката. Успеа само да го фрли пагурот во браздите, но се туфкаше што заборави да им спомне на ѕидарите да го причекаат. „Можеби ти нема да се вратиш!“ воздивна Данило, управувајќи со гиданот напред и само напред. „Зар толку ме накодошиле?“ се тревожеше комесарот. „До грчманот си во калта, брате!“ одговори ветеринарот и потоа му раскажа кој го накодошил дека станал најбогат поседник во Горен Бовојзо. „На Бале Колар да не му веруваш никогаш!“ воздивна Данило. „Ќе биде страден за корка леб, јас ќе го намердам него!“ се закани Апостол. Веќе се смрачуваше, студениот ветар земаше поголем замав. По џадето сретнаа три коњски запреги што пренесуваа ќумур. Апостол се плашеше да го испрашува Данила за други работи, како овој да му го донесе злото. Иако опиен од ракијата, тој го чувствуваше отуѓен и ладен како да не му е брат. Нивниот имот беше поделен на две половини но тие го обработуваа како целина. Дури и љубовницата им беше заедничка; сепак, обајцата насетуваа дека патиштата им се разидуваат. Ветеринарот разбра за скорешното иселување на комесарот, го копкаше да знае кому ќе му го продаде имотот. Киска се врати дома по сокачето што водеше крај новите куќи на рударите. Говедарите што ја пресретнаа се чудеа каде скитала оваа госпоѓа, а пак еден овчар ѝ понуди матарка со млеко. Таа закрепна со неколку голтки, а потоа го прашуваше за големите проблеми на животот под отворено небо. Овчарот не ја разбра најдобро, фати да ѝ раскажува нешто за бачилото. Тој ја почитуваше бидејќи таа ги воспитуваше неговите синови. Откако му заблагодари за млекото, полека, низ ораниците, стигна до куќите на рударите. Имаше во план вечерва да ги посети родителите чии деца нередовно ја следеа наставата. Мошне се натажи кога ги виде рударските куќи празни. Зошто пак да влегува во другите селски домови, се бунеше газејќи ја калта, зошто да среќава прегладнети и болни деца? Одеднаш ѝ се натажи душата, веќе не можеше да тврди дека токму писменоста е прозорец кон светот, а пак неписменоста е слепило пред иднината. На квечерината се прибра во својот дом, трогнато ги прегрна двете ќерки, а го бакна и сопругот Деспота. „Да бегаме од ова колнато место!“ залипа Киска. Деспот Келешо беше многу болен но смогна сили да ја теши жената. „За мене сите места се исти!“ ѝ рече помирен со судбината. „Не можам да ја поднесам оваа смрдеа! И младоста моја не е за давање на пците, да бегаме одовде!“ липаше Киска. Ќерките се пикаа во нејзините пазуви, ја молеа да не плаче. Деспот со дланки ги бришеше солзите од нејзините образи, ја тешеше божем не е сè така црно и безнадежно. „Што си така блед како свеќа?“ одненадеж го праша Киска и се исправи како некоја кошута. „Сега не е важно моето здравје туку твоето!“ одговори збунетиот маж. „Сè би дал да разберам што те вознемири толку многу!“ „Ми помина како на кучка!“ се правдаше учителката. „Децава прашуваат што те нема по цели денови!“ „Барај служба во градот, не сакам да умрам овде!“ извика Киска милувајќи ги ќерките во скутот. „Не е луд комесарот што заминува од Горен Бовојзо!“ додаде. „Црната земја да ме проголта!“ офна Деспот. Расположението во куќата се подобри откако вечерта Јован Дилески донесе отепан див зајак. Учителот не се осмелуваше да го прими подарокот. „За децата!“ се правдаше јамскиот бригадир. Учителката го понуди со чаша ракија. „Не само што се близначиња туку се и првачиња!“ се пофали таа милувајќи ги ќерките. Потоа го распрашуваше гостинот како стојат работите со неговата свадба. Овој се исповедаше дека сè уште не е сигурен дали ќе си го става јаремот на глава или ќе замине на служба во органите на безбедноста. ГЛАВА ЧЕТВРТА Војводата зажали што се разбуди. Главата му се раскинуваше од болки, очите го жежеа како да ослепува. Откако ги протегна старите нозе, ја подаде главата низ прозорецот за да го одреди времето. Течеа раните утрински мигови, сонцето ги освојуваше сенките во гумното. Вратите од трошната куќа беа ширум отворени, песот дремеше во тремот. Сега Беломорско Сонце не можеше да сфати што му се случило, дали преспал само една мачна ноќ или можеби неколку дена. Во просторијата наречена печалка откри садови за храна што не беа негови. И огништето беше спотнато како да не згаснало никогаш. Го збунија и трите шишиња со лекови, топлиот леб во ноќвите, па и нарамникот дрва крај огништето. Почнуваше да се тревожи поради своето нарушено здравје, полека сфаќаше дека го посетиле гости затоа што веројатно умирал. Го грабна бастунот и истрча во гумното, песот скокна и фати да му ги лиже опинците, радосен што го виде господарот на нозе. Замавна кон неколкуте кокошки што претаа во шталското ѓубре, но овците и јагнињата сега не ги најде. Кој ги хранел, кој ги поел, се прашуваше, а срцето ќе му искокнеше од градите. Брзо отрча кај соседот Гаврил заборавајќи на кавгата со кучињата; беше многу возбуден кога го извика од плевната. „Што им стана на моите овци, соседу?“ запраша, очекувајќи душмански одговор. „Помина волкот им скина од колкот! Ха, ха, ха!“ „Што се девречиш, Гавриле?“ „Не сакаш да знаеш што те снајде?“ извика соседот, со залак сув колбас в уста. „Мене? Легнав да отспијам и ете се разбудив!“ „Можеш да се присетиш колку дена спиеше?“ се засмеа Гаврил. „Легнав вчера, се разбудив утрово!“ одговори Слав, не верувајќи им на своите зборови. „За толку кратко време го прошета небото и се врати дома! Ха, ха, ха! Да ти шепнам колку дена спиеше? Ако не ми веруваш мене прашај си го песот! Јас ти го спотнував огнот, а жена ми ти вареше ошав од суви сливи и јаболка! Те прегледа и некој лекар од градот што го донесе син ти Доран, ама изгледа тој крена раце од тебе! Сè ми се чини дека те остави на божја милост!“ заврши соседот Гаврил. „Но каде се овците?“ се тревожеше Слав. „Веќе ти реков, дојде син ти и ги продаде! Само едно јагне задржа за себе, за празникот на трудот ќе го јадел со другарите!“ одговори соседот. „Во грлото да му застане!“ проколна војводата. „Што се чудиш? На ист начин тој ги распродаде нивите, а потоа и лозјето! Војводо, рака на срце, што ќе ти се тебе овци? Една краста повеќе! Ако сакаш пресно млеко ние ќе ти даваме! Само да знаеш, крајно време е да си го привардиш здравјето!“ советуваше Гаврил на враќање во плевната. „Да не ти должам нешто?“ „Зошто сме најблиски соседи?“ Пеплосаниот војвода го погали шарениот пес и тргна назад, болките во главата му се зголемија. Најтешко му падна тоа што не го виде синот Доран. Зошто не почекал да позборуваат, се јадосуваше Беломорско Сонце. Бил дома, продал уште нешто од имотот и пак си заминал. Не е првпат да постапува вака, заклучи старецот и се посмири малку. Тој не е син туку најобичен зулумџија, му проструи низ главата. Но можеби бдеел над постелата додека таткото се борел со животот против смртта, фати да се утешува. Застана до плотот со кој ги заградуваше овците и прокапа од болните очи. Очаено погледна во синото небо што најавуваше прекрасен ден, потоа направи тешка прошетка до празната кочина и до немливата пондила. Господ е голем, шепна полугласно. Но кога веќе го испратил да шета по небото зошто мораше тој да се враќа назад и да крвари во душата? Како затераа овие несреќи, крикна војводата Беломорско Сонце. По сокакот врвеше соседот Гаврил качен во дрвената кола, горделиво притегнувајќи ја уздата во забите на беспрекорно тимарениот коњ. Овој лошак не се разликува од другите, помисли војводата. „Ајде на орање!“ извика Гаврил, замавнувајќи со камшикот. „Сè уште е влажна земјата, плугот ќе се раскали!“ одговори Слав, брзајќи дома за да не биде виден ако заплаче. Верно тој немаше што да изора, освен градината. Плодните ниви Доран им ги продаде на Дилевци, како и лозјето. Угарите што преостанаа ги поплави згурата од рудникот. И овците ги продаде, се присети Слав, можеби пари му требаа, но зошто тоа копиле не остана да се поздрават? Војводата ги тресеше вилиците како да е паднат во длабок бунар. Топлото сонце му ја поврати снагата кога се реши да го посети мостот. Патем сопрво ја сретна нагиздената учителка Киска и ја поздрави по старски. „Господ да ѝ помогне“. Таа одговори дека мора да си помогне сама, божем господ ја оставил во немилост, а потоа исчезна пред него. Пред задружниот дом му пристапи ветеринарот Данило кој се интересираше за јуначкото здравје на војводата. „Господ е голем!“ промрморе овој не сакајќи да има работа со натрапникот. „А мојата Сидора е сè поболна! Ќе сакаш да ја посетиш?“ праша Данило. На Беломорско Сонце му пристапуваа и други по патот. Палавиот Тале го задеваше околу напасување на јагнињата. Го пресретна Деница и го понуди со вода од бардакот. Војводата ја благослови, да ѝ се умножи како убавината така и добрината. Заборави да искаже благодарност за манџата што му ја носеше. Чија куќа ќе се украси со ова цвеќе, се прашуваше, кришум ѕиркајќи ја кршната става на девојката. Веќе ги одмина куќите на рударите, некаде зад врбаците и горните ливаѓе го слушна јачкањето на тракторот. Се џареше и во учителката што брзаше пред него. Го возбудија орачите што замавнуваа со стапови на воловите, кои рикаа пред да направат бразди. Полето се будеше, а сонцето го засилуваше мирисот на ораниците. Слав ги забрза чекорите за да ја престигне Киска, скршна од нивјето во голежот и брзо се најде на патеката што водеше до рудникот. Сакаше да биде сам, ниту да им завидува на орачите, ниту тие да го сожалуваат поради клетата судбина. Да биде толку несреќен колку што ќе биде славен. Така вјасаше и не ги слушна чекорите на јамскиот бригадир кој трчаше зад него. „Ти имаш три срца, војводо!“ извика Јован кога фати чекор со старецот. „Плаќам дукат за твоето!“ одговори Слав. „Да не ми се налути?“ праша Јован погалувајќи го песот. „Зошто би ти се лутел, не ми ги зеде овците?“ „Рудничката храна е вкусна и редовна!“ „Ние со песов не умираме за јадење! Врвот на планината ќе го изодиме гладни!“ одговори Слав и скршна во угарот божем ќе отпретува полжави. „Грешиш ако ми се лутиш мене! Што сте закрвени со татко ми мене не ме засега! Јас сум пријател со син ти, тоа да го знаеш! Вчера тој прво ме посети мене, а потоа се прибра дома!“ „Врви си по патот и не зборувај многу!“ „Пресели се на рудникот, ќе ни биде убаво на сите!“ „Треба да си поразбран, момче! Зошто измачуваш еден уморен старец? Што ќе правам со вас таму? Ќе ви служам за веселба?“ „Мисли повеќе на своето здравје!“ рече Јован. „Што ти значи сега ова?“ „Не знаеш кој ти го спаси животот? Нашиот лекар од рудникот!“ извика Јован Дилески. „Сполај ви за помошта! Господ нека ви плати!“ војводата ја наведна главата посрамено. „Кој ви кажа дека се разболев?“ се интересираше потоа. „Алексо Тунај, повратникот од Америка!“ „А што барал тој кај мене?“ се чудеше војводата. „Сакал да те праша дали ќе му ја продадеш куќата! Во план му е да се жени!“ одговори Јован Дилески. „Тој ме најде кога умирав?“ инсистираше Беломорско Сонце, додека нервозно цупаше со бастунот по камењето. „Не знам што мислиш ти, војводо, но, според мене, Американецот ти го спаси животот!“ Запладнуваше кога им се раздвоија патиштата. Јамскиот бригадир продолжи да се искачува прекутрупа кон рудникот, војводата помина низ ливаѓето во кои донеодамна пасеа неговите јагниња. На врбите вревеа птици, пченичните никавици ги надлетуваа пеперуги. Слав позина и се вџаши кога ја виде бетонската плоча на мостот. Ѕидарите ја полеваа со шурки вода и корнеа дел од шалуваните талпи. Колку дена лежеше в постела тој та не виде како е завршено ова чудо, се прашуваше, ту радосен, ту натажен. Најпрво го сретна својот бивш зет Иле кој беше фатен од пролетната мрзеливост и се протегнуваше на сонцето. Дури и Богоја изразуваше необично задоволство од извршената работа, та со песна им ги подаваше талпите на помладите ѕидари во меѓата. Поминаа неколку руднички возила кои сè уште газеа на дрвените греди, но возачите со трубење ги поздравуваа градителите на новиот мост. „Нешто да се случи и во оваа зачмаена населба!“ коментираше еден грлест човек. „Што те немаше? Чекаше потопли денови?“ праша Иле Алески низ кашлање. „Немав време на располагање!“ одговори Слав Плавески. „Убав мост сте изградиле, господ нека ве благослови да не се урне како претходните! А каде е газдата?“ „И тој прашуваше за тебе!“ се пошегува Богоја. „Мислиш на дебелиот? Ниту вреќа цемент не крена со рацете, ниту зрнце песок не стави во темелите!“ рече Иле. „Не треба да го навредуваш!“ „Црна ќе му биде судбината, ќе плати за алчноста!“ додаде Иле со кашлање. „Вистина тоа ќе го доживее нашиот комесар!“ прифати Богоја Талески. „Сакате да ви поверувам?“ збунето праша Слав. „Премногу имот присвои, преголем неморал шири!“ одговори Богоја. „Зошто се дружиш со него кога толку го мразиш?“ праша Узеир Алија; младите ѕидари со начудени уши го чекаа одговорот. „Ѕрцките ќе му ги извадам!“ се закани Богоја. На војводата не му се допадна разговорот. Ја завитка цигарата, ги разгледа столбовите што беа опшиени со штици, потоа му свирна на песот и се упати кон изворот. Некој трактор бревташе во близина, од ливаѓето допре магарешко рикање. Подзастана до првите грмушки за да го посоветува својот бивш зет. „Се обезбедивте од ризик?“ „Дека мостот ќе се урне?“ праша Иле. „Земјата сè уште се лизга!“ одговори Слав. „Да не си гладен?“ закима Иле Алески, чудејќи му се на старецот. „Јадев како бог! Но послушај го мојот совет!“ „Ама зачепи ја таа уста!“ „Ровја да те погоди, кашлицата да те задави!“ прокобе Слав додека се пробиваше меѓу грмушките што пупеа. „Ако ви се урне мостот и моето име ќе се извалка!“ промрморе како за себе. Седна на коренот под дабот, извади варено јајце од торбата и го излупи. Меѓу касаите налеа вода со канчето и пиеше со наслада, како болен што оздравел. Дишеше мачно, икаше гласно, се џареше во небото. Со заматен поглед ја здогледа снежната планина, потоа вниманието му го привлече гуштер што се топлеше на еден осончен камен. Колку е мил животот, помисли Беломорско Сонце загледан во малиот влекач. Да умреше деновиве не ќе го видеше новиот мост. Иако не беше завршен тој му се виде многу убав. Сега пак налеа со канчето вода и така уживаше во пладневната тишина што ја нарушуваа тапи удари на секири и повремени викотници на ѕидари. Одеднаш му текна да го разгледа лименото канче што беше врзано на синџир. Кој му го дарувал на овој кладенец, се праша, барајќи траги на писмо. Да не е задужбина на Сулејман Крвникот? Во никој случај. Безимен намерник пладнувал под овие дебели сенки, заклучи најпосле, разладил душа, ветил подарок и потоа го донесол затоа што бил набожен. И Беломорско Сонце постапуваше така во оние ропски времиња, тогаш водата му значеше света напивка. Го фати дремка, свена со главата, се протегна на коренот сè до стеблото. Се џареше во гранките на столетните дабје, бараше облачиња по небото. Очите му се затвораа, спомените навираа, сопрво за крвавите настани на ова место, потоа за времето кога му се раѓаа децата; му се измеша сè, убаво и грдо. За миг се виде на чело на чета како горски началник пред суден бој, со долга пушка и реденик на појасот, брзаше некаде. Се преплаши од споменот, скокна како попарен; тој не смее да заспива на јавно место, некој ќе му стави нож под гркланот. Ако пак не се разбуди од сонот овде ќе го раскинат ѕверовите и гробот не ќе му се знае. Слезе неколку грмушки подолу и пак застана крај змиското цвеќе што листаше рано. Нозете му откажуваа, седна на црвеницата, мачно дишеше. Сонцето беше кренато над ридот, печеше силно и ги будеше растенијата. Меѓутоа, нему му се спиеше. Не смееше да задреме, фати да му зборува на песот. Му се отвори чист видик кон реката и мостот, кон црвените покриви на куќите и кон белата планина. Проба да открие колку оџаци не испуштаат чад но погледот му се замати. Тогаш вниманието му го привлече остар разговор на маж и жена во близина на врбаците. Ја пронајде бараката, го препозна глембавиот комесар и неговата љубовница. „Побрзај, не сакам да ме види стариот убиец!“ извика Апостол. „Беломорско Сонце убиваше само заради одмазда, немој сега да го навредуваш!“ го предупреди учителката. Војводата ја следеше додека се измолкнуваше од евлите, си го суредуваше здолништето откако мокрела. „Ништо ти не знаеш! Тој не разликува правда од неправда!“ додаде Апостол мокрејќи зад едно стебло. „Имам слушано оти и тебе не ти е чиста совеста!“ го дразнеше учителката, а со чешел ја средуваше косата. „Да го познаваш него подобро, ќе му бегаш од сенката!“ извика Апостол. „Што има на него освен сенката!“ се закикоте учителката. „Не знаеш колкумина отепал досега?“ праша Апостол со некоја чудна возбуда. „Тој на мравка не гази!“ весело го прекина Киска. „Ама на вратот стапнува!“ одговори Апостол. „Мислиш би те застрелал и тебе овде во шумава?“ праша жената. „Без да му трепне окото!“ одговори мажот. „Па што си застанал на нишан, будалче, хи, хи, хи!.“ Го завлечка под евлите и му се обеси на вратот. Војводата се стаписа, не смееше ни да шумне, се воздржа да не искашла, го спопадна срам дека врголи како некој делнат. И на песот му ја стегна муцката, му се закани да не излае, обајцата гледаа како мажот ја оближува жената. Колку се расипани, помисли омразено, колку се алчни за наслада и за имот. Едно време посака да го загне песот кој ќе ги раскинеше, но пак се воздржа. Сега повеќе ја мразеше Киска од Апостола; го сожалуваше Деспота Келешо и двете близначки. Таа се кикотеше под дебелото тело на мажот и бесрамно уживаше. Комесарот збиваше и се тресеше како да полудува. Две врапчиња скокаа меѓу евлите и врбите та го дразнеа песот кој сакаше да трча по нив. Гавран прелета над бараката за да слета во ливаѓето. „Не можам повеќе, ти си незаситна!“ се пожали испотениот маж. „Зошто си ги потценуваш силите?“ го запраша жената со кикот, расчекорена во тревата. Тогаш песот залаја, а љубовниците преплашени се вотнаа во бараката. Беломорско Сонце не можеше да им поверува на своите очи, се прекрсти и шепна полугласно дека Господ е голем. Тој расипан ѕвер ги залажува другите со посветла иднина, мрмореше луто, а самиот живее во развратна сегашност. Би се мушнал под здолништето на секоја жена, толку е безочен како некогашните бегови. Како му успева да си го умножува имотот, војводата не можеше да си објасни. Колкава е разликата меѓу него и неговиот син кој се обидува да го најарми во рудникот, се прашуваше искачувајќи се по сртот на коријата. Верно дека и таткото и синот се плашат од легендата на Беломорско Сонце но зошто? Дали е тоа страв на зајак или на лисица? Лозата на Дилевци сепак е многу помоќна од лозата на Плавевци, заклучи војводата најпосле. Преморен од врлежот им се доближи на машините што ја миеја рудата, седна да се одмори на лисјето. Песот се загна по некој бумбар што надлетуваше свежа лепешка. Мукаа крави во разголената корија, ги слушна и ѕвонците на овците од најблиската рудина. Тревата шушкаше под неговите опинци како да ботее, гранките се затресуваа на ветрот. Колку е сладок животот, воздивна Слав немоќно. Зад него се накашла човек и пријателски го допре по рамото. „Ги топлиш коските?“ праша Узеир Алија. „Веќе ништо не ги грее! Колку што ги затоплувам, толку повеќе им студи! Па така, сосила ѝ се радувам на пролетва!“ се пожали војводата. „Лажливо е времето, затоа боли снагата!“ мудруваше Узеир. „Доста знаеш за болестите!“ „Тоа што ми го кажа татко ми!“ скромно изјави Узеир. „Не е малку ако ти ги пренесол сите тајни! И мене тој ме здравееше со лечебни билки! Колку чесен беше татко ти!“ се присети Слав Плавески. „Што не седиш на прагот од својата куќа? Вака премногу ризикуваш!“ го прекина Узеир. „Не се доседува никаде! Не ти раскажував за скриеното азно?“ „Под дрвото на утките? Те слушав еднаш!“ се насмевна Узеир Алија. „Ти што бараш ваму?“ „Ќе молам за работа во рудников, ако ме послужи среќата! И мојата јанѕа не е помала, знаеш самиот, децата ми се мали! Мостот се привршува, ѕидарите заминуваат, јас останувам!“ се исповедаше Узеир, кревајќи ги рамената немоќно. „Обрати се во општинската управа!“ „Ќе пробам секаде!“ „Зошто не правиш вар, како татко ти?“ „Ќе правам, ако не најдам подобро платена работа!“ одговори Узеир и фати да се оддалечува. „Како ти е невестата?“ срамежливо праша војводата. „Не сум ја видел пет дена! Ги чува децата! Сакаш да ја поздравам?“ „Ако ве носи патот дојдете на гости!“ предложи Слав. „Не можам да ти ветам!“ „Ми беше добра снаа!“ се пофали Слав Плавески. „И таа често те споменува по добро!“ „Многу да ја поздравиш!“ „Не ти треба помош, можеш сам да станеш?“ се поврати Узеир Алија и му подаде рака на војводата. „Не сум толку за жалење!“ се насмеа Слав потоа, загледан во неговите долги чекори. „Ист си како татко ти!“ додаде и силно закашла. Некои рудари си подаваа цигари. Машините бучеа, од далечните голежи допираа пукоти. Војводата знаеше дека се вршат површински минирања на коповите и тоа не го исплаши. Чекореше прикрепуван од бастунот, решен да го побара јамскиот бригадир. Малку потоа, кога веќе го сретна, се интересираше за обврските на ноќниот чувар. „Ќе спиеш, ќе јадеш, ќе се гоиш! Кафе сам ќе си вариш! Ха, ха, ха!“ се подбиваше еден муросан рудар во бунда. „Не збунувај го, добро е што се решил!“ извика Алекс Тунај и му ја подаде грубата рака. „Тебе ќе те наградам штом стигне пензијата!“ изјави Слав со неизмерна благодарност кон гестот на Алексо Тунај. „Ех, тоа не е ништо! На болниот секој би му однесол лекар! Важно е што се реши да живееш овде!“ одговори рударот. „Само прашувам, не знам дали ќе прифатам!“ „Пробај, ако не ти чини, откажи се!“ навалуваше Алекс. „И здравјето ќе си го зачуваш и редовно ќе се храниш!“ додаде Јован Дилески. „Не знам дали ќе можам! Ако прифатам ќе поставам и некои услови!“ се осмели војводата. „За песот?“ праша муросаниот рудар и се засмеа. „Не, туку за еден ѕидар кој бара работа!“ одговори Слав. „Да размислиме, ние овде не решаваме за сè!“ се правдаше Јован Дилески. Беломорско Сонце ручаше со нив. На песот му ги потфрлија сите коски. Тој неколку изглода со наслада, другите ги закопа во долот. Попладнето времето се расипа, сопрво дуваа студени ветрови, потоа тивко росеше, најпосле заврна лапавица што се претвори во снег. За миг рудината побеле, се замагли хоризонтот, застуде како среде зима. „Ова не може да трае повеќе од еден ден“, тврдеше Алекс Тунај. „Заскитан облак се истури врз рудникот“, додаваше Јован Дилески. „Покривите на селските куќи се црвени, значи таму не падна снегот“, извика муросаниот рудар загледан низ прозорецот. „Марта со многу умови!“ се пошегува војводата. Малку потоа заспа крај печката. Кога се разбуди се виде сам во бараката, не можеше да се сети за настаните. Надвор пак грееше она лажливо сонце, лапавицата под нозете се топеше брзо. Песот се измолкна од најблиските грмушки и фати да му ги лиже опинците на господарот. Дотрча Алекс Тунај и му предлагаше на војводата да спие тука во бараката. Овој не сакаше ни да слушне. Патот до својата куќа може да го изоди со затворени очи, се фалеше, а снегот што ја покри рудината како некое кече воопшто не го плашеше. Со него ќе биде силниот, верен пес, додаваше виткајќи ја цигарата со прстите што му подмрзнуваа. Сега на разделба му текна да праша какви се изгледите за вработување на Узеир Алија. Алекс Тунај ги прекрсти рацете, не можеше да предвиди ништо. „Не го познавам тој човек!“ рече збунето. „Работеше на мостот!“ објасни Слав. „И да е златоглав не гарантирам вработување. Првпат слушам за него сега!“ „Беше овде на пладне, пред да заврне снегот!“ фати да објаснува војводата. „Да не си го сонил, овде никој не дојде!“ тврдеше Алекс Тунај, помагајќи му на старецот да не падне во снегот. Беломорско Сонце не сфаќаше како може да се постапува вака; него го молеа да работи со нив, иако стар, немоќен и бескорисен, а се подбиваа со еден гороломен човек чија снага цутеше. „Мене ќе ме хранат, а песот ќе го вработат“, коментираше гласно слегувајќи по лизгавата патека. Би дал еден дукат кога би научил што наумиле таткото и синот на Дилевци. Ќе види дали ќе прифати да го понижуваат, заклучи најпосле. Така се прикрепуваше со бастунот, повремено разговараше со песот, ги фрлаше недогорените цигари и внимаваше да не се лизне на мразот што се формираше по врлежот. Над селото веќе беше потопло, расквасена црвеница го замени снегот. Се потпре на еден самотен даб и, додека гранките му капеа во вратот, ги броеше куќните оџаци што не испуштаа чад. Крвта му се следи во вените од страв да не го изброи само својот оџак. Но брзо се отпушти, како да се израдува кога се увери дека најмалку во десетина куќи огништето згаснало. Пак запали цигара и со шмркање газеше низ калта. Некое премрзнато врапче го дразнеше песот, ѕвонеа стадата што се враќаа од испаша, вревата беше сè посилна. На пат за дома ги избра најпустите сокаци за да избегне секаков разговор со минувачите. Не застана во својот испустен двор, туку брзо го спотна огништето и сега почувствува топлина што му го разгали целото тело. Пиеше чај без шеќер и вечераше од лонецот што го најде до вратата. Сонот го одлагаше до првите петли. Ако заспие дали ќе се разбуди, прашуваа неговите исплашени очи. ГЛАВА ПЕТТА Црвениот предзнак се појави таму каде што се очекуваше изгревот на сонцето. Изгледаше дека ќе почне уште еден обичен ден. Ѕидарите брзаа кон мостот, а пак рударите што живееја во селото веќе се искачија на сртот на коријата. Забревта тракторот во задружните ниви, овците и говедата ја гризеа пркнатата трева и ѕвонеа по ридиштата. И вчерашниот снег ноќеска се истопил, притиснат од јужните ветрови што дуваа без прекин. Еден грбав орач со две преморени волиња брзаше преку мостот во најблиското село. Ѕидарите го задеваа божем му се влечка плугот под двоколката та ќе ја оштети новата плоча на мостот. Тој вистина го повлече ралото нагоре и ги искара жилавите волиња, но потоа се разлути поради подбивната смеа што му го испече тилот. „Да погодам што носиш во склопците?“ го задеваше Богоја Талески, вртејќи ја опашката на едниот вол. „Црвени пиперки толчени со праз!“ призна орачот, сè уште разбран и пристоен. „Не го заборави дулето со вода?“ се надоврза еден помлад ѕидар, влечејќи ја двоколката назад. „Без него не ќе изорам ни десет бразди!“ „Се наспа ноќеска? Не се превртуваше во креветот? Не сонуваше разбојници на патот, крај Мостот на крвникот?“ задеваше мошне остро младиот ѕидар, успорувајќи го движењето на двоколката. „Пушти го да си оди! Зошто не му ги почитуваш годините? Може и татко да ти биде!“ извика Иле Алески кашлајќи на мостот и го повика младиот ѕидар да се зафати со работа. „Ние сме трње во неговите очи!“ презриво се надоврза Богоја, тресејќи ја раката со која го држеше волот. „Освен да кулучи, тој друго и не знае!“ додаде, следејќи го со поглед. „Кукавица да те буди од најслаткиот сон!“ фати да колне орачот, вртејќи се кон мостот. „Утка да ти писка зад куќа, гробот да си го поделиш со врагот!“ „Што бараше, тоа си најде!“ се насмеа Иле, додека фрлаше летва во меѓата. „Можам да го искапам в река!“ се закани Богоја. „Што се мешаш, не те колни тебе!“ „Пиперките во склопциве не се толчени туку пржени со јајца! Какви се, такви се, мои се! Нема да црпам од заеднички казан!“ разлутено заврши орачот, со мавтање на ластегарката, пред да исчезне зад свиокот. „Ама говор ни одржа!“ се веселеше Богоја. „Зошто не го фрлив во матниот истек на рекава?“ божем се каеше младиот ѕидар. Алатите тропаа на мостот, постарите ѕидари ја средуваа плочата и цоклето, на кое подоцна ќе се постави метална ограда, а помладите ги ослободуваа столбовите од шалот. „Не ви се чини дека почнавме многу рано?“ праша Апостол Дилески, преоѓајќи од бараката на мостот. „Кој ќе подрани, две среќи ќе зграби“ мудруваше Узеир Алија. „Не можам да те разберам тебе! Кога беше дома в планина и како успеа да се вратиш?“ му се чудеше комесарот. „На бесна кобила, братучед!“ одговори Узеир. „Штом завршиме порано, малку ќе се повеселиме! Не се градат мостови секој ден!“ извика Апостол Дилески. „Остана малку од лутата?“ праша еден од помладите работници. „Пече под јазикот, не е за деца! Ха, ха, ха!“ се закикоте комесарот, враќајќи се во бараката. „Опа, господинот се повлече на спиење!“ коментираше Богоја, удирајќи со теслата. „Ниту лопата покрена, ниту шајка закова, мајката негова!“ прокашла Иле загледан во брановите што удираа по мртваците. „Кој не би сакал да си направи ладовина за себе?“ мудруваше Узеир, средувајќи некои талпи во меѓата. „Ме дразни да го претепам!“ се закани Богоја најпосле. Кога изгреа сонцето, веќе полето се исполни со орачи. Фрчеа удари по воловите, особено во угарите крај ридиштата, додека зад пченичните никавици бревташе тракторот. Иле Алески сега раскажуваше за ноќта кога ја замразил полската работа. „Месечината беше испиена до половина, времето исцибрено! Го затворив добитокот в пондила и се вотнав кај жената, под ложник!“ почна закашланиот. „Чекај, не брзај, кај покојната жена или кај оваа, младава?“ го прекина Богоја. „Тогаш не беше покојна, ха, ха, ха!“ одговори Иле и се засркна од балгамот. „Ти далеку не стигнуваш!“ сожаливо коментираше Узеир. „А што правеше под ложникот?“ праша некој. „Не поставувај гатанки, дете!“ се налути Иле Алески. „Велиш секаде цибрина освен под ложникот!“ се замеша Узеир Алија. „Не се ни стоплив асолно“ продолжи закашланиот „веќе жената го затвора носот со два прста! Мирисаш на слама, ми вели. Станувам, ја одмивам снагата во коритото, се враќам под ложникот! Пак таа го затвора носот! Сега мирисаш на расипана зелка, ми вели. Брзам да се одмијам уште еднаш во коритото, нозете ми потклекнуваат, што од студ што од премора, се мушнувам под ложникот! Таа се потсмевнува на перницата! Сега не мирисаш туку смрдиш, ми вели, помирена со судбината!“ заврши Иле Алески триејќи ги градите по искашлувањето. „А потоа?“ се интересираше еден од помладите. „Кога ќе се ожениш, само ќе ти се каже што било потоа!“ одговори Богоја наместо Илета. „Потоа замразив сè што беше во врска со земјата!“ продолжи закашланиот, загледан во еден орач. „А со каква радост трчав по угарите, колку заносно го растурав семето по браздите!“ додаде. „Ти здодеа земјата, ти се внуши мирисот на шталите! Кому ќе му го оставиш имотот? Тебе машко чедо не ти се роди!“ се интересираше Узеир Алија. „Што се правиш таков? Веќе ти ветив, ќе ти ги отстапам сите ниви!“ одговори Иле Алески. „Но тој е од друга вера, ние во селово немаме џамија!“ избрза Богоја Талески, незадоволен од одлуката на својот пријател. „Што врска има верата со нивите?“ се чудеше Иле, плукајќи го искашланото в река. „Ако не ја излечи болеста не ќе му треба ништо!“ рече Узеир Алија. „Верно овој човек си го копа гробот!“ додаде помладиот ѕидар до него. „Ех, планинска главо! Нема лек за мојава болест! Дали е поумно да се веселам со вас или дома жената да ми ги изеде џигерите?“ праша Иле Алески, искашлувајќи балгам. „Кој те силеше да се преженуваш со толку млада невеста?“ му се вдаде Богоја Талески. „Работите или денгубите ги искара Апостол Дилески, кој им се доближи без да го сетат. „Калфава прашува кога да се ожени!“ излажа Богоја. „Нашол со кого да се посоветува!“ рече Апостол и со рака над очите ѕиркаше во измаглините кон селото; растојанието беше толку големо што не можеше да препознае ништо. „Ги нема стариот убиец и неговиот пес!“ додаде, како за себе. „Ќе дојде! Рано е, денов само што се роди!“ се замеша Узеир Алија. „Полено сè уште го покрива магла, како да исчадува!“ рече Иле Алески. „Што се реши за името на мостов?“ сакаше да знае Богоја. „Ќе го стокмиме и ќе му го предадеме на народот! Некој ќе го нарече Мост на војводата, постарите ќе го спомнуваат името на крвникот! За нас е битно да не се урне, ха, ха, ха!“ самозадоволно извика глембавиот. Потоа долго шеташе по бетонот и се џареше во измаглината на хоризонтот. Снежната планина одвај се наѕираше, повеќе личеше на расчешлани облаци. Околу пладне штиците беа собрани на купишта, а ѕидарите се повлекоа во бараката, малку да се провеселат. „Ме клука нешто во главава!“ се пожали Богоја, голтна од ракијата, касна од туршијата. „Да не ти влезе некоја жаба низ увото?“ го дразнеше комесарот загледан во ридот, низ прозорецот. „Малине грмушки продолжуваат во столетни дабје!“ мудруваше Узеир Алија. „Да ти донесам пресна вода од изворот?“ му предложи младиот ѕидар на Богоја. „Верно ќе ми пукне главата!“ се пожали овој. „Да не ти е жал што ќе отпатуваш? Брзо ќе се вратиш, братучед!“ рече Узеир Алија. „Зар тагата може да клука како птица!“ се чудеше Богоја, додека го масираше темето со ракија. „Тоа што те боли не се лекува со ништо! Си го наследил од родителите!“ извика Апостол пиејќи од ракијата. „Мислиш на омразата?“ праша Богоја насрчен за кавга. „Не ти е срам да лажеш? Си раструбил низ селоно дека украдов цемент и железо!“ му се врекна Апостол. „Да ги оставиме кавгите за утре!“ предложи закашланиот. „Дајте нешто повесело!“ советуваше Узеир. „Си спомнуваш кога го донесовме првиот трактор?“ му се обрати Иле на Богоја. „Само малку! Нели го китевме со гранки од расцутени јорговани и му пеевме?“ извика овој. „Кој го спомна цутот? Еј, кој ќе го добие муштулакот? Виде некој расцутена слива?“ скокна еден од помладите. „Така мала група изгради ваков мост! Кој ќе поверува во тоа?“ додаде Узеир Алија. „Нека им служи, што има да веруваат!“ рече Апостол, напорки загледан во Богоја. „Ниту се цениме меѓу себе, ниту си веруваме!“ „Мостов ќе беше поубав ако работевме сите!“ не издржа Богоја, џвакајќи од лутите пиперки. „Знам што мислиш со тоа, ама не брзај толку! И мојата работа не беше лесна! За една мала грешка можеше главата да ми одлета!“ се исповедаше бившиот комесар, поземајќи шише ракија што шеташе меѓу ѕидарите. „Ајде да наздравиме за долговечноста на мостот!“ предложи некој. „Не земај му кусур, штом го боли главата!“ рече Узеир, обраќајќи му се на комесарот. „Си го познавам јас Богоја!“ одговори овој со воздишка и потстана од столот; беше поднапиен, вознемирен, испотен. „Знаете кој е на мостот?“ извика возбудено. „Пазарџии!“ одговори Иле Алески. „Стариот убиец! Сопственикот на мостот!“ се израдува Апостол Дилески. Војводата го разгледуваше бетонот како некое дете, но внимаваше тоа да не го искаже пред другите. Со торбата преку рамо, завитканата цигара в уста и шарениот пес до бастунот, тој сега ја шеташе плочата и не можеше да се изначуди. Потцупнуваше со опинците, вртеше со главата и љубопитно ѕиркаше околу себе. И ѕидарите од бараката тивко го надгледуваа старецот, како да беа збунети од неговите постапки. „Знаев дека ќе дојде!“ се фалеше комесарот. „Или е вљубен во мостов или тебе те бара!“ рече Богоја. „Се лажете ако мислите дека тој го сака бетонот!“ додаде Узеир. „Тој убиец ништо не сака!“ тврдеше Апостол. „Ќе ни недостига старецот таму каде што одиме!“ заврши Иле Алески. Излегоа да го пресретнат, беа разнежени, се клатеа при одењето. „Оф, бутим ми е главата!“ пак се пожали Богоја. „Оди си дома ако сакаш да ти помине!“ предложи Узеир. „Ќе го прашам војводата што мисли за мостов!“ рече Богоја, откако го отфрли предлогот за дома. Беломорско Сонце ги забележа оддалеку, проба да ги одмине, но се најде како во стапица; се возбуди и се преплаши. Не би можел да ги слуша толку пијани и лоши, си мислеше. Или тие ќе го понижат или тој ќе ги навреди. Со чекори на итар дивеч тој го премина мостот и се искачи на падината. Подалеку од нивните гнасни усти, му велеше на песот и го водеше кон изворот. „Па каде пропадна тој стар убиец?“ се чудеше Апостол Дилески пребарувајќи ја околината. „Еј, Беломорско Сонце!“ викаше Богоја Талески. Сонцето печеше силно кога на мостот пристигнаа камионите. Двајцата возачи паркираа крај талпите и одважно излегоа од кабините. „Можете да побрзате?“ навали покусиот. „Ние сме мајстори, а не амали!“ одговори Богоја. „Се шегував, чорбаџи, товарете полека!“ се одбрани покусиот возач. „Да не си растен во корупка?“ го праша Богоја со остар поглед. „Па ти не си чул за шоферските бургии!“ се изнасмеа возачот и му подаде рака на ѕидарот. Товарењето на штиците почна. „Гредите и талпите ќе му ги предадете на Рамадан!“ советуваше Апостол. Додека возачите наздравуваа за долговечноста на мостот, а младите ѕидари ги редеа талпите во камионите, комесарот тивко се упати кон изворот. Чекор по чекор ги одминуваше грмушките, размислувајќи за разгорот што му претстоеше. Се плашеше дека војводата е поитар од него. Во ушите чувствуваше некое чудно ѕунење на природата, како да се онесвестуваше од промените на времето. Се вардеше и од песот да не ја зграпчи зад некоја смрека. Ќе сака ли Беломорско Сонце да разговара со него? Кога пристигна близу до големиот даб веќе беше испотен и задишан. Каде е песот, се праша во недоапица. Врапците скокаа на гранките што пупеа, од далечините идеа звуци на шупелка. Војводата лупеше варено јајце и се правеше дека не го забележува гостинот, но песот не издржа. „Мир, ѕверу, зар со него ќе си ја поганиш устата?“ го прекори господарот, потивко од жуборот на изворот. „Готово е со нашата работа!“ рече Апостол. „Широко ви е џадето!“ промрморе Слав. „Не гледај во мене душман! Јас не сум арамија!“ „Господ нека те казни! Од мене ти е простено!“ „Чесен збор, не сум арамија!“ „Песов ќе ти поверува! Моите ниви сами дојдоа кај тебе! Лозјето плачеше за да го примиш! А што да кажам за овците што избегаа од мојот двор?“ војводата како да си ја отвораше душата пред неверник. „Што сум ти јас виновен кога имаш таков син? Тој ми зеде убави пари и за нивите и за лозјето! А пак овците сосила ги втера во моето трло! На господинот му требале пари!“ извика комесарот, колку срдито толку исповедно. „Ако не те гризе совеста што бараш сега од мене? Оди си кај својата банда!“ рече Слав, налевајќи вода од изворот. „Жал ми е дека не се разбравме! Да ти вратам сè, војводо, откупи си ги тапиите!“ предложи Апостол со итрина во очите. „Сè што ќе допреш се испоганува!“ „Со новиот мост ќе ти се удвои славата! Зар тоа не е доказ против твоите зборови?“ „Оди си кај твоите, да не зажалиш за сè!“ Пред очите на војводата се испречија некои грди спомени од десетте изминати години. Неговиот покоен син Јордан му беше соборец на комесарот. По војната се закрвија како најголеми душмани, Јордан го напушти Горен Бовојзо, отиде да служи на граница и таму го отепаа. Војводата и денес веруваше дека комесарот раководеше со сите тие настани. И тогаш народната власт беше во негови раце, тој прв агитираше за колективизирање на имотите, а потоа, кога се враќаа меѓите низ полето ги откупи најубавите ниви во селото. И не само тоа, се нервираше сега Беломорско Сонце, чурејќи со цигарата, туку ѕверот е сè полаком, ја приграби моќта преку месната заедница. Пак е главен во Горен Бовојзо. Ќе држи свечени говори, ќе ја преобразува котлинава. Што не го пушти песот да го раскине на крвави парчиња, се остреше Слав Плавески, заслепен од омраза. Пред очите му лебдеше слика од закопот на синот Јордана, тогаш жена му Благуна се онесвести, ѝ даваа блага вода, ја повраќаа во живот. Таа молеше да ја закопаат во истиот гроб со Јордана. Војводата ја фрли цигарата, кожата му се намовна, фати да удира со бастунот по корењето, како да ги бркаше спомените. А тој лиот Доран? Како смееше да ги продава овците сосе јагниња сè уште неодлачени? И тоа нему, на ѕверот, се јадосуваше Слав, виткајќи нова цигара. Сепак, вината не ја гледаше во господинот син туку во бившиот комесар. Божем тој го маѓоса да побегне од Бовојзо за да стане чиновник. Му продаде идеали, а го купи имотот, мислеше војводата. За него сè беше така едноставно и просто; наивните деца не треба да сркаат од иста ваганка со грабливиот ѕвер. Веќе сто години сојот на Плавевци го избегнуваше сојот на Дилевци токму за да не се пролева крвта, но ете, синовите ја погазија заклетвата. Слав беше убеден дека токму затоа и настрадаа. Што може да стори тој сега освен да го мрази комесарот од корен? Зар да ја откачи пушката по толку години и да го застрела? Или да му го препушти на песот, па така, ѕвер со ѕвер нека се пресметаат! Господ нека го казни, се повлече Беломорско Сонце од тие намери; доста му беа убивања во ропството. Тој одамна не испукал ни сачма во човек. Од торбата извади уште едно варено јајце, седна на сувиот корен и, додека го лупеше тажно гледаше во комесарот кој грицкаше сламка и соголуваше кора на една гранка. „Утре ќе се видам со Дорана! Ќе сакаш да му однесам некаква порака?“ праша Апостол со глас на виновник. „Да ти бега од сенката!“ воздивна Слав и му понуди на песот корка леб. „Ќе ти го донесам дома, па ќе седнеме тројцата да расправиме сè! Ако ја сфатиш вистината, ќе ти се разблажи лутината! Што сум јас виновен ако син ти решил да стане чиновник?“ извика Апостол потсилено. „Оди си за да не се покаеш!“ „Тој ќе ме испрашува за тебе!“ „Пред два дена се видовме!“ излажа Слав. „Како што сакаш!“ прифати Апостол со кренати рамена и фати да се повлекува надолу, кон долот. Тој ли ќе се плетка во туѓата мака, се тревожеше Слав, навален на долгиот, сув корен. Посебно го лутеше сознанието дека комесарот се меша во приватниот живот на Плавевци. Ваму ќе ја пикне главата, онаму ќе ја измолкне. Барем да го краси чесноста. Но тој е како некоја банка, се јадосуваше Слав, тој сака и душите да се во залог кај него, не само имотот. Зошто пред малку не го загна песот да му го раскине газот? Немаше да го заколе туку ќе го искасаше да полежи малку во некоја болница. Така Беломорско Сонце си го повраќаше ведриот дух и веќе потпивнуваше од канчето. Денот се преполови. „Ајде да си ја следиме нашата мака!“ му рече на шарениот пес кога стануваше. Наоколу беше мирно и тивко, ни врапче да првне, ни гуштер да шушне. Војводата се исплаши, ја стегна торбата под мишка, дома се враќаше по истиот пат. Ни орачите развикуваа, ни тракторот бревташе, а децата и јагнињата сè уште не пристигнале во ливаѓето. Меѓутоа, тој се изненади од акордите што допираа од мостот. Сопрво помисли дека водата шумоли и пее на својот долг пат кон морето. Брзо го препозна кларинетот на Узеир Алија што ја следеше песната на ѕидарите. Верно мостот е убав и корисен, независно од името што ќе го понесе, се убеди војводата. Нека го прослават со музика. Оној грабливец знае што прави, нему сите ќе му служат. Веројатно го реши проблемот со живата земја, претпоставуваше. Полека слезе до песочниот брег на реката и следеше како се товари бараката расклопена на четири дела. Во првиот камион беа талпите, во вториот се местеа ѕидарите. И војводата уживаше во звуците на кларинетистот како и во мелодичниот глас на Богоја кој пееше најгласно. „Какво мажиште си ти, колку убаво свириш! Зошто се делиш од групава?“ праша Апостол, удирајќи го Узеира по плеќите. „Дојди со нас, ќе ти плаќаме и за музиката!“ одушевено предложи Богоја. „Оставете го, премали се неговите деца!“ рече Иле Алески. „И жената е во прашање, признај!“ се засмеа Апостол Дилески. „Што не постапиш како нашиот комесар?“ извика Богоја. „Како?“ Узеир престана да свири. „Врзи ја жената за појас!“ одговори Богоја и со рака покажа кон евлите. „Па таа не е негова!“ се збуни Узеир Алија. „Кај пишува чија е? Ха, ха, ха!“ се веселеше Богоја и го поземаше шишето од кусиот возач. Овој почна да се вртка околу глембавото но примамливо тело на Киска Келешо, која со куфер во рацете му се доближуваше на мостот. Сопрво ѝ нудеше да ја смести во својата кабина, Богоја го предупреди да не се истрчува. „Ќе си седам до својот човек!“ одговори учителката, ни посрамена, ни збунета. „Како секоја пристојна жена!“ се надоврза Богоја со цинична насмевка. „Чумата да те нагази, колку ти е остар јазикот!“ промрморе Апостол, како да ѝ зборува на својата брада. Војводата ги следеше од меѓата и нервозно цупаше со бастунот по тревата. Учителката сега во неговите очи го изгуби сиот углед што ѝ преостануваше. Значи така, се тревожеше Славејко, Деспот боледува од неизлечива болест, а таа го напушта кога му е најпотребна. И децата ги остава на милоста од времето за да ужива со оној граблив ѕвер, простенка во себе и го погали својот верен пес. „Ако се решам да дојдам, каде ќе ве најдам?“ му се обрати Узеир на Богоја. „Комесаров ќе ти биде врската!“ одговори Богоја, пред да влезе во камионот. „Не разбирам!“ „Тој ќе биде и тука и таму!“ „Нека ве служи поголема Среќа!“ „Со песната ми ја растера болката! Дојди со нас, братучед, веќе свикнав на твојата свирка!“ навалуваше Богоја, со подадена глава под цирадата. Камионите одјурија преку мостот. Беломорско Сонце седна на еден бел камен и со растреперени раце виткаше цигара. Му падна жал за Узеир Алија кој долго се џареше во прашината на џадето, а потоа безволно го спастри кларинетот во футролата. Шарениот пес трчаше по врапче низ ливаѓето, матната вода бучеше во коритото. Полето како да оживеа; на воловите се замавнуваше, тракторот бревташе зад пченичните никавици. Војводата зачури од устата, со долг поглед ја ишета снежната планина и потоа му отиде во пресрет на ѕидарот. „Не си заборавил да свириш!“ го почна разговорот оддалеку. „Помниш како завивав на свадбата од син ти?“ „Како не! Не сум заборавил ништо! Му свиреше на син ми а потоа му ја презеде жената!“ „Но таа веќе беше вдовица!“ извика Узеир Алија. „Во право си! Вдовица! Не помислувај дека се лутам!“ „Не ми е грижа што ќе помислиш!“ „И дебелиот отиде со туѓа жена!“ рече Слав, загледан во далечините на прашината што се проретчуваше. „Го жалам него! Дома си остави златна домаќинка!“ кратко одговори Узеир. „Ах, таа и не знае што се случи овде!“ воздивна Слав. „Рака на срце, вие сте биле способни мајстори!“ си го одврза јазикот потоа. „Но оној што кашлаше не ќе стигне далеку!“ „Твојот зет? И тој бега од нешто, кутриот! Парите го полакомија, болеста ќе го покоси! Заборавил што значи топлиот родителски дом! Има нешто повредно од верна жена и воспитани деца?“ заврши Узеир Алија, како навиен часовник. „Убаво ме потсети на децата! Треба да си ја пречекам внуката!“ извика Слав Плавески. „Таа му е ќерка, но тој не ја дочека!“ мудруваше Узеир и веќе Илета го осудуваше. „Ти што ќе правиш сега?“ „Ќе си одам дома , горе в планина!“ одговори ѕидарот, тргнувајќи по џадето. „Не ти ветија ништо во рудникот?“ „Ништо! Да се пријавам во општинската управа и да чекам!“ „Печи ја варта и чекај!“ предложи Слав. „Друг избор не ми остана!“ „Ама тебе како да ти е жал што се раздели од другарите?“ запраша Слав, чекорејќи по него. „Да бидам искрен, за малку ќе се расплачев!“ призна Узеир Алија. Потоа Беломорско Сонце се интересираше за животот под снежната планина. „Снегот е длабок, овците сè уште се во трлата“ одговори сопатникот. „Денот е убав но пократок, само што ќе почне да се топи, снегот подмрзнува“, продолжи, загледан во измаглината. Многу куќи се испразнети, оџаците не чадат, волците како да намирисаа мрша, напаѓаат во глутници. Тој ќе мора сега да побрза, да си влезе во дворот пред залез на сонцето. Колку е умен и приврзан на семејство, му се восхитуваше војводата, слушајќи го како се исповеда. Особено го трогна грижата за децата, беше готов да го прегрне. „Што не слезеш во котлинава сосе фамилија? Ќе ти дадам место ако решиш да подигаш куќа!“ „Размислувам за селидба!“ призна Узеир. „Ќе ти помогнам колку што можам!“ продолжи војводата. „Со татко ти бевме како браќа, ни верата пречеше, ни годините! Од исти кладенци вода пиевме, исти гори шетавме, заеднички душман гоневме!“ се исповедаше и го викаше песот кој бодинаше низ ливаѓето. „Мене тој лик ми избледува во спомените!“ се пожали Узеир. „Господ е голем! Јас нема да го заборавам никогаш, тој ми го спаси животот! Ех, сиротиот, млад го убија! А го посетуваш гробот?“ се интересираше Слав. „Како што е редот!“ „Ти не си полош од татко ти!“ „Не знам! Луѓето брзо се менуваат!“ се насмевна Узеир. „А мојот син не се покажа со карактер!“ воздивна Слав, завидувајќи му на сопатникот. „Слушав за Дорана! Многу пие, така велат!“ Образите на Беломорско Сонце заприлегаа на нервозна маска, искреноста на планинецот веќе му пречеше. Што знае тој за пијанствата на синот Доран, стенкаше луто. „Ти како ги воспитуваш децата?“ праша со поголтнување на плунката. „Остро! Како вила во пресно сено!“ лаконски одговори Узеир Алија. „Пет усти ги чекаат твоите раце!“ „Затоа ќе побрзам, војводо! Сонцето веќе ги направи големите сенки!“ „Би ти ја дал куќата, ако решиш да се преселиш кај мене!“ најпосле се осмели Беломорско Сонце. „Само тоа не може да се случи!“ „Дворот е голем!“ „Мојата жена ќе се споулави во таа куќа!“ Џадето сега беше оградено со високи тополи што продолжуваа во недоглед. Пресретнаа четири колски запреги со ќумур и дрвени алати наменети за претстојната жетва. Рудничкиот џип ги испраши, а потоа се разминаа и со грбавиот орач со двете преморени волиња, кој се враќаше од најблиското село. Најпосле ги престигна и коњската запрега што ја поврзуваше железничката станица со населбите во Горен Бовојзо. Меѓу патниците војводата ја здогледа Илина Алеска, својата внука, единствениот пород на оној Иле што кашлаше. Возачот застана за да ги прибере двајцата од џадето. „Моето распаќе е близу, зошто да ви одземам време!“ се правдаше Узеир, но потоа седна на колата. Илина Алеска му се насмевнуваше на својот дедо, задоволна дека се враќа дома. Овој го рашири дебелото палто преку нејзините рамена и ја погали по румените образи. Така немо го поднесоа труцкањето на колата до првото распаќе, а потоа се разделија од другите патници. Квечерината беше необично пријатна; возачот не сакаше да им земе пари. Беломорско Сонце му повтори на Узеир Алија дека старата куќа ќе биде секогаш отворена за него. Илина чекореше мачно, прикрепувана од една дрвена стака и од својот дедо. Скршената нога што заздравуваше под гипсот сè уште ја приболуваше. „Како може да боли зарастената коска?“ се чудеше Слав, помагајќи ѝ на внуката. „Ете така, никогаш не престана да ме клука!“ се обиде да се насмевне Илина, со грч на образите. „Им се пожали на лекарите?“ „На двапати го менуваа гипсот! И тие се трудеа да ми го најдат чарето!“ „Сега што ќе правиме?“ „Ќе чекаме!“ „Не смееле да те испуштат од болница!“ се лутеше војводата. „Девет дена како девет години! Тежок е болничкиот живот!“ офна девојката. „Многу те боли?“ „Колку што ме тишти, уште повеќе ме плаши! Како да скапува месото околу коската!“ одговори Илина. Газејќи по нерамната калдрма таа се измачуваше. Војводата ја позеде кожената торба со подароци за домашните. Песот се војваше ту понапред ту поназад, го душкаше гипсот и сакаше да ја лиже ногата. Илина нервозно ги гризеше дебелите усни и покроце го освојуваше нерамниот пат. На Беломорско Сонце му се пристори дека в болница ослабела и остарела затоа што многу пропатила. Толку години растеше како сираче, додуша со маштеа, беше убава и весела, но одеднаш, за девет дена созреала како вистинска жена. Тој се чувствуваше виновен поради нејзините страдања; таа ја скрши ногата додека пренесуваше вода за неговата свеченост во старата зграда на училиштето. Сега му се плачеше. „За малку се разминавте со татка ти!“ ѝ рече, милувајќи ја по косата. „Се видовме на железничката станица! Пред малку бевме заедно!“ извика девојката. „Го советував да не оди, тој не слуша!“ „Долго ја влече кашлицата!“ воздивна Илина Алеска. „Не можеше ти да го вратиш назад?“ „Ех, таква му е работата!“ одговори Илина, со уште потешка воздишка. „Да беше мајка ти жива тој не ќе се испустеше! Ја паметиш мајка ти?“ праша Слав Плавески, со тага присетувајќи се на својата ќерка. “Како не! Таа ме учеше да готвам!“ се насмевна Илина, со преѓешниот грч на образите. „Уште боли ногата?“ „Тлее како да скапува!“ „Што ќе правиме ако не престане?“ „Или јас ќе ја победам болката, или таа ќе ме совлада мене!“ се обиде да се шегува Илина Алеска. „Иста си како мајка ти!“ „Да те прашам нешто, дедо! Те посетуваше Деница во мое отсуство?“ подзастана Илина пред едно раскалено вирче. „Не само што ме посетуваше туку и ми готвеше! Како тебе, пред да ја скршиш ногата!“ одговори Беломорско Сонце. „Срце од друшка! Затоа ѝ купив подарок! Така се договоривме, без ручек да не останеш!“ „И јас презедов некои чекори за татко ѝ!“ не издржа војводата. Камбаната ѕвонеше, Слав подзастана да се прекрсти, тоа го повтори и Илина. Од ридиштата се зададоа некои говеда, недонапасени, разбегани, мукаа и кошкаа. Веќе настапуваше студената квечерина, задуваа полски ветрови, орачите брзаа дома. На следната кривина ги пресретна и ветеринарот Данило, мотоциклот чадеше како да гори. „Ги напаси овците?“ провоцираше Данило, веројатно под дејство на алкохол, стегајќи го педалот за да бучи моторот. „Не е здрава тревата!“ одговори Слав Плавески, а шарениот пес залаја и се загна по ветеринарот. „Ха, ха, ха, сега тревата е највкусна! Зелена, негазена, чиста!“ „Моите овци не ја пасат, ги потсетува на измет! И млекото потоа смрди!“ „Дојди кај нас да го пробаш, ќе се увериш дека е многу вкусно! Ха, ха, ха!“ Данило одјури, песот долго трчаше по мотоциклот. „Куче арамиско! Да бев помлад ќе ти го испиев мајчиното млеко! И тебе и на сојот твој!“ се закани Беломорско Сонце, замавнувајќи со бастунот, но Данило веќе беше далеку. „Заборави на него, дедо!“ советуваше Илина, мошне возбудена од настанот. „Вчера ме канеше дома за да ја видам Сидора, денес пак ме навреди! Кучкин сој!“ простенка Слав. „Како е тетка Сидора? Знаеш дека ја сонував?“ „И челично здравје да имаше, тој ќе ѝ го уништеше!“ одговори војводата срдито. „ Што очи бара татко ти да сади тикви со тие ѓаволи?“ „Бега од нивите, не сака да одгледува тутун!“ погоди Илина Алеска. „Колку суво кашлаше!“ „Ќе собере пари за моето школување, потоа ќе си лежи дома!“ рече Илина, не верувајќи им на зборовите. „Лошо му е здравјето, уште полошо друштвото!“ „Само уште овојпат!“ објасни Илина, пред портите на својот дом. „Ќе влезеш малку кај нас?“ молеше. „Не смеам, чедо! Што ќе рече маштеата?“ Колку е бистра внукава, си мислеше Слав Плавески потоа, додека се искачуваше по сокачето. Ако решила да се школува не мора Иле Алески да го жртвува здравјето. Ќе најде дедо ѝ колку што треба, си веќаваше патем. Тој би нашол приходи за сите растурени семејства кога би можел повторно да ги усреќи. Само тој знаеше за очајот на самечкиот живот. Ете и вечерва ќе гувее крај разгореното огниште како некој слеп ут, ниту ќе му се јаде, ниту ќе му се пие. Така се јадосуваше додека ја затвори портата зад себе, додека го запали кандилото. Меѓутоа, нешто го стресе по телото, се исплаши, фати да шета по собите. Куќата беше чиста, спастрена, на масичето ја најде вечерата. И стомната беше наполнета со пресна бунарска вода. Го спотна огнот, стави чај во лонецот и се навали во креветот. И чергата мирисаше пријатно, сè беше проветрено. Колку чуден ден во неговиот живот, си мислеше, загледан во гламјите што искреа. Многу работи останаа нејасни околу мостот што требаше да го понесе неговото име. Зошто да се претерува со фалење на неговите дела против царските душмани, што беа постари од педесет години? Беломорско Сонце си поставуваше и други прашања; дали е човечки вечерва да го посети учителот Деспот Келешо, да извади неколку златни лири од долапите и да си ги поврати овците, да намине ли на чаша муабет кај болниот сосед Алабак, најпосле, дали нема да го сфатат лошо ако потропа на вратата од попот? Пак остана да бдее сè до првите петли. Заспа без да сфати што се случува во неговиот дом, но овојпат спиеше мирно и долго. Сега беше сигурен дека некој во близина мисли на него; ако не се разбуди, неговата внука ќе го пронајде и ќе го изведе обредот што следува. ГЛАВА ШЕСТА До пладне врнеше дожд, орачите не излегоа во полето. И овците брзо се вратија од испаша, додека овчарите го колнеа времето што ги искваси. Горе на рудникот пак заснежи но машините работеа без прекин, а рударите копаа во јамите. Долу во школото се изведуваше редовна настава. Камбаната еднаш заклепа и потона во тишина. Повремено мукаа кравите во кералите, лаеја кучиња по сокаците. Дождот ромонеше и создаваше влажна магличка само неколку педи над земјата. Една коњска запрега излезе од авлијата на Дилевци и тракајќи по макадамот отиде кон мостот. Брзо се расчу дека е на умирање Сидора, жената на ветеринарот Данило. Тој сакал да ја качи на мотоциклот и за час да ја пренесе в болница, но домашните му советувале да го впрегне белиот коњ. „Не поднесувам бучење, од уплав ќе приумрам!“ се пожалила и самата. „И вака си готова!“ додал мажот, поднапиен од самоти утро. Ја избањале во бурето, ѝ го облекле свеченото руво, со дикат ја седнале во колата. Таа сè уште раздавала совети за полските и за домашните работи. „Леќата е зад амбарот!“ ѝ шепнала на јатрвата Деса. „Добро мори сестро, ќе се снајдеме за неколку дена! Здрава да ни се вратиш!“ блосоела оваа, ставајќи ѝ кожувче преку колената. „Кокарот да не заборавите да го посадите!“ додала Сидора на заминување. „Не садиме ништо без тебе! Уште колку дождови ќе се истурат до Благовештение!“ ја тешела Деса, но сите виделе дека плаче. „Децата да ми ги капеш секој петок!“ извикала Сидора од сокакот. Јатрвата ветила сè и на тој дожд ја одврзала шамијата од глава. Сега Данило веќе брзаше преку новиот мост, стегајќи ја со десната рака уздата, а пак со левата покревајќи го црвеното веленце над главата од болната жена. „Да не ти студи, Сидо?“ ја праша на свиокот, кога виде како ветрот го растерува дождот. „Зошто не ме остави да си умрам дома?“ офна жената од под шамијата. „Што зборуваш така? Кому ќе му ги препуштиш децата?“ ја укори Данило. „Отвори ги очите кога ќе се преженуваш! Ќе прокопсаш ако не доведеш работлива домаќинка!“ тивко воздивнуваше Сидора, загледана во маглите над угарите. „Аман не тормози ме, ќе ме натераш да се опијам!“ се закани Данило. „Ќе ми исполниш една молба?“ праша жената, малку погласно. „Ако е за преженување не доаѓа предвид!“ лицемерно се врекна мажот. „Да му го вратиш лозјето на војводата!“ предложи Сидора, со длабока и болна воздишка. „Зошто да му го вратам?“ се вознемири Данило. „За да не се превртувам во гробот! Доран беше пијан кога го продаваше лозјето!“ одговори Сидора и ја свена главата на рамената. „Не можам да ти ја исполнам таа желба! Што ќе рече брат ми Апостол?“ се правдаше Данило. Ја постегна кожената капа околу ушите, го бодна коњот и малку потоа, искиснат до кожата, ги здогледа црните вагони на пругата. До пладне возот ќе стигне пред болницата, претпоставуваше Данило, но ако мора тој да остане со жената, кој ќе ја врати запрегата дома? Го тиштеа коските на рацете и нозете, му се чинеше дека сето поле скапува во таа маглеста влага. Сидора му стави трн во ногата, веќе не можеше да се ослободи од нејзината молба за враќање на лозјето. Војводата се расони од ветрот што фучеше низ оџакот. Како да плачат деца во гората, помисли сопрво. Огнот беше згаснат и пузата оладена, во куќата веќе студеше. Наметна едно парталаво кожувче врз ленената кошула, излезе во тремот да натрупи дрва. И песот скокна од сеницата, на крзното му се начичкала сламата во која се излежувал. Квичеше поради дождот што ромонеше и ги душкаше опинците на господарот. Него го тиштеа рамената и колената но сепак ги сечеше трупците во добро расположение. Одамна не спиел така мирно како ноќеска, ослободен од стравот дека не ќе се разбуди. И куќата што се ронеше однадвор сега внатре беше чиста и проветрена та мошне го привлекуваше. „Што е? Зошто квичиш? Не ти се бендисува ова кучешко време?“ го праша шарениот другар со тврд подбив и го пушти дома, крај огништето што го спотнуваше. Се поврати до кокошарникот, им фрли на живината пченка од тасот. „Гувеете како невести!“ им се обрати на двете најстари кокошки. Беше исполнет со некое чудно задоволство, но ќе се чувствуваше уште посреќен да најдеше соговорник. Водата му го наполни вратот додека стоеше пред овчарникот и свињарникот. Да му се овците и јагнињата тука сега ќе се топореше како вистински домаќин. Меѓутоа, наскоро ќе купи едно прасе што ќе му квичи до крајот на есенските пости, потоа ќе си ги омрси прстите, се тешеше, брзајќи под стреата. Ако се врати Доран и бочвата ќе ја наполнат со вино што ќе ги топли во долгата зима. Ги крена цепените дрва и побрза кон вратата, пак се поврати; коза блееше во гумното на Алабакот. Се промува околу растурената авлија, го викна песот и му нареди да лежи во плевната. Сопрво провери дали невремето направило штета на кошарите со пчели под багремот, потоа од басамакот се загледа кон рудникот што белееше под лапавицата. „Хи, хи, хи, рударите се плашат од волци!“ фати да се кикоти. И кога дуваше во огнот не можеше да се ослободи од смеата што му ги исполни градите. Оџакот не го повлекуваше чадот, пламенот се гаснеше. Беломорско Сонце дуваше во гламјите и се кикотеше како луд, ги триеше очите што му ги насолзи чадот. Најпосле фиукањето на ветрот спласна, црвените жарови ги засилија жолтите јазици, одајата се затопли. Уште на двапати слушна блеење на коза што го натера да размислува, меѓутоа, расположението не му се измени. Што ќе му е на Алабакот коза кога има крава, се прашуваше полунасмевнат. Сака да пие најздраво млеко, помисли најпосле и фати да си готви појадок. Да се постави чајникот, да се принесе грнето во кое ќе крчка гравот за ручек, додека се меси лебот да се стокми и вршникот. Тие работи порано ги вршеше Благуна, бог да ја прости; војводата се присети дека таа лебот го печеше како со душа. И гравот го вареше како манастирски, воздивна потоа, барајќи го ѓумот за да ги исплакне рацете и очите. Така ги приврши обврските со храната и, додека чекаше тестото малку да покисне, реши да го пререди ковчегот на Благуна. Ќе ги затресе клашенците и кошулите, сета нејзина руба ќе ја проветри и пак ќе ја здипли; да не мувлоса, да не пропадне, да не смрди. Сношти ги прегледа собите на децата но сега пак ќе ѕирне таму, да не продрела влага до нивните аливца. На враќање ќе ја забрише пушката, ќе ја издува камата, реденикот ќе го погали како да му е другар. На Слав Плавески денес му се вратија спомените, руменило му ги покри брчките на челото, му се подобри здравјето. Какви премрежиња останаа зад него, во ропството и потоа, сè до загинувањето на синот и по него ќерката, сè до умирачката на жената. Тој е жив сведок и учесник во големи настани, не само за котлината Бовојзо туку и пошироко, мора да им раскажува на младите поколенија во школото; за поразот на надмоќните царски војски, за саможртвата на другарите на бојното поле со силни, непријателски лагери, за времињата со болести и помор. Ја затресе главата, му беше криво дека им откажа на учителите. Денов е како роден за спомени, штом ќе го испече лебот под вршникот, ќе оди кај учениците, се завета најпосле. Откако ја подготви црепната за сомунот, Беломорско Сонце излезе во гумното да нацепи уште дрва. Му се причини дека врнежите спласнуваат. Од облачното небо сè уште капеше, но под рудникот веќе шеташе сињакот, а на гумното претаа кокошките. И песот го тресеше крзното крај стожерот, додека во дворот на соседот Гаврил 'ржеше коњот. Тестото за лебот ќе кисне уште долго време, си рече Слав, кревајќи го резето на портата, сега би можел да направи некоја посета. Да оди во куќата на попот му се чинеше неразумно; учителот Деспот сигурно е на работа во школото. Избираше патека со помалку кал и размислуваше за својата внука; дали се смириле болките во ногата, дали ќе може да ја продолжи наставата. Коњот за'ржа уште посилно, а се огласија и двете лути кучиња. „Тука си, домаќине?“ праша Слав, виткајќи ја цигарата. „Не плаши се, тие лаат ама не касаат!“ одговори жената под тремот и ги искара кучињата. „Каде ти е домаќинот?!“ „Не знам каде се витоса, цело утро се јадосува, коњот ќе си го убие! Што не видиш горе в пондила!“ предложи најпосле забрадената жена, одмивајќи садови во стара кофа. Прикрепуван од бастунот, војводата се искачи по угорницата. Кучињата џамкаа по него, тој не им се плашеше. Добро е што не го поведе својот пес, си мислеше, потсетувајќи се на последната караница. Во коријата секаа многу слаби ровји, но маглата таму покриваше сè. Нови дождови Слав не очекуваше иако небото капеше по малку. Дворот на Гаврила беше полн со добиток; свињите гровтаа во свињарникот, овците се војваа во трлото, две телиња потскокнуваа под сеницата. Слав прво се радуваше но потоа многу се нажали. „Што му требаше на овој дожд?“ „Оди сега орај, да те видам!“ „Ни да стапнеш не можеш во полено!“ „И јас така мислам! Нема да орам, само ќе го истурам ова пондилско ѓубре крај нивата и ќе му ја ставам зобницата на коњов! Многу е лош утрово!“ се пожали соседот, ја забуца вилата во ѓубрето и го поведе животното. „Гледај да не заглавиш во калта!“ посоветува Слав, додека ја виткаше цигарата. „Млад е коњов, не ме оставил досега на цедило!“ „Дека е расквасено!“ „А ти да не дојде на поседување?“ се заврте Гаврил кон војводата и ја позапре колата. „Оди дома почекај ме, часкум ќе се вратам! Ако сакаш речи ѝ на жена ми да ти стопли ракија! Тука се и децата! Влези дома, ако си за поседување!“ „И мене работа ме чека!“ фати да се правда Слав, иако ваму дојде со подруги намери. „Имав ниет да те прашам дали ќе направиш себап да ми ја изораш градината! Барем уште оваа пролет!“ „Зар се плашеше да не те заборавам! Нека се постопли времето и сè ќе изораме! Зошто сме први соседи?“ „Господ да ти ја умножи сермијата!“ „Значи ти не дојде за поседување?“ „Не! Веќе коските ми загноија од лежење!“ „Ќе си поседевме крај огништето, одамна не си ми прикажувал за Сулејман Крвникот! Некни ја сварив комината, ракијата е како мискоина, прави венче околу чашата! Но ќе ти донесам за да пробаш!“ заврши Гаврил и набрзо исчезна сосе колата. Војводата сега размислуваше дали да го фати патот за нагоре, кон магливата корија, или да се врати дома. Некои страчки крескаа во долот зад плевните, се огласи и ловечка пушка во ридиштата. Јагнињата зад плотот блекаа како да плачат, Беломорско Сонце се навали да ги види. Се вџаси од возбуда, цигарата му падна од устата. Значи така, му проструи во умот, господинот син не продал сè во куќата на Дилевци? Проклетиот распродавал во повеќе куќи! Овде ги оставил јагнињата, додека овците ги втерал во трлото на комесарот! Воздивна како болен, погледна во матното небо, барајќи го својот бог, не знаеше кој пат да го фати. Најпосле му текна за тестото од кое требаше да испече сомун и реши да побрза дома. „Имаш абер од синот?“ праша сосетката преку отворениот прозорец на кој висеше едно мрсулаво дете. „Господ да му плати!“ одговори Слав, бркајќи ги кучињата што подлајуваа. „Така си е тоа! И јас цело утро го терам овега да си го измие носот!“ „Отров да си купи со парите!“ „Уште радост ќе ти донесе тој, не греши душа!“ Додека го чекаше лебот што се зореше под вршникот, војводата шмркаше од чајот без шеќер. Навлажените цепаници пукаа во огништето и потоа фрлаа искри на земјениот под. Во куќата пак беше нечисто и растурено, а воздухот мирисаше на мувла. Се испаруваше и гравот што вриеше во грнето. Иако потиштен, Слав не се откажа од намерата да го посети училиштето и дури подоцна, кон пладнина да се врати за ручек. Ќе ѝ шепне на Деница Николова да не готви за денес ништо, ќе ја покани на манастирски грав. Се облекуваше за излегување но тогаш песот залаја пред портата и брзо заквиче понизно, како да се работеше за гостин што го препозна. „Спиеш, домаќине?“ извика глас од тремот. „Пеколот слегол на земја!“ се насмевна Слав Плавески, откако го препозна гласот на попот Никола Николов. „Што зијан ти сторив да ме праќаш таму?“ попот му ја подаде десната рака, а со левата го закачи чадорот на еден 'рѓосан клин. „Како плашило те направиле! Толку е лошо во занданата? Изгледаш како постар од мене, а јас му бев врсник на татко ти! Господ е голем штом те донесе дома! Оние Дилевци спомнуваа уште пет години! Нема да се враќаш назад?“ се шегуваше Слав, покажувајќи му го триножникот. „Доста ќе е за моиве пеглани коски! Одлежав колку што треба, сега да си го врзам јазикот зашто црното секогаш може да испадне поцрно!“ заврши Никола, седнувајќи спроти огнот. „Почекај да го извадам лебот од под вршник! Ах, колку се радувам, пријателе! Некаде во куќава чувам ракија, ама како да ја најдам сега? Со кој ум да се послужам?“ извика Слав отворајќи ја црепната. „Си понесов ракија во џебот, војводо, знам дека ти не ја трошиш! И леб ти испрати попаѓата! И сирење! Не изгледа убаво, ама е вкусно! Ќе пробаш?“ Никола му ја подаде платнената торба и закашла. „Патем настинав!“ се пожали. „Не си морал да носиш леб!“ промрморе Слав. „Со товар да носам, стара коско, пак не ќе ти се оддолжам! Ти ми ја одгледа фамилијата додека јас ги менував затворите!“ воздивна попот. „Е, немој да претеруваш!“ „Добрината не се заборава!“ „Зошто лежеше овојпат, жити бога?“ „За магарешки јазик, јас сум ајван што рика!“ „Не ми се верува!“ „Знаеш дека ме затвораа во сите режими досега!“ „И сега тепаат многу?“ „Колку што треба! Можеш да се присетиш на оној Сулејман што ја пустошеше нашава котлина? Секогаш јаваше на црн коњ, ти текнува?“ „Па јас го убив!“ извика Беломорско Сонце, прифаќајќи го пагурот што му го нудеше попот. „Тој беше сесилен зулумџија!“ додаде, бришејќи ги усните со ракавот. „Ех, изумив! Така беше! Ти го уби Сулејман, таткото, ама неговиот син Рамадан сега ми беше чувар во занданата!“ Никола си го поврати пагурот и ја благослови ракијата. „Го познавам и Рамадана!“ излажа Слав. „Сè уште не заминал во пензија?“ „Тој е главен на чуварите! Доцна стапил во државна служба, му недостига стаж! Не верувам дека ќе се повлече брзо! Само да го видиш со какво уживање ја извршува службата!“ се вознесе попот во приказната. „Не се роди во нашиов крај?“ „Се роди! Тука во Долен Бовојзо, еден рид потаму, откако ќе го поминеш мостот!“ „Па добро, попе, татко му беше лош, царски човек, морав да го убијам! Да не мислиш ти дека Рамадан ќе сака да се одмаздува?“ праша Слав, присетувајќи се на минатото. „Ни збор за такво нешто!“ „А што сакаше да кажеш, попе? Те затворале во сите режими досега, добро, мислам дека и кожата ти ја дереа! Но што ти значи ова со Рамадана? Дека те чувал Рамадан, синот на Сулејман, така?“ Беломорско Сонце почна да се лути, скрши крајче од погачата, излезе да му го фрли на песот, брзо се врати. „Во староста умот попушта, можеби те навредив!“ се правдаше Никола и цицаше од пагурот. „И да згрешиш, кусур не ти земам!“ помирливо рече Слав. „Мислата ми беше во нешто друго, војводо! Татко ми проплаче од Сулејмана, а пак мене Рамадан ми ги размести сите коски! Погледни што ми стори на вилициве!“ извика Никола, покажувајќи ја штрбата уста со неколку заба. „Малку е тоа за тебе!“ продолжи да се шегува Слав. „Затоа те потсетив!“ „Што мораше да го мешаш тоа?“ „Ти Сулејмана го уби од заседа, така беше? А пред да настрада тој јаваше на црн коњ? Сега ти текнува?“ инсистираше попот. „Барем да му го земев коњот!“ „Ама остави го коњот, гледај во мојава уста!“ „Веќе не си млад, ти паднале забите, хи, хи, хи!“ „Чуварот ги искрши, верувај!“ „Сами паднале! Еве и јас нема со што да џвакам! Забарот сè уште не ми ги донесе новите вилици! Хи, хи, хи!“ „Умот ти го испиле чавките!“ „Што умот? Што чавките? Никола, ајде да есапиме по твојата света памет! Можам ли јас да одговарам за постапките на оној мој син што распродава сè за да се напие? Што ги мешаш Рамадан и Сулејман?“ извика Слав Плавески, подметнувајќи две цепаници во огнот. „Тешко ќе се разбереме ние!“ се пожали Никола Николов. „Сакаш да кажеш дека те претепа синот на Крвникот? Тоа го мислеше?“ „Не баш тоа! Но ти веќе го спомна Крвникот! А зошто го нарековте така?“ „Кого, Сулејмана? Уште и прашуваш! Каде што ќе поминеше тој крв пролеваше!“ се почеша Слав по слабините и фати да витка цигара. „Значи така, крв пролеваше!“ навалуваше попот. „Па затоа и го убив Сулејмана Крвникот! Тој беше осуден од наш суд!“ „Ама го помнам, иако бев мал. Ќе дојдеше во дворот на црквата Света Пречиста и ќе те бараше тебе! Не сум заборавил! Пред да загине тој јаваше на црн коњ!“ „Верно така беше, татко ти ме криеше во оние долапи!“ се присети Беломорско Сонце. „И мене тој ме тормозеше, војводо! Уште како дете снагата ми проплаче од неговиот камшик! Ме тепаше и со кундакот и со рацете и со нозете! А на татка и маста му ја исцеди!“ заврши Никола, возбудено. „Лесна му земја, сè издржа! Но да не речеш сега дека јас не го заштитував? Колку што можев, мојата глава беше уценета!“ „Оттогаш мина еден човечки век, нели?“ „Треба да се педесет години зад нас!“ прифати војводата со недоумица. „Ама јас не заборавив на Сулејмана Крвникот! Многу душмански удираше!“ се наежи попот, отпивајќи ракија. „Па затоа јас му пресудив! Што ти е виновен сега Рамадан?“ „Тој ми ги скрши забиве, војводо! Од толку тепање на татко ми не му стана ништо, ама еве што остана од моите вилици!“ „Синот удира посилно од таткото?“ „И посилно и постручно!“ „Сакаш да го убијам Рамадана?“ „Ах, не, тој е вооружан!“ „Таква му е службата!“ тивко рече Слав. „Најдобриот чувар во затворот! Затоа е главен, спие таму!“ „И татко му беше силен борец! Три куршуми не го покосија, на четвртиот падна!“ „Рамадан беше дете, тој е уште помлад од мене, не се сеќава на тој настан! Роднините му раскажувале стопати, арно ама, тој не го помни својот татко! Единствено му ја зачувале сабјата, колку за спомен!“ „Од каде пак ти го дозна тоа?“ се збуни војводата. „Самиот ми призна! Нели тој растеше во Долен Бовојзо? Па така, во едно врнежливо попладне, како сега што е расквасено, ми пристапи Рамадан, таму во занданата, и фати да ме распрашува за родниот крај. Колку му се бендисал дрворедот со тополи крај џадето! На мостот што го срушија му ја познаваше секоја гнила талпа! Така бистро раскажуваше, како водана на изворот!“ „Мостот го носи името на татко му, тука паднаа многу глави! А зад мостот беше распослан нивниот чифлиг!“ додаде Беломорско Сонце, за да го забрза раскажувањето. „Колку го фали кладенецот!“ „Крвта негова, да не тагува по минатото?“ „Не ми се верува! Рака на срце, војводо, тој не е лош!“ „Гнасна е службата што ја одбрал!“ „Но тој си работи по законот! Ни повеќе, ни помалку! Кога ќе го запознаеш има да го засакаш!“ „Да го засакам!?“ „Токму така, ќе ти се допадне! И јас го мразев првите денови, потоа станавме пријатели!“ „Да не праша и за мене?“ „Не! А ќе ми веруваш ако ти кажам дека го поканив на гости?“ фати да се кикоти попот со штрбата уста и пак ја благослови ракијата. „Да ти биде гостин?“ се зачуди Слав Плавески. „Не сега, наесен!“ „Хи, хи, хи! Колку ти е поубава насмевката со празна уста!“ Слав го крена пагурот, но кожата му се намовна од некој чуден, внатрешен страв. „Каде си видел здрави заби на мојава возраст? Ако не ги исчукаше чуварот сами ќе паднеа!“ „Бог е голем, ти дал утеха!“ „Јас не дојдов кај тебе по утеха, туку по работа! Ракијава ни ја отвори таа будалска тема со занданите! Долг ми е јазикот, попаѓата истото ми го вели!“ „Одмори се малку, не мисли на работа!“ „Се сеќаваш на чезата во која ги шетав црквите и манастирите?“ „Јас ти ја поправав!“ „Не си го заборавил ни белиот коњ во моине пондила?“ „И тој веќе остаре, нема заби!“ „Во чезата се квачат пилиња, целата е испосрана! Што би правел со неа? Власта не ќе ми одобри верска служба бар уште неколку години! Па така, чезата не може да ми го вади лебот, но коњот сè уште не е за фрлање!“ се исповедаше попот, бришејќи ја потта од под мантијата. „Ќе го продаваш?“ „Чувај боже, не се делам од него! Сакаш да чуеш што сум наумил? Решив да одгледувам тутун и него да го користам за теглење!“ „Не се исплатува тутунот!“ „Голем избор немам, самиот гледаш! Попаѓата си остана госпоѓа, нема да си ги валка рацете, но обете ќерки ми се златни, ќе береме тутун, ќе го нижеме и ќе го сушиме! Штом го скалапиме можеме и да го продадеме! Од нешто мора да се живее! Подоцна ќе видам што ќе направам, му се молам на бога да истера правда и за мене, да ми се врати црквата!“ разложно се исповедаше попот Никола, бришејќи го челото со ракавот од мантијата. „Пробај, твоите ќерки нема да се пожалат!“ „Треба да се збира и за чеизот!“ „Многу ти е убава Деница, машала, стасала за мажење!“ „Што ќе ѝ е толкава убавина? Жал ми е за неа! Ние поповите велиме дека најубавите круши свињите ги јадат! Но со тутунот таа ќе се зафати!“ „А си држел плуг во рацете?“ „Никогаш! Затоа барам и ти да помогнеш во орањето, колку што можеш, војводо! Како некогаш, кога бевме помлади! Ако те служи здравјето, ако сакаш да се бербатиш во браздите! Јас да орам не умеам! Додека ти го држеше плугот, јас го нишав кадилникот! Ех, кој се надеваше на ова!“ воздивна попот. „Твоите ниви се на плодна земја, лесно се ораат! Како да ти кажам дека немам сили, грев ми е да те одбијам!“ „Ќе седнуваме на секоја бразда, ќе ни биде и весело! Ти ќе го држиш плугот, јас ќе го водам коњот! Ха, ха, ха, ќе ти пеам од оние песни за тебе, дека сабја не те сече, дека куршум не те дупи! Попаѓата ќе носи ужина! Штом го посадиме тутунот, војводо, врати се во ладовина, кај песот! Важи?“ „Кога сум те одбил? Кажи ми сега, жити господ, во која година се родив? Книгите од црквата Света Пречиста ги знаеш наизуст!“ Слав Плавески му го подаде пагурот за разделба. „А што ќе ти е вистината за твоите години?“ „Така! Сакам да знам дали верно наполнив осумдесет години! Дали го заслужив орденот?“ „Мислам дека си постар! Ќе видам па ќе ти кажам!“ „Доцна се оженив!“ „И мене ќерките ми се дар на староста! А попаѓата е нешто друго!“ „Што е со попаѓата, да не е болна?“ „На стари години не е лесно со млада жена! Понекогаш в затвор ти завидував на самечкиот живот! Кај друмот таму и умот!“ „Остана ракија?“ „Празно е шишево, ќе го вратам дома! Пијам како некој смок!“ „Да го пробаш гравот со топла погача?“ „Прв ден ми е дома, ме чекаат за ручек!“ „Поседи уште малку, надвор дождот истура како од крбли!“ „Слушам, но морам да одам! Да не се готви поплава?“ Никола Николов веќе стана од триножникот и го побара чадорот. „Деница не треба да готви денес!“ „Ќе ѝ кажам! Гледам дека си наумил да скиташ по горите како во младоста! Да не си ја завееш трагата? Ќе одиш на мостот?“ „Што знаеш ти за мостот?“ „Пишуваше во некој весник, читав во затворот!“ „Учи ме сега како да ѝ се оддолжам на Деница?“ „Ќе ми платиш мене со орањето!“ „Да не се тормози девојката?“ „Нека учи домаќински работи!“ „Што му стана на времето? Како ќе го минеш долот?“ „Мрак и вода, вечно проклетство! Ќе се исподавиме, војводо, не се гледа ништо пред очи! Целиов сокак е како поројница, полено ќе стане како езеро!“ мрмореше Никола додека брзаше под стреите што истураа дожд. „Ти би сакал да ораме, хи, хи, хи!“ „Милостив е господ, ќе ни го врати сонцето!“ „Ни в затвор умот не ти дошол!“ извика Беломорско Сонце, го прибра шарениот пес дома и го поспотна огнот. Околу пладне, кога се отвори сино парче на небото, кога престанаа ровјите, тој влезе низ главната врата на училиштето. Не се сеќаваше како го прифатија учителите; една чистачка посака да му баци рака. Осмото одделение ја изучуваше географијата на Австралија, меѓутоа, во чест на војводата Беломорско Сонце, наставата продолжи со Турција од времето кога беше империја. Збунет како малолетник Слав полека ги отвораше и душата и срцето; ѝ се насмевна на Деница Николова и фати да раскажува за големите зулуми на Сулејман Крвникот. Учителот Бале Колар запиша речиси сè, како секогаш кога ќе му се укажеше прилика. Денот на војводата му заврши во убаво расположение. Дождот и натаму врнеше со прекини, рудината пак доби тенка, бела покривка. Него коските го вртеа како да загнојуваат, но го храбреше некоја чудна, внатрешна среќа посилна од сè. Генерациите не го заборавиле, се тешеше во мислите, не е исклучено подоцна да му подигнат и паметник. Дали го раскажа убедливо она за саможртвата на другарите? Зошто некои ученици го гледаа напорки? Па неговите соборци се убиваа дури со последниот куршум, само тогаш кога ќе западнеа во безизлез. Тие војуваа против царска војска, бројно надмоќна, наоружана и крволочна, често победуваа, но понекогаш, за да не паднат во раце без милост, си ги одземаа животите. Народот ги спомнува во песните, таму е запишано дека јунакот падна ама знамето не падна. За миг, на Беломорско Сонце расположението како да му се помати од тие урокливи очи на двајца ученици што седеа во иста клупа. Зошто го гледаа со толкав презир и омраза? Сопрво мислеше дека се од лозата на Дилевци, му падна криво оти стогодишното непријателство им се остава на младите во наследство. Тој веќе немаше внуци, ако ја изземеше Илина Алеска, па се плашеше да не му угине лозата во толкава омраза. Кои се двајцата незадоволни ученици, какво зло им нанел тој, се прашуваше. Да не е виновен само затоа што останал жив додека неговите другари си ги одзеле животите или биле убиени? Како да им објасни сега дека него храброста не го издала никогаш, дека ѕвездата му светела секогаш, та не паднал во искушение за саможртва? Тој е обичен народен војвода и горски началник кој останал жив за да посведочи. Она што се пее во песните дека него куршум не го дупи, сабја не го сече, е измислено за да им го крева моралот на слабите. И додека се измачуваше така, излегувајќи од главната врата на училиштето, на војводата му пристапи Тале Дилески и му се фрли во прегратка. Што значи пак ова, се прашуваше Беломорско Сонце, милувајќи го момчакот по русата коса. Судејќи по ова, непријателството меѓу лозите на Плавевци и Дилевци нема да се префрли на младите поколенија. Зошто тоа не го сфати порано неговата стара, излапена глава? Го прегрна момчакот со коскестите, исушени раце уште посилно и се насмевна самозадоволно загледан во другите ученици што се насобраа за да го испратат до џадето. Тале Дилески се кочопереше пред сите, длабоко задишан како да фрлил камен од градите. Тука на војводата му пристапи и Деница, го бакна во образот, му се насмевна со нејзината самовилска уста. Така му ја поврати среќата, но сепак тој мораше да се распраша за оние двајца ученици. „Повисокиот се вика Саме Алија, покусиот е Дамир Алија!“ одговори Деница, во присуство на својот учител Бале. „Верно некои се отселуваат, но има и такви што се доселуваат!“ додаде учителот. „Сигурно не му се синови на Узеир Алија?“ се интересираше војводата. „Тоа се деца на неговиот брат Хадри!“ одговори Бале. Песот исчекуваше под една слива, крај џадето. Слав ги растегна усните во насмевка; дека беше расцутена. Дождот кинеше од цутовите, ветрот разнесуваше. Војводата се чувствуваше пријатно како да му изгреа сонцето. Пред малку Бале Колар го молеше да го задржи дома на ручек, тука во школскиот двор, но тој се извлече во природа. Брзајќи како да е во најубавите години, се искачи зад црквата и застана пред семејниот гроб. Дождот направил вирчиња околу ниската плоча, ја разнесол црвената земја, веќе понираше во гробот. Водата не смее да слегува долу, се тревожеше Беломорско Сонце и фати со бастунот да им прави корита на вировите. Откако ги испразни, зеде остар камен што го употреби како лопата, го заштити гробот со повеќе земја, ги издува старите лисја од плочата и, жалејќи што не понесе свеќи, почна да се крсти. „Бог да ве прости“ изусти со шепот, замислувајќи си површно како е таму, на тој свет. Низ главата му поминаа спомени од некогашниот заеднички живот. Сè што му беше мило лежеше во гробницата; овојпат не помисли на синот што лунѕаше во престолнината. Тој сè уште му задаваше болки. Секањето и грмежите над снежната планина го присилија да побрза дома. Барајќи патека по жолтата трева низ гробиштата, тој се препкаше на растурени камења, на суви гранки одвалени од столетните дрвја. Најпосле падна до гробот на еден свој врсник кој умре пред четириесет години, а песот заквиче. Никој овде не зачистува, офна војводата, задржувајќи се на плочата од врсникот. Ех, живите заборавиле на мртвите. Ја спроведе водата од вирчињата по коритото што го направи со бастунот, се прекрсти и побрза низ тремот, преку авлијата. Од небото се закануваше уште поголемо невреме, црните облаци беа претоварени. Кога веќе го мина прагот на својот дом Слав почувствува треска по снагата. Но огнот брзо го спотна, црвената запршка направи кожинче на гравот во грнето. Спастрениот кревет беше привлечен за дремка. Кучешко време, се жалеше, оптегнувајќи ги мокрите алишта крај оџакот. Откако вечераше со наслада на прегладнет ѕидар, заспа без соништа. И песот го остави крај огништето. Знаеше дека вечерва нема од кого да се плаши. Кога ќе ѝ се доближи небото на земјата, на вакви порои, само уште лишките шетаат по сокаците, си мислеше пред да заспие. Доцна во ноќта запеа петел. Беломорско Сонце скокна од постелата, ја набара машата, од пузата во огништето ги отпрета гламјите што догоруваа чадејќи, си го осветли видикот, потоа го запали и кандилото. Надвор песот завиваше како да прокобува, а и петелот се огласи уште еднаш. Што ќе е сега ова, се прашуваше додека ја нагрнуваше гуната. Прикрепуван со бастунот излезе надвор, во дворот. Дека сам во куќата тој се плашеше да влегува во немливата пондила и во плевната. Што ако затекне некој враг таму, се прашуваше, преплашен до коски. Од празната кочина се издолжуваше чудна сенка, ѕидовите на куќата исто така беа осенчени. Полека му се разјасни дека настанале големи промени со времето и веќе не врне. Далеку на хоризонтот, над рудникот, облаците беа разбиени и продираше слаба светлина од неколку ѕвезди. Небото секаше безгласно и сосема тивко шумеше гората со лисјето што се откинуваа од гранките, правејќи им место на пупките. Пак ќе врне, помисли Слав и го искара песот да не завива. Уште еднаш се огласија петлите од плевните на Дилевци, се пробудија многу кучиња, замукаа и кравите во пондилите на соседот Гаврил. Некоја птица леташе ниско и преплашено додека не се пикна во сламата на сеницата. Настапи штама како во глува доба, само ветрот повремено фиукаше по сокаците и ги тресеше капките од гранките на багремот. Војводата сети оти подмрзнува калта под неговите опинци. Можни ли се нови снегови, се праша оѕверено. Пролетта дојде но зимата не сака да си оди. Да не му студеше на песот што завиваше така прокобно? И кој ѓавол барал да излегува од топлата печалка, помисли Слав и се присети дека сношти му одобри да спие дома. Дури тогаш ја здогледа црната сенка на човекот качен на ѕидиштата. „Изгубив надеж оти ќе те разбудам!“ се пожали човекот од авлијата, а војводата веднаш го препозна соседот Гаврил. „Заспиваш сè подлабоко, како да патуваш некаде!“ додаде овој. „На моиве години сè е ризик!“ фати да се правда; внимателно се доближуваше до авлијата. „Доста во младоста спиев на штрек!“ Слав го искара песот кој 'ржеше. „Удри го ѕверот, за малку ќе останев без гаќи!“ „Не те познал! Што мака имаш, соседу?“ „Ноќеска умре Алабакот, затоа те будев! Да поседиме со него, таков е адетот, што да ти кажувам! Од сите куќи во сокаков останавме само ние двајца мажи! Мораме да се договориме за сè! Ете така, неговото огниште се испусти! Треба ние да го подготвиме за оној свет, да го измиеме и да му облечеме чиста кошула!“ „Не пискаше коза во неговиот двор?“ „И сега муцката не ја затвора! Како да знаеше Алабакот сè, вчера ми ја продаде кравата, а потоа ја купи таа коза! Се одра, ништо не ја смирува!“ одговори Гаврил, полека слегувајќи од авлијата на пат за дома. „Часкум ќе дојдам, да земам ѕиври и кошула од моите, Алабакот немаше друга преслека!“ воздивна Беломорско Сонце и побрза кон куќата. „Лесна да му е земјата, се спасил!“ додаде на прагот. ГЛАВА СЕДМА Горен Бовојзо го зафати големо невреме што траеше уште осум дена. Силните ветрови прво ги разнесоа сламените покриви и по некоја керамида, потоа дождот прокисна сè. Конквечерум за- снежуваше по околните ридишта но снегот се топеше брзо. Дворовите и сокаците се раскалија, реката се разлеа од коритото и го поплави целото поле. Од пченичните никавици не остана речиси ништо, тие станаа мочуришта заедно со ливаѓето. Воздухот беше преполн влага, најтешко се поднесуваше смрдеата од полските клозети што се прелејаа во дворовите. Преостанатата слама и сеното беа скапани од влагата; говедата не сакаа да ја вкусат ни мувлосаната пченка во амбарите. Бликнаа извори крај патиштата, веќе не се знаеше дали повеќе вода паѓа од облачното небо или извира од раскалената земја. Се шепотеше за некои болести што ги покосиле старите, снеможени луѓе, меѓутоа, на гробиштата беа однесени само двајца. Покрај Алабакот, што го испратија петмина ужалени, наредниот ден ја закопаа Сидора, жената на ветеринарот. Таа беше помлада и привлече најмалку стотина поклоници и роднини; нејзиниот сој раздаде богата задушница. И првиот и вториот закоп се изведоа многу тешко. Небото истураше вода која ги полнеше ископаните гробови, процесијата траеше кратко а потоа сите бегаа на суво, во црковниот трем. Сидора ја легнаа во земјата откако ја исцрпија водата, но Алабакот го закопаа како во вир со жаби. Немаше кој да им отпее на мртвите; попот Никола се правдаше дека му е забрането да изведува верска служба. За лозата на Сидора тоа дојде како природно решение; Дилевци беа определени против религијата, иако таа во чекмежето криеше мала икона. Нејзината јатрва Деса се помири со одлуката на Апостол и Данило, страхувајќи од зла коб, од проклетство што ќе се одрази на поколенијата. Претходниот ден, за простување со Алабакот војводата се снајде, го натера попот Никола да се облече како земјоделец, па така, овој беше петтиот ужален во поворката која го закопа. Но пред да шлапне сандакот во вирот, на гробиштата запеа попот. И двата закопа се заборавија брзо, маките на секојдневното живеење бараа големи напори. Говедата и овците не поднесуваа да лежат затворени по кералите, беа вознемирени, рикаа и блееја, ја пиеја водата но го избегнуваа сеното. Кучињата како да подивеа, ги напаѓаа сите неканети гости во атарот што го заштитуваа. Облачното небо уште повеќе го скрати денот, ноќта беше долга и очајна. Почнаа да се распредуваат приказни за некои свети знаци на прозорците од напуштените куќи, некаде беше видена мајка со дете што плаче, некаде змија со голем рог, а на искршените стакла од скоропочинатиот Алабак божем се јавиле два знака. И ангелот и врагот. Сепак, животот течеше природно, ни полошо, ни подобро. Наставата во училиштето се изведуваше без прекин, иако поради грипот се проретчија учениците. Работеше и месната заедница, бакалницата продаваше мешано брашно, сол, газија, некои сушени морски риби, како и јажиња за врзување на добитокот. Шеќер и пред тоа немаше. Рударите се собираа на ископите, иако машините за чистење на рудата беа изгаснати и заштитени од пороите. Поштарот доаѓаше на три дена, разнесувајќи писма и колети, барајќи чаша ракија во секоја куќа што ја посетуваше. Шестиот ден од пороите се најави уште една умирачка. Само што се врати групата ѕидари од Долен Бовојзо, веќе Иле Алески легна в постела. Кашлаше до снеможеност, челото му гореше во огон што го разладуваа влажните крпи на неговата ќерка. Нејзе исто така ѝ загнои раната на ногата под гипсот, но стегна заби, на себе не мислеше туку целосно му се посвети на својот татко. Не тагуваше поради тоа што гаснеше можноста за нејзиното школување туку по здравјето на болниот кој си го одра грлото и, дури седмиот ден, попладне исплука крв. Неговата млада жена си ја колнеше судбината, но сепак го двореше болниот и ги послужуваше гостите. Го посетија другарите, Богоја донесе тегла со мед, еден млад ѕидар му даде понадица од четири лимони. Комесарот навраќаше двапати дневно, и навечер и наутро, го храбреше да не се предава додека не се растераат облаците по небото; штом се исуши воздухот ќе се дише полесно. Ќерка му Илина ќе го изнесе на сонце во дрвената столица, ќе го загрне со шарената батанија, и, додека пукаат семките на багремите од припекот, тој ќе здравее. Илета ништо не го тешеше, ронеше солзи и кашлаше. „Што те разјаде толку сега? Не те познавам ваков!“ му се врекна Апостол, очајно загледан во болниот. „И мојата ќерка е на умирање“ шепна Иле Алески. „Што измислуваш сега?“ го укори Апостол. „Ногата ѝ скапува, пријателе, спасувај ја неа ако можеш!“ заплака Иле погласно, потта му бликна низ вратот, ќе се задавеше од кашлицата. „Како ногата, зошто ногата? Што ѝ лечеле в болница, зошто е тука гипсот?“ се развика Апостол. „Не знам што се случило таму, не корни ми го срцето, пријател! Некоја чума ја пустоши мојава куќа!“ липаше Иле, криејќи ја главата в перница. „Не може така, братучед, ќе го застрелам лекарот што не си ја свршил работата!“ се закани Апостол Дилески. „Спасувај ја неа, ако имаш милост! Не можам да ја слушам ноќе, липа од болки и косите си ги корне!“ заврши Иле со мака во изговорот. Меѓутоа, во домот ништо не се презеде. Ѕидарите се собираа крај нозете на болниот другар, цицаа ракија од пагурот на комесарот, а штом ќе се опиеја ја менуваа темата, раскажуваа за градбите што ги очекуваа. Таму каде што отидоа да ѕидаат мост, во Долен Бовојзо, на истата река, приликите се изменија. Сопрво не им дојде градежниот материјал што го нарачаа, потоа реката го поплави целото поле и веќе не можеа да работат. Но овде се надеваа по неколку дена да го почнат здравниот дом, наспроти празните руднички куќи. Сега го храбреа болниот другар и верно, по растурање на облаците, неговото здравје се подобри. И Беломорско Сонце дождовите ги поднесе тешко. Дека во многу куќи нападна грипот, луѓето се затворија во себе. Ниту одеа во посети, ниту примаа гости. Деница веќе не можеше да му ја средува куќата, таа се разболе и легна в постела. Попот Никола имаше полни раце работа; клозетот му се прелеа во дворот, а кровот прокисна на неколку места. Откако ги изрина гомната и ги смести во една дупка за гаснење вар, тој се искачи на покривот од куќата. Се изнамачи бидејќи не знаеше да поправа ништо, меѓутоа, со чадорот над глава два дена ги прередуваше керамидите. Потоа легна в постела и ја одлежа болеста што ја префати од својата ќерка. Војводата доцна разбра за болеста на Деница и неволите на попот. Сопрво мислеше дека му се налутија и затоа не го посетуваат. Откако го закопаа Алабакот, фати да шмрка со носот, да го тиштат коските како во нив да се размножуваат црви. Но дури по закопот на Сидора, што го поднесе болно, тој почувствува силни грчеви во стомакот и веќе не излегуваше надвор сè додека не престанаа дождовите. Рацете му беа како оловни при цепење на дрвата, одвај ги наполни бардињата со вода, а лебот што го испече да му трае за неколку дена беше како тегавец. И како што се истегна в постела, така малакса. Од голема нужда се враќаше со блуење зашто клозетот беше разлеан по целото гумно. Имаше сили колку да погледне во мрачното небо и да го заплисне дождот измешан со ветар, одвај го држеше гунчето на рамената. Песот квичеше сожаливо и му ги лижеше опинците, ама не можеше да му помогне, ниту да им потфрли од пченката на кокошките. Врнеше, грмеше, влагата ги дразнеше коските на стариот војвода; најпосле огреа сонцето. Едно утро намина попот; лицето му беше како од восок, ушите исцибрени, рацете малаксани, само штрбата уста му се веселеше. Што му стана на времево, коментираше од врата, зошто подиве, од каде се истурија оние порои? Дека севишниот им се лути на неверниците попот не се сомневаше, но тука прстите ги замешал уште некој, можеби ѓаволот. „Што не поминало низ Бовојзо!“ извика Никола, вадејќи го срчениот пагур од длабокиот џеп на мантијата. „И Деница лежеше цела седмица?“ Беломорско Сонце му понуди триножник за да седне. „Пред малку отиде во школото, ама не знам како ќе го совлада пропуштеното градиво!“ се пожали Никола. „А што да рече мојана внука Илина?“ воздивна Слав и потфрли цепаница во огнот. „Ќе си помогнат, бистри се обете!“ додаде Никола. „Фатив да сонувам грдо, не знам што ми е?“ се пожали Беломорско Сонце. „Како некое премреже беше опашката на зимата!“ се надоврза Никола, подавајќи му го пагурот. „Не ми бара душата!“ одби војводата. „Откако се пропи син ти, почна да го мразиш алкохолот!“ „Ти се откажа од садење тутун?“ војводата ја мени темата. „Од што ќе живеам, од лишаи? Леите со расад веќе из'ртија!“ се пофали Никола. „Што мислиш, кога ќе можеме да влеземе во полено?“ „Годинава ќе се доцни со орањето!“ „Ако не се повлече водата и полошо ќе нè снајде! За пченките секако е доцна, за тутунот не знам!“ „Ќе дувнат јужните ветрови и сè ќе разлиста брзо!“ „Што си правам бајрам со умот! Нашево поле е под вода секоја втора година! Сè ќе си дојде на своето место!“ „И ние ќе се подготвиме за одење на нашето, ха, ха, ха,!“ се закикоте попот. „Ми е страв да не удри јако сонце!“ „Зошто да не удри?“ „Ќе се потсуши тињата во нивите, орањето ќе биде потешко!“ одговори Слав. „Остана сила во тебе?“ „Ако дувнеш со устата, јас ќе паднам!“ „Слушај, војводо, штом не се чувствуваш здрав, не треба да го фаќаш плугот! Ние сме пријатели, јас ќе те разберам!“ „Како што се договоривме, јас ќе орам, ти ќе ми пееш! Само реката да се повлече! Мојот покоен татко советуваше да се ора и тогаш кога не се сади ништо! Земјата си ја бара потта, дури потоа го дава плодот. Ако пролетта годинава почна вака, можеби летото ќе трае подолго! Да узреат пченките, да роди гравот, да се обере грозјето!“ „Сега ме потсети на лозјето! Начув за аманетот на Сидора, бог да ѝ се смилува!“ „Кој си нема работа си го чеша јазикот!“ одмавна Слав со десната рака и ја позеде машата за да ја распрета пузата. „Арно велиш! Нека даде господ да грее сонцето!“ се повлече Никола од намерата да раскажува за молбата на Сидора до својот маж. „И црното поцрнува!“ мудруваше Слав без повод. „Што сакаш да кажеш со тоа?“ „Ништо! Една вечер ќе ми се стемни ама утрото нема да ми се раздени!“ „Што си толку нерасположен?“ „Не ми треба ни лозје, ни слава! Многу сум исплашен, како да си го отпеав своето! Немам волја да се борам!“ „Сакаш да те зарадувам? Сета црква ја претурив и го најдов тефтерот што ми требаше! Војводо, сега ти ја живееш осумдесет и третата година!“ „Ех, многу ме израдува!“ офна Беломорско Сонце. „Почекај да се запролети, штом ќе се вратат боите во природата, твоите очи ќе се исполнат! Веќе ти недостигаат оние прошетки до изворите, по ливаѓето!“ „Не знам дали ќе излегувам оддома! Можеби само до гробот на Благуна и децата!“ „Со тебе нешто се случило! Да не те јадосува болната нога на внука ти?“ праша Никола, фрлајќи трупец во жарта. „Додека траеја дождовите имав време да размислам за сè! Смрдам на земја, а не умирам! Некој ме казнува, некому му згрешив многу!“ „Па ти си како дрен!“ „Сè што ми беше мило лежи во оној гроб! Како да си ги скратам маките, само на тоа мислам!“ „А оној син во градот?“ „Не ми го топли срцето тој!“ „Лизни од ракијава, војводо, нека ти го осветли патот! Кој ќе раскажува за Сулејман Крвникот ако те нема тебе?“ „И Крвникот не постоеше!“ „Но ти го уби, војводо, така вели песната!“ „И песната ќе се заборави!“ „Не знам како да ти помогнам?“ стана попот од триножникот. „Па ти како да си разговарал со мртвите, тебе веќе ти се стемнило пред очите! А колку е небото чисто денес, излези да видиш дека сонцето ги пробуди и пчелите во твоите кошари! Не давај се, жити господ, ти си најхрабриот човек што го познавам!“ „И видот ми откажа!“ „Ќе ти ја пратам Деница штом се врати од училиште, нека ти зготви јанија, нека ја спастри и куќава! Прашај ја неа што мисли за твоите дела?“ „Немој да ја тормозиш девојката!“ офна Слав Плавески. „Војводо, ќерка ми те обожава!“ „Остави ме сам, оди си!“ Наредните денови Слав ги отспа. Ќе се разбудеше среде ноќта и, откако ќе му извршеше замивање на телото, ќе се надишеше прозрачен, свеж воздух. Се џареше по ѕвезденото небо, го следеше патот на месечината, си замислуваше каков е животот таму некаде. Или ќе излезеше во гумното на пладнина, голташе од сувиот леб измешан со устоена вода, седнат под багремот го следеше летот на вредните пчели. Гората сè до под рудникот добиваше зелена боја, сливите веќе го расфрлија цутот по сокаците. Бујно растеше и коровот околу неговата куќа. Тој виде колку многу се оштетени ѕидовите од неодамнешните порои, ама не повте да поправа нешто. Плевната се распаѓаше, од пондилата можеше да се здогледа небото. За среќа, овде нема добиточна храна ни добиток, помисли Слав кога се враќаше во креветот. Песот заквиче како да не се согласува со него, му ги облиза ногавиците и фати да игра со кокошките. Божем сакаше да го расположи господарот. Овој се поврати кон стожерот, размислуваше што ќе му треба за ручек. Сега не трошеше многу дрва зашто ноќите беа потопли. Отиде во сеницата и од седалото на двете стари кокошки зеде неколку јајца. Попладнето заспа и ја сонуваше Благуна; таа не го фалеше светот во кој се наоѓаше, тој ја праша за синот и ќерката, но одговор не доби. Овие три дена Беломорско Сонце почна да сонува настани што го разочаруваа. Така ќе се штрекнеше во глуво доба, ќе истрчаше во дворот и ќе се чудеше каде се наоѓа, во стварниот или во задгробниот живот. Целата младост ја помина без да сонува, ама сега како да лебдеше ни на небо ни на земја. Едно утро пак дојде попот. Му фрли коска на песот, остави ваганка со младо сирење во долапот, извади пресна погача од платнената торба и седна до војводата. Од длабоките џебови на мантијата го измолкна пагурот со препечена, сливова ракија. Истури неколку капки на земја за мртвите и пред да цврцни рече: „Ова е за Сидора!“ Беломорско Сонце беше недоспан, се џареше во штрбата уста на попот и не знаеше што да прави: да тагува или да се радува? Уште еднаш се протегна во постелата, а коските закрцкаа како да се ломат, потоа се занесе со умот по петлите што се натпејуваа на плотовите. „Што ракија испеков!“ се пофали Никола Николов. „Крв да ти се стори!“ блосоеше Слав Плавески. „А колку убаво сонце изгреа утрово! Не знаеш дали ветрот те милува или сонцето те гали!“ „Расцутеа дуњите во твојот двор?“ праша Слав и се покрена на лактите. „И јаболкниците и дуњите! Една круша двапати цутеше!“ измисли. „А да видиш колку се разработија пчелите!“ „Се повлече водата од нивите?“ „Земјата пука од горештини, суво е и горното и долното поле! Ах, каква пролет, копривите растат по една педа на ден!“ „Што не кажеш дека е време за орање?“ „И старо и младо е на нива, војводо, таму ручаат, таму вечераат! На местото од пченицата што ја уништи поплавата ќе се насади тутунот!“ „Ти го назоба коњот утрово?“ „И плугот е качен во колата!“ „Па зошто губиме златно време, попе?“ „Како господ не е никој!“ срипа попот радосно. „Ех, војводо, не лаже песната! Тебе куршум не те дупи и сабја не те сече!“ „Многу ти е долг јазикот!“ почна да се шегува Слав, додека го врзуваше тешкиот појас околу половината. „Се плашам пак да не те одведат во онаа зандана!“ „Не расипувај ми го утрото, жити бога?“ „Рамадан ти ги смачка вилиците?“ „Тогаш сè уште не ми беше пријател! Не спомнувај го по лошо! Го поканив на гости, кога ќе го видиш има да го засакаш!“ „Ме лажеш дека го покани? Во ниет ти е да ме заплашиш?“ „Се колнам во Деница, ќе дојде на гроздоберот!“ „А ѓавол, а поп!“ воздивна Беломорско Сонце, додека ги обуваше опинците. Капнати од умора, жегнати од запара, одвај ја изораа нивата со насади од сливи што прецутеле. Попот се обиде да му пее на војводата. Ја згреши уште првата за царските душмани, а и гласот му беше зарипнат. Попаѓата не донесе ужина. Беломорско Сонце налеа пресна вода од еден полски извор. Тој како да се препороди од ѕвонливите гласови на орачите што им подвикнуваа на воловите и на коњите. Само не сфаќаше зошто не бревтаа тракторите. Воздухот ѕунеше од инсектите што прелетуваа над ораниците, почнаа да здодеваат и првите комарци. Се накотиле во блатото, мислеше војводата, шлакајќи со големата шака, но како се одржале во живот потоа? Можеби долетуваат откај реката, од бариштата што останале, заклучи брзо и седна во браздата зашто беше капнат. Попот му ја стави зобницата на коњот и одвај чекаше да му се придружи на војводата. Го измолкна пагурот од измастената мантија и благослови пред да цврцне. „Три пати одмараме, ако не се лажам, ама ја совладавме оваа долга нива! Господ да ти даде поголемо здравје, ми сврши тешка работа!“ „Богами не е лесна! Душата ми слезе в петици!“ „Што да речам јас? Цел живот в чеза, зад коњот, а сега одеднаш пред коњот! Војводо, со злато не можам да те исплатам! Отсега многу ќе ја ценам работата на орачите!“ „Важно е да се роди убав тутун!“ Беломорско Сонце дробеше ровка земја во рацете. „А расадот стаса за пресадување?“ додаде потоа. „Не сум погледал во леата, Деница се грижи за него! Но, да те прашам, војводо? Онаа нива преку ендекон не беше твоја?“ Никола покажа со рака. „Дилевци ќе ја посадат со пипер!“ одговори Слав. „Колку жито вадеше оттаму? Не ти е жал за неа?“ „Кога ќе ми текне кого исхранува, дури ми се плаче!“ воздивна Слав, ја отвори кутијата и фати да витка цигара. „Заборави, олесни си! Не држи пизма! И ти не умираш за јадење, пензијата не ти е лоша!“ рече Никола за да го утеши. „Со крв ја платив таа нива!“ „Пак ќе се разболиш ако мислиш на неа! Што ми требаше да ти ја спомнам?“ попот си го поткаса јазикот. Беломорско Сонце потоа остана на вечера во домот на Николовци. Велигденските пости не беа завршени, меѓутоа, на трпезата се изнесе зајак со каша, отсолена свинска удина, млад кромид и вино. „И во занданата растат зајаци?“ се пошегува Слав тегавејќи го месото в уста. „Како не! Ха, ха, ха! Со осум нозе!“ се засмеа Никола, испивајќи голема чаша вино. Потоа објасни дека зајакот им го подарил Јован Дилески уште пред четири дена. „Му ги прочитав намерите, ама жал ми беше да го одбијам!“ се правдаше, опивајќи се брзо. Откако сервираше на масата, попаѓата не се појави; кафето го свари помалата ќерка на попот. „Каде е Деница?“ не издржа Беломорско Сонце. „Не ти кажа самата? Ќе спие кај Алевци, со Илина! На твојата внука сите ѝ помагаат, греота е да не заврши со школото!“ објасни Никола, грабајќи од удината како прегладнет. И Слав вечераше обилно; одамна немаше однос кон верските празници и не ги држеше постите. Испи уште една голтка од виното и се жалеше дека преморот му го одзел апетитот. Попот му понуди ошав од црни сливи за да си ги стопли градите. „Да не ти е шубе што се омрси?“ праша Никола, пред да го испрати преку авлиите. „Кога имаш месо зошто би јадел коприви?“ „Не гледај попот што прави туку што збори!“ „Знаеш што? Сега жалам што не те впрегнав наместо коњот!“ „Немој така, па јас сум ти единствениот пријател!“ „Умот ти лета, телото ти беснее!“ „Ќе сакаш да изораме уште една нива?“ „Добар ти е коњот, ќе издржи таков напор!“ Песот демнеше пред портата, заквиче и фати да ги лиже ногавиците на својот стопан. Овој го помилува и му ја фрли коската што ја понесе од домот на Николовци. Беше преморен, го болеа и рацете и нозете, очите му бараа сон, но по навика, прво сврте околу стожерот. Се загледа во пондилата и во кочината, постоја малку под багремот што шумеше, ги прегледа кошарите со пчели, дури потоа го допре прагот на куќата. „Дали влегуваш или излегуваш, војводо?“ праша глас од сокакот. „Не знам што правам!“ одговори Беломорско Сонце, откако го препозна соседот Гаврил. „А јас одам кај Талевци! Пред малку умре Секула, татко му на Богоја ѕидарот!“ извика Гаврил, слегувајќи по надолницата, кон јавните чешми. „Господ да му се смилува, не изгледаше болен!“ рече Слав и се поврати кон багремот. „Си умре од старост, природно!“ објасни Гаврил, карајќи ги двете кучиња што сакаа да го следат. Како од старост, не можеше да се помири војводата, додека го креваше резето на вратата. Па тој Секула беше петнаесет години помлад од него, речиси цело детство. Во печалката го заплисна немлив воздух, мирисаше на скапано и мувлосано. Го светна кандилото, го спотна огнот, свари чај по навика, ги собу гумените опинци и побара леѓен да ги измие нозете. Беше извалкан од земјата што ја изора, но и преморен, заспа брзо, без сон. Истекуваше глувата доба кога скокна од постелата. Низ оџакот како да му дојде плачот на козата од дворот на Алабакот. Потоа слушна далечно завивање на волк. Срцето ќе му излеташе од градите. Ни премора чувствуваше сега, ни болки во главата. Се облече, ја наметна гуната, брзо го измина патот крај јавните чешми. Песот го следеше во чекор, иако беше надразнет од една заскитана мачка. Додека слушаше мукање на крави од пондилите, мислеше дека брза кон домот на Талевци. Малку потоа тропна на портата од Алевци. „Што те донесе ваму?“ тивко запраша Иле, кој излегуваше од полскиот клозет и се обидуваше да ја задржи кашлицата. „Да ја видам внука ми!“ се правдаше Слав, божем тргнал во домот на умрениот. „Не може! Одвај заспа!“ одречно извика Иле и закашла со гребеж во градите. „Како е ногата?“ „Ќе оздрави!“ „Не играј си со нејзиното здравје!“ советуваше Беломорско Сонце, пред да скршне во сокакот на Талевци. „Ти реков, таа сега не се жали како порано!“ проба да објасни закашланиот ѕидар; од куќата го повика остриот глас на жената. ГЛАВА ОСМА Три дена подоцна, откако појадуваше, Беломорско Сонце поита на старото место. Во општинскиот центар на Долен Бовојзо имаше панаѓур, по џадето брзаа претоварени коњи и магариња, автомобили и чези, а мноштвото беа пешаци. Повеќето застануваа на мостот за да му се восхитуваат, прашувајќи се кога ќе биде поставена оградата? Слав ги поздравуваше тие што ги познаваше, а цигарите што ги виткаше ги фрлаше во брановите недопушени. Човекот што го исчекуваше никако да помине на мостот, затоа се нервираше. Во еден миг свирна по песот и се упати по нагорницата кон изворот. Го журкаа копривите што се извишиле до неговиот појас, го лутеа и трњето што продираа низ волнените чорапи. Дабовите грмушки беа обрастени со нови гранки и лисја, но смреките му изгледаа разболени и пожолтени. Трнарчињата скокаа и создаваа несносна врева, сојките кубеа недозреани, диви јагоди. Пчелите надлетуваа барајќи маја или цутови, сè беше оживено околу изворите. На Слав му се причини дека е излокана земјата од корењето на столетните дабје. Којзнае како рикале доловите овде, помисли додека налеваше вода со лименото канче. Дождовите отвориле нови извори, така што земјата бликаше на повеќе места и надолу истекуваше вистински поток. Лупеше варено јајце кога песот залаја силно, поскока кон густежот и пак се врати. Да не пребега некој зајак, се џареше војводата наоколу, да не преплаши некое срнче што доаѓаше на изворите? Песот се смири, од густежот не излезе ништо. Кога се врати крај реката на мостот здогледа двајца подзинати овчари што тераа стотина овци на панаѓурот и зборуваа на друг јазик. Беломорско Сонце проба да им раскаже за таа прекрасна градба но тие кренаа рамена, не го разбраа туку побрзаа надолу за да ги престигнат овците. Песот се испружи на цоклето и фати да цивка како да е прегладнет. Џадето опусте, веќе одамна не помина никој. Слав ги разгледуваше столбовите и мошне се загрижи кога ја здогледа излоканата подлога на јужната страна од брегот. Но мостот треба да е граден цврсто, фати да се убедува, тој мора да служи низ вековите, да издржи не само потреси туку и порои. Се наведна пред вирот со плипот мраморци кога го повикаа одозгора. „Ќе го одобриш за употреба?“ запраша Јован Дилески од отворениот руднички џип. „Ми изгледа оштетен, пак се одронува земјата!“ одговори Слав, покажувајќи со бастунот кон столбовите. „Татко ми веќе знае!“ рече Јован Дилески. „Во некоја ударничка сабота ќе се подигнат уште два потпорни ѕида!“ „Снеговите не се дотопени, може да надојде поголема вода!“ „Те разбирам што си загрижен! Ха, ха, ха! Мостот ќе го носи твоето име!“ извика Јован, загледан де во Беломорско Сонце де во сопатникот. „Работава не е за шегување!“ простенка Слав. „Зошто ни го сврте грбот, војводо? Што те нема горе на рудникот?“ запраша Алекс Тунај. „Најдете помлад, толкумина се без работа!“ одговори Слав Плавески и фати да се оддалечува по речниот брег. „Ќе најдеме, без чувар не остануваме! Ама рударите прашуваат за тебе, да им одиш на гости!“ додаде Алекс, на тргнување со џипот. „Зошто не го земете Узеир Алија?“ се поврати Слав. „Што ќе прави ѕидар на рудникот?“ извика Јован. „Немате јами за подѕидување?“ се закашла Слав. „Да не ти е син што се залагаш толку?“ „Ќе помислиме за тој човек!“ вети Алекс. Песот лаеше по џипот кој го испраши. Војводата седна крај евлите кои шумолеа и почна да витка цигара. Додека ја лепеше беше загледан во местото каде што некогаш постоеше бараката во која водеа љубов комесарот и учителката. Тревата обрастела сè и ги покрила трагите, само две конзерви светкаа меѓу копривите. Каде е учителката сега, збунето се прашуваше Слав, зошто тој не слушнал ништо за неа? Зошто не смогна сили да го посети домот на Деспот Келешо? Баш ќе намине кај попот Никола Николов за да ги дознае новостите што го интересираа. Пак се загледа кон мостот бидејќи слушна тракање на коњска запрега. Ја стави раката над очите за да ја ублажи јачината на сонцето и со мака успеа да ги распознае патниците во колата. Уздата ја држеше Богоја Талески распетлан и небричен, до него беше Иле Алески, а одзади седеше Илина, навалена на бело веленце. Сигурно одат на панаѓурот, помисли Слав и радосен стана за да им се јави. Иле кашлаше суво и рапаво, додека неговата ќерка гледаше во брановите со многу тажни очи. Како ќе заврши сето тоа, се прашуваше Слав и воздивнуваше, вјасајќи кон мостот. Набрзо колата се изгуби од јужната страна на џадето. Војводата повторно се упати кон изворите. Што го нема да помине Узеир Алија, се исчудуваше и се џареше кон џадето и така, со куцкање, налеа вода. Тогаш песот залаја силно и се загна во густежот. „Мир ѕверу!“ го прекори Слав, го фрли канчето во вирот и фати да го смирува песот. Тој сега не сакаше да го послуша, ги остреше забите, секаше со очите сè додека не го присили тој што се криеше да излезе од џбунот. „Ќе те растргне, нема шега со него!“ извика Слав, помагајќи му на ветеринарот да ја исчисти облеката од трњето. „Нека ме изеде сосе коските!“ збиваше Данило и ги тресеше ногавиците. „Не се бричиш? Ја жалиш Сидора?“ „Нема да веруваш, но така е! Тажам по неа, во осама ја оплакувам!“ „И треба да тажиш! На нејзините слаби плеќи се крепеше твојата куќа! Додека ти беснееше со она моториште, таа копаше и ораше!“ „Лесно е за полските работи, тракторот ќе ги изора нивите! Но кој ќе ми ги расте децата?“ „Ќе се прежениш, мислиш не те познавам?“ „Не ме познаваш! И Сидора не ми ја запозна душата!“ „Се влечкаш по куќите, го лечиш добитокот, ќе намериш добра жена во планинските села!“ „Како Сидора не се раѓа друга!“ „Тука си прав! Верно таа умре премлада! Колку само истрпе од тебе! Не само што ја мамеше туку и ја понижуваше!“ „Не дојдов за да ми судиш!“ „Да можев одамна ќе ти пресудев! Таа ми беше внука од сестра, ѕверу, заслужи поголема среќа! И стреите плачеа кога Сидора побегна за тебе! Таа растеше без родители, а сега остави две сирачиња! Нека те распара песон, да те нема, копиле едно!“ војводата нервозно тупкаше со бастунот по земјата. „Една краста помалку, право велиш, нека ме раскине!“ „Пак некоја итрина? Што бараш ти овде?“ „Сакав да се посоветувам со тебе!“ „Ти да се советуваш со некого?“ се зачуди Слав. „Заради децата, никако за мене!“ „Што те мачи, кажувај брзо, немам време!“ „Јас и брат ми купивме имот од тебе!“ „Не купивте од мене туку од оној пијаница! Нема да му простам никогаш! Две ниви ви препишав и едно лозје само за да очувам мир во куќата! Што е со имотот?“ „Не со нивите туку со лозјето!“ „Се решивте да ми го вратите? Така ве замоли Сидора?“ „Не, тоа не доаѓа предвид! Но испаѓа сега дека само брат ми Апостол го купил лозјето! Дека тоа му е препишано на Јована!“ „Така е, тапијата е на негово име!“ призна Слав. „Како може да испадне така?“ „Што знам? Ваше масло, меѓу тебе и комесарот! Јас преносот ви го извршив на двапати, најпрво нивите, потоа лозјето! И таксата се плаќаше на двапати! Еднаш одевме заедно, но вториот пат го овластив синот да ме застапува! Ни договор прочитав, ни очите сакав да ви ги видам! Рака на срце, не го чувам тоа парче хартија!“ заврши Слав Плавески и сепак вети да побара во ковчегот на Благуна. „Нема потреба, ја видов тапијата!“ „Па што бараш од мене?“ „Да сведочиш на суд! Ќе го прогонувам брат ми за измама, ако мора ќе потрошам сè за правдата да ја најдам! Ќе ми помогнеш да земам барем половина од лозјето?“ „Ќе се влечете по судови?“ Беломорско Сонце како да ликуваше. „Зар таква измама да му простам? Парите што му ги дадовме на син ти беа од покојниот татко!“ „Лозјето е купено со измама! Во тие месеци син ми не се трезнеше! За срце ме касна, ме стресе од корен! Со денови потоа вртев околу плотената ограда и си ја проколнував судбината! Лани свратив таму и се уверив дека сè уште нема подобро лозје од него!“ се исповедаше војводата. „Затоа ќе го тужам!“ „Не поминаа четири години откога станавте газди на тој имот, а веќе се закрвивте! Седнете како браќа и договорете се! Ако се закарате ни матната река не ќе ве испере!“ „И крв да потече не се откажувам од лозјето! Не сакам да ме прави будала!“ „Што ќе ви е толку земја? Обајцата сте на државна плата, влечете и други приходи, секој да ви позавиди!“ продолжи Беломорско Сонце, што со подбив што од сожалување, меѓутоа, возбудениот Данило не сфати. „Морам заради децата!“ рече исповедно. „А како гледа власта на вашите големи имоти? Што кажува вашата партија?“ „Што ѝ е грижа на власта, ако е таксата уредно платена?“ „Сидора го копаше лозјето, таа замавнуваше со дикелот!“ „Така беше, жена ми умре измамена! Може ли да се прости тоа, војводо?“ „Бочвите не ви беа заеднички? Двајцата не локавте со еднаква мера? Твоите деца се мали, сè уште не трошат вино!“ „Веќе не знам како се празнеа бочвите! Сè ми се чини дека и таму Апостол крадеше!“ „Брат ти е кадарен да украде дете од утроба! Не се плашиш да не го излаже и судијата?“ „Ти ќе посведочиш како беше! Твое беше лозјето!“ „Но јас не ги видов парите!“ „Му ги дадовме на син ти, војводо!“ „А може на пијаница да му се верува?“ „Ти си тука за да ја кажеш вистината!“ „Што знам од каде беа украдени вашите пари?“ „Зар се сомневаш во мојот покоен татко?“ „Како да не се сомневам? Кај вас дома законачуше Сулејман Крвникот!“ „Јас не бев роден! И брат ми не помни како било тоа со Крвникот!“ „На двапати татко ти ме предаваше на царските војски! Сигурно тоа не го правеше за убави очи, туку за пари! Да знаев тогаш ќе му платев сурово ама тој се издаде дури пред да умре!“ „Не греши душа за мртовец!“ „И бајчиња ми крадеше од бачилото!“ „Не дојдов за да го слушам тоа!“ вресна Данило. „Имавте лош татко, лесна му земја, но да стане од гробот, недај боже, ќе се гордее со вас, браќата!“ „Толку ме замрази мене, војводо? Зар јас не ти ги спасив кокошките од чумата? Свињите не ти ги чистев, коњот не ти го лекував? Што измислуваш сега за татко ми?“ „Во казан да се вариш, со прст не мрднувам!“ „Нема да посведочиш во судот?“ „Ќе си го земам лозјето назад!“ категорички изјави Беломорско Сонце. „Ќе ја видиме таа работа ние! Ќе те начекаме во некоја темница! Во право е комесарот што те нарекува убиец! Па ти не сакаш да им помогнеш на своите внуци!“ „Не зборувај туку бегај, ѕверов ги остри забите!“ го предупреди војводата; сè уште го држеше песот за рунтестиот врат. „И ти ќе тропнеш на мојата врата!“ Данило фати да се повлекува и се лизна на врлежот, а песот залаја посилно. „На Сидора ѝ е полесно в гроб одошто со тебе!“ „Што се замислуваш? Да беше подобар од мене и ти не ќе останеше сам како утка!“ „Господ е голем, тој ќе ти плати! Ќе се влечеш по судовите и не ќе знаеш кој те дере а кој те касапи!“ воздивна Беломорско Сонце; мавташе со бастунот. „Алчен ѕвер!“ додаде и за да се прибере фати да витка цигара. Откако ги заплакна образите, тој го крена чанчето од вирот и го постави во камарата. Дури потоа тргна по стапките на ветеринарот. Стигна на џадето што се подгреваше од јакото сонце и ги привлекуваше мувите да ги полазуваат нечистотиите. Некои пазарџии веќе се враќаа кон планината. Го поздравуваа и тие што не го познаваа, а тој се чувствуваше горд како некој споменик кому му се поклонуваат. Господ не заборава, се тешеше, лепејќи со испуканите усни нова цигара. Седна на една карпа спроти мостот. Беше задоволен дека на Данило му врати за сите понижувања што ги доживуваше последниве години. Фати да се радува затоа што се закрвиле најмоќните браќа во Горен Бовојзо, но потоа го сожалуваше ветеринарот. „Огнот да го изгори, што ме засега тој?“ гласно му се исповедаше на песот кој ловеше гуштер. Им се сврте на ливаѓето и долго остана така; им се восхитуваше на телињата што ги напасуваа две баби со фурки за појасот. Децата се на школо, а пак јагнињата што не завршија под нож ги смешаа во бачилата, си рече војводата, сеќавајќи се на настаните од почетокот на пролетта. Потстана и со рака над очите се џареше во измаглината; чадот над црвените покриви правеше мали облачиња. Тој одовде не можеше да открие изгаснати оџаци, но во ноздрите сети лажлив мирис на виткани теста, мазници, зелници со лобода, турипече со пченкарни кори. Неговата жена ги месеше и печеше за прстите да се оближат. Почна да млезга како да јаде некое пециво, пак го насочи погледот кон далечините. Снежната планина сè уште не ја менила бојата, помисли задлабочен во отсјајот на зраците врз белината. Водата што шумолеше под неговите нозе дотекуваше оттаму, беше сè уште силна и брза, што го убеди дека снегот обилно се топи. Дотекува и истекува, повтори во себе; мислеше на староста и на здравјето што му откажуваше. Сега му затреба дебела сенка под врбите за да отспие. Слезе крај песочниот брег на реката, најде затревена ледина што ја поткастриле говедата и прилегна со капата под глава. Тешко дишеше на горештината што го опијануваше и со поглед на врбите што се лигавеа, заспа без сон. Песот се бранеше од мувите што го напаѓаа и демнеше крај својот господар. Гавраните застануваа на врбите и евлите но преплашени од песот брзо првнуваа кон дабовата шума во која кукуригаа диви петли. Високата трева меѓу евлите смрдеше на лепешки, желка преминуваше низ камењарникот, стадо овци паткаше на пладневно молзење, под рудникот тракаа клопотарци на заскитани говеда, меѓутоа, Беломорско Сонце не слушна ништо и не виде никого. Дури и песот фати да квичи преплашен да не е умрен. Му го облизуваше вратот, го душкаше по носот, џапна парче од кошулата и почна да го влече. Еден гавран се осмели да застане на пониска гранка и го следеше настанот со песот и неговиот господар. Од ливаѓето допре џагор на деца, потоа се одгласи ехо на истрел од пушка. Шарениот пес се откажа од намерата да го буди војводата и со квичење отиде на мостот. Тогаш заграка гавранот по него. Прегреаниот воздух трепереше над бетонот. Се појави старец на магаре кој беше запатен кон снежната планина. Тој се чудеше што му е на песот кој квичи жално, да не го каснала можеби змија џитка или го треснал некој со стап по нозете. Му фрли касај леб од бисаѓите и замина под сенките на тополите, ушкајќи го жилавото магаре. Малку потоа, со јачкање на рудничкиот џип, на мостот пристигнаа Јован Дилески и Алекс Тунај. „Ова не ми се допаѓа!“ извика Алекс, џарејќи се под мостот и по реката. „Решил да пладнува под врбите што успиваат!“ одговори Јован и набрзо го пронајде. „Вака може да умре!“ се јадосуваше Алекс. „Еј, разбуди се!“ Јован го затресе со рацете. „Ти донесовме газоза, да се соземеш!“ додаде Алекс. „Зошто не го поведовме на панаѓурот?“ се каеше Јован. „Не ни текна! Ќе ги видеше магионичарите!“ Алекс го креваше за рацете. „Утре ќе го земеме со нас!“ вети Јован. „Колку тешко се буди војводава!“ „Како да се враќа од некој друг свет!“ „Напиј се газоза, ќе ти се разведри!“ Слав ги отвори гурелавите очи, беше збунет, не сфаќаше што се случило. Го позеде шишето со газоза и, додека го отвораше гуменото капаче, песот скокаше. И двајцата рудари беа задоволни, како да оживеле мртовец. „Да се откажеш од таа стара навика!“ му советуваше Јован, подавајќи фабричка цигара. „Каква навика?“ се чудеше Беломорско Сонце, ја извади кутијата со качак. „Тутунот не го мешам!“ додаде и заблагодари на понудената цигара. „Веќе да не спиеш по меѓите и ледините! Може лошо да заврши тоа!“ рече Алекс. „Досега песов ме будеше! Што му стана денес?“ „Може и нему да му се случи нешто лошо!“ „Од судбината не се бега!“ „Песот ми помогна да те најдам!“ призна Јован. „Каде научил да квичи како да плаче?“ „Мислеше си го напуштил занавек, без да се простите!“ „Рака на срце, тој не згрешил! Како да умрев, пропаднав во длабок бунар, силата ја губев!“ се исповедаше Слав, враќајќи го празното шише од газоза. Му предлагаа да го повезат со џипот до неговиот дом, но тој се правдаше дека овде закажал средба со пријател. Пред да заминат уште еднаш го поканија да им биде гостин на рудникот. Алексо Тунај го праша дали ќе сака утре да им прави друштво на панаѓурот. Јован Дилески му шепна нешто во врска со лозјето. Божем ако ја плати сегашната пазарна цена, тоа ќе биде негово. Тој не одговори ништо, долго ја следеше прашината што ја оставаше џипот зад себе. Соземен од долгото спиење на тревата, излупи јајце што го извади од торбата и прикасна. Сега му беше криво дека не му одговори на Јована за понудата околу лозјето. Се присети и на кавгата со ветеринарот, горе на изворите. Кој да ги разбере овие Дилевци, си мислеше, фрлајќи ја жолчката од јајцето во брановите на реката. Нека си ги ископаат очите кога се толку алчни. Тој дојде на мостов за да го сретне пријателот со кого ќе поведе важен разговор. Се загледа во измаглината кон планината и фати да нагаѓа: да не му се болни децата, да не се премислил, да не го нападнала некоја мечка кога одел на панаѓурот? Или подранил за да не го фатат горештините на отворен пат, та го поминал мостов пред изгрејсонце. Додека така се прашуваше, го слушна топотот на тројца коњаници; брзаа кон планинските села наружани како за на свадба. „Бог да ви помогне, јунаци!“ „Тебе здравје како челик!“ возврати најстариот. „Да ве прашам нешто?“ „Колку што знаеме, толку ќе ти кажеме!“ „Бевте на панаѓурот?“ „Ручавме и потоа одјававме!“ „Весело е таму?“ „Свирки и тапани колку што ти душа сака!“ „Да не видовте еден со гарнета?“ „Не еден туку десетмина! Прасињата се вртат на ражни, девојките везат од ситно поситно! Зошто и ти не си таму?“ „Како изгледа тој што ти треба?“ праша најдебелиот коњаник. „Не личи многу на свирач!“ одговори Слав Плавески. „Да не му е главата како шиник? Сипаници да не прележал? Не се џари разроко со очите?“ продолжи да се подбива најдебелиот. „Како е облечен?“ праша најстариот, позапирајќи го коњот. „Како ѕидар! Не умеам да го опишам!“ Слав крена рамена. „Не му е везена кошулата? Не ја крие ќелата со летна паларија? Да не носи долама?“ и натаму се подбиваше најдебелиот коњаник. „Гарнетата ја држи со обете раце!“ се збуни Слав. „Сега многу ни помогна! Ха, ха, ха!“ одѕвонуваше гласот на дебелиот коњаник. „Да не изгледа како морнар?“ праша најмладиот. „Многу е силен! Чатма веѓи, високо чело, виткана коса, очите му играат кога свири, а повремено сака и да запее!“ му се одврза јазикот на Беломорско Сонце. „Таков не видовме!“ одговори најмладиот коњаник. ГЛАВА ДЕВЕТТА Наредното утро, кога со песот излегуваше од дворот, времето беше менето. По ископите на рудникот ползеше магла. Облаците беа паднати ниско, се очекуваа врнежи. Тракторот преоруваше некои уништени есенски посеви, се косеа ливаѓето, се грлеа пченките. Облаците долго се мачеа да се истурат на земјата, мувите касаа како полудени. Потоа небото се исчисти, маглата од рудникот се повлече. Војводата почувствува олеснување во главата, коските веќе помалку го болеа. Седеше на песочниот брег и ја следеше играта на две деца. Тие со решето буричкаа во водата како да трагаат по злато, ги двоеја шарените камчиња и со нив ги полнеа џебовите. Нивната игра го занесе војводата; очите му се разгалија уште повеќе кога во нив ги препозна синовите на Сидора. Во почетокот имаше намера да ги повика кај себе и да ги дарува, зашто тие беа негови правнуци. И на песот му беа по волја децата, така што и тој се излежуваше загледан во нив. Но тие не пројавија никаков интерес ни за старецот ни за бетонската градба што им се испречи. Веќе ги наполнија џебовите но продолжија да собираат украсни камења во една дрвена кошница. Уште малку и ќе го одминат Беломорско Сонце без да го поздрават. „Вие сте децата на Сидора?“ не издржа Слав. „Таа ни е мајка!“ одговори пониското, како Сидора сè уште да е жива. „Ме познавате мене?“ настојуваше Слав Плавески. „И тебе и песот!“ одговори пониското дете. „Одморете се малку, ќе ви смрзнат рацете!“ советуваше Беломорско Сонце, меѓутоа, тие завлегоа под мостот. „Ова не е игра туку школски час!“ одговори повисокото како од бунар. „А што ќе ви се камењето?“ „Изведуваме мозаик!“ „Што правите?“ „Нека ти објасни учителот, ене го поназад!“ „Таму растат капини, да не се издраскате!“ предупреди војводата. „Знаеме, стопати сме биле овде!“ „Ви се допаѓа мостов?“ „Па чичко ни го градеше!“ извика покусото. „Не ви е жал за дрвениот?“ ги дразнеше Слав, мошне расположен за шегување. „Остави нè сега да работиме!“ извика повисокото, пред да се појави на другата страна од мостот. Блазе им што растат во слобода, помисли војводата и продолжи да ги следи. Тие како да се заплеткаа во некои ветки, почнаа да се караат; некој заплака откако се набоде во трњето. Си помогнаа да се извлечат во плитката вода и продолжија да редат секакви камчиња во кошницата. Повисокото личи на Сидора, помисли војводата, а суратот на пониското не му се допадна. Како плукнат Данило, но барем карактерот да му е поблаг. Се присети на вчерашниот разговор со нивниот татко околу лозјето што ќе го закрви сојот на Дилевци. „Грабливиот комесар ќе ги измами своите внуци!“ му рече Слав на песот, додека виткаше цигара. Му падна жал за децава на Сидора. Ако се работи за нивната иднина тој ќе отстапи, ќе сведочи во судот и ќе му помогне на Данило. Браќата нека си го поделат лозјето, како што се договарале кога ги трошеле парите од својот татко. Но што му рече вчера на ветеринарот? Во казан да се вари, тој со прстот не мрднува. Така му треба на тој скот што си ја закопа жената, заклучи најпосле Слав Плавески. Тогаш на речниот брег се искачи учителот Деспот Келешо, зазбиван од црниот велосипед што го кутураше. Колку побледел човекот, се исплаши Слав, болеста му го испила лицето и сега длаби во очите. Како да си ја турка пред себе. Зимава и косата му испаднала, претпостави војводата, верно снагата му е истопена. Деспот го легна велосипедот на тревата и се искачи на бетонската плоча. „Убава работа направија ѕидарите!“ направо почна учителот; тупкаше со чевлите по бетонот. „Пороите веќе го нагризаа!“ се пожали Слав. „Тоа не беа обични дождови! Пеколот слезе на земја!“ се потсети Деспот на опашката од зимата. „И тебе коските те глодаа додека врнеше?“ запраша Беломорско Сонце, подготвен за лична исповед. „Ах да беа само коските! Кога грмеше практично и не гледав, како да слепеев! Мене сè ме болеше, војводо!“ „Тешко се откина зимата, но затоа пролетва е толку убава!“ „Како за кого! Мене ми е сè полошо!“ „Не давај се, учителе!“ го храбреше Слав. „Секое облаче од небото поминува низ моево тело! И да врне, и сонце да грее, војводо, мене ми е врвка работата!“ „Секогаш постои надеж!“ „И неа ја потрошив зимава!“ Што да речам сега? Дека болеста ќе ми помине како на кутре? Зар и ти ќе ме залажуваш, војводо?“ „Што не побараш лек од пчелите? Да ти позајмам две кошариња, барај ја долговечноста! Не си чул за чудата што ги прави млечниот прав?“ „Колку пати сме разговарале на оваа тема?“ „Уште многу вода ќе дотече од планинана!“ „Не ме радува веќе ништо!“ воздивна Деспот. „А моите ученици не поминаа овде?“ праша, кревајќи го велосипедот од тревата. „Долу се, во песокта, ќе ги стигнеш, ако побрзаш!“ „Часкум ми исчезнаа! Додека клекнав во ендекот да го испразнам мојот болен бубрег, тие одмаглија!“ „Летово ќе јадеш повеќе лубеници, само почекај да узреат!“ „Ех, си го изедов јас своето!“ офна Деспот; сега слегуваше со велосипедот кон густежот од евли и врби. „Не те прашав, како ти е другарката?“ се осмели Беломорско Сонце. „Како може да ѝ биде со болен в куќа? На што да се надева, кутрата?“ одговори Деспот, застанат на местото од некогашната барака. „Одамна не сум ја видел!“ „Но зошто ти не доаѓаш кај нас? Од кога не сме пиеле чај заедно? Киска ќе биде среќна да те види дома!“ „Чекам да узрее црешата, кај деца не се оди со празни раце!“ се оправда Слав Плавески. „Немој да останеш само на зборот!“ клекна Деспот за да покрене една конзерва од копривите и притоа се нажурка. „Да не згазнеш некоја шајка, тука постоеше барака!“ предупреди Слав. „Знам!“ одговори Деспот. „Ќе заборавев да те прашам за побратимот! Сè уште е на слобода?“ „Мислиш на попот? Пролетва си дојде од зандана, зар не го виде самиот!“ одговори Слав, со гримаса на лицето. „Пак ќе го земат, таму му е местото!“ извика Деспот, со притаена омраза. „Зошто не седнете како луѓе? Зошто се кодошите?“ праша Беломорско Сонце, но одговор не доби, учителот беше заминат. Му падна криво за големото непријателство што се разгори меѓу учителот и попот. Се готвеше да ги помири во првата згодна прилика. Завитка уште една цигара, немо ја следеше играта на водните птици. Одеднаш се присети на настаните од времето додека се градеше мостот; на глембавиот комесар и неговата љубовница. Од една страна, му падна жал поради вошливата среќа на болниот учител, од друга, му беше мило дека жената се вратила кај своите близначки. Одвај успеа да се исправи бидејќи седеше крснозе. Фрли далечен поглед кон планината, воздивна длабоко, му молсна во главата дека некои работи не се врзуваат меѓу луѓето, ни сосила ни природно. Што му се случило на ѕидарот, зошто сè уште не поминува оттука? И денес толкумина отидоа на панаѓурот, си мислеше Беломорско Сонце. Откако погледна во небото со високи, бели облачиња и пладневна топлина, веќе знаеше дека таму оркестрите свират до истоштување. Се присети и на вчерашниот разговор со тројцата коњаници, повте да отпатува во Долен Бовојзо и да го побара ѕидарот на лице место. Бездруго тој е таму некаде, го весели народот со гарнетата. Кога да е, мора да се врати по овој пат, преку мостов што го градеше самиот, заклучи Слав и реши сепак да го исчека овде. Поминуваа наружани коњски запреги, старци на магариња, јуреа автомобили претоварени со руда, еден стар автобус со распеани патници, неколку овчари со кечиња, па и запрега со мртовец што го носеа в планина. Велосипедисти пренесуваа венци из'ртен кромид на жичени багажници. Војводата си го изеде вареното јајце и многу ожедне. Го фати патот за нагоре кон столетните дабје, но му нареди на песот да дежура на мостот. Ќе го препознае ако помине, ќе го лизне по ногавиците, а ѕидарот брзо сфаќа, си мислеше, задишан од напорот што го вложуваше. Подзапре меѓу смреките и наслушуваше, старата кожа се намовна од страв. Сопрво го заплисна мирис на растргана мрша, потоа слушна ревење на волк или пес. Здепна со грлото, ќе се задавеше. Зеде грумен во десната рака, нанишани во џбунот и свика колку што се преплаши. Скриениот ѕвер заквиче и јурна попреку, сосе парчето од некоја мрша. За секој случај Беломорско Сонце скрши гранка од дабјето и си направи ластегарка. Сè уште не можеше да се одреди дали сретна пес или волк. Но стравот малку попушти, веќе порешително се довлечка до кладенецот. Овде некој појадувал утрово, помисли, загледан во парчињата од весник што ги кошкаше слабиот ветар. Погледна во густежот, се врати под големиот даб, пак се искачи над кладенецот, меѓутоа, не откри никакви траги. Кој би се војвал како лисица освен ветеринарот, помисли војводата. Налеа од водата и густираше така, навален на коренот од високото дрво. Тишината како да го маѓоса, шарените сенки му ги лулаа очите. Се вратија и некои спомени од ропските времиња, додека живееше по горите. Почувствува замор и старост, малакса во рацете, се чудеше како го фрли оној камен по ѕверот. Очите му се затвораа, телото си бараше сон. Низ ушите му струеја благи звуци на разбудената природа; тивко стружеа инсектите, укаа некои птици што ги излежуваа јајцата, допре и многу далечен ѕвон на говеда што брстеа лисја. Во полусон Беломорско Сонце патуваше низ рајски коридори и среќаваше храбри соборци од бурната младост. Евоцираа спомени и се потсетуваа на разни херојски дела судбоносни за иднината. Така Слав потона во безгранична среќа, лебдеше меѓу јавето и заносот во соништата, сè додека не изгуби секаков допир со предметите и светлината. Потоа не се сеќаваше за ништо. На квечерината се разбуди од ветрот што се потсилуваше. Сега до главниот извор седеше крупен и дебел човек со мошне испасена коса, црни и негувани мустаќи. Беше облечен како сите чиновници, но со војнички цокули на нозете и кама во рацете. Просторот околу водата беше исчистен од жолтите, скапани лисје. Влажно како да врнело. Шерениот пес дремеше посрамен и мирен под нозете на својот господар, без да покажува непријателство кон непознатиот. Војводата не можеше да поверува дека му е откажана заштитата. Во телото му се зголемуваше уплавот, како да го препозна човекот со кама. „Се врати на чифлигот?“ праша со глас што трепереше. „Само на кратко! Бев на панаѓурот по службена должност, а срцето не издржа да не го посетам местото во кое се родив!“ „Ти го чистеше изворов?“ направо се интересираше Беломорско Сонце. „Морав да го доведам во ред, беше како некоја кочина! Овде е убиен татко ми, пред да слезе од коњот за да се напие вода! За мене ова не е обичен извор туку светилиште!“ „Коњот се напои, татко ти немаше време!“ „Така прикажуваат другите, јас не помнам ништо! Баш е слатка и лечебна оваа вода!“ „Не беше токму така!“ се осмели војводата. „Тој се довлечка и ја разлади својата глава во вирот!“ „Слушав и за тоа! Со четири куршуми во телото сè уште помислувал да ја гасне жедта! Бил силен и смел но сè има граници!“ „Ти го постави лименото чанче?“ „Да е прво и единствено? Пред триесет години донесов едно како позлатено, купено во Босфорот, лесно се држеше и пријатно мирисаше, ама некој овчар го пренесе на бачило! Донесов уште две што личеа на големи лажици, трагата им се загуби! Не знам зошто ги крадеа и другите што ги испраќав по овдешните пазарџии! Најпосле го порачав ова леено сосе синџирот и пред седум години лично го поставив!“ „Не оставаш никаква порака?“ „Знаеш како е со човекот! Некој го сака, ама некој го презира! Еден ќе те благослови, друг во канчето ќе ти се посере!“ „Добро си постапил!“ „Моето време истече, на мостот веќе ме чекаат!“ „Дојде со пријатели?“ „Овдешни луѓе, заедно работиме!“ „Ќе се вратиш пак?“ „Кога ќе се берат лозјата, ќе бидам тука! Така ветив! Друг роден крај си немам!“ „Господ нека те заштитува!“ „А ти причувај се самиот, не заспивај секаде! Може змија да те полаза, може некој да ти го пресече гркланот!“ советуваше непознатиот, демонстрирајќи со камата, на слегување по врлежот. „Ако те пресретне таков, никаков господ не ти помага!“ додаде откај долните грмушки и ја прибра камата под своето палто. „Песов не лаеше по тебе?“ сакаше да знае Слав. „Него го сретнав долу, на мостот, ми падна жал и го погалив! Кога се искачував кон изворот тој скокаше пред мене!“ „Господ да ти ја удвои добрината!“ блосоеше војводата со подзината уста. Потоа завитка цигара со прстите што трепереа и се прикраде зад една леска колку да изврши мала нужда. Чадот што го вдишуваше со мака го издишуваше. Помислуваше да го клоцне неверниот пес и да го прогони оддома. Се џареше надолу кон непознатиот со камата, но од него не остана никаква трага. Само жолтите лисје беа собрани во купче и фрлени во ендекот. Беломорско Сонце се нервираше и поради гробната тишина што завладеа во коријата на столетните дабје. Каде одлетаа птиците, што е со гуштерите, зошто не одѕвонуваат стадата? Само една утка ја најави студената квечерина и пак завладеа штама. Веќе не сакаше да чека на мостот. Попусто му измина денов, се јадосуваше војводата. Не го сретна пријателот и не ја сврши работата. Реши да не се враќа дома по кусиот пат што го користеше најчесто, туку по џадето со тополи, по кое можеше да стигне и до снежната планина. Така, го одминуваа пазарџии со брзи коњски запреги, чиновници на велосипеди, една маска натоварена со вреќи брашно. Се поздрави и со тројцата наружани коњаници што ги пресретна вчера, но тие сега не го препознаа. Дебелиот креваше рамена, се чудеше, беше поднапиен. Најмладиот пееше љубовна песна и си ја дотеруваше везената кошула. Војводата се чувствуваше како разболен, во душата му се насели уште една јанѕа. Досега можеше да му се случи да заспие и да не се разбуди, сега почна да се плаши дека некој ќе му го пресече гркланот. Дали заради крвна одмазда или лично задоволство, не беше пресудно. Штом песот постапи така, значи Беломорско Сонце нема вистинска заштита. А зошто пак да не му ги скратат маките на живеењето и на тој начин? Речиси сите негови врсници и соборци лежат по гробјето на Бовојзо, почиваат во заслужен мир, лесна да им е земјата. И тој се нагледа унери, ги преживе сите војни, сведочеше за големите промени што ги наметна веков. Дојде време да си оди на оној свет, кај најмилите, овде нема што да прави; сам легнува во ладната постела, сам станува како некое плашило. Но зошто да си оди заклан и крвав, се штрекна Слав и фати да тупка со бастунот по меѓата. Кој смее да го повреди живиот, подвижен споменик? Него одамна го слават во школите, го молат да им раскажува за бурните настани од ропството, тој е единствениот кого сабја не го сече. Тој е заштитен од сите, тешко на оној што ќе се осмели да го повреди. Така размислуваше Слав додека ги правеше уморните чекори по џадето, но утехата што ја смисли не го задоволи многу. Сепак, тој е осамен старец кому му избегал последниот син, по неговата смрт не ќе капне солза. Можеби ќе му постават паметник во дворот на училиштето, како што наслушна, но веќе не мораат да го прашуваат дали му е испрана облеката, како му е јуначкото здравје, дали е задоволен од пензијата? Додека запаѓаше во сè поголема тага, од меѓите на пченките што почнуваа да разлистуваат се појави Тале, синот на комесарот. Со прачка во рацете, тој беше лут, фркаше по ластарите, кошкаше земја со гумените опинци. Некое загубено јаре пискаше во меѓите, а допираше и звукот на далечна камбана. „Што те налути толку?“ праша Слав Плавески, заборавајќи на својата преѓешна мака. „Ништо! Бикот е заскитан по синорите!“ одговори момчакот и продолжи по џадето, во чекор со војводата. „А ги дотераа сите крави од испаша?“ „Не знам! Ќе одам по куќи да се распрашам!“ „Биди сигурен дека лунѕа по мирисот на некоја крава!“ „Ќе му се гостат волците ако го најдат!“ „Зошто мислиш така? Ѕверовите се в планина!“ „И в планина и в котлина! Брат ми Јован сретнал дивина, не знаеш?“ „Да не биле подивени кучиња?“ Беломорско Сонце го храбреше својот млад соговорник. „Не си чул за она исклано бачило?“ се наостри Тале. „Пред војната?“ праша Слав. „Не! За време на големите дождови!“ „Вашиот бик може да се бори со волците!“ Беломорско Сонце го погали момчакот, мошне задоволен дека го стекна неговото пријателство. „Ако го сардисаат од сите страни? Ако му се закачи некој одзади?“ „Ех, колку пати мене ме сардисале!“ воздивна Слав, присетувајќи се на некои битки со царските војски. „Ти секогаш победуваше?“ „Мислиш на борбите гради в гради?“ се збуни војводата. „Ние така не војувавме, нашите глави беа уценети! Ќе го касневме непријателот за срце и бегавме во гората!“ „Како волците!“ избрза Тале Дилески. „Ние бевме јунаци, а не ѕверови, синко! Нам гората ни ги лечеше раните, потоа се враќавме уште посилни!“ „И сега не се плашиш да спиеш под отворено небо?“ праша момчакот, како да стрела во градите на војводата. „Зошто би се плашел?“ „Тогаш и нашиот бик може да отспие на ледина!“ „Не само еднаш!“ „А како ќе му објаснам на татко ми дека не го најдов?“ се штрекна Тале. „Зар нему му е поважен бикот од синот?“ се насмевна Слав Плавески. „Не, ама пак ќе ме прати да го барам! Може и да ме претепа!“ вртеше со глава момчакот. „Толку е лош комесарот?“ „Не знам! Веќе сè му пречи во куќата! Мајка ми не смее уста да отвори, Софија му бега од сенката, само Јован не попушта во ништо!“ Тале искажа повеќе одошто смееше, но потоа си го поткаса јазикот. „Секој домаќин си ја чува сермијата!“ мудруваше Слав, божем го правда Апостола, целејќи на караницата заради лозјето. „Баш затоа тој и со чичко ми не зборува!“ „Да не се истепаа?“ „Не, сè уште не! Но татко му се закани дека ќе му ја скрати сенката!“ „Заради едно лозје?“ „Не знам зошто? Откако умре стрина ми, сè тргна надолу! Само викање! Дури и ние децата се поделивме!“ „Ех, кој не ја сакаше Сидора?“ воздивна Слав. „Да ја сакавме и сега таа ќе живееше!“ мудруваше Тале. „Толку ѝ било сечено од бога, лесна ѝ земја! Сега треба да се мисли на помладите, да се има слога во куќата! Умен е татко ти, сè ќе доведе на свое место! Наскоро кај вас ќе заиграат свадбари, радоста ќе го поврати мирот! Таков си е животот, ред веселба, ред жалост! Хи, хи, хи! Верно ќе правите две свадби летово?“ „Што знам како ќе биде! И затоа беше караницата! Чичко ми сака жалоста за Сидора да трае шест месеци, на татко ми му се брза за свадбите, ќе жали само шест недели!“ „Ти што мислиш?“ „Малку е тоа за нина Сидора, но кој ќе ме праша мене?“ „Есенските свадби се повесели, со ново вино!“ војводата пак ја наметна темата со спорното лозје. „Не знам дали ќе береме грозје!“ „Апостол ќе бере, Данило ќе гледа!“ „Зошто ги мразиш толку?“ му се сврте Тале на Слав. „Чувај боже, не ги мразам!“ поцрвене Беломорско Сонце, откако се најде во стапица на момчакот. Молитвата на камбаната се совпадна со бучењето на два камиона што кренаа облаци прашина, брзајќи кон ископите. Една старичка беше качена на магаре кое се инаетеше и не сакаше да тргне. Таа го ушкаше и го клоцаше по слабините, но тоа упорно ја гризеше валканата трева крај патот. Тале се џареше по ридиштата, со надеж дека ќе го здогледа бикот. Сега војводата се чудеше каде исчезна песот. Низ ѕвонот на едно стадо и одекот на камбаната се проби бучењето на рудничкиот џип во кој пристигнаа Јован Дилески и Алекс Тунај. Јамскиот бригадир не беше одушевен од дружењето на помалиот брат со војводата; позапре со возилото и слезе на патот. „Му раскажа сè за дома?“ се надвисна Јован над Талета. „Не!“ поцрвене момчакот. „Го барав бикот, не си дојде од пасење!“ фати да се правда. „Те познавам јас тебе! Како дупена вреќа си!“ го караше братот. „Зошто така мислиш? Со војводата разговаравме за дивите ѕверови! Дали ќе се одбрани бикот од волците!“ објаснуваше Тале. „Татко те прати да го бараш волот? Не можел сам да го побара? Каде е тој сега?“ „Кај Алевци, Иле ѕидарот е на умирање!“ одговори Тале. „Скокај во џипот! И ние ќе одиме таму!“ „А војводата?“ „Тој ќе си го пречека свирачот!“ одговори Јован, погласно за да чуе Слав. „Го видовте некаде?“ се зарадува овој. „Пред малку беше на мостот! Води една претоварена кобила, не знам кога ќе стигне дома!“ одговори Алекс Тунај. Откако му помогна на Талета да седне во џипот, Јован се поврати кон војводата. „Да не му вети помош на Данило за лозјето?“ го праша тивко, но подмолно. „Му го кажав тоа што го мислам! Ќе си го повратам назад!“ одговори Слав. „Покажи жолти пари и веднаш ќе се пазариме!“ продолжи Јован. „Ќе одам да го видам лозјето, да не е испустено!“ рече Слав. „Ако ти е мил животот немој да шуруваш со Данило!“ се закани најпосле јамскиот бригадир и скокна во џипот кој одјури. Подоцна, кога на видикот се појави Узеир Алија, војводата се израдува како дете. Седна на прашливата меѓа, фати да витка цигара и да крои планови. Со него ќе може да се живее, знае многу занаети, умее да свири на гарнета, а неговата чесност е позната во цел Бовојзо. Војводата реши да му подаде рака и широко да ги отвори вратите на својот дом. Во гумното пак ќе се орат палавите гласови на децата; бидејќи огнот ќе гори, оџакот нема да згасне. Само што ја запуши цигарата, веќе ја фрли на макадамот, беше возбуден кога му поита во пресрет. „Изгубив надеж дека ќе те сретнам!“ Беломорско Сонце му ја подаде сувата рака и се поздрави. „Додека купив сè што ми порачаа!“ се оправда Узеир, држејќи го животното за уздата. „Ти не свиреше на панаѓурот?“ „Каков панаѓур? Бев да ги покосам манастирските ливаѓе во Долен Бовојзо, потоа грлев пченки! На враќање си купив четири вреќи брашно, малку шеќер, сол, газија! Купив и платно за детски кошули, штом клапне летото и в планина ќе е топло!“ „А да му ставиш крај на таквиот живот?“ „Што да направам?“ се зачуди Узеир, поведувајќи ја кобилата напред. „Пресели се кај мене!“ „Што запна ти околу мене?“ се налути Узеир. „Ќе се вратиш ако не ти се допадне! Ние со татко ти бевме како браќа, ти си ми како син!“ „Ние сме два света, војводо, тешко ќе се изведе тоа! Јас сум од другата вера, знаеш добро!“ „Размисли пред да се решиш!“ „Почнаа со здравниот дом?“ Узеир Алија ја мени темата на разговорот. „Сè уште не ѕидаат ништо! Иле Алески е многу болен, кај него се собираат дома, го јуначат!“ „И јас ќе го посетам кога ќе можам!“ „Ќе размислиш за мојот предлог?“ „Да живееме под заеднички кров? Нема да ти се допадне, војводо, ние сме голема фамилија!“ „Толку многу се надевав!“ „Сега јас да побрзам! Ако ме пресретне мечка ќе ме изеде сосе брашново!“ „Господ нека ти го осветли патот! Сам ќе пешачиш нагоре?“ „Не! Со најстарите синови на брат ми! Саме и Дамир ме чекаат тука, во близина!“ одговори Узеир Алија, пред да се разделат. На Беломорско Сонце му се плачеше додека чекореше по тесните сокачиња. Значи и тој планинец не сака да живее со него, се тревожеше, чувствувајќи се како пред нов пораз. Но што му стана на песот, каде исчезна? Зошто сите го напуштаат? Чекореше како премален орач, во главата му се измеша сè. По дворовите мукаа телиња, 'ржеа коњи, некои домаќинки им даваа помија на свињите. Војводата беше како претепан. Во полумракот тропна на вратата од Николовци. „Го сретнав, на изворот!“ извика задишано. „Кого сретна, каков извор?“ се чудеше попот. „Синот на Крвникот, со кама в раце!“ „Ти пак си шетал по небото! Хи, хи, хи!“ „Го познав, песот ми е сведок!“ „Штом ти е песот сведок, јасна е работата!“ „Не му е косата испасена? Не му се црни мустаќите? Не е крупен и дебел?“ „Таков му е суратот!“ се подзамисли Никола, со раката на челото. „Значи тој беше! И местото околу изворот го очисти!“ „Почнуваш да ме збунуваш, војводо! А како беше обуен?“ „Војнички цокули!“ „Може да си во право, тој не ги собува ни кога спие! Ха, ха, ха!“ „Што е тука смешно?“ „И велиш со кама в раце?“ „Ми советуваше да не спијам под отворено небо!“ „Дека може змија да те полаза или некој да ти го пресече гркланот!“ „Од каде знаеш?“ скокна Беломорско Сонце. „На ист начин ги плаши затворениците! Ха, ха, ха! Додека беревме врби за плетење кошници, некој ќе задремеше и потоа сите го баравме!“ „Со таков стана побратим?“ „Кога не е на служба тој не згазнува ни врабец, а не пак да пресече грклан! Жими Деница, тој не е како татко му! Сака да ужива пензија во длабока старост, чесен збор, не треба да се плашиш!“ заврши Никола, меѓутоа, го спопадна заразна смеа. „Ти си ѓавол во мантија!“ се налути Беломорско Сонце и тргна кон авлиите, понижен и навреден. „Чекај, што те заболе толку! Ела на мојата трпеза, ќе ти раскажам докрај!“ предлагаше Никола, влечејќи го за ракавот. „Да си вечераш со побратимот што ти ги смачка забите!“ одговори глас од темницата, ѕвонлив но дебел, како од бунар. „Не си знаел за шега!“ подзина Никола. Дел трет ГЛУВА БОЛКА ГЛАВА ПРВА Деновите беа уште потопли, пролетта ги разви сите бои. Беломорско Сонце дури распосла черги под багремот, а од една дрвена клупа си направи кревет. И се срамеше и се плашеше да шета по коријата, иако некоја сила го мамеше на мостот и на кладенецот. Така, дремеше во ладовина и живееше од спомените. Ослабе зашто се хранеше лошо и нередовно. Багремот прецуте и сосема прозелене; секој миг се очекуваше роење на улиштата. Едно утро почна да го чисти коровот што буеше околу куќата и пондилата, но брзо премале. Откако студената пот му го облеа телото, тој пак се испружи на клупата. На кокошките сега не мораше често да им потфрла зрна, тие сами се снаоѓаа, претајќи во старите буништа околу гумното. И песот заслабе, наместо да скитне во гората и да побара храна, тој демнеше до војводата како верен слуга. Овој почна да чувствува дека силата му се одзема, не може да се искачи до гробиштата и да ѝ однесе букет цвеќе на Благуна. Барем да го зачисти местото околу плочата на најмилите и да поседи додека изгори свеќата, посакуваше Слав. Но таа Благуна е посреќна од него, со неа лежат обете деца, лажливо ѝ завидуваше, колку да ја совлада тагата, да не му прокапат очите. Долго и немо се џареше во сокакот што одеше надолу кон јавните чешми, по кој не поминуваше жива душа. Ни соседот Гаврил, кој беше в поле речиси од мугрите, ни говедата и овците, кои беа пренесени во некои летни каливи. Само една сива мачка ги преминуваше камените авлии, меѓутоа, и таа глас не испушташе. Пчелите одлетуваа кон ридиштата и претоварени се враќаа во сламените кошари. На војводата му се причинуваше дека не брмчат тие туку воздухот што се прегреваше. Кога би отепал некое улиште и би јадел од медот секое утро, бездруго силата ќе му се поврати. Знаеше да го изведе тоа; колку пати ја гледаше Благуна како со вода ги дави пчелите и потоа го чисти саќето со мед. Но веќе две ноќи излегуваше со подготвени садови и полна кофа вода, ама не се решаваше да го изведе поморот на вредните инсекти. Најпосле се откажа од намерата и беше среќен што ги гледа како му предат и брмчат над ушите, излепени со поленот. Само го тревожеше гробната тишина во сокакот; вака мртво не било ни кога топотеа казнените војници на царот, си мислеше Беломорско Сонце. Но тие денови запирка тивок и млак ветар што го разнесуваше мирисот на првите узреани плодови. И црешата на војводата сигурно е зрела за берење; тој вети да однесе во некои домови на пријателите, пред сè на близначките во куќата на учителите, ама сега не можеше. Оваа чудна пролет му ги зголеми болките по телото; кога стои на нозе брзо ја губи свеста, дури и бастунот не го крепи зашто му се тресат нозете, а и рацете. Кашлаше и офкаше, страдаше од запек во стомакот, видот му се замати. Ќе станеше и со рака над веѓите ќе се загледаше кон ископите на рудникот, меѓутоа, боите се мешаа како во некое виножито. Го распознаваше само чадот што го блуеја најблиските куќни оџаци. Повеќе се разочара кога сфати дека не слуша како порано. Бачилата и сега беа по околните рудини, петлите се огласуваа од плотовите, кучињата на Гаврила се надлајуваа по сокакот. Недалеку од празните руднички куќи беше отворен каменолом, минерите често најавуваа експлозии. Војводата го слушаше само кокодакањето на кокошките во гумното. Кога ќе задремеше на клупата, со блед поглед во гранките на багремот, до него допираше некој чуден ѕвон што се одгласуваше како во клисура, но тој сфаќаше дека не е од овој свет туку од некој друг, што го подлажува да оди таму. Беломорско Сонце сега не беше подготвен за такво патување, иако снеможен, тој сакаше да живее барем уште летово. Се прашуваше каде е учителот Бале Колар да го покани во школото или да прибележи нови работи за Сулејман Крвникот? Што го нема попот Никола да го повика на нива? Со наслада би се карал и со оние грабливи ѕверови на Дилевци, кога би навратиле ваму. Не се јавува од никаде ни за рожба ни за крштевање, ни за умирање и закопување. Што е решено во лозата на комесарот за двете свадби? И, кога почувствува очај заради крајната осаменост, кога и песот престана да лае, на портата тропна Деница Николова. Му остави лонче со чорба од млад лук и погача леб на клупата, поита со бардето да налее пресна вода и брзо се врати. Војводата ѝ подаде триножно столче и фати да ја распрашува за учењето. Сакаше да знае сè и за внуката Илина Алеска и за палавиот Тале Дилески, но и за намуртените дојденци Саме и Дамир Алија. Толку е убава и умна, како неговата Благуна што беше пред да се венчаат, споредуваше додека ја сркаше чорбата. „Нема веќе учење, ги чекаме оцените! Само пееме на часовите и се веселиме!“ објаснуваше девојката, со раце во скутот. „Дома како сте?“ праша Слав Плавески, со многу дикат и со длабока воздишка. „Ја береме првата рака од тутунот! На нива сме пред да изгрее сонцето, да ги избегнеме горештините! Потоа јас и сестра ми брзаме на училиште, мама и тате го нижат тутунот!“ рече Деница и одненадеж заплака. „Што криеш од мене, ќерко?“ ја погали Слав по косата. „Се плашам за татко ми!“ тивко липаше. „Не чини со здравјето?“ „Пак ќе го земат назад!“ „Зошто мислиш така?“ „Двајца со паларии го сослушуваа и го обвинуваа!“ „Што вели тој?“ „Не знам! По малку ќе дојде кај тебе, прашај го самиот!“ одговори Деница, бришејќи ги солзите од образите. „Нема да се случи тоа, биди сигурна! Ајде насмевни му се на својот болен дедо! Не ми кажа ништо за твојата другачка?“ „Вчера бев кај Илина! Не се најде лек за ногата!“ воздивна Деница Николова и фати да игра со бумбарот што ѝ слета на раката. „Млада е таа, ќе оздрави!“ рече Слав, не верувајќи им на зборовите. „А што мислат лекарите?“ додаде потоа. „Не знам! Но таа не може да оди!“ „Ќе прооди до твојата свадба, до есен!“ проба да се шегува Слав. „Што решивте, го токмите чеизот?“ „Не знам!“ одговори Деница посрамено. „Што ти е денес тебе? Сè знаеш, а ништо не кажуваш!“ повиши глас војводата. „Би сакала да го продолжам школувањето! Татко не се изјаснува, но јас го разбирам, си има поголеми грижи! Што запнала мајка да ме омажи?“ се јадосуваше Деница, станата од триножникот. „Не давај се, моли го попот! Господ да ти ја умножи среќата! Сакаш јас да зборувам со него и со мајка ти?“ праша Слав, подавајќи ѝ го празното лонче со раце што се тресеа. „Ти си болен, не треба да запнуваш!“ „Ништо не ми е, само лошо спиев!“ „Многу си болен, не излегувај никаде!“ го молеше да си легне на веленцето. „Ќе се обидам да ја вразумам мајка ти!“ извика Слав Плавески, и се помести на клупата. „Ако не ми успее пак ќе грее сонцето, а јас ќе ти играм на свадбата! Важи?“ „Важи,“ тажно се насмевна Деница. „Отидов да ги проветрам собите!“ додаде и малку потоа штракна вратата. Беломорско Сонце испи голтка вода од бардето. Му фрли касај од погачата на песот, се протегна на клупата, силата му се поврати за миг. Би можел сега полека да се искачи до гробиштата и да поседи со најмилите. Патем би свратил до црешата за да им однесе понадица. Но сопрво малку ќе поспие, да поминат горештиниве, на ладната квечерина полесно ќе го совлада патот. Веќе задремуваше кога слушна тропање на портата; попот Никола се упати кон багремот. „Јас те мислам на изворот, а ти се излежуваш! Што ти е, стара коско, тежат годините?“ „Мене ништо не ми фали, но што брзаш ти од Деница да правиш робинка? Таа е премлада, а згора на тоа и плашлива!“ „Ех, пробај да ја убедиш попаѓата!“ одговори Никола, искажувајќи целосна немоќ. „Ќе зацрните златно дете!“ „Ќе видиме, сè уште не е решено ништо!“ ублажи Никола и седна поблизу до Слав. „Но што останало од тебе, војводо? Си ослабел како некој костур! Заборави каде е мојот дом? Не знаеш дека вратата е секогаш отворена за тебе?“ „Летните горештини го сушат телото! Немој да мислиш дека се хранам лошо!“ „Ти си за в болница! Што се случило со тебе?“ „Да ти кажам право, како да скапувам!“ призна Слав, виткајќи цигара. „А јас толку брзо заборавив на тебе! Се запретав во тутуњето, бери и нижи од мрак до мрак, веќе главата ми плаче за добар сон! Ах, како смеев да заборавам на тебе? Но каде си видел поп да е за физичка работа?“ „Човекот оди по маките!“ мудруваше Слав, чурејќи од устата, а потоа силно закашла. „Ќе ја зачистам и ќе ја впрегнам чезата, одиме на лекар!“ предложи Никола. „Не прави бајрам со умот!“ „Зошто да ризикуваш толку?“ „Заборави на лекарите, кажи дали роди тутунот!“ „Не само тутунот, војвода! Полено е претоварено од годинешниот род! Пченките се повисоки од мене, ендеците мирисаат на презреани сливи, конопиштата растат како споулавени, ќе има грав и за продавање!“ „А јас ни градината не ја посадив!“ „Бери од мојата колку што ти треба! Пиперот само што заврза, доматите веќе цутат! Посадив и краставици, за мезе со ракијата! Сè што е мое, ќе биде и твое! Но како смеев да заборавам на тебе, пријателе?“ „Господ нека ти го умножи сето тоа! Мене не ќе ми треба!“ „Зошто губиш надеж сега кога и најлошата зима остана зад тебе?“ „Кажи ми што ќе правиш со Деница?“ „Што ме гибаш во таа рана повторно? Знаеш самиот дека попаѓата решава за децата! Таа ги растеше, додека јас лежев по зандани, затоа ми е одземен зборот! Запнала да ја мажи и не сака да попушти! Вели дека женско тело не смее да прецути, дека не е за школување туку за раѓање деца! Можеби е во право, што знам јас? Деница е толку убава и немоќна, секој ќе посака да блудничи со неа!“ „Не те гризи совеста дека е малолетна?“ „Штом се омажи ќе биде домаќинка за пример!“ „И ти леташ со умот на попаѓата!“ „Не, чесен збор, јас не мислам така!“ се штрекна попот. „Во сојот на Дилевци? Домаќинка меѓу ѕверови? Заборави што ѝ сторија на Сидора?“ „Па таа куќа е најбогата во Горен Бовојзо! Нема да страда за ништо, ќе ја чуваат како на дланка!“ „И Сидора така ја чуваа!“ „Деница е поубава од внука ти, војводо, лесна ѝ земја! Прости дека се фалам, но тоа секој ќе ти го каже! Моето чедо ќе го чуваат подобро, ти не веруваш затоа што им го мразиш сојот!“ заврши Никола Николов, чудно загледан по сокакот надолу. „Како не ти ги здроби сите заби оној чувар на затворот!“ „Добив писмо од него, војводо, добро што го спомна! Ха, ха, ха! Верно бил да го зачисти кладенецот! Оној пат ти не ме лажеше!“ скокна Никола и фати да џбара по длабоките џебови на мантијата. „Писмо?“ се вознемири Слав. „Го чуваш писмото?“ „Изгледа дома го заборавив! Ќе го донесам, прочитај го! Сте разговарале за некое позлатено чанче што го донесол од Босфор! Тој ме потсети и за некогашното име на изворот! Ама е ѓавол тој Рамадан? А во Долен Бовојзо живееше толку малку, одвај десет години! Знаеш како ги нарекувавме тие извори пред војните?“ „Знам! Долни Кладенци!“ одговори Беломорско Сонце. „Не знаеш! Извори на беглерот! Ти текнува сега?“ „Така беше, ми текнува!“ „Сакаш да ти кажам други новости?“ „Дека се гради здравниот дом? Дека во куќата на Алевци се очекуваат две умирачки?“ „Никаков дом не се гради, војводо! Одобрение за изградба пристигна, но градежен материјал не донесоа! Сега е отворен каменолом, таму работат ѕидарите! Не слушаш кога се минираат карпите? Еден ден ќе биде како што е ветено, ние ќе се лекуваме подобро!“ заврши Никола Николов. „Камените ѕидови не се лоши, во зима потопло, во лето поладно! Дебелиот комесар го испече занаетот! А го расчистија теренот за градба?“ „Таа работа ја сврши твојот пријател Алија со група дојденци! Така не се вика оној што свири на кларинетот?“ „Така е! Узеир Алија!“ „Не се гледате со него повеќе? Не ти се пофали дека ја купи куќата на Алабакот?“ „Кој можел да му ја продаде?“ се зачуди Слав. „Некој чиновник, внук на Алабакот! Не само што ја купи туку ја опаша со ѕидови!“ „Узеир Алија? Не ми изгледаше како затворен човек!“ Беломорско Сонце фати да се сомнева. „Кога стигна да ги изѕида авлиите? Верно целиот се затвори, унери, војводо! Си видел булук деца во едно двориште? Нема ни да видиш, ѕидовите се повисоки од човечки бој!“ објаснуваше Никола Николов. „Толку е близу куќата на Алабакот, а јас ништо не чув! Порано блеењето на козата ми допираше низ оџакот!“ се пожали Слав Плавески. „А како изгледа жената на Узеир?“ праша со запурничав глас. „Не ја видов! Велат, тивка и со кревко здравје! Со шамија на глава, каква што си беше!“ заврши Никола, присетувајќи се дека ја опишува некогашната жена на покојниот Јордан Плавески. „Ќе ѝ се допадне куќата на Алабакот!“ избрза Слав за да го извлече попот од неволите. „Само да оздравам и ќе одам да видам дали се подредила!“ „Нема да ти ја отвори вратата!“ „Зошто? Па таа ме почитуваше мене!“ „Авлијата не е крената толку високо заради украс! Таа сега е во друга вера!“ „Што зборуваш така? Ти не го познаваш Узеир Алија, тој растеше заедно со мојот покоен син!“ „Пробај, тропни на портата! Баш да видиме!“ божем попот го повлекуваше сомневањето, стана од триножникот и ја извика Деница од куќата. „Сега јас да си одам, ми остана тутунот ненижан! Ај да си го фатам патот под нозете! Попаѓата ќе се лути дека ќе нижиме по месечина!“ „Зготвив ручек и за утре!“ се пофали Деница на излегување. „Кога успеа?“ праша Никола, со глас на горделивец. „Кога ќе можам пак ќе дојдам!“ му се обрати девојката на војводата. „Господ да ти ја умножи добрината!“ благослови Слав и потстана од клупата. „Ќе ѝ кажеш кој ги јаде најубавите круши, попе?“ му се обрати на Никола Николов. „Ех, таа не мора да знае сè!“ одговори овој. Малку потоа, откако излезе од клозетот во кој ѕунеа мувите, Слав донесе чудно решение. Полека, кроце се извлече од дворот и се упати по сокакот кој завршуваше во коријата. Некои рудари го поздравуваа како стар пријател, еден сосед го запраша каде се запатил вака доцна, Тале Дилески му се пофали за бикот, но тој се направи дека не слушна ништо. Газеше млада но веќе подгорена трева, поткашлуваше и закрепуван од бастунот навлезе во гората. Беше како глув патник кој не си ја знае целта. Виде една старичка која напасуваше крави и предеше волна на крива фурка, меѓутоа, наместо да ја поздрави, збодна прекутрупа и патеката ја пронајде дури на другата страна од долот. Укаа птиците, ѕвонеа овците по рудините, гуштери шуштеа во дебелите слоеви од скапани лисја. Ниту песот залаја, ниту Беломорско Сонце нешто слушна. Трипати се одмараше навален на дабови стебла, беше веќе премален, ја губеше свеста, но пак се покренуваше и најпосле ги здогледа поцрнетите ископи. „Како стигна горе?“ се исчудуваше Алекс Тунај. „Што бараш ваму? Ниту работа има за тебе, ниту воздухот ќе ти годи!“ го искара Јован Дилески. „Ќе ми даде некој чаша вода?“ збиваше Слав со отворена уста, бришејќи ја потта со измастена шамија. „Оди во баракана, нацрпи самиот!“ рече Јован. „Не гледаш дека ќе ни умре пред очи? Јас ќе донесам вода!“ го предупреди Алекс својот јамски бригадир и со неколку чекори ја донесе чашата. „Сакам да разговараме за лозјето!“ процеди Слав, пиејќи ја водата со починки. „Не можеше да ме побараш дома?“ „Сигурно дека не можев!“ одговори Слав и го благослови Алекс Тунај за добрината. „Имаш од жолтите пари?“ праша Јован, со маска на итрец, навалувајќи се над старецот. „Ако си го платил со злато, синко, злато ќе ти дадам!“ прифати Слав Плавески. „Ама си будала! Мислиш син ти ќе примеше такви пари?“ „Не понижувај ме, кажи ја цената!“ настојуваше Слав и со дланки ги стегаше слабините што го болеа. „Лозјето веќе нема цена! Узеир Алија злато дава за него!“ рече Јован; уживаше да му се потсмева на војводата. „Нему ќе му го продадеш?“ подзина Слав, очајно. „Што ми е драго ќе правам со моето лозје! Ако ме налутиш ќе го раскопачам!“ се закани Јован Дилески. „Ќе ти платам со дукати!“ вети Слав Плавески најпосле. „Тргни ми се од патот!“ се разлути Јован и набрзо самиот исчезна во густежот. „На суд ќе сведочам против тебе!“ „Тапијата е на мое име, кој ќе повте да ја обори?“ Јован се поврати неколку чекори поназад, но пак го снема во правец на машините што ја переа рудата. „Зошто клечиш пред него?“ праша Алекс Тунај, помагајќи му на Беломорско Сонце да се исправи. „А вие секогаш заедно? Да не спиете во еден кревет?“ му се врекна Слав, одбивајќи ја помошта. „Што се лутиш на мене! Да ти сварам кафе?“ предложи Алекс Тунај. „Донеси уште една чаша од водата!“ одговори Слав помирливо и преседна на поголема греда до бараката. „Не пиј многу, студена е, ќе ти настрада грлото!“ советуваше Алекс, загледан во еден човек со кече кој на блиската ледина дресираше пес. „Кој е оној?“ подзина Слав, не допивајќи ја водата и фати да го следи распенетиот пес, наспроти човекот со кече. „Нашиот чувар Хадри Алија, брат на твојот пријател!“ одговори Алекс, а наслушуваше да не ѕвони телефонот во бараката. „Ваму се досели?“ праша Слав, држејќи го својот пес за рунтавиот врат. „Остана без приходи, кутриот, волците му го уништија стадото!“ одговори Алекс и потрча кон телефонот кој навистина сега ѕвонеше. Разочаран и понижен, Беломорско Сонце се враќаше дома. Се препкаше на пенушките, се одмараше пред и по секој дол, беше веќе истрошен кога стигна на брегот од кој можеше да ги здогледа куќите. Го погали песот, со мака ја извади кутијата и фати да витка цигара. Речиси не слушаше ништо, меѓутоа, во примракот ја препозна својата куќа. Некоја проѕирна магличка лебдеше над покривите, во десетина прозори здогледа светлина од запалени кандила. Ќе смогне сили да слезе долу или ќе отспие на првата ледина горе? Се закашла на станување, ја фрли цигарата недопушена, се запати по врлежот. Песот ни да лавне но верно го следеше по стапките. Нозете му откажуваа, се клатеше на бастунот, најпосле се заплетка во една капина. Ќе спие под отворено небо, помисли, откако ја здогледа најблиската затревена ледина. Ако решил некој да му го пресече гркланот, Беломорско Сонце нема сили за одбрана. ГЛАВА ВТОРА Узеир Алија помина на три чекори од ледината на која беше спружен војводата. Ниту песот го предупреди со лаежи, ниту кобилата за'ржа. Сè уште не беше разденето, дури и трнарчињата дремеа на гранките, иако петлите грлесто го најавуваа утрото. Тој фрли поглед надолу и во мракот што се разредуваше препозна неколку оџаци со чад. Домаќинките го замесиле тестото, помисли, сега виткаат мазници и прават матеница во бутинот. Лебот треба да е испечен пред да заминат аргатите по нивите. И тој ита да набере дрва пред да излезе шумарот во коријата. Мора да се снаоѓа во новото живеалиште што го прекупи од некој Алабак за мали пари; домаќинката треба да готви, децата му се гладни. Брзаше така задишан по врлежот, завлезе во долот и, кога се увери дека ударите на секирата нема да одекнуваат далеку, фати да сече. Нарамниците ги заврза со јажиња, ја подметна секирата на самарот, го поведе животното покроце надолу. Набра малку дрва, само да си нема работа со шумарот. Тој некогаш живееше како измеќар и главеник во Горен Бовојзо, луѓето ги познаваше. Да не го влечкаат по судови заради еден товар дрва? Некои соседи ќе го видат кога ќе влегува дома, веќе не се сомневаше; на исток се руди, уште малку и ќе изгрее сонцето. Денов ќе биде променлив, облаците го ишарале небото, меѓутоа, нема изгледи да заврне. Така, задуман, Узеир се покажа на брегот од кој можеше да ги здогледа покривите на куќите. Одеднаш тука се размина со претовареното магаре на Богоја Талески, кој наиде од другата страна на коријата. „Болест ја нападна шумава, умира брестот!“ тивко рече Богоја, влечејќи го стрвното магаре. „Каде се дрвјата поисушени?“ праша Узеир Алија, ослободувајќи се од преголемиот страв. „Онаму, зад ниските облачиња!“ одговори Богоја и покажа кон далечната планина. „На што ти личам јас тебе?“ се налути Узеир Алија. „Побрзај, ако те види шумарот не ќе личиш на ништо!“ го предупреди Богоја, кикотејќи се со дланка на устата. Овците беа истерани на паша, ѕвонеа додека ја кубеа зајачката трева по ридиштата. Некои говедари се надвикуваа, тутуноберачите брзаа по нивите; коњските запреги беа натоварени со плетени кошиња за тутунот. Сè е разбудено, помисли Узеир Алија, но шумарот бездруго не излегува оддома толку рано. Горе в планина тој немаше такви грижи, береше дрва колку што му требаа и кога ќе посакаше. Некаде во полето забревта трактор, камбаната пред црквата веќе клепаше. Само на каменоломот, во кој се вработи Узеир, сè уште не се случуваше ништо. Сега тој се загледа преку напуштените руднички куќи и ги препозна карпите што беа осветлени од првите утрински зраци. Откако ќе го растовари самарот ќе му отане малку време да ја назоби кобилата и да пристигне на каменоломот. Утрово нема да појадува дома, си предвидуваше, малку заплашен. Веќе слегуваше од брегот, држејќи ја со едната рака уздата, а со другата лошо врзаниот товар што се навалуваше, кога на ногавиците од панталоните сети кучешки заби. Здивот му застана, нозете му се стаписаа. Сопрво помисли на бесен пес и ја побара секирата, но малку потоа образите му ги исполни руменило. Не беше каснат од кучешките заби, ниту му беа скинати панталоните. Што сака да го предупреди шарениов пес, каде му е стопанот, се чудеше Узеир Алија. Застана и го помилува по рунтестиот врат. Колку е умен му се восхитуваше, ако лаеше ќе ја исплашеше кобилата и од товарот не ќе останеше ништо. Се врати назад и, штом ги заобиколи грмушките, веќе го здогледа војводата Беломорско Сонце. Тој беше спружен како мртовец, само очите му играа подотворени, а трепките не мрдаа. Жив е но премрзнат, брзо се увери Узеир и фати да му ги трие рацете, нозете и градите. Му помогна да си дојде на себе, му ја стави кутијата со тутун во џебот, потоа му го подаде и бастунот. Мораше да ја смирува и кобилата која фркаше и беше раздразнета не само од песот туку и од товарот. „Пак си заспал под отворено небо? Не си во цутот на младоста, војводо, не играј со здравјето!“ „Живот остана, сила не остана!“ офна Беломорско Сонце, откако се увери дека не ќе може да чекори. „Ќе ти помогнам да стигнеш дома!“ „Господ да ти ја умножи добрината!“ „Зошто се уништуваш вака?“ праша Узеир, откако го фати под мишка и зачекорија надолу. „Не се надевав да клапнам тука!“ се правдаше Слав, додека ги влечкаше здрвените нозе по земја. „Се враќав од рудникот, овде ме стемни! Ах, не знаев што ќе ме снајде! Многу студеше ноќеска!“ се жалеше. „Само кожата и коските останале на тебе!“ „Не сум бил подебел никогаш!“ „Сакаш да живееш во мојот дом?“ „Имам своја куќа! Господ да ја осветли твојата!“ „Можеш да се кренеш повисоко?“ „Нозете како да ми се отсечени!“ „Дека си прегладнет! Ќе ти се врати силата! Не ти пречи да се храниш кај мене? Само ние свинска маст не трошиме!“ „Не страдам за манџа, ми готви ќерката на попот!“ „А жена ми да ти ги пере алиштата?“ „Што алишта имам за перење? Освен ова што го носам, мене друго и не ми треба! Ѕиврите што ги чував му ги дадов на Алабакот!“ „Да застанеме, малку да се одмориш!“ „Ќе те видат со товаров! Поради мене ќе настрадаш!“ одговори Слав Плавески и смогна сили да се влечка, навален на пријателот. „Во право си, дрвава се крадени! Да побрзаме, мојата куќа е близу! Додека го растоварам самарот, ти ќе се одмориш!“ „Скапо му плати на Алабакот?“ „Речиси без пари!“ се пофали Узеир Алија, кревајќи го резето на портата. „Јас не го затекнав жив Алабакот! Куќава ми ја продаде еден негов внук, чиновник во Долен Бовојзо!“ „Ѕидовите сам ги подигна?“ не издржа Слав. „Да не ти е грижа за нив!“ одеднаш пламна Узеир Алија, се насрди, ја испушти уздата и го поведе старецот во еден трем, под камените скали. На дрвената ограда од чардакот се покажаа четири деца, кое од кое помали, гурелави, со разбушавени коси, штотуку расонети. Најмалото може да има две, додека најголемото нема повеќе од шест години, помисли Слав, откако стана да ги види. Да беше жив Јордан тие сега ќе беа негови внуци, се подлажуваше. Им се насмевна со болен грч на образите, меѓутоа, тие го следеа како непријател. Нивниот татко ја растовари кобилата, нацепи од трупците и го викна најстарото да го поземе нарамникот за да го однесе дома. Кобилата му се нафрли на сеното; го клоцна шарениот пес што се муваше околу нејзините копита и така ги развесели децата на чардакот. „Што е смешно?“ праша Узеир. „Ништо не е смешно!“ одговори детето со нарамникот дрва, но другите од чардакот ќе се задавеа од спонтан кикот. „Мама не е дома!“ извика некое со пискав глас. „Пак нејзината стара болест! Каде да ја барам сега?“ се возбуди Узеир Алија. „Ќе си дојде самата! Рече да не ја бараме!“ „Што ќе правам со таа жена?“ фати да се жали Узеир, прибирајќи се под тремот. „Тебе ручекот ти е во торбава!“ „Симни ја долу, да не се качувам горе!“ нареди Узеир Алија, малку потоа им свика на сите. „Дојдете ваму да го запознаете војводата Беломорско Сонце!“ „Слушаат децава?“ праша Слав, колку да започне разговор. „Не знам што ќе правам со нив! Понекогаш ми ја даваат сета радост на животот, но има денови во кои помислувам да ги исечам со секирава!“ „Широка е куќава, ќе се најде место за сите!“ „Куќата не е лоша, ниту е стара! Јас му помагав на Алабакот да ја соѕида! Колку мачно ја подигна!“ „Нагризана е, се рони!“ „Темелите се здрави, ѕидовите се широки! И чатијата не е скапана, па така, летово мислам да ги прередам само керамидите! Вие сте имале големи порои овде, во сите одајчиња прокиснало, на таваните се фатиле мувла, растат печурки!“ „Алабакот не можеше да стори ништо!“ „Ако ме служи здравјето, жими алах, ќе ја проширам! Четири машки деца, засега, но ќе ми треба уште простор за подоцна!“ „Господ да ти ги удвои радостите!“ „А јас не те послужив со ништо! Сакаш ракија? Кафе немам!“ „Со малку ладна вода добро ќе ми биде!“ Узеир Алија им нареди на синовите да го донесат бардето. Потоа ја постави раката над чатма веѓите и се загледа во небото. „Денес облаците нема да истурат дожд!“ рече како за себе. „Ќе биде пријатно за работа во оние спили!“ додаде, поземајќи го бардето од рацете на синот. „Како ти беше името?“ праша Слав; попусто бараше насмевка на образите од децата што нагрвалија. „Сега де се поздравите со нашиот славен војвода!“ им нареди таткото на синовите што беа облечени во бели но валкани кошули. „Немој да ги плашиш!“ се насмевна Слав, отпивајќи од бардето. „Ви раскажував за јунакот кого сабја не го сече!“ праша Узеир, загледан во своите усрамени синови. „Тој што го уби Сулејман Крвникот?“ се изненади најстарото дете и сожаливо го погледна старецот. „Јунак над сите јунаци! Ни сабја го сечеше ни куршум го дупеше! Сакам да бидете како него!“ заврши Узеир Алија и го погали најмалиот син. „Него го прогонуваа царските војски?“ праша најстарото, сè уште не верувајќи во херојството на истрошениот старец. „Издаваа потерници, ги сардисуваа не само населбите туку и планините! Нели ви раскажував, синови мои?“ скокна Узеир и фати да гаргара со вода од бардето. „Знаев да бегам како зајак!“ им рече Беломорско Сонце на децата за да ги насмее и расположи, меѓутоа, не успеа да ги придобие. „А колку заптии уби?“ праша најстарото. „Не ги броев!“ одговори војводата и посака да објаснува во детали за камарилите што пустошеле во Бовојзо. „Сега немаме време за приказни!“ извика Узеир префрлувајќи ја платнената торба преку рамо. „Војводата ќе оди на починка, мене веќе ме чекаат на каменоломот!“ „Живеам само две куќи подолу од вас, еден ден ќе дојдам и за Сулејман Крвникот ќе ви раскажам сè!“ им вети Слав на излегување од портата. „Не заборавете да ѝ ставите зобница на кобилата! Попладне ќе ја изведеме да ја напасеме!“ им порача таткото на децата, придржувајќи го Беломорско Сонце да не падне. Во дворот на Плавевци чекаа шестмина ѕидари. Помладите седеа на клупата под багремот, додека Апостол и Богоја беа пред кочината и нешто се договараа. Песот се загна да ги нападне, но Слав го искара. Помина соседот Гаврил со запрежна кола полна набран тутун. „За продавање нема ништо!“ Слав беше насрден уште кога седнуваше на триножникот. „Не дојдовме за купување! Да те одведеме на лекар или да ти донесеме некоја понадица!“ рече Богоја, ни сериозно, ни подбивно. „Што се лутиш? Не сме тука по своја волја! Дојде наредба да ти ја поправиме куќата!“ објасни Апостол, џвакајќи нешто во устата и задевајќи ги кокошките на буништето. „Кој наредил такво нешто?“ се почуди малаксаниот војвода, загледан во улиштата. „Некој од општината на Долен Бовојзо!“ лаконски одговори Апостол Дилески. „На државна сметка!“ додаде. „Кога мислите да работите?“ „Што знам кога? Сега не доаѓа предвид! Видовме, проценивме, ќе ги известиме надлежните!“ се правеше важен комесарот. „Не терај шега со војводата, многу е болен!“ му шепна Узеир Алија на комесарот. „А ти каде си утрово?“ му се вдаде Апостол на Узеир. „Го крпев таванот на куќата!“ „Ќе ти поверувам, ми кажа шумарот!“ „Да не ме видел со дрвата?“ „Ги затворил очите и заминал! За да не ги отвора, ќе мораш да платиш! Ха, ха, ха! Како да си набрал два товари дрва!“ уживаше Апостол да го збунува ѕидарот. „Но што му беше на Беломорско Сонце?“ праша Богоја Талески. „Што бараше утрово на брегот?“ „Пак заспал во коријата!“ одговори Узеир Алија. „А јас помислив дека чека некого во заседа!“ извика Богоја, ликувајќи што е упатен во сè. „Зошто ризикуваш толку? Некој ќе ти го пресече гркланот!“ му се обрати Апостол на војводата. „Или змија со рог ќе те полаза!“ се подбиваше Богоја и веќе излегуваше од портата. „Ни пропадна работниот ден!“ додаде. „Јунаците не се плашат!“ рече еден помлад ѕидар. „Што не признаеш дека заборави каде ти е куќата?“ провоцираше комесарот при излегување на сокакот. „Сношти се враќав од рудникот и патем ја изгубив силата!“ почна да објаснува Слав, виткајќи цигара со рацете што му трепереа. „Си го молел Јована да ти го врати лозјето!“ го прекина Апостол. „Ти веќе знаеш! Би сакал пак да е мое!“ „Ќе треба мене да ме замолиш!“ „Кажи ја цената!“ „Ех, кога се продава сермија не се брза! Се чека кој ќе наддаде!“ подбивно одговори Апостол и му намигна на Узеир Алија. „И за тебе е подобро да не правиш така!“ „Знаеш кога ќе го добиеш лозјето назад? Ако не знаеш, јас ќе ти кажам! Знаеш кога ќе воскресне Сулејман Крвникот? Ете тогаш лозјето пак ќе биде твое!“ „Да ми беше пушката при рака, сега ќе те кутнев! Кој ти дозволи да влезеш во мојов двор?“ Беломорско Сонце замавна со бастунот. „Не срди се, војводо!“ го тешеше Узеир, но веќе тргна по дебелиот. „Наредба од повисоко место! Вршев увид на куќата, ама не по своја волја! Некој решил да ја прави музеј!“ објаснуваше комесарот, вртејќи ја работата на шега. „Кој решил без мене? Матна вода ќе ве голтне сите вас! Господ е голем!“ Беломорско Сонце одвај се крепеше на нозе, меѓутоа, со бастунот им се закануваше на групата ѕидари што брзаше кон јавните чешми. „Буни се, лути се, јас ќе ти држам говор на гробишта! Ха, ха, ха!“ одѕвонуваше гласот на глембавиот, додека помладите ѕидари се кошкаа со рамената. „Ако те донесе патот до каменоломот, отвори си ги очите! Ние таму не се шегуваме туку минираме!“ извика Богоја од сокакот и предизвика смеа. „Пак ќе наминам да те видам!“ вети Узеир Алија, кој чекореше последен. „И ти не си подобар!“ промрморе Беломорско Сонце и се испружи на чергите. Откако ручаше, Слав проба да заспие во креветот крај оџакот. Беше силно возбуден, речиси потресен, снагата му трепереше. Дали верно Узеир ќе нуди повисока цена за лозјето? Кој решил неговата куќа да ја прави музеј без да го праша него? Зошто ѕидарите му се подбиваат така безочно? Илјада прашања се вкрстија во неговата премалена и жедна за сон глава. Меѓутоа, сонот никако да превлада. Да беше син му Доран овде сè ќе си дојдеше на свое место. Тој ќе се оженеше со девојка слична на Деница и потоа куќава ќе светеше како сонце. Игрите со внуците ќе немаа ни почеток ни крај, се подлажуваше Слав Плавески, џарејќи се во полутемницата на немливата печалка. Не сакаше да се предаде, не веруваше дека пропаѓа сè што му беше мило. Под креветот протрчуваа прегладнети глувци, во целата куќа се плетеше бела пајажина. Колку дена тој не го прередил ковчегот на Благуна? Колку вечери не го разгорил огништето и не чади оџакот? Само малку да му се поврати силата и ќе ги исполни сите обврски, си веќаваше. Утре ќе се довлечка некако до гробиштата и ќе поседи со најмилите. Што му требаше да троши снага за посета на рудникот? Така, возбудата не му даде да заспие, иако долго одлежа во креветот. На квечерината реши да сврати во куќата на попот. Тешко дишеше, се одмараше до плотовите и сожаливо го милуваше песот. Овој како да сфаќаше дека се ближи разделбата, му се пикуваше меѓу нозете и цвилеше. Од меѓите се најавија штурци, на тополите џагореа врапци. Далеку некој свиреше на шупелка, светкаа инсекти под крошните на сливите, ѕвонеа овци. Беломорско Сонце го погледна ѕвезденото небо и се зачуди каде исчезнаа облаците што се закануваа со дожд? Нозете го тиштеа во колената, а пак во главата како да му играше врагот, како да му удираше чекан. Направи уште една починка на авлијата од попот и суво закашла. „Да ти помогнам, дедо? го запраша Деница, го откошна тутунот од скутот и му тргна во пресрет. „Седи и нижи, ќерко, додека е виделина!“ одговори Слав и се довлечка под тремот со последните сили. „Ќе ме одмениш малку?“ фати да се шегува Никола, набодувајќи ја иглата во лисјето. „Да имав очи, ќе нижев, зошто да не! Но јас сега дојдов за да се посоветувам со тебе!“ рече Слав и го позеде коклецот што му го понудија. „Ќе почекаш да ги обесам низалкиве или ти се брза?“ „Доврши си ја работата!“ „А сношти ти не беше дома!“ „Морав да скокнам до рудникот!“ „Каде ја најде таа сила, војводо? Па ти одвај го совлада патот меѓу три авлии!“ се исчудуваше Никола Николов. „Кога се мора, не е тешко!“ „Си барал лозјето да ти го вратат!“ „Кој ти кажа?“ „Мало е местово, сè се дознава! Ха, ха, ха! Заборави дека од тебе го слушнав тоа?“ „Може да е така, мене чавките ми го испија умот! Јас ги известив ѕидарите за синот на Крвникот!“ одоколу целеше Слав и фати да се чеша под испотената капа. „Што за Рамадана?“ се стресе Никола, а низалката со тутун му падна од рацете. „Дека ме посети на изворот!“ Слав почна да витка цигара. „Од мене ништо не излегло, не треба да ме обвинуваш!“ се правдаше Никола, редејќи ги низалките на оптегнатиот тел. „Комесарот ми се подбиваше! Пресечен грклан, змија со рокче!“ „Со него тие се пријатели! Нели Крвникот отседнуваше во нивната куќа! Да не си се пожалил некаде?“ „Во соништата што ги немам!“ воздивна Беломорско Сонце. „Грешиш што ме обвинуваш мене! Ништо јас не знам! Чув само за наредбата од Долен Бовојзо твојата куќа да се поправа!“ „Не дојдов за тоа, попе!“ „Ќе ми кажеш што те мачи, само да привршам со низиве!“ се израдува Никола, бидејќи се извлече од мачниот разговор. „Ќерките го нанижаа тој отров, фала му на бога, сонцето ќе го среди! Попаѓата е болна, но Деница сега ќе ни изнесе слатко од цреши и малку ракија!“ заврши попот, миејќи ги рацете од едно поткршено дуле во тремот. „Арно ме потсети, не си најдов време да ја оберам црешата!“ се пожали Слав Плавески. „Многу си задоцнил! Ако одиш, само лисја ќе најдеш!“ „Знам, годинава сè ми пропадна!“ „Здравје нека ти придаде господ!“ „Толку многу не смеам да барам! А каде ти е попаѓата, зошто не ја гледам?“ „Нели ти кажав, болна е! Си легна со кокошките!“ одговори Никола, со горчина во гласот. „Татко, зошто не ѝ веруваш на мама?“ праша Деница, принесувајќи на дрвено столче порција сирење, ракија со две чаши и тегла со слатко. „Добро де, ќе поверувам, само да ми каже некој кога била здрава?“ Никола ги полнеше чашите и коментираше. „Компотиве ги вари како за своја душа, но штом набереме повеќе тутун таа се разболува! Оди сега разбери ја попаѓата!“ „Пробај да видиш колку е вкусно!“ Деница му понуди лажица на војводата. „Сè е убаво кај вас!“ рече овој. „Да не ми завидуваш?“ се замеша попот. „На ќеркиве секој ќе ти позавиди!“ „Така е! Кој е како мене! Само уште да ми ја вратеа црквата Света Пречиста!“ воздивна Никола Николов. „Ако продолжиш да ме кодошиш кај комесарот може и тоа да се случи!“ „Јас се надевам!“ извика попот и се направи дека не го разбра предизвикот од војводата. „Верниците пратија две писма до власта, со господ напред, се надевам на поволно решение!“ „Ќе ви треба уште нешто?“ праша Деница, собирајќи ги чергите на кои се нижеше тутунот. „Легнете си порано!“ ѝ предложи Слав. „Да не си гладен? Прикасни од сирењето!“ рече попот, додека ги качуваше празните кошови во колата. „Како успеваш да гледаш по мраков?“ се чудеше Слав; пак виткаше цигара. „Грее полна месечина!“ одговори Никола и потоа истури чаша ракија во грлото. „Тебе многу ти ослабе видот!“ додаде, откако седна. „Пушти ги децата, нека си легнат!“ рече Слав, нестрплив за својата исповед. „Господ да ти ја умножи вредноста!“ благословеше, откако со прстите одрона парче од сирењето. „Сега да чујам што те мачи?“ побара Никола, мислејќи дека ќерките се повлекоа на спиење. „Почекај, нека си легне Деница!“ шепна Слав, загледан во темницата. „Божем слеп, ама ти подобро гледаш од мене!“ фати да се кикоти попот. „Што правиш на чардакот, ќерко?“ ѝ се обрати на Деница. „Му кажа на војводата за внука му? извика девојката и чекор по чекор слезе долу. „Заборавив!“ попот се почеша на главата. „Пак нешто лошо?“ се интересираше Слав. „Со девојката некој си поигрува!“ фати да објаснува Никола. „Нека ја сечат ногата, штом нема друго решение! Подобро саката, одошто мртва! Кој избегал од судбината?“ заврши попот и нервозно ја испразни чашата. „Ја однесоа в болница?“ праша Слав. „Не требаше ни да ја испуштат!“ воздивна Никола. „Отиде некој со неа?“ Беломорско Сонце пак светна со цигарата. „Никој! Те барав тебе да одиш со Илина, но ти сношти не беше дома!“ одговори Никола. „Ако ѝ се случи нешто, јас не сакам да живеам!“ изјави Деница во темницата. „Што можеш да ѝ помогнеш ти?“ ѝ се врекна попот на девојката. „Сè што зависеше од тебе Илина си го доби! Оди сега да си легнеш, утре пак ќе береме тутун!“ ја искара најпосле. „И мајка ѝ немаше среќа!“ воздивна Слав, присетувајќи се на својата ќерка. „Во божји раце е, да се надеваме на спасот!“ рече Никола, загледан во вратата што се затвори. „Кажи ја сега маката, војводо! Останавме сами!“ додаде и се наведна кон гостинот. „Не знам дали смеам да се исповедам!“ воздивна Слав, отпивајќи малку од чашата. „Откако размислив добро, идејата не ми се виде разумна! Ќе ме сметаш за будала!“ се двоумеше во темницата. „За лозјето на Дилевци?“ „Не спомнувај го тој сој!“ „Да не планираш синот да го лишиш од наследство?“ „Господ ќе му плати нему, јас веќе му простив!“ „Па зошто би се советувал со мене вечерва?“ запраша попот со повисок глас. „Мислам да го убијам синот на Крвникот!“ „Верно си полудел! Да го убиеш Рамадана, чуварот на затворот? Чавки ти е полна главата! И што бараш од мене?“ „Ти најдобро знаеш како да го изведам тоа! Кога ти ги скрши забите, ти бездруго кроеше одмазда!“ „Поминаа тие времиња, војводо! Освен тоа, Рамадан ми е пријател! А што ќе ти е тебе уште едно убиство на совеста?“ праша Никола, вознемирано тупкајќи со нозете, џарејќи се наоколу во темницата. „Саноќ ме јаде стравот дека тој ќе ми го пресече гркланот! Морам да се бранам, попе! Или тој мене, или јас него! И тоа пред да се берат лозјата!“ „Господ да ти го покаже патот и да ти го осветли умот! И мене да ми прости што те слушам! Ако сакаше тој да се одмаздува за татко му, ти ќе беше мртов уште на изворот!“ „А зошто ми се закани со камата?“ „Не знам што му требало да те преплаши! Таков му е карактерот, сака да биде над другите! Но тој нема да ги натопи рацете со крв, верувај ми!“ „Во сонот ми се насели, затоа брзо пропаднав!“ „Заборави што ти рекол, не мисли на него!“ советуваше Никола. „Веќе ништо не ме смирува! Ме плашат и глувците под мојот кревет! Не ти се верува дека и песот живее на штрек?“ праша Беломорско Сонце, исповедувајќи ги своите страдања. „Да ти предложам нешто? Што не спиеш во мојава куќа?“ Никола ги дополни чашите со ракија. „Уште полошо! Тој ќе дојде кај тебе!“ „Па како да те уверам дека Рамадан нема да те допре ни со прст?“ се возбуди попот. „Никако!“ „Ќе му советувам да ти напише едно писмо!“ „Не прави го тоа, попе!“ „Многу сум загрижен за тебе! Не знам како да ти помогнам?“ „Сега јас ќе си одам!“ воздивна Слав и се исправи на бастунот со офкање. „Да дојдам со тебе?“ „Само до авлијата!“ прифати војводата. „Ќе те молам да се откажеш од намерата! Ти си легенда и не смееш да го извалкаш името!“ мудруваше попот, додека го испраќаше војводата. „Кој ѓавол го доведе на изворот?“ подзастана Слав. „Не ти призна самиот? Изворот за него е како светилиште! Нели таму Сулејман ја испушти душата?“ „Гледаш дека не е заборавено ништо?“ „Не е баш така! Споменот останал, одмаздата исчезнала! Изминаа педесет години од тоа убиство, што сакаш поголем доказ? Ти скина некој тебе влакно од косата? А синот на Крвникот мора да го чува споменот заради своите поколенија! Има седум деца, па не може да им каже дека е дрво без корен!“ објаснуваше попот во темницата што ја шараа светулки. „Тоа ме заплашува!“ призна Беломорско Сонце. „Мислиш крвта ќе зоврие?“ „Не знам! Ја крвта, ја традицијата за одмазда!“ „Ми се плаче за тебе, војводо, ми е жал! Вечерва наспиј се убаво, можеби ќе ти се избистри во главата! Па кој ќе се осмели да крене рака на тебе? Ни синот на Крвникот, ни самиот црн ѓавол!“ „Господ нека ми е на помош!“ воздивна Слав и со мака зачекори по долот, меѓу авлиите. „Да те посетам утре?“ „Не! Многу сум изморен! Ќе пробам да се наспијам!“ Беломорско Сонце не влезе дома туку фати да се војва по гумното. Дека слухот му беше мошне оштетен, се чувствуваше како во пустелија. Ни птица да запее, ни пес да залае, ни крава да замука, ни утот да се јави од гората. Гробна тишина му се насели во ушите, се потпираше на бастунот но како да лебдеше во воздухот. Со мака ги здогледа ѕвездите што го исполнуваа небото, меѓутоа, во дворот распознаваше полесно. Го милуваше песот додека седеше на клупата, под багремот. Кокошките дремат, а пчелите спијат, си помисли Слав. Сенката од куќата ѝ се доближи на сенката од багремот. И авлиите фрлаа сенка врз сувата земја, додека стожерот беше осветлен од месечината. Колку би сакал да отспие на клупата со черги, саноќ да го гали оној тивок ветар што напирува од сокаците. Би можел и пушката да ја наполни и да ја држи крај себе. Сега тој не гледаше сигурна заштита ни во песот ни во пушката. Дека се плашеше да остане подолго во замрачениот двор со многу чудни сенки, војводата покроце се прибра дома. Во печалката му пречеше воздухот што смрдеше на расипана зелка, со дикат го наџбара кандилото, потоа ја згасна жедта со вода од бардето и легна во постела сосе опинци. Стравот од заспивање по кое нема разбудување беше силен, завладеа со мислите на Слав. Ем не сакаше да го преколат во гркланот, ем не му се умираше со природна смрт. Животот сè уште беше пред него, меѓутоа, силата му ја одзедоа. Како господ нема друг, офна кога стануваше од креветот за да му потфрли касај леб на песот. Што да прави во ноќва кога не може да заспие, се прашуваше. Му се роди идеја да замеси тесто и да си испече леб за наредните денови. Брзо го спотна огнот кој го прегреа воздухот во печалката. Се испоти додека го месеше тестото, ја распетла валканата кошула, ги соблече панталоните и така, најпосле ја подготви црепната. Долго и самотно чекаше да узрее тестото, задремуваше налактен на рацете и се штрекнуваше. Едно време го слушна плачот на козата од дворот на Алабакот. Настаните се прескокнуваа во неговата капната глава; сегашноста продре во минатото. Како можеше тој да разговара со Благуна и да ја прекори дека не успеала да го воспита помладиот син? Како успеа таа да го советува погачата да ја назоли со мешано брашно пред да ја покрие со вршникот? Тој ќе ја обвинеше за нешто, таа ќе го подучеше за обични работи од секојдневниот живот. Веднаш да побара отров за глувци или да позајми мачка од соседот Гаврил, го предупреди Благуна. Ако не се ослободи од молците во куќата, пуздер ќе станат не само волнените ткаенини туку и сите платна. И да си поведе грижа за своето здравје, советуваше Благуна. Тој скокна да ја праша како е таму, на тој свет, но пак одговор не доби. Погледна во жарта под црепната, му текна што да прави со погачата, малку потоа го намести вршникот. Сега планираше да го продолжи разговорот со Благуна; нема да ја обвинува, туку ќе се исповеда. Сопрво за внуката Илина што настрада поради него, потоа за проблемите со она убаво лозје. Дали се виделе со Сидора? Нема да побара совет за намерата да го убие синот на Крвникот зашто таа изрично ќе го забрани тоа. Ниту ќе ја замара со веста за кавгата меѓу најмоќните браќа во Горен Бовојзо. Ќе ја праша што треба да понесе кога ќе тргне на пат за таму, кај неа. Ќе сака да знае дали се пристигнува направо до неа или ќе мора да застанува некаде? Да не го чекаат во заседа неговите жртви? Се мисли на одмазда и таму или братската љубов ги надвладува сите други страсти? Пајажината се насели во неговите крвави очи, во полусон, по ѕиврите, Беломорско Сонце се навали на креветот. Потоа му се предаде на длабокиот сон од кој се плашеше. Будењето настапи одеднаш, како стрес; Беломорско Сонце по ѕиври истрча надвор. Нему слухот му беше ослабен, меѓутоа, сепак ги распозна гласовите што го довикуваа. И песот како да лаеше, и петли како да пееја. Па каква мака го спотерала тој намерник што вика, да скита по сокаците среде полноќ, се прашуваше џарејќи во темницата. Да не е синот на Крвникот кој исто така не може да спие додека не го одмазди својот татко? Слав беше испотен по целото тело, но крвта веќе му се следуваше, трепереше исплашен од сенките на авлиите. „Кој ме викаше? Има некој тука?“ праша, намовнат по кожата. „Гледаш дека стојам пред тебе, не си ќор?“ одговори соседот Гаврил, потпрен на ѕидот од куќата. „Што ме будиш во глуво доба?“ „Видов чад над оџакот, па си реков дека си буден!“ „Не слушам, викај посилно!“ Слав ги начули ушите кон Гаврила и го искара песот кој ревеше на вратата. „Ја донесоа ќерката на ѕидарот! Мислев ќе сакаш да знаеш, утре ќе ја закопуваат!“ „Кого донесоа, зошто ќе го закопуваат?“ „Ќерката на ѕидарот, умре в болница!“ „Се исцеди, кутрата!“ воздивна Беломорско Сонце и првпат не рече Бог да ја прости. „Од ногата што ѝ беше затруена ѝ скапа целата снага! Колку беше убава и млада!“ „Што знаеш ти за младоста?“ одненадеж му се врекна Слав на Гаврила. „Колку ти за староста! Јас дојдов како пријател, а ти се лутиш! Незгоден човек си, војводо!“ фати да се повлекува соседот, а песот се загна по него. „Не можеше да почекаш до утре? Мораше да ме будиш во ништо доба? Што сакаш од мене? Колкупати ми јавуваш за умирачка среде полноќ? Ни срам, ни перде!“ свика војводата, мавтајќи со бастунот. „Ти си единствениот сосед во сокаков! Кому ќе му јавам ако не ти кажам тебе? Зошто се срдиш? Не ти е умрената внука од ќерка?“ „Те познавам јас тебе! И како дете не беше подобар!“ „Мислиш на гавраните што ти ги фрлав во дворот? Ама ги врзуваш настаните!“ „Другпат ако ми јавуваш за умирачка во глуво доба, да ти биде јасно, пушката ќе ја сметнам од ѕидот!“ се закани Слав, додека песот ја параше ноќта. „Кога да те будам? Па ти немаш осет за времето! Две ноќи и еден ден не си излегол од куќата, само оџакот ти чури како да му испраќаш пораки некому! Сите дрва си ги изгоре, што ќе правиш в зима?“ „Знам што си наумил, знам! Ќе ме најдеш оладен и ќе ги здиплиш кокошките уште на спиење!“ „Сум пукнал за твоите искубани пердуви! Кога си таков, чукнат во умот, од утре пак нема да те поздравувам!“ се закани Гаврил, оддалечувајќи се во мракот. „Кој умрел? Кого ќе закопуваме?“ Беломорско Сонце се тресеше на сокакот по чорапи. „Твојата внука!“ одговори Узеир Алија и му помогна на старецот да се врати дома. „Веќе нема да фрла гаврани во мојот двор!“ мрмореше Слав, лутејќи се на соседот Гаврил. „Облечи се за на гробишта, утре ќе дојдам по тебе!“ му рече Узеир Алија. „Многу долго спиеше, не верувам дека ќе сакаш уште!“ додаде и замина кај својот другар Иле Алески. Беломорско Сонце го истури ѓумот со вода во оџакот. Печалката беше прегреана како некоја бања, воздухот исушен, не се дишеше. Во ноќвите пронајде четири сомуна од кои само едниот можеше да се јаде. Зар четири пати ја повторил истата работа со црепната и вршникот? Сè уште не му веруваше на соседот дека спиел две ноќи и еден ден. Облече панталони, ги навре опинците на испотените, валкани нозе, го зеде бастунот и излезе надвор. Најпосле и песот се врати кај господарот, под багремот. Првите петли се натпејуваа од плотовите, небото загрме, облаците надојдоа од кај снежната планина. Засенчениот двор потона во мрак, ветрот се засили, крена прашина во сокакот. На Беломорско Сонце му застуде, стана и покроце отиде кај сеницата. Ќе земе неколку трупци и пак ќе го спотне огнот. Беше преморен како да орал нива кај попот, телото сè уште му бараше сон. Каде се витосаа дрвата што ги купи зимоска од шумарот, се чудеше, кревајќи неколку цепаници. Дали верно оџакот чадел две ноќи и еден ден? Потоа се џареше во пузата што блеснуваше и потемнуваше, ги следеше и глувците што претрчуваа, барајќи храна. Реши да им свари јајца и да им надроби крај дупките во ѕидовите. Му падна жал дека се гладни, зеде парче од тегавиот сомун, им потфрли. „Кај мене и глодарите немаат среќа!“ гласно воздивна, како да ѝ се обраќа на својата брада. Огнот полека згаснуваше, само пенушките тлееја во пузата. И чадот се враќаше од оџакот, зашто надвор секаше, во коријата удираа громови, дождот се најавуваше бучно. Крајно време беше да заврне, градините да ги освежи, пченките да ги порасте, си мислеше војводата. Приспивна леснина го поземаше додека ги вадеше јајцата што ги свари. Ја слече кошулата, си ги изми нозете во леѓенот, го исплакна грлото со вода и легна со надеж дека ќе сонува. ГЛАВА ТРЕТА Беломорско Сонце го преспа денот речиси до пладне. И кога се расони не сакаше да ја напушти постелата. Деница го затекна како се џари во распуканиот, од муви испосран таван. Не чувствуваше ни жед ни глад, коските не го тиштеа, почисто гледаше, подобро слушаше. Благо ѝ се насмевна на девојката и сакаше да знае какво е времето надвор. Ноќеска дождовите ја измија прашината од дрвјата, му раскажа Деница, чии очи беа потечени и закрвавени, но земјата брзо се потсуши од летните горештини што ги донесе сонцето. Денес не пукаат мини на каменоломот, ниту се бере тутунот, училиштето не ги отвори портите. Таа имаше само толку слободно време за да му зготви ручек на војводата, сега ќе оди на закопот. „Не знам дали треба да плачеме!“ ѝ рече на Деница кога ја испраќаше. Се испитуваше себеси дали смртта на внуката го потресе. „Таа многу сакаше да живее!“ тивко одговори девојката и скршна во сокакот. „Си отиде кај својата мајка!“ издиша Слав. Војводата сега не размислуваше за неправдите што се нарекуваат судбина. Бараше чиста кошула и нова капа, ја иструга брадата со тапиот брич, најпосле седна да руча. Да му се врати силата во снеможеното тело, да не падне од умор додека се искачува на гробиштата. Ќе ја запре устата да не зборува дека умрената внука можеше да се спаси. Ќе се замеша во поворката на ужалените, иако маштеата го забрани тоа. Денов му се виде како порачан за на гробишта. Додека ја чекаше колата од домот на Алевци, војводата си ги заврши другите работи; натрупи дрва што ги постави крај оџакот, им фрли зрнеста храна на кокошките, го пререди ковчегот на Благуна, дури потоа седна на клупата под багремот. Како да слушна гласови на жени што тажеа, меѓутоа, сè уште не беше сигурен во своите уши. На кратко го посети Узеир Алија, да се распраша за неговото здравје. Тој попусто го одвраќаше војводата да не се изложува на преголем напор со одењето на гробишта. Потоа раскажа за премрежето на Иле Алески, ужалениот татко кој молел и преколнувал да си ја види ќерката за последен пат, меѓутоа, лимениот сандак не смеел да се отвора. Телото на девојката било сечено, од горештините веќе се распаѓало. „Жалта во куќата на Алевци е преголема“ призна Узеир кога си одеше „зашто сите знаат дека наскоро ќе ги снајде уште една несреќа“. Божем Иле ќе издржи до митровденските празници, но штом клапнат првите дебели снегови, неговата кашлица ќе го покоси. „Ех, не се познати границите на човечката издржливост!“ рече Беломорско Сонце, кога го испраќаше пријателот, мислејќи на својата положба. „А си видел што плука кога кашла?“ праша Узеир Алија, откако се поврати кон багремот. „И како момче тој плукаше крв од градите! Колкупати бараше од мене козјо млеко за да се лечи!“ се присети Слав. „Но сега не му помага ништо!“ „Сè е во божји раце!“ воздивна Беломорско Сонце и се загледа во поштарот Стево Лајме, кој се искачуваше по сокакот, теглејќи велосипед. „И твоето здравје не е за фалење!“ додаде Узеир Алија. „Ништо мене не ми е!“ „Остани си дома, не изложувај се на ова сонце!“ „Зар да не одам на закопот на својата единствена внука?“ праша Беломорско Сонце, божем храбро, а всушност одвај се воздржа да не залипа. „Ако не се причуваш самиот, господ нема да ти помогне!“ советуваше Узеир. „Што се карате вие?“ праша Стево Лајме, откако подзапре за да ја пребара големата торба. „Имам нова адреса!“ се пофали Узеир. „Кој не ја знае старата куќа на Алабакот? Ќе дојдам и кај тебе, ќе ти испијам ракија за здравје и долг живот!“ „Очекувам писмо од болницата! Не за мене туку за жената!“ извика Узеир, на слегување кон јавните чешми. „Знам сè, побратиме! Сега за тебе нема ништо!“одговори поштарот одозгора, ја суреди торбата и в час се најде пред портата на Плавевци. „Стигна пензијата?“ запраша Беломорско Сонце, отворајќи му на поштарот кој го потпре велосипедот на ѕидот од куќата. „Да ја видам прво ракијата! Ах, мислиш лесно е качувањето до оваа твоја тврдина? Јазикот ми потече како на пес!“ „Кога сум те оставил без пијалак?“ „Обично не држиш ракија! Ќе ти го исплатам чекот и ништо, ќе ме пренесеш жеден преку вода! Добро те познавам, војводо!“ „Ако сум немал!“ се правдаше Слав. „Лозјето го продадов, а црешата не раѓа многу, од старост ѝ се сушат гранките!“ „Попот неодамна вареше три казани, а што е негово, тоа и тебе ти е достапно!“ се засмеа Стево Лајме. „Верно ти знаеш сè!“ извика Слав Плавески и го извлече пагурот од чергите под клупата. „Само за тебе го чував! Ми остави колку за лек, пробај, не троши ја до гаѕерот!“ „Уф, ама е добра! Тој пече најсилна ракија!“ „Ја чувам за лек, не за напивање!“ рече војводата и му го зеде пагурот од рацете. „Се враќам од планинските села, многу сум жеден!“ се пожали поштарот, броејќи ги парите. „Што е ново таму?“ запраша Слав, како погоден во срцето и пак му го подаде сишето. „И ланскиот снег не е стопен!“ одговори поштарот и фати да цица од ракијата. „Ќе ја излокаш пред да ги кажеш новостите!“ „Попот ќе ти донесе подобра од оваа!“ извика Стево Лајме со наслада, бришејќи ги усните со излитениот ракав од палтото; потоа изваде едно измастено писмо од торбата. „Ова е новоста, го гледаш? Треба да се врати назад, преку морињата!“ „Можам да замислам! Умре тој што требаше да му се радува!“ предвиде Слав и го позеде писмото. „Таква смрт не е за луѓето! Уф, кожата ми се намовна!“ Стево направи гримаса со образите. „Да умреш и да нема кој да те закопа!“ додаде и пак голтна од ракијата. „А роднините, а пријателите?“ „Немаше роднини! Живееше во последната куќа, под врвот на планината, дворот и сега му е обрастен во папрадиште! Умрел во тремот, цепејќи дрва за огништето, во големите студови! Секирата му беше во раката, ама јас рака не видов! И лицето му го испиле мувите, само коски што смрдеа! Знаеш, војводо, и ѕверовите бегаат од таква мрша!“ заврши Стево со длабоко издишување. „Ни сосед да намине, ни ловец да заскита!“ додаде Слав, грчејќи го своето премалено тело. „Додека стегаат мразевите телото не се распаѓа сфаќаш?“ „Сфаќам, како не!“ „Штом почне снегот да се топи, кога ќе рикнат доловите, мувите се ројат! Можеш да си замислиш?“ „Почнува да се распаѓа!“ „Качунките смрдат, гавраните бегаат од мршата!“ „Сега претера, гавраните не се пребирливи!“ „Видов со свои очи, што да те лажам! Само оние мали, планински муви што се незаситни!“ „И каде ќе го враќаш писмово?“ „Во некоја земја Мериленд, преку морињата!“ воздивна поштарот и пак тргна од шишето. „Зошто не ми го оставиш мене?“ предложи Слав Плавески. „Не смеам! Мора да се постапи според прописите! Што ќе павиш ти со писмото?“ се зачуди Стево Лајме. „Ќе го прочитам и потоа ќе напишам одговор!“ „Ми се бендисува тоа што го предлагаш! Не смеам, војводо, ако се дознае ќе ја изгубам службата!“ „Ќе ја чуваме тајната!“ „А тој што го пратил ова писмо и не заслужува одговор!“ Стево Лајме си ја почеша главата под капата и нервозно стана, откако го врати писмото во торбата. „Што стори со умрениот?“ „Ништо! Јавив во првата месна заедница, во селото на Узеир Алија! Не прашувај ме повеќе, ќе изблујам сè што испив денеска!“ поштарот веќе го држеше гиданот на велосипедот. „Си можел да го закопаш!“ „Не сум гробар туку разнесувач на поштата!“ „Но ти си му бил единствената надеж!“ „Каква надеж?“ се разлути Стево Лајме, слегувајќи по сокакот. „Дека му носев вести од синовите во Мериленд? Ти да не ме обвинуваш мене? Нека ми платат да ги закопувам старците од Долен, преку Горен Бовојзо, сè до планината! Знаеш дека таму никој не се раѓа?“ „Во селото на Узеир Алија?“ „Не, малку погоре!“ „Што се лутиш, не мислев да те навредам!“ „Тешко ми е, не знам што ми стана!“ „Следниот месец пак ќе те очекувам!“ порача Беломорско Сонце, навален под багремот, кон поштарот што заминуваше. „Мораш да одиш на закопот?“ праша Стево Лајме, откако се сврте назад. „Сигурно дека морам! Таа ми е единствената внука! Не се сеќаваш колку ѝ беше мила ѕвездата?“ „Седи под ладовина, послушај го мојот совет ако сакаш пак да ти донесам пензија!“ со мавтање на раката Стево Лајме веќе исчезна во другото сокаче, кон јавните чешми. Што време дојде, се чудеше Беломорско Сонце, додека ја чекаше поворката. Поштарот да ги наоѓа старците по куќите и потоа да ги разнесува црните вести. Та кој ќе го продолжи животот во Бовојзо, се прашуваше, заслушан во женското тажење што се наближуваше. Стана од клупата и се загледа кон ископите на рудникот; не можеше да ги раздвои ридовите од небото, меѓутоа чувствуваше дека таму се работи без прекин. Ако му се поврати силата ќе се рашета барем уште еднаш по целата корија, ќе го обиколи мостот и изворот под столетните дабје, се завета војводата. Го обзеде желба да си полежи под дебелата ладовина, потоа да се напие од пресната вода на кладенецот. Песот ќе дреме крај него, но за секој случај, ќе ја понесе и пушката, како во младоста. Кој би се осмелил да заколе еден толку славен војвода, се прашуваше. Ужалената поворка се покажа на главниот сокак, пред чешмите. Слав ја затвори портата и му нареди на песот да ја чува куќата. Сопрво не чувствуваше мачнина, силата како да му беше вратена, им се придружи на мажите. Се чудеше зошто не му капнува солза од очите по внуката, на сето тажење и криковите на ужалената маштеа. Поворката се издолжи; напред водеа ученици со дрвен крст и еден голем венец што го исплеле од овдешни цветови, по нив два бели вола го теглеа лимениот сандак. Во колата, со немоќно држење клечеше Иле Алески и суво кашлаше. Зад него чекореа жените во црнина, со плетени кошници во рацете. Освен Богоја Талески, кој ги водеше воловите за огламници, другите мажи беа назад. Слав Плавески повремено го слушаше разговорот на Апостол Дилески со помладите ѕидари. Божем ова што ѝ се случи на Илина Алеска е срам за сите лекари во болницата; како тоа да не излечат една загноена нога? Според него тие работеле несовесно и не воделе доволно грижа за девојката од соседната општина. „Разбирам вака да изгубевме човек во шумата, за време на окупацијата, но сега, во слободна земја? Ех, пак ќе мораме да казнуваме саботери!“ се закануваше комесарот. „Подобро се заштитени животните одошто здравјето на луѓето во Горен Бовојзо“, тврдеше неговиот брат Данило, целиот брадосан и неуреден. „Ќе го изградиме здравниот дом, ќе си доведеме наши лекари!“ извика Апостол како да се заканува. „Зошто не дадоа цемент, што ќе се прави со железо?“ праша еден од ѕидарите. „Ние да собереме доволно камен, да подготвиме греди од коријата, за цементот некако ќе се снајдеме!“ објасни Апостол. „А да позајмиме од мостот што требаше да го ѕидаме во Долен Бовојзо?“ праша некој. „И железо да приземеме оттаму!“ предложи друг ѕидар. „Нема да ни дадат!“ рече најмладиот од ѕидарите. „Сè ќе сториме и здравниот дом ќе го изградиме!“ вети комесарот, луто загледан во поворката. Му се причини дека Иле го прегрнал ковчегот со обете раце и се задавува, што од плачење, што од кашлање. Ги здогледа и учениците; Деница и Тале ја предводеа поворката и нешто разговараа. Сонцето му ја спржи главата, почувствува жед, извади мало шише од џебот, испи набрзина, потоа нервозно се џареше де во учениците, де во Беломорско Сонце, како да има трн во очите. Влечкајќи ги нозете по макадамот, Слав ги поврзуваше настаните, се присетуваше на умрената внука. Срцето му беше стегнато во скопец, ни да затрепери, ни да заплаче. Таа сакаше да го продолжи школувањето, беше толку бистра и чесна, можеби ќе станеше лекар. Нему му се фалеше оној ден кога се враќаше од болница, со ногата во гипсот. Колку беше умна и блага, колку зрачеше таа Илина, си мислеше војводата. Сега заминува во рајот засекогаш единствената негова внука, се тревожеше Слав, меѓутоа, солзите од очите никако да прокапат. Тој верно сакаш да постои рај некаде на небото, ако не за другите, барем за Илина Алеска. Кога го помина мостот на реката, здогледа бачила зад врбаците и мошне се изненади. Еден овчар со кече свиреше на тамбура, но штом ги здогледа воловите зад Богоја Талески го симна капчето и престана. На Слав просторот му изгледаше обрастен од трње што пожолтуваа, а реката како да пресушила. Чекореше снеможено и се џареше во некои говеда што преживаа, лежејќи под евлите. „Да си отспиеш еден сон крај изворот?“ му предложи Апостол на Слав, откако застана да го причека. „Најде прилика да ми се подбиваш!“ простенка овој, цупајќи со бастунот по тврдата земја. „Ќе можеш да се искачиш горе?“ Апостол покажа на заградените гробишта. „Го врвев тој пат и порано!“ „Ако ти се случи нешто да не ме обвинуваш мене!“ „Слушај, бре!“ замавна Слав со бастунот. „Не приличи да се караме овде!“ „Горештинава ќе те убие!“ „Ја горештинава, ја ѕверови како тебе!“ „А зошто не дојде попот?“ „Самиот нека ти каже!“ „Во иста труба дувате, ве знам како дишете!“ навредуваше Апостол, сè погласно, за да слушнат и другите. „Не мешај ме со другите!“ „Го знам лекот за тебе!“ „Ништо ти не знаеш, сè си заборавил!“ „Рамадан ќе ме спаси од тебе!“ избрза Апостол. „Пробај да ме пратиш кај него!“ Слав ги оптегна жилите на вратот, целиот зовре. „Што се замислуваш? Дека сабја не те сече?“ „Ти си пијан, бре куче!“ „Пијан ами како? Златна мома загубивме!“ „Само босјаците се опиваат кога одат на закоп!“ „А како да останам трезен? Младите страдаат, а не умираат старите! Зошто да не е обратно?“ „Сè е во божји раце!“ „Зошто да не биде во моиве раце? Не ќе е подобро јас да ја делам правдата?“ „Кој ти даде тебе моќ, ѕверу? Врви си по патот!“ „Почна да се плашиш?“ „Ама не приличи да се караме овде!“ „Каде да се најдеме? Ти на каменоломот не доаѓаш, ти е страв да не летнеш сосе мините, а дома гости не примаш! Каде да те затекнам, ако не овде?“ праша Апостол и скришно испи од шишето во џебот. „Дојди под дабот, кај изворот!“ „Ме каниш во заседа, на твојот нишан!“ се возбуди Апостол Дилески. „Да не мислиш дека сум наивен како Сулејман Крвникот?“ праша, загледувајќи се во помладите ѕидари. „Песот ти го фрли меракот, јас не!“ „Наскоро ќе почнеме со ѕидање на здравниот дом, да те очекувам таму?“ „Можеш да чекаш!“ „Што? Се сомневаш дека ќе го изградиме домот за народно здравје? Затоа ми се подбиваш така!“ „Ем си пијан, ем здодевен!“ „Да му пренесеш на твојот поп, а ти да сфатиш уште подобро, не постои сила што ќе ја спречи градбата на домот! Ова што ни се случи со момава во ковчегов нема да се повтори!“ „Господ нека ти помогне!“ воздивна Слав и подзастана на џадето. „И без него ќе успееме, така да му пренесеш на попот!“ Апостол се закануваше со показалецот во воздухот. „Ќе престанете веќе еднаш? Не сте на панаѓур!“ им се закани Узеир на двајцата што се караа. „А ти ќе влезеш сега во православна црква?“ возврати Апостол, прегрнувајќи го ѕидарот. „Му советував на војводата да си остане дома, ама тој не ме послуша!“ процеди Узеир потивко. „Многу си ја сакаше умрената, внука му беше!“ додаде најмладиот ѕидар. „Може тој некого да сака, освен песот? Ни солза не испушти!“ заврши Апостол, гледајќи напорки во сите од поворката. Стрмната патека им зададе доста мака. Само учениците полесно ја совладаа височината и веќе чекаа во црковниот трем, меѓутоа, воловската запрега подзастануваше на свиоците. На постарите тоа им годеше. Сега и Иле Алески се влечкаше зад колата, разбушавен и неуреден, поткашлуваше. Камбаната одекнуваше на врелото пладне; некои жени веќе жалеа оти церемонијата ќе се изведе без поп. Зошто да не се почитуваат старите, христијански обичаи, се чудеа тие. Опелото им недостигаше особено тогаш кога го спуштаа ковчегот во ископаниот гроб. Не им пречеше тоа што учителката Киска се простува од својата ученичка, туку мислеа дека умрената заслужува многу повеќе. Маштеата ја разврза шамијата и тажеше на сиот глас, таткото липаше над отворениот гроб и често се закашлуваше. Додека мажите работеа со лопатите, учениците плачеа фрлени во прегратки. Беше ископан сосем нов гроб иако некои сè уште прашуваа зошто да не лежат мајката и ќерката заедно. „Да не ја отвораме гробницата на Плавевци!“ извика Богоја Талески, правејќи се дека не го гледа Беломорско Сонце. „И таму лежи мајка со ќерката и синот!“ објасни Деса Дилеска. Војводата седна на една плоча и немо ја следеше церемонијата; некои страчки крескаа на суви гранки од дрвјата и потоа се криеја во дувла на стеблата. И нему му се чинеше оти недоволно се плаче за девојката, беше длабоко убеден дека тука недостасува кадилницата на попот. Му пристапи Деница, тивка и потресена, како да ги исцедила сите солзи од очите. Тој ја фати за десната рака, таа се навали за да слушне што ѝ шепоти. Потоа закима со главата како да му одобрува и двајцата продолжија да го следат закопот. Крај девојката стоеше Данило, брадосан и распетлан, издвоен од другите мажи за да не помага. Слав брзо се увери дека тој не го следи закопот туку очите не ги симнува од Деница Николова. Посака да го боцне со бастунот и да го предупреди, но се предомисли од страв да не избувне кавга. Ја повлече девојката кон себе и ја советуваше да им се придружи на другачките. Таа го послуша војводата, но ветеринарот тргна по неа. Кога се постави крстот во сувата, каменеста земја, кога учителката не рече: „Бог да ја прости“ туку само: „Вечно ќе се сеќаваме на неа“, Беломорско Сонце стана и се прекрсти. Така постапија речиси сите жени во црнина, додека ѕидарите го зарамнија гробот и се повлекоа во тремот на црквата. Апостол го презираше обичајот со принесување задушница на умрената, меѓутоа, Узеир Алија го набеди да ѝ се угоди на ужалената маштеа. Пагурите со ракија минуваа од уста в уста, се раздаваше храната од кошниците. Сега жените во црнина можеа слободно да се прекрстат и да речат „Бог да ја прости нашата Илина“. Иле Алески ја проба ракијата и се засркна, до него седна Богоја Талески и фати да го теши. Божем маките се по луѓето, а тешко на оној што не умее да ја распореди тежината на животот. Ужалениот татко не сваќаше речиси ништо, како да му беа уништени сетилата. Сепак, мошне се изненади кога над себе го здогледа Узеир Алија, кој очаено запраша: „А како ми е мене со луда жена?“ Деса Дилеска му се врекна: „Што ифтиза ја натера да си ја менува верата? Мислиш тоа не се казнува?“ Помладите ѕидари му правеа друштво на бившиот комесар кој не се делеше од пагурот. Неговиот брат Данило сега беше потпрен на авлијата и со замислен поглед се џареше во далечините. Пред него пукаше видик на цел Горен Бовојзо, сè до планината; рудничките ископи, коријата, црвените кровови на куќите, новиот мост, реката како некоја долга змија. Сè му беше како на дланка, но тој погледот го закова во лозјето за кое веќе поднесе тужба против својот внук. Веќе не мислеше на умрената, туку на претстојните судски караници. Одеднаш, како да го привлече ликот на Деница во мноштвото ученици, очите му светнаа. Фати да крои планови; само да не го попречи тој откачен војвода, се плашеше. Беломорско Сонце касна два залака за помен на внуката, лизна од ракијата, потоа се одвлечка до семејната гробница. Силата го издаваше, горештината го исцеди, нозете му потклекнаа од премор. Со напор ја издува прашината од камарата за свеќи, ги зачисти тревките околу плочата, го бакна мермерниот крст и седна да се одмори. Го заплиснаа спомени од заедничкиот живот со Благуна, во очите му оживе некое жарче на надеж. Сакаше да ѝ порача на својата жена да го очекува набрзо; тој веќе не може да се грижи за огништето, нема изгледи во домот да се закоти младоста. Сега не се надева да се врати единствениот жив син, зашто пијаница не може да закуќи поколение. Тоа ѝ го шепотеше на покојната жена кога вниманието му го одвлече караницата на браќата Дилевци, до камената авлија. Сопрво не сакаше да ги слуша, но потоа отиде под тремот. Учениците беа зафатени со чистење на коровот околу надгробните плочи, жените ги прибираа остатоците храна во кошниците. Деница Николова служеше пченица од ваганка и безгласно липаше, маштеата на Илина раздаваше чорапи и шамичиња. Караницата на браќата Апостол и Данило ги заглуши сите. „Како бесни кучиња се!“ викаше Иле Алески, тресејќи ги вилиците. „Ќе им го ставам јаремот од воловите!“ се закани Богоја Талески, меѓутоа, во кавгата не се замеша. „Сè уште можеме да ги раздвоиме !“ тврдеше Узеир и отиде да го моли глембавиот. „Вразумете се, простете си! И местово не е погодно, и времето не е избрано!“ ги советуваше Деса, жената на комесарот. Војводата тупкаше со бастунот по калдрмата. „Нека си ги извадат очите, што дека се браќа кога не можат да се наситат!“ рече и седна до ужалениот татко. „До кога ќе ме крадеш?“ Данило беше распенет. „Ти велам, Сидора знаеше сè! Лозјето го купи мојот најстар син!“ објаснуваше Апостол Дилески. „Како можела да знае а да не ми каже мене?“ се лутеше Данило, удирајќи камен од камен на ѕидот како да крши ореви. „Колку години те немаше тебе? Што мислиш, чија кожа се дереше додека ти студираше?“ „Не мешај ги тие работи! Татко ми не плаќаше сè, зашто жена ми копаничеше за тројца! И на крај на светов да бев, требаше да ме побараш и да ме известиш! Колку што се присетувам, кога се купуваше лозјето од Плавевци, јас не бев далеку!“ „Нивите братски ги поделивме!“ „И на лозјето ќе му тргнеме бразда!“ „Во сермијата на син ми јас не се мешам!“ „Докажи го потеклото на парите, да те видам?“ „Сега засега не можам, но еден ќе ти се каже! Тоа не беа таткови пари, мораш да ми веруваш!“ „На судот ќе признаеш, таму прашуваат за сè!“ „Доста со закани, брате, на врат ми се качи!“ „Лозјето на половина, ако сакаш крв да не падне!“ „Ќе ме колеш со нож?“ „Засрами се, крадеш од моите сираци!“ „Тешки зборови кажуваш, Данило! Подобро да ме удриш со секира одошто да ме наречеш арамија!“ „И секира ќе кренам, ако треба!“ „Виновни се тие што ти издале диплома за образование!“ „Крадеш од своите внуци!“ „А што украдов, жити верата погана?“ „Мислиш не видов?“ „Ќор си ти, ништо не гледаш!“ одмавна Апостол со раката и го крена пагурот до устата. „Мислиш не видов колку вреќи цемент имаш во плевната? Од каде е она железо во шталата?“ „Не гибај ми во честа, ако си ми брат, ќе зажалиш!“ „До кога со две лица?“ „Цементот си го купив, а железо немам! Не си можел да го видиш тоа што го немам! Повлечи ја навредата веднаш!“ навалуваше Апостол, фаќајќи го Данила за рамената. „Раздели го лозјето, ќе видиме за навредата!“ „Можам и да те убијам!“ свика Апостол, спомнувајќи ја честа. „Пијан си, рацете ти се тресат!“ „Навредата да ја повлечеш!“ „Не ја повлекувам!“ Апостол го удри својот брат. Нешто луто мрмореше додека му се закануваше со нова шлаканица. Данило го покрена каменот со кој чукаше по ѕидот и со жестока омраза му се нафрли на постариот брат. Го погоди во градите, меѓутоа, не беше задоволен од ударот, пак го крена каменот и го тресна по главата. Бликна крв од челото, низ образите, кон вратот; Апостол падна на земја но брзо стана и сосила му го зеде бастунот на војводата. „Ќе зажалиш што крена рака на мене!“ стенкаше додека му се одмаздуваше на помладиот брат. Неколкупати го тресна по рамената, потоа фати да удира по слабините. Овој не писна иако го болеше силно; веќе демнеше прилика пак да го крене каменот. Најпосле доби удар над ушите што предизвика крварење од главата. Очаен од поразот што го насетуваше, клекна по каменот и со жестина го зграби, но тогаш се испречи Узеир Алија и го клоцна меѓу нозете. „Оф, копиле арнаутско, ми ги смачка јајцата!“ простенка Данило со грч на лицето и се откажа од тепачката. „Пијан не се оди никаде, а на закоп никогаш!“ извика Бале Колар, го зеде бастунот и почна да го пипа да не е скршен, пред да му го предаде на војводата. „Што не почекавте да излеземе од гробишта?“ низ кашлање праша Иле Алески. „Зошто ми се посравте во тагата?“ „Не жалат тие за Илина!“ рече Деса, загледана во својот избербатен маж. „Што ќе речат мртвите за живите?“ се чудеше Беломорско Сонце, презирајќи ги моќните браќа. „Да не ме удреше можеби ќе се премислев за лозјето!“ изјави Апостол, откако ја забриша крвта со шамиче. „Помини ја раната со ракија!“ предложи Бале Колар и му подаде шише. „На суд ќе се видиме, песу!“ се закани Данило, обидувајќи се да се исправи. „Овој не ќе може да оди!“ извика Богоја Талески и фати да му помага на ветеринарот. „Ќе си го земам лозјето назад! Вие скотови не го заслужувате!“ се замеша Беломорско Сонце. „Молчи ти, стара желко, не гледаш што му стана на човеков?“ му се вдаде Богоја, држејќи го Данила, кој офкаше. „Не знам кој е полош од нив двајцата!“ продолжи Слав. „Лошо е повреден, ќе мора да оди на лекар!“ изјави Богоја и ги викна младите ѕидари да му помогнат. „И мене ми ѕвечи во главата!“ се жалеше Апостол навален на ѕидот. „Само кожата ти е одрана!“ го охрабри Узеир Алија, откако ја покрена косата што се залепила. „А зошто боли толку многу?“ „Голем беше каменот!“ одговори Узеир. „Не ќе сакам да му го видам суратот, иако ми е брат!“ „Раната ќе заздрави, рацете ќе си ги подадете!“ мудруваше Узеир Алија. „Многу е повреден брат ми?“ одеднаш праша Апостол. „Не може да оди!“ одговори Бале Колар. „Ова му е поука! Додека тој учеше, јас гладував!“ „Да сакаше тој можеше да те убие со каменот!“ воздивна Узеир, загледан во групата што го носеше повредениот. Војводата се врати дома потиштен, бессилен; патем се онесвестуваше. Виде не виде, Богоја го качи во колата, крај Илета Алески, а воловите теглеа до чешмите. „Господ да ти ја удвои добрината!“ благословеше најпосле, крепејќи се на бастунот. „Ако си добар секој ќе те јавне!“ одврати ѕидарот и ги фркна воловите со стапот. Слав подзина, повте да каже уште нешто, арно ама соговрникот му замина. Се влечкаше по нагорницата и се обѕрнуваше назад; жените во црнина се прибираа дома, една по една, како искиснати на голем дожд. Откако си ги изми рацете и нозете во леѓенот, ги нахрани кокошките, му фрли парче на песот, најпосле ја зеде ваганката и реши да ужина надвор, под багремот. Од мислите не му излегуваше настанот на гробиштата; ту жалеше, ту се радуваше. Божем грабливите ѕверови од лозата на Дилевци веќе нема да бидат толку моќни како порано, си мислеше. Можеби тој сега полесно ќе успее да им го одземе лозјето, се надеваше. Но зошто го извалкаа светиот ден на покојната девојка, не можеше да си објасни. Откако помина соседот Гаврил без да го поздрави, Беломорско Сонце почувствува голема потреба да го посети својот пријател. Авлиите што ги прескокна со мака шуштеа на горештината; гуштерите демнеа плен, а пак некои оси напаѓаа црвлива петровка. Денес сонцето не сака да зајде, си мислеше Слав, голтајќи повеќе воздух како да џвака храна. Кај последната авлија падна, но попот беше тука и му помогна. „Слушна што стана в црква?“ праша Слав, задишан, преморен, станувајќи. „Не се тепале в црква туку во тремот!“ одговори Никола, превртувајќи ги низалките тутун на сонцето. Така ми раскажа Деница!“додаде потоа. „Грабливи ѕверови, да си немаш работа со такви!“ „Не им пишува на челото?“ „Ќе им го земам лозјето па макар потрошил сè што имам!“ се завета Беломорско Сонце, виткајќи цигара. „А јас сношти им ја ветив ќерката!“ воздивна Никола. „Кому, на Дилевци?“ „На Јована!“ одговори Никола. „Што не почека, бре попе? Не можеше Деница сама да си избере другар за животот?“ се разлути Слав. „Не беше работата за чекање!“ „Ах, си зацрнил златно чедо!“ „И ќерка ми прифати да се мажи!“ рече Никола. „Да ти се плукнам во брадата, досега не те познавав!“ простенка Слав и со некоја чудна сила истрча од дворот во долот, на пат за дома. „Чекај! Зошто? Што ти згрешив?“ прашуваше Никола Николов со подадена рака, меѓутоа, војводата не застана. Беше обземен од лутина кон попот и омраза кон лозата на Дилевци. Зар мора сè што ќе посакаат и да добијат, се прашуваше, отворајќи ја својата порта. Сега би дал сè да узнае што му се случи на Данило. Тој не можеше да претпостави дека ѕидарите ќе го остават на џадето како некоја крпа за бришење. Откако го слегоа долу, тие исчезнаа, божем ќе повикаат рудничко возило или, во најлош случај, ќе го испратат тракторот. „Не ќе може да прави деца, хи, хи, хи!“ се кикотеа младите ѕидари, брзајќи зад комесарот. Една жена сакаше да му помогне на Данило, но тој ја откошна и седна на меѓата како клопче. Единствениот автобус што го поврзуваше Горен Бовојзо со општината беше поминат и заминат. Рудничките камиони некаде мируваа во ладовина. Да бара помош од својот внук Јован Дилески не доаѓаше предвид. Да оди дома и да го запали мотоциклот не можеше. Болките шетаа по целото тело; ќе го жегне топлина во градите, потоа ќе сети удар во главата, па ќе му се одземе раката, меѓутоа, најсилно го болеше меѓу нозете. Како учен човек тој знаеше што ќе го снајде ако има внатрешно крварење и од тоа најмногу се плашеше. Се џареше по џадето и се надеваше дека ќе помине некое возило пред да биде доцна за сè. Еден јабанџија му понуди да го поведе со себе на стар планински коњ со искинат самар; Данило одби. Ќе му се засилат болките меѓу нозете, што ќе остане од него на толкаво трускање по макадамот? Така, сонцето фати да се навалува до снежната планина, кога Данило западна во очај. Тој на сите им го лечи добитокот, а нему да му помогне не сака никој. Ќе видат тие што значи одмазда, само да се спаси од овие болки, се закануваше. Кога изгуби секаква надеж во луѓето, од ливаѓето крај реката допре бучење. Малку потоа еден џип застана во тревникот, спроти училишната зграда. Возачот излезе надвор и фати да го брише возилото со голема крпа. На Данило му светна искра во очите, одвај се покрена од меѓата и со кривење му се доближи на возачот. Овој свиркаше со уста и го гланцаше металот, а повремено се загледуваше во ридиштата, очекувајќи ги сопатниците. „Што ти тебе, да не те клоцна магаре?“ фати да се шегува со повредениот. „Не! Паднав од вишна!“ одговори Данило. „Многу висока била таа вишна!“ „Ќе одиш в град?“ „Ќе одам, ама не знам кога!“ одговори возачот и продолжи да го светнува возилото. „Плаќам колку што ќе побараш!“ вети Данило, откако сети болки во стомакот. „Не зависи тоа од мене!“ се правдаше возачот. „Кого чекаш? Уште многу ќе чекаш?“ „Злате Будигора отиде на лов, досега требаше да е вратен!“ одговори возачот, ја фрли крпата под седиштето, погледна во часовникот, а потоа и во сонцето. „Каде да се, не се далеку!“ додаде и продолжи да се шегува со повредениот. „Ми се чини дека се познаваме!“ промрморе Данило, но возачот одрече со нишање на главата. На квечерината, додека џипот брзаше кон болницата, Данило си правеше сметка за животот. Што му требаше онаа тепачка во тремот на црквата, со родениот брат? Спроти него седеа Злате Будигора и еден постар човек со очила. Ниту тој ги одушеви нив, ниту тие му се допаднаа нему. Возачот се кикотеше и на секој свиок потпевнуваше, а народниот херој беше расположен да ја продолжи некогашната караница. „Кој да бил, ти го менил описот!“ велеше Злате. „Чесен збор, не е во тепачка!“ се правдаше Данило. „Што правеа толку луѓе на гробишта?“ Злате ја мени темата на разговорот. „Закопуваа девојка!“ „И ти беше таму?“ „Мислев да одам, но се повредив!“ „А брат ти Апостол?“ „Тој беше со нив!“ брзо одговори Данило. „Знаеш дека сè помалку ми се допаѓа брат ти?“ „И мене, другар Злате!“ извика Данило задоволно, но пак го стегна болка во стомакот. „Замисли, десет години се претставува за комесар!“ фати да му објаснува Злате на сопатникот со очилата. „Додуша, тој ми беше заменик во четата, но само пет дена!“ „Ова не го знаев!“ извика Данило како да открил нешто посебно. „Исти сте обајцата, треба да ве затворам! Само Јован е момче за пример!“ додаде. „Чесен збор, многу се разликуваме!“ „Што си така испустен, жилети ваму немате?“ „Ми умре жената!“ одговори Данило, очекувајќи сочувство. „И треба да ја жалиш, многу беше убава!“ му се врекна Злате Будигора. „Децата останаа без мајка!“ „Ќе се преженуваш?“ „Не знам, другар Злате!“ одговори Данило. „Што знаеш? Да навредуваш гости во својот дом?“ „Ништо! Сега имам силни болки во стомакот и градите!“ се пожали Данило Дилески. „Знаеш каде исчезна дивечот од овој крај? Додека траеше окупацијата можеше да играш оро со зајаците, да пиеш од ист извор со срните, еребиците се огласуваа во секој густеж! А сега што најдов? Само еден тетреб!“ заврши Злате и ја кошна торбата со нога под седиштето. „Послабо е со храна!“ додаде Данило, преплашен дека згрешил што отвори уста. ГЛАВА ЧЕТВРТА Војводата помина уште една ужасна ноќ. Сопрво мислеше дека се намножиле болвите и вошките во батанијата и веленцето, четири години неисплавени на реката. Потоа се исплаши да не фатил краста по кожата; се дрпаше по снагата како да кине месо од слабините и меѓу ребрата. Саноќ се превртуваше во креветот, ни око да затвори, ни сон да сони. Ги слушна првите петли, ги распозна и кучињата што завиваа на полна месечина, се огласија и вторите петли, низ оџакот профуче ветар. Како да загрме од планината, или како да се поместуваа керамидите на кровот од неговата куќа. Се измешаа звуците на топлата ноќ, веќе не можеше јасно да одреди дали се подготвува невреме или се ронат ѕидовите од куќата. Го испече лебот, ја испрска пузата со вода за да му биде поладно во печалката, пак си легна. Се џареше низ прозорецот во мракот што се разредуваше; мислите му брзаа пред настаните, ужасен страв му се всели во телото. Затропаа вратите од собите, крцкањето на гредите и чатијата се повторуваше. Покривот беше пропаднат уште за време на големите порои, меѓутоа, Беломорско Сонце не очекуваше поголеми оштетувања. Сега го загрижи ноќното татнење и реши, штом се раздени, да ја прегледа куќата. Да не живее уште некој овде, се штрекна и се исправи во креветот. Синот на Крвникот не може да влезе ни преку оџакот; прозорецот е заштитен со железо, вратата е замандалена и залостена, се утеши набрзо. Освен него тука се глувците, заскитани по малтерот и трската, попусто бараат храна. Но тие немаат сили да го предизвикаат тоа несносно бучење во ушите, се убеди Слав со уплав. Како да јачи, како да грми, земјата како да се тресе. Зошто тропаат керамидите, божем некој ги прередува, зошто крцкаат гредите кога не дува ветар, се чудеше. Цвилењето на песот не го сметаше за лош предзнак; тој секогаш завиваше очекувајќи го изгревот на сонцето. Третите петли само што се огласија, војводата истрча во дворот. Со бучење како да надоаѓа порој од суводолица, со ломење на стакла и керамиди, со дробење на малтер и камења, се урна северното крило на куќата. Веќе се зазоруваше кога се формира големиот отвор на ѕидот; Слав однадвор го здогледа ковчегот на Благуна, пушката и реденикот. Уште долго се креваа облаци од прашина, паднатите камења си бараа нови лежишта, виснатиот кров се затресуваше, бучавата се повторуваше. Отсекаде идеа надразнети кучешки лаежи, коњите 'ржеа во пондилите; меѓу птиците што пискаа во шумата се издвојуваше една утка. И соседот Гаврил истрча во дворот, со кандило во рацете, распетлан и по ѕиври. „Ти велев да ги замениш црвливите греди!“ мавташе со главата, џарејќи се во урнатината. „Ме прелажа чатијата, се надевав да издржи уште два снега!“ одговори Беломорско Сонце, седнат на межникот, виткајќи цигара со прстите што му трепереа. „Не е само чатијата! Потклекнала целата куќа, што од старост, што од негрижа! Да ги заменеше гредите кога ти велев, камењето не ќе се урнеа толку лесно!“ „Зошто баш ноќеска? Ни порои, ни земјотреси!“ се чудеше Слав Плавески. „Предолго трае сушава! Не остана влага ни во каменот!“ мудруваше Гаврил. „Можеше и пожар да избие!“ се утеши Слав. „Сега што ќе правиш?“ „Не знам! Ќе ги викнам ѕидарите! Треба да купам некоја керамида!“ „Државата ќе ти даде! А ѕидот не го затвораш?“ „Ќе видам што ќе направам со ѕидот!“ „Затвори го со тесан камен, жити бога! Немој со плитари, пак ќе се урнат!“ „Можеби ќе го оставам да зјае во твојот двор!“ се пошегува Беломорско Сонце, газејќи го опушокот со опинокот. „Не ти е севте да испаднеш скот!“ се развика Гаврил, а неговите кучиња залајаа. „Сакаш да ме јадосуваш, да ми преседне животот, побрзо да умрам! Штом ќе се разбудам прво да ги видам твоите урнатини, тоа сакаш да го постигнеш!“ „Ако ми помогнеш, ќе го соѕидам поубав од поранешниот!“ рече Слав, виткајќи нова цигара. „Како да ти помогнам во екот на полските работи? Кој ќе ми го обере тутунот, кој ќе ги навади пченките? И лозјето треба да го прекопам уште еднаш, ливадата да ја покосам! Лесно ти е тебе, поштарот ќе ти донесе зимница!“ заврши соседот и фати да се повлекува, дувајќи во кандилото за да го изгасне. „Што се расправаш со него?“ го искара жената, требејќи грав под тремот. „Остави го, нека му се урне целата куќа!“ „Ако не го затвори ѕидот, ќе зажали, жими децата! Секоја ноќ ќе му фрлам по една мрша низ отворот!“ се закани соседот, толку гласно за да слушне војводата. „Нема да ми ја позајмиш колата за носење греди и песок од реката?“ праша Слав, станувајќи од межникот. „Колава земи ја, коњот не ти го давам!“ одговори Гаврил и нервозно влезе во својата куќа. Дворот веќе се капеше во сонце, а под багремот се формираше дебела сенка. Кокошките претаа околу нужникот; војводата се зарадува со пилињата што ги извела квачката. Но каде се маглоса песот, се чудеше, викајќи кон сеницата, кочината и пондилата. Цела ноќ завиваше како да ја коби несреќата, а сега го нема. Додека пчелите излегуваа од кошињата и брзаа кон полето, рударите вјасаа кон ископите, а жените се упатуваа кон тутуњето и градините, на Слав му се приспа. Сè уште чувствуваше сврбежи по кожата како да го касаа болви, се драпаше по сувите нозе и ја тресеше кошулата, меѓутоа, очите му се затвораа. Како што се протегна на клупата, така заспа, без сон. Земјата околу него пукаше на горештината. Кога се разбуди околу пладне и воздухот беше прегреан, стружеа штурци во авлиите, а по гумното шеташе зелен гуштер. Песот збиваше под клупата со испружен јазик, не ги бркаше ни мувите што го напаѓаа. Беше запарно како среде прегреана пустина, ни човечки глас да слушне, ни магаре да рикне. Беломорско Сонце страдаше од несвестица и се подготвуваше да продолжи со спиење, откако ќе ја премести клупата кон сенката што шеташе. Тогаш гласот на Деница Николова го развесели од портата. „Ти донесов матеница, да се освежиш!“ „Што не седиш дома, сонцево и тебе ќе те спржи!“ „Овде се пиперки со јајца!“ извика девојката, подавајќи му една ваганка. „Што прави попот?“ „Попот не е дома!“ одговори Деница со тажен глас. „Да не почна да ѝ служи на света Пречиста? Каде исчезнал тој среќен татко? Да не бере тутун по оваа жега?“ „Набравме уште по ладовина!“ „Па каде е Никола сега?“ „Го зеде милицијата!“ воздивна Деница, со замислен поглед во сувата земја. „Ах, немаат интерес таму да го задржат! Ќе си дојде брзо, верувај ми! Сакаш јас да се распрашам?“ Беломорско Сонце ја погали по косата. „Ако го тепаат, нема да издржи! Татко ми е многу стар!“ „Кој би се осмелил да тепа еден поп?“ „Не знам!“ „Татко ти има пријатели во затворот, не ти раскажувал за Рамадана?“ „Ми раскажуваше! Тој му ги скрши вилиците!“ „Сега тие се како побратими!“ „Но што може да му помогне обичен чувар на затворот?“ „Може да му го олесни престојот!“ „Тебе сите ти веруваат! Оди раскажи каков беше татко ми во ропството!“ предложи Деница. „Дека со дедо ти ме криеја по црквите? Тие знаат подобро од мене! Но ќе одам да ги потсетам!“ вети Беломорско Сонце. „Нешто сепак ме измачува!“ воздивна Деница болно. „Што те мачи дете?“ „Верно татко му служеше на окупаторот?“ „Не знам!“ излажа Слав, по кусо размислување. „Како можел толку да се изблати?“ „Но тој плати за сè, што има сега да го водат таму?“ „Тешко ми е!“ заплака Деница. „Не знам што ќе биде!“ „Не очајувај, животот е пред тебе! За неколку дена ќе се врати попот, заедно ќе го испланирате твоето школување! Или верно реши да се мажиш?“ „Ќе садам тутун, ќе ткаам на разбој, ќе раѓам деца!“ воздивна Деница Николова. „Но пред тоа изучи за нешто!“ „Ако се прашува само мајка ми, свршено е со мене!“ „Попот ќе им откаже на Дилевци! Го познавам јас татко ти!“ „Ќе избегам оддома!“ се закани Деница. „Што зборуваш така?“ „Илина се спаси од сите маки!“ „Слушај, не треба да очајуваш! Господ е голем, не брзај, и мајка ти ќе се вразуми!“ „Остана тутунот ненижан, ќе викаат по мене!“ офна Деница и разочарана стана да си оди. „Да ти се умножи добрината, да ти се исполнат желбите!“ блосоеше Слав, испраќајќи ја со поглед по сокакот. „Матната река да ме голтне!“ промрмори девојката. „Немој така!“ Војводата одвај стана, тешко се движеше, ја чувствуваше јачината на сонцето во тилот. Го копкаше да ги разгледа уште еднаш урнатините од северната страна на куќата. Се дрпаше под неиспраната кошула како шугав, се провираше меѓу камењето и скршените греди. Суво е како барут, сè се рони, помисли со мачнина во душата. Од прашината измолкна две низалки црвен пипер, тие беа стари неколку години, кокошките или врапците ги исколвале, останало само семето. Здогледа огламници за волови и узди за коњи што паднале од таванот. Веќе нема кој да ги употреби, пондилата е празна и разурната, се присети војводата. Ја распрета варта и пронајде врзоп со избледени фотографии, фати да се присетува на минатите времиња; двајцата синови и ќерката заедно со родителите, семејна веселба со високо кренати чаши, покојниот Јордан во униформа на војник, група момчиња со Доран на железничката станица, Благуна како девојка, најпосле ја здогледа единствената фотографија на својата чета, пред да биде разбиена од царските војски. Беше занесен во спомените, не сети кога сонцето му го спржи вратот. Едноракиот учител и Узеир Алија го затекнаа среде урнатините; тој сега фрлаше камен по некој глушец што цивкаше на црвливите греди. Песот заржа но, откако ги препозна гостите, брзо ја сви опашката. Беломорско Сонце поцрвене како да е фатен во кражба. „Каков товар носеше за да падне?“ се чудеше учителот, загледан во плетената трска што висеше на таванот. „Годините ѝ тежеа, црвите ја гризеа!“ одговори Узеир Алија. „Дојдовте за да помогнете?“ се пошегува војводата, дувајќи прашина од врзопот фотографии. „Што можам јас да направам овде?“ Деспот ја призна својата немоќ. „Ќе извршиме процена на штетата, да се знае што е за обнова, што може да се спаси! Безбели не е сè пропаднато!“ додаде Узеир Алија. „Комесарот ве испрати?“ праша Слав неволно. „Не!“ излажа Узеир. „Од општината!“ „Кога дознаа таму?“ се чудеше Слав. „Сега вестите одат по жица! А куќава е под заштита на законот!“ објасни Деспот. „Кој ќе ја обнови куќава?“ Слав искажа поголема недоверба. „Нашата група ѕидари!“ одговори Узеир Алија. „А се знае кога?“ настојуваше Слав. „Засега не се предвидува обнова, туку само процена! Да ти кажам искрено, ние ќе ја закрпиме куќата на своја рака. Дали ќе ставиме нови прозорци, не знам! Подоцна ќе следува нешто поголемо!“ објасни Узеир, советувајќи му на Деспота да внесе некои податоци во своето блокче. „Кога подоцна? Јас ќе умрам?“ „Ако сакаш ќе прашам и ќе ти кажам!“ рече Деспот. „Решено е куќава да се преѕида од темелите!“ избрза Узеир Алија, пребарувајќи ги цреповите. „Ама кога ќе се преѕидува?“ настојуваше Слав. „Не знам, војводо!“ одговори Деспот. „Што прашуваш? Може куќава да се преѕидува додека во неа живее некој?“ извика Узеир Алија; држеше в раце стари, искинати војнички цокули. „Сега ми објасни сè!“ воздивна Слав. „Ќе биде нова, ама со стариот изглед!“ го утеши Деспот. „Во чие име дојдовте овде?“ „Ние сме од месната заедница!“ одговори Деспот. „Не лажи го човекот! Апостол нè испрати да извидиме!“ се замеша Узеир. „Општината реши да се прави музеј!“ додаде учителот, како да му застанала коска во гркланот. „Само не се знае кога!“ го исправи Узеир, поткревајќи една скршена греда што се дробеше на парчиња. „Кој можел да ви каже дека се урна ѕид од мојата куќа?“ се исчудуваше Беломорско Сонце гласно, загледан во песот со подаден јазик и во неколку стрвни кокошки што колваа во малтерот. „Па колку соседи имаш ти?“ праша Узеир Алија. Војводата не одговори, завитка цигара и се врати под багремот. Квачката со пилињата колкаше трошки под клупата. Дојде песот и ги растера пилињата. Учителот и ѕидарот брзо запишаа сè; стотина керамиди оштетени и неупотребливи, а гредите не го крепат покривот. Дека ќе требаат пет коњски запреги со камен, неколку рогозини од трска, доста песок, вар и цемент, два прозорци, летви за чатијата, десетина греди, тоа е речиси сè за да се закрпи куќата. Видоа колку е ризично да се живее во неа и потоа му пристапија на војводата. Овој сега ужинаше од ваганката што му ја донесе ќерката на попот и се освежуваше со матеницата што беше скиселена. „Не би смеел да останеш под овој покрив!“ рече ѕидарот, гризејќи сламка во забите. „Ќе спијам под багремов!“ подзина Слав Плавески и пак макна од ваганката. „Ако не ти пречи моето офкање ноќе, пресели се во мојот дом!“ предложи учителот. „И кај мене нема да ти биде лошо! Играј со децата, челичи ги, на жена ми не обраќај внимание!“ се понуди ѕидарот. „Никаде не мрдам!“ беше краток Беломорско Сонце. „Куќата на попот ти е најблизу!“ додаде учителот. „Слушај, војводо! Поправката не ќе се изведе така брзо! Можеби пред есенските дождови, порано не! Сега ние сме зафатени, до гуша сме во работа! Денес се удрија темелите на здравниот дом!“ објаснуваше Узеир Алија. „Куќава е како сениште, може да се доурне! Не смееш да го ризикуваш животот!“ советуваше Деспот. „А смеам да ја продадам?“ одненадеж праша Слав. „Не знам, прашај во општината! Таа е заштитена со закон!“ одговори Деспот. „Кој би купил вакво нешто?“ се чудеше Узеир. „Еден повратник од Америка!“ избрза Слав. „Прави што ќе правиш, внатре не останувај!“ одговори Узеир, не верувајќи во зборовите на војводата. „Да те очекувам вечер дома?“ праша Деспот. „Ќе спијам во куќата на попот!“ излажа Слав и стана да ги испрати до портата. „Ќе им помогнам околу тутунот, дома немаат машка рака!“ „Зар пак го затворија попот?“ праша Деспот, божем изненаден. „Немаш ти врска со тоа?“ направо се интересираше Слав. „Не! Од тебе слушам дека го затвориле!“ уште повеќе се збуни едноракиот учител. „Треба да поразговарам со тебе!“ процеди Слав. „Да не му служиш на врагот?“ додаде со вртење на главата. „Дојди вечер, ем ќе спиеш кај нас!“ предложи Деспот. „Другпат, сега не сум подготвен! Ќе ја поздравиш учителката, убав говор ѝ одржа на внука ми!“ одговори Слав. „Чесен збор, дојди на спиење! Моите ќерки сакаат да слушаат за твоето јунаштво!“ настојуваше Деспот. „Да узреат јаболката, не ми се доаѓа со празни раце!“ се оправда Беломорско Сонце. „Дотогаш јас ќе умрам!“ воздивна Деспот. „Не изгледаш многу болен! Чекориш како момче!“ се пошегува Слав. „И јас тоа му го реков! Блазе на жена му, во сè ја одменува!“ се засмеа Узеир Алија. „Ех, да не сте во мојава кожа!“ им одговори Деспот на двајцата. „Не давај се!“ „Ноќе храброста ме издава!“ „Господ да ти го удвои здравјето!“ „Не помина оттука ветеринарот?“ праша Узеир, откако се поврати кон багремот. „Моторот не го слушнав!“ одговори Беломорско Сонце. „Не е тој в болница?“ се чудеше потоа. „Се врати! На Богоја ѕидарот му го отру магарето!“ како во доверба шепна Узеир Алија. „Го отру?“ се чудеше Слав. „Додека го лекуваше!“ тивко додаде Узеир, вртејќи ја главата со неверица; тргна надолу за да го престигне учителот. Конквечерум малку заладе; ветрот што пиркаше од коријата му донесе свежина на војводата. Се растрча по дворот, го нахрани песот, ја затвори квачката со пилињата во кокошарникот, фати да го корне пожолтениот коров околу куќата. Помина соседот Гаврил водејќи го коњот за огламник и ѕиркајќи напорки во урнатиот ѕид. Загракаа гаврани на високите ореви крај долот, ѕвонеа овци по ридиштата. Беломорско Сонце уживаше во звуците што ги распознаваше, тивко запеа една стара песна. Видот му беше појасен, слухот почист. Вечерва не мора да го пали огништето, не му треба ни креветот во печалката. Ќе си лежи под отворено небо; сопрво ќе налее пресна вода во бардето, дури потоа ќе се курдиса на чергите под багремот. На свеж воздух не ќе се дрпа толку по кожата, а кожувчето му е под зглавје да го спаси од ненадеен студ. Дека страдаше од несоница, саноќ го следеше патот на ѕвездите. Видот како да му се изостри, иако очите му солзеа. До него допираа звуци од далечни простори што ги слушаше за првпат во својот живот. Не чувствуваше телесни болки, не го засегаше ни судбината на синот што се пропи. Како да стана бесмртен, со насмевка се џареше во небото, пријатно навален на клупата. Дури во глуво доба, кога се огласија петлите, пак закрцка покривот. Од ветрот што шеташе по сокаците паднаа неколку керамиди, ѕвекна стакло, се затркалаа камења. Заштракаа врати во куќата на соседот Гаврил, до багремот се проби светлина од некое кандило. Пак завладеа штама, ни човек да крикне, ни лиот да првне. Само што фати да се плаши од глувотија, песот ревна под клупата, на портата се опре човек. „Спиеш војводо?“ праша комесарот. „Ги бројам ѕвездите!“ одговори Беломорско Сонце, изненаден од посетата, со левата рака стегајќи го песот за рунтестиот врат. „И мене сонот ме напушти!“ воздивна Апостол и почна да го бара резето на портата. „Можам да седнам под багремот?“ „Остани таму, кажувај што сакаш?“ нареди Слав и се налакти на клупата. „До кога ние ќе се јадеме живи? Не мислиш да си подадеме рака?“ „Господ нека те разбере тебе!“ „Ако престанеш да ме клеветиш пред луѓето, ќе ти соѕидам палата како од сказните! Прозорците широки за да влегува многу сонце што ќе ти ги грее коските! По скалите ќе се искачуваш без да се заморуваш! Сè ќе сторам за тебе ако престанеш да ме кодошиш!“ се исповедаше Апостол. „Ниту те кодошам, ниту ми треба нешто од тебе!“ ладно одговори Беломорско Сонце. „Ѕидарите ми раскажаа сè што чуле од тебе!“ „Што можеле да слушнат, јас со нив не се дружам!“ „Дека мене идеалите не ме греат туку само трчам по сермија! И тоа дека јас не бев комесар додека се боревме против окупаторот! Што не си рекол ти против мене? Дека ти ги зедов нивите и лозјето со измама!“ „Тоа за нивите и лозјето го реков, сè друго е измислено!“ отсечно извика Слав и со прстите што му трепереа фати да витка цигара. „Сакаш да ти го вратам лозјето?“ „Ништо не ми треба од тебе, остави ме да спијам!“ „И здравниот дом ќе го носи твоето име, а не само мостот! Гледаш колку труд вложувам за тебе? А ти ме клеветиш каде што ќе стигнеш! Не ќе е поумно да ми ја подадеш раката?“ праша Апостол и повторно се обиде да ја отвори портата. „Ако ти ја подадам, ти ќе ја откинеш!“ одговори Беломорско Сонце. Силно залаја песот, во близина се скрши дрво. Војводата се исправи на бастунот и преплашен се џареше во темницата. Некој чуден ветар ги лулаше гранките на багремот, трескаа отворени прозорци, по сокакот се превртуваше облак од прашина измешан со парчиња од весници и ветки од скршени гранки. Паднаа уште неколку керамиди од кровот на куќата, одлетаа парчиња од трската во соседните дворови. Одблизу пискаше мачка, оддалеку блееше коза. Залајаа и други кучиња од погорните сокаци; високо на небото светна глува ровја. Војводата се загледа кон рудничките ископи, меѓутоа, не виде ништо освен два црни облака што се спојуваа. Ветрот ги разнесе чергите и веленцињата, капата одлета до едно кошаре со пчели. Беломорско Сонце врати сè на своето место, потоа им се доближи на кокошките. Еден штурец во авлијата повремено стружеше, а некаде зарика магаре. Само што мислеше дека ја слушна козата од дворот на Алабакот, војводата здогледа човек по ѕиври, со кандило в раце, се пробиваше низ урнатиот ѕид. Бран од ветрот ја изгасна светлината од кандилото, а тогаш човекот се стаписа во место. „Ела да спиеш во мојот дом!“ извика соседот Гаврил, пцуејќи ги шајките што ги нагази. „Не сакам да ме гризе совеста на стари години!“ додаде потоа. „Зошто да ти е немирна совеста? Јас не те обвинив?“ праша Слав и ги закриваше рацете од ветрот, додека ја виткаше цигарата. „Штом е измислено за тебе дека сабја не те сече, може и друго нешто да се очекува! Не сакам да речат дека те оставив на улица!“ одговори Гаврил, излегувајќи од урнатините. „Се плашиш од проклетство?“ „Доаѓаш или не доаѓаш?“ повтори соседот. „Остави го, очи нека вади!“ свика неговата жена од прозорецот. ГЛАВА ПЕТТА Беломорско Сонце можеше да спие под багремот сè до верскиот празник наречен Преображение. Деновите беа суви и топли, а пак ноќите со тивок ветар што го освежуваше. Тој копнееше од желба да се искачи до јамите на рудникот, да го обиколи Мостот на крвникот или да се разлади на кладенецот под столетните дабје, меѓутоа, сè уште немаше сила за таков подвиг. Се задоволи Деница да го известува за настаните во Горен Бовојзо; фати да ја испрашува речиси за сè. Мошне се зарадува кога слушна дека на мостот е поставена заштитна ограда од метал; дека некои машини го издлабија и коритото на реката, така што поплави нема да се случуваат толку често. Со неверица ја прими веста за новиот здравен дом што е соѕидан до првиот кат; сега недостига цемент и малку железо за да се врзи плочата, но ѕидарите и без тоа имаат работа преку глава. Војводата сакаше да чуе новости за сојот на Дилевци; Деница ги крена рамената, немоќно ги рашири рацете. Освен што Апостол ја закажал првата свадба за единствената ќерка Софија а Јован добил служба во безбедноста, друго не знаеше. За својата судбина не сакаше да зборува. Ни за судската постапка околу лозјето, ни за караниците меѓу ветеринарот и нејзиниот иден маж. Не му кажа ни за дрскоста на Данило кој ја пресретна утрово и ја стегна за раката. За малку ќе заборавеше да го извести војводата дека гробот на Сидора е обложен со сив мермер. „Иле Алески порача од истиот мермер!“ извика Деница, метејќи го дворот од багремовите мешумки што паднале од силниот ветар. Потоа Слав разбра и за влошеното здравје на учителот Деспот, како и за мерките што се преземени против туберкулозата. „За себе не кажа ни збор!“ провоцираше Слав Плавески. „Мене не ми се случува ништо!“ се насмевна Деница, посрамена и збунета. „Ќе се мажиш или нема да се мажиш?“ се осмели Слав. „Изгледа ќе одам на школување!“ радосно додаде таа. „Денес и попот ќе си дојде!“ „Од каде дозна?“ срипа девојката, со блесок во очите. „Доста слушав новости од тебе!“ „Ќе ти донесам грозје!“ вети Деница, прерадувана. „Знаеш кога се зајадува грозјето? На Преображение! Еве веднаш со кошницата отидов на лозје!“ рече најпосле и веќе го креваше резето на портата. „Не оди сама на лозје!“ дофрли Слав одвај гласно, повлечен од непознат страв. „Толку свет развражал по ридиштата!“ „Не бери го грозјето ако е зелено!“ советуваше Слав. „Мислиш не узреало од сушава?“ „Не знам, одамна немам лозје!“ „А верно ќе си дојде попот?“ се поврати назад и блесна пред војводата со големите, бадемови очи. „Кога сум те излажал?“ „Ќе ти донесам најслатко грозје!“ „Не оди сама!“ повтори Беломорско Сонце, како нешто да претчувствува. До пладне војводата ги заврши сите куќни работи; испече леб за целата седмица, нацепи дрва што ги смести до оџакот, им фрли јачмен на кокошките, ги прибра неколкуте снесени јајца од седалата во сеницата, си ја испра долната преслека во леѓенот и ручаше од тенџерето што му го остави девојката. Фати да ждрига кога ја виткаше цигарата; додека пиеше од водата наслушна бучење и грмење. Зар ќе врне од ведро небо, се чудеше враќајќи чад низ носот. На сувата земја треснаа неколку керамиди, се урна и парче малтер од предниот дел на куќата. И песот се накостреши од топлиот ветар што задува. Испопаѓаа жолти лисја од багремот, затракаа олуци по соседните дворови. Набрзо ветрот спласна, а сонцето се повлече зад белите облаци што надојдоа. Додека Беломорско Сонце пресметуваше во мислите уште колку дена треба да го чека поштарот со пензијата, по сокакот се искачуваше Узеир Алија. Зад себе ја водеше кобилата, натоварена со талпи од неодамна избичена топола. „Не ти беше срам да ме излажеш?“ праша Узеир, брзајќи да ги истовари талпите крај ѕидот. „Што те излажав?“ „Па ти не спиеше во куќата на попот!“ „Не е толку ризично овде!“ „Штом почнат да се ронат ѕидовите не треба да ѝ се верува на куќата! Кај ќе се криеме од срам, ако те поклопи покривот? Доволно е да те ѕвекне некоја црвлива греда по главата!“ се нервираше Узеир Алија, качувајќи се низ отворот, кон чатијата. „Ќе ги потпираш ѕидовите?“ праша Слав, со рака над очите. „Не ѕидовите туку кровот! Да не го разнесе ветрот!“ „Ќе издржи додека се соѕида урнатото?“ „Сега немаме време за никакво ѕидање! Можеби на пролет!“ одговори Узеир Алија, држејќи се за гредите што се ронеа. „Зошто не ми кажа? Сам ќе си платев мајстори!“ се налути Слав Плавески. „Не сакам да се изложуваш на трошоци!“ се правдаше Узеир, слегувајќи на земја. „И од твојот карактер не остана ништо!“ „Што сакаш мисли за мене! Ти го понудив мојот дом, но ти ме одби!“ „Верно ќе го купиш лозјето од Дилевци?“ „Не станало збор за тоа!“ одговори Узеир Алија. „Што ќе ти е лозје тебе?“ праша Слав, не верувајќи во одговорот на ѕидарот. „Ако не ти се живее кај попот, да ти отворам една празна рудничка куќа!“ предложи Узеир Алија, за да го сврти разговорот на друга тема. „Кој си ти да ми отвориш туѓа куќа?“ се налути Слав, незадоволен од сè. „Не е важно кој сум! Сакаш или на сакаш? Ако се решиш намини подоцна на градилиште, ќе те одведам да видиш каде ќе живееш! Си чул за куќа со нужник и водовод?“ праша најпосле, обесен на портата. „Не само за водовод туку и за свила и за кадифе! Што ме замислуваш ти мене?“ Беломорско Сонце ги тресеше рацете. „Не лути се, знам дека си шетал по светов!“ помирливо извика Узеир; веќе ја водеше кобилата надолу по сокакот. „Да те очекувам на градилиште?“ „Ќе го молам бога да не фатат дождови!“ „Како што сакаш, од мене толку!“ „А што е со твојата жена? Оздраве?“ „Да не ти е грижа за неа!“ одговори Узеир Алија, пред да исчезне кон чешмите. Соседот помина со колата, се загледа во дворот на војводата, меѓутоа, не отвори разговор. И неговата жена и децата слегоа надолу молкум, како договорени. Војводата се излежуваше на клупата, галејќи го песот по вратот, кога одненадеж ушите му ги проби бучавата на рудничкиот џип. Алекс Тунај управуваше со воланот, додека Јован Дилески читаше весник. На обајцата главите им беа заштитени со шлемови, но образите им ги спржило жешкото рудничко сонце. „Добри вести за тебе, војводо!“ извика Алекс, откако го сврте џипот на ширинката. „Да не се урна мостот?“ се пошегува Слав, карајќи го песот да не лае. „Не мора да трошиш златни пари за лозјето!“ додаде Јован и прелиста страница од весникот. „Што те натера да се решиш?“ се чудеше Слав; не верувајќи во понудата. „Се отселува, доби служба в град!“ избрза Алекс. „Не мислам да се влечкам по судови!“ одговори Јован. „Оној Данило ќе ве присили на сè!“ Слав вртеше глава. „Пендрекот ќе игра!“ се пофали Алекс. „Го сакаш лозјето или не го сакаш?“ повтори Јован. „Да го видам какво е, па ќе ти кажам!“ одговори Слав. „Ти падна секирата во мед, ќе го купиш евтино!“ дразнеше Алекс Тунај. „Ќе ме почекаш за парите?“ „Да те почекам, ама не многу!“ „Зошто брзаш?“ „Ќе пробам да ги вложам парите во некој стан!“ одговори Јован и му нареди на Алекс да вози. „Заминува од Горен Бовојзо! Ни опинците веќе не ќе можеш да му ги видиш!“ извика Алекс, управувајќи со џипот надолу. „Утре ќе те побарам!“ вети Слав Плавески, возбуден од ненадејната посета. „Ќе почекам до три дена!“ додаде Јован, потстанат од седиштето. Потпрен на стеблото од багремот, Слав ја следеше прашината што ја крена возилото. Фрли опушок, ја извади кутијата од џебот, фати пак да витка цигара нишајќи ја главата; ѝ се чудеше на понудата за прекупување на лозјето. Колку пати досега намислуваше да го обиколи и да види каков е годинашниот род, меѓутоа, не се осмели да ја пречекори меѓата. А сега му се укажа прилика да си го поврати назад и веќе по три месеци да ја наполни бочвата со младо вино. Ќе му напише писмо и на синот Доран, заради виното тој бездруго ќе се прибере дома. Срцето му заигра од радост, некоја сила го подлажуваше да стане и да се запати таму. Погледна во небото, облаците не го исплашија; сонцето се провираше меѓу нив и паѓаше на багремот. Ветрот повремено се потсилуваше, керамидите тропаа на клекнатиот покрив од куќата. И пчелите беа разлошени, се враќаа од полето како пијани. Слав им се доближа на кошињата и фати да ги собира паднатите гранки од багремот. Поради невнимание стапна една штица на која беа поредени кошињата, пчелите уште повеќе се разлошија и почнаа да му се закануваат. Тој им зборуваше утешно, со рацете го заштитуваше лицето, меѓутоа, две осила не го поштедија. Преголеми болки не чувствуваше, кожата му беше како штавена, за да го ублажи отокот зеде мазно камче од под стреата и фати да го трие местото на вратот. Да не се готви невреме, штом се вознемирени пчеливе, се прашуваше отпивајќи од бардето. „Дома си, дедо Слав!“ извика глас од сокакот. „Се готвев да излегувам!“ одговори војводата, мошне изненаден од посетата; потоа му ја отвори портата на Тале Дилески. „Ме прати мајка ми да ти донесам грозје! Таков бил адетот, денес се зајадува!“ рече Тале, подавајќи му неколку грозда во мала, плетена кошница. „Не требало да се мачите!“ одговори Слав не многу весело, но ја зеде понадицата. „И Деница отиде на лозје!“ додаде потоа, загледан низ сокакот. „Нивното лозје е на многу високо место!“ коментираше Тале. „Што бара да се искачува сама горе?“ праша најпосле. „Мириса на камфор!“ воздивна Слав Плавески, пробувајќи од грозјето чии садници ги прекопувал до пред четири години. „Не е како што треба годинава?“ мудруваше момчакот. „Пороите го оштетија?“ „Што пороите, што сушава!“ „Ама ќе даде слатко вино!“ рече Беломорско Сонце. „Да те замолам нешто?“ „Сè што можам!“ прифати војводата. „Купи го лозјето!“ „Пред малку разговарав со брат ти!“ „Ако не го купиш ти, ќе го купи Узеир Алија!“ „Зошто толку брзате?“ „Не смеам да ти кажам!“ воздивна Тале Дилески и стана да си оди. „Да не се степаа Апостол и Данило?“ „Не можам да ти кажам!“ повтори Тале со наведната глава и замина кон чешмите. Војводата стави два грозда во џебовите на палтото и поита во куќата на учителите. Песот квичеше по него сè додека го гледаше во сокакот. А нему пак му се врати силата. Среќаваше забрадени жени со зелје во скутниците преврзани на глава, ги поздравуваше и се интересираше како им се домаќините. Децата што се враќаа од реката не му обрнуваа внимание; со препалени кожи од сончањето тие беа прегладнети и брзаа дома. И ѕидарот Богоја Талески одјава на црн коњ во полето, без да се поздрави со војводата. Пред куќата на учителите дремеше грнчар со двоколка; немаше купувачи ни за бардињата ни за грнците. Распетлан и неуреден, тој се интересираше каде би можел да преспие. „Тропни на вратата од Дилевци!“ му препорача Слав и со левата рака му го покажа правецот. Зошто го испрати во куќа на грабливци, се прашуваше потоа, загледан во урнатините на некогашниот задружен дом. Грнчарот подобро ќе си минеше во куќата на Талевци. Часкум се поврати и го препрати на другата адреса. Откако му го покажа сокакот, војводата реши малку да се задржи пред здравниот дом во изградба. Тој беше спроти рудничките згради и мошне близу до куќата на учителите; лесно го препозна. Камените ѕидови се извишуваа можеби пет метри, тие му се видоа исти како на задружниот дом кој избледел од времето. Овде ќе се лекуваат болестите, помисли војводата и фати да се подбива со градбата. Купишта делкан камен, јама со неодамна гаснета вар, дабови греди сметнати од коријата и скелиња околу ѕидовите. Завитка цигара и чурејќи се кикотеше кога го сети до себе Тале Дилески. „Двапати се гледаме денес!“ војводата го погали момчакот. „Каде го испрати грнчарот?“ праша Тале, со прикриена насмевка. „Нека спие во чиста куќа!“ одговори Слав. „Кај Алевци? Таа куќа е под катанец, не знаеш?“ „Не кај Алевци туку кај Талевци!“ одговори Слав Плавески, но мошне се возбуди од веста на момчакот. „Каде се Иле и жена му?“ се интересираше. „Ѕидарот е во санаториум, друго ништо не знам!“ одговори момчакот. „Можеби жена му ќе се премажува!“ додаде потоа. „На Иле му се влоши здравјето?“ „Не видов кога заминуваше!“ призна Тале Дилески. „А грнчарот подобро да спие во куќата на попот!“ предложи самоуверено. „И попот не е дома!“ рече Слав Плавески. „Пред малку го донесоа со чеза!“ се пофали момчакот. Војводата беше мошне расположен кога тропна на вратата од домот на учителите. Ходничето тонеше во некој чуден примрак, беше задушно и непроветрено. Еден ѕиден часовник го одбројуваше времето, во некој кафез мрмореше папагал. Каде се домаќините, се прашуваше Беломорско Сонце и тропна посилно. Сопрво тишината го исплаши, се џареше во ходничето и во часовникот, тропна уште посилно. „Отворено е, јас никогаш не заклучувам!“ допре гласот на едноракиот учител. „Зошто седиш во темница?“ праша Слав Плавески. „Сега ќе запалиме кандило!“ одговори Деспот. „Надвор е ден, што ќе ти е кандило?“ „Ми пречи таа светлина!“ се пожали Деспот и го покани гостинот да седне. „Тогаш не пали ни кандило!“ „Мене сè ми пречи, војводо!“ офна Деспот. „Каде се децата и жената?“ „И тие не ми беа по кемането!“ „Баш умееш да се шегуваш!“ се насмевна Слав, вадејќи грозје од џебовите. „Ветив да не доаѓам со празни раце! Знаеш самиот колку се радуваат децата!“ „Остави го, јас ќе го изедам!“ рече Деспот и со мачнина стана да го земе шишето од креденецот. „Но каде се близначките?“ се исчудуваше Слав. „Мојава болест им здодеа на сите! Секој ден е премреже! Зошто и тие да страдаат кога можат да се спасат? Ги одведе мајка им покрај езеро! Што да ти кажам повеќе?“ заврши Деспот, полнејќи две чаши со ракија. „Ќе се вратат на есен?“ „Што знам дали ќе се вратат? Ако се луди нека се вратат! Да сум на местото од Киска, војводо, не би помислил на враќање!“ Деспот се замори и почна да кашла. „Зар дојде ножот до коска?“ „Како што нема лек за моиве болести, така не се лекува ни бракот! До полноќ ме кинат градиве, партал од партал цепат болките! Само што ќе здивнам кратко, почнува да врие главата! Очите сакаат да истечат, мозокот ќе ми зоврие! Дробовите, бубрезите, целото тело се распаѓа. Офкам беспомошно како да ме колат! Тоа ли е живот, војводо? Зар и семејството да биде роб на мојата мака?“ „Смееш да пиеш алкохол?“ „Најстрого ми е забрането!“ „Па зошто си го влошуваш здравјето?“ „Веќе никому не му верувам!“ одговори Деспот и со две голтки ја испразни чашата. „Пиел, не пиел, врвка ми е работата!“ додаде. „Штом не се тука децата, јас ќе си одам!“ рече Беломорско Сонце и во темницата ја побара кваката на вратата. „Поседи уште малку! Знаеш колку јад собирам дење, а колку ми е долга ноќта? Да живееше поблизу, ќе ми го чуеше плачот!“ се жалеше Деспот. „Кога не те фаќа сон, доаѓај под багремот!“ предложи војводата, вртејќи ја поставата на влажните џебови за да ги истресе зрната грозје. „Се плашам таму да не го затекнам попот!“ „Уште не му прости?“ запраша Слав. „Што можам да му напакостам јас нему? Да му плукнам во бавчата!“ одговори Деспот, со омраза во гласот. „Не мислиш да му простиш?“ навалуваше Слав Плавески. „Па како да му простам?“ се подотвори Деспот. „Тој беше со окупаторот!“ додаде болно, навален на ѕидот од ходничето. „Не се јасни тука работите!“ „Колку си изменет, војводо! Заборави како свршуваа предавниците?“ „Сигурен си дека Никола те предаде?“ „Да бев сигурен лично ќе му пресудев! Но војниците спиеја во неговата куќа! Ме фатија и ме врзаа како ѕверка, бубрезите ми ги истресоа, тогаш крв проплукав и раката ја изгубив. Здравјето ми е сè полошо, а ти бараш да му простам!“ заврши Деспот, борејќи се против кашлицата што го наваса. „Не давај се, како господ нема друг!“ „Ќе ме голтне црната земја!“ „Ако не можеш да заспиеш, дојди под багремот!“ Беломорско Сонце го потсети на предлогот. „Да те прашам нешто?“ „Прашувај!“ „Повторно бараше милост за попот?“ „Така е!“ „А јас на гробот ќе му се измочам!“ „Колку ти е погана устата! Веќе никогаш в куќи не ти влегувам!“ се закани Слав, брзајќи низ дворот. Растревожен од разговорот, војводата посака да се одмори под единствениот костен. Ушите му се исполнија со нејасни звуци на инсекти што стружеа во меѓите и животни што се враќаа од испаша. Се џареше во матното небо што се закануваше со поројни дождови. Се обидуваше да ја подели вината меѓу болниот учител и попот. Му пристапи Богоја Талески кој го водеше коњот претоварен со недосушено сено. „Ти се издолжи јазикот?“ се шегуваше ѕидарот. „Клекнав да се одморам!“ „Не ти се допаѓа здравниот дом?“ „Мене тој не ќе ми треба!“ „Поколенијата ќе го користат!“ „Господ нека го благослови!“ воздивна Слав и фати да се оддалечува кон својата куќа. Под багремот цигарата чуреше речиси до полноќ. Времето постепено се влошуваше; сопрво од облаците излегуваа бесшумни секавици, потоа ветрот се засилуваше и правеше витли по сокаците, најпосле загрме силно. И песот квичеше, криејќи се под клупата, а коњот на соседот Гаврил ќе го скинеше огламникот скокајќи во пондилата. Војводата го следеше движењето на облаците и се надеваше пороите да се истурат во Долен Бовојзо. Ветрот го поместуваше кровот на куќата, се тркалаа камења и малтер, јачеше низ отворот на ѕидот. Почна да врне, сопрво тивко и ситно, потоа во налети, како да се истура небото. Громовите удираа главно на тополите и врбите крај реката, но и во коријата, на столетните дабје. По сокакот надојде поток, гумното се раскваси со барички, клозетот пак се разлеа; колку што грмеше, уште посилно врнеше. Војводата наметна една черга и поита кон домот на Узеир Алија. Секавиците му го осветлуваа патот, но поради не времето тешко ја распозна бившата куќа на Алабакот. Застана пред ѕидовите што ги миеше водата, се двоумеше да затропа на портата. Не светеше ниеден прозорец, сè беше притаено, освен што кобилата 'ржеше во пондилата. Грев е да се вознемирува болна жена, помисли војводата за својата некогашна снаа, па, штитејќи ја главата со чергата, чекор по чекор низ калта, се врати дома. Каде да се приклони од дождов, се прашуваше. Багремот веќе капеше од сите гранки, кровот на пондилата разурнат, а пак куќата се дрмаше како сениште. Но ќе си влезе во печалката и ќе си легне на батанијата, се храбреше, отворајќи ја вратата. Зар таа не му служеше во тек на целиот изминат век? Наместо да го запали кандилото што беше во долапот на оџакот, Беломорско Сонце пак истрча на сокакот и со чергата на глава, крепејќи се на плотовите, стигна до оградата на попот. Секавиците го осветлија дворот во кој дождот ги раскинуваше низалките тутун; тука беше и двоколката на грнчарот. Можеби спијат без да им пречат ровјите, Никола си дошол преморен, си мислеше војводата, тажно загледан во кровот што го плискаше дождот. Удри гром во оревите, го преплаши, му потклекнаа колената. Што да прави во оваа страшна ноќ, каде да побара засолниште, не му текнуваше. Се откажа од намерата да го буди попот, не дека е бивш предавник, туку затоа што се срамеше. Чекор по чекор, пребирајќи меѓу калта и водата, излезе на друг сокак. Некаде громовите расцепија топола; војводата намовна, што од студ, што од тресокот кој заврши со ломење на гранки. До куќата на учителите пристигна со починки, речиси низ потокот што набујуваше. Не погледна во ѕидовите на здравниот дом, ниту во небото што подивуваше. Побара заклон во темното ходниче, премален се навали на вратата. Ќе ја изгубеше свеста да не го стресоа болните крикови на Деспота; овој колнеше, плачеше, молеше, тажеше во мракот. Колку се измачува учителот, помисли Слав Плавески и го избра патот за дома. Реши да го спотне огнот и, додека ја суши облеката, да испие топол чај. ГЛАВА ШЕСТА Пороите завршија како некој грд сон. Сонцето веќе беше над рудникот кога војводата почувствува дека по образите го касаат муви. Стана од креветот и, жалејќи се на болки во крстот, ги облече панталоните преку ѕиврите, потоа кошулата; стенкаше и мрмореше додека ги обуваше волнените чорапи и гумените опинци. Откако ја стави измастената, мокра капа на глава, го пронајде бастунот и покроце излезе во дворот. Запарниот воздух му се залепи на вратот, брзо се испоти, веќе се каеше што облече ѕиври. Многу тешко дишеше. По небото здогледа облаци што брзаа да му го затворат патот на сонцето. Тоа грееше со чудна јачина, како да најавува пожари. До пладне земјата пак ќе се подгрее како црепна, помисли Беломорско Сонце, викајќи по шарениот пес. Гумното и сокакот веќе беа со потсушена кора, а рој муви зуеја на старото буниште. Чергите под багремот ја испаруваа влагата, лисјето на скршените гранки се џебавеа и потемнуваа. Каде заскитал песот, се јадосуваше Слав, загледан де во мртвите пчели околу кошарите, де во кокошките што колваа пред кочината. Ја зачисти кошулата од багремовите мешумки, ја издува клупата и, наместо да седне, отиде до портата. „Кај мене спиеше песот! Да не се уплаши дека некој го украде?“ викаше Никола Николов, брзајќи по сокакот. „Тешко ќе поверувам! Тој никогаш не останал во туѓа куќа!“ се чудеше Слав, покревајќи го резето на портата. „Го најдов склопчен на верандата! Се дамлосал, сношти побарал заштита! Ха, ха, ха, веќе не ти верува тебе!“ се изнасмеа попот; десната рака му ја подаде на Слав, со левата, од џебот на мантијата извлече шише ракија. „Добрите дела не се забораваат!“ додаде и со клекнување го стави под клупата. „И лошите се помнат!“ поголтна Слав, гледајќи напорки во гостинот. „На што пукаш војводо, на моето минато? Не се радуваш дека ме гледаш во својот двор?“ „Некои гревови не се отплатуваат со еден притвор!“ „Ама ти како да ме обвинуваш!“ „Сношти му ги видов маките на учителот!“ „Пак стара приказна! Ако мислиш дека го предадов учителот, зошто бараше милост за мене?“ „Не знам што да мислам! Одамна сме пријатели со тебе, можеби сум пристрасен! Да не се крие ѕвер во таа мантија?“ „Да бев виновен сега ќе ме пуштеа дома?“ „Ќе треба да ми раскажеш повторно за војниците што спиеја во твојата куќа!“ рече војводата, додека ја виткаше цигарата. „Не можам, сè е запишано таму, молам да ме поштедиш!“ „А ќе прифатиш соочување?“ „Ние двајцата и Деспот? Каде, кога?“ „Под багремов, уште вечер!“ „Да одложиме за неколку дена?“ „Знаев дека се плашиш!“ „Не се плашам, жими Деница! Ќе дојдам вечер! Па јас го ценам учителот, тој ми ги воспитува децата!“ одговори Никола и зеде да се напие од шишето што го донесе. „Деспот не ќе го преживее летово!“ воздивна Слав. „Пробај ја ракијава, ми ја даде Рамадан!“ попот му го принесе шишето пред очите. „Синот на Крвникот?“ се штрекна Беломорско Сонце. „Што се чудиш? Тој пече ракија за лек, ѝ додава треви што мирисаат на темјан! Религијата му забранува допир со алкохолот, ама тој си е неверник!“ се изнасмеа Никола, присетувајќи се на побратимот. „Ќе доаѓа на гроздоберот?“ „Ако му дадат слободни денови! Не знам, сопрво вети, но и тој како да се плаши!“ „Не ти скрши уште некој заб?“ „Што мислиш ти за Рамадана? Дека е разбојник? Па тој ме извести оти ќе бидам ослободен!“ „Ќе можеш да спиеш мирно!“ одненадеж се расположи Слав и го згазна опушокот со опинокот. „Што те насмеа толку? Дека ме затвораа во сите режими досега? Зар не заслужив да ме остават во мир?“ се бунеше Никола Николов. „Нема мир, попе, дождот ти го уништи тутунот!“ „Не е тоа за веселба туку за тажење!“ „Пак ќе истураш од празно во шупливо!“ „Имало господ, штетата не е толку голема! Како што паѓаше од небото, се плашев дека и корењето не ќе останат!“ „Пак ќе удрат громови!“ „Ти да не општиш со бога?“ „Што бараше грнчарот во твојот дом?“ продолжи да се потсмева Слав. „Тој е роднина на попаѓата! Талевци не го примија на конак, затоа дојде кај мене! Што е тука смешно?“ „Не гледаш колку збеснаа мувите? Ни песот не може да се одбрани!“ „Од вчера нема да е полошо!“ „Што стори со низите?“ „Ги распослав во дворот, ако не се исушат, ќе скапат!“ По сокакот затрака колата на соседот Гаврил; двете кучиња џамкаа пред коњот, едно дете по кошула влечкаше мотика со рачка подолга од себе. Сосетката вјасаше крај авлиите носејќи плетена кошница во рацете, соседот ја притегнуваше уздата и го караше коњот. Кога наближа под багремот и го здогледа Беломорско Сонце како се кикоти со попот, не можеше да издржи да не му го расипе расположението. „Да го имаше бога за пријател сега ќе го молеше да не прави толку зулуми во полето! Ама тебе попот ти го налева стомакот, за него се молиш, него го вадиш од зандана! Смеј се, не ти е гајле за жабите што се накотија по нивјето!“ извика Гаврил, повлекувајќи ја уздата кон себе, така што коњот ги закопа копитата в земја. „И жабите убаво крекаат, хи, хи, хи!“ одговори војводата и растреперен фати да витка цигара. „Не виде дека ноќеска се доурна ѕидот од куќата?“ „Видов!“ „Други мислат за тебе, ќе ти се гради нова куќа, затоа си толку весел! Не ти е гајле што скапува гравот, оти пиперот е исчукан од градот сосе цутот!“ се разлути Гаврил, фркајќи со камшикот во воздухот. „Остави го, нека се кафти како зелен!“ го искара жената и му свика да тргне со колата. „Тебе да ти ја орам градината? Тебе да ти го позајмам коњот? Отров би ти турил во чајот! Ќе се иселам од сокаков, не те сакам за сосед!“ се закани најпосле Гаврил, тракајќи со колата надолу. „Што сте закрвени толку? Овој не те мириса тебе!“ Никола стана од клупата. „Кога ќе се разбуди, прво ја здогледува мојата куќа! Хи, хи, хи! Го плаши ѕидот што се урна!“ одговори Слав, испраќајќи го попот до портата. „И мене здивот ми се одзема, не влегувај повеќе во оваа колиба! Зошто не се преселиш во празните куќи на рударите?“ „Кој ти кажа дека се празни?“ „Грнчарот што спиеше кај мене!“ „Види го скотот! А мене ми изгледаше како некое теле што не го распознава вимето на кравата!“ „И тебе умот ти лета по небото!“ почна да се кикоти попот. „Не ти кажав што ќе правам?“ „Ќе се прошеташ до мостот и до кладенецот!“ „Не! Ќе си го откупам лозјето!“ „Само лозјето? Нема да ги повратиш нивите?“ запраша Никола од сокакот. „Би ги купил и нив да ги продаваат!“ „Дилевци продаваат сè! Бикот веќе му го дадоа на Узеир Алија, овците ќе ги земе неговиот брат!“ „Од каде дозна! Па ти вчера излезе од зандана?“ се чудеше Беломорско Сонце. „Грнчарот ми кажа сè! Не веруваш?“ „Зошто би ги продале нивите?“ „Не сите, само оние што беа твои! Комесарот се отселува некаде, му требаат пари за куќа во градот! Не знаеш дека на Јована му дадоа оружје да носи?“ „Значи така, помина меракот за сермија!“ резонираше Слав, испраќајќи го Никола. „Да сум на твое место не би купувал ништо!“ советуваше Никола од сокакот. „Но моите ниви се на плодна земја!“ „Кој ќе ти го ора, војводо?“ „Сигурен си дека ги продаваат?“ „Мене веќе ми ги понудија, но јас не мислам да се валкам во калта! Ни тутун нема да садам!“ „Ќе служиш во црквите?“ „Штом се исели комесарот, нема кој да ми забранува!“ „Мачно се работи тутунот!“ „Кој за што учел!“ „Не те прашав за Деница! Вчера не ми донесе грозје!“ викна Слав, обесен на портата. „Што барала сама девојка во лозјето? Се врати како претепана, фустанчето бербат, снагата издраскана! Ене ја дома плаче, затворена во своето одајче!“ одговори Никола, оддалеку. „Ч велев да не оди!“ „Ако паднала, ќе оздрави, ако ѝ се случило нешто друго, господ нека ѝ е на помош!“ Кога се навали сонцето зад коријата, Слав излезе в поле. Браздите сè уште беа под вода од ноќешните поројни дождови. Скокаа зелени жаби меѓу пченките, стружеа инсекти во густежот на конопиштата. Тој не можеше да се одбрани од мувите што го напаѓаа, потта го обли по снагата, приседна на меѓата. Потоа го разгледа тутуништето на Николовци што престанало да расте и почнуваше да цути. Штетата од поројот не е голема, процени Беломорско Сонце, наведнувајќи се да ги дофати лисјето што беа испрскани со земја. Се гордееше дека тој ја изора оваа нива, сега претоварена од род. Дали ќе се обере сиот тутун пред да падне сланата, се прашуваше. Скина едно пожолтено јаболко од гранката што ја досегна, загриза со вилиците што му клапаа на непцата, направи кисел израз на лицето и продолжи кон неговата бивша нива. Таа беше обрастена со висока пченка што цутеше, класјето му се видоа едри и полни со зрна. Големи штети му нанесол поројот на гравот, се увери откако загази во блатото. Ја изоди нивата во целата должина, се извалка до колената. Можеби гравот ќе мувлоса, но пченката ќе даде богат род, мислеше, излегувајќи на сувата патека. Да ја обиколи и другата нива или да скршне кон брегот, право во лозјето? Погледна во небото што се заматуваше, малку се двоумеше; најпосле скршна кон брегот. Низ болните уши слушна далечни грмежи од планината; од ветерот што задува почнаа да шумолат пченките. Мувите касаа незаситно, песот си ја апаше опашката, меѓутоа, не можеше да ги исплаши. Војводата се одмараше крај повеќе меѓи. Дишеше со отворена уста, кашлаше додека пушеше, потта од вратот ја брисеше со едно поцрнето шамиче. Сретна две жени во црнина што собираа пожолтени лисје од пченката; ниту тој ги поздрави, ниту тие му се претставија. Некое прејадено магаре рикаше под сливите крај јазот, додека во соседните градини разговараа тројца мажи со засукани ракави. Покроце Слав му се доближи на своето лозје. Крвта зовре, срцето заигра од возбуда; тој го копачеше местово, тој ги садеше лозите. Му се вратија спомените од тие времиња кога, со синот и ќерката учествуваше во најродните берби на грозјето. Благуна ќе зготвеше ручек и ќе им се придружеше на пладне. Од раното утро ќе се фатеше работата, ред песна, ред берење, до пладне ќе се наполнеа плетените кошеви, а пак вечерта следуваше вистинска гозба. Ширата се пиеше со посебна наслада, додека Доран гмечеше зрна во каците. Пак ќе си го преземе лозјето, се убедуваше Слав, ќе ја поправи бочвата и долгата зима ќе ја истера со домашно вино. Само што нема со кого да ја подели радоста, се натажи, виткајќи цигара. Кога би се вратил Доран во куќата, на радоста ќе ѝ нема крај, си мислеше, загледан во песот кој ловеше муви. Потоа шеташе меѓу пенушките и се јадосуваше оти поројните дождови ги искубале зрната од гроздовите. И ластарите му се видоа опустошени, како тука да поминала мечка. Годинава родот ќе биде половен, процени војводата. Тогаш слушна бучење на мотор што се искачуваше на брегот, а песот се даде во лаење. Војводата се бунеше во себе, не сакаше да го сретне тој што му се приближуваше; го фрли опушокот, со нервозни прсти ја виткаше новата цигара, повлекувајќи се кон меѓата на лозјето. „Сè уште не е за берење!“ извика брадосаниот ветеринар, вадејќи го клучот од моторот. „Не дојдов за да берам!“ тивко одговори Слав. „Знам што те привлече овде!“ „Разговарав со твојот внук!“ „Мислиш лозјето е за продавање?“ „Не мислам ништо!“ „Ако ти ги понудат нивите можеш да ги купиш, во лозјево не мешај прсти! Ќе се испечеш!“ се закани Данило и скина грозд од најблиската копачка. „Ќе видам што ќе правам, можеби ќе те послушам!“ одговори Беломорско Сонце со некоја чудна присебност. „Сакаш машки разговор? Што ќе правиш ти со толку вино? Мене сега ми врват најубавите години, секоја вечер имам гости во куќата!“ фати да се исповеда Данило. „Така ја жалиш Сидора?“ „Не чепкај во таа рана, жити синот!“ „Верно ѝ го обложи гробот со мермер?“ „Оди па види!“ „Па ти не си бил толку лош како што те кодошат!“ Слав почна да врти со главата. „Брат ми шири секакви лаги! Еден ден ќе му ги искршам коските!“ „Нема да се преженуваш?“ „Која жена ќе ја замени Сидора?“ „Така е, кога умре таа остави празнина! Да беше жива, ти немаше да се закрвиш со Апостола! Таа обединуваше сè, лесна ѝ земја, зборот ѝ беше како дукат!“ „И Сидора не беше праведна кон мене! Секогаш застануваше на страната на брат ми!“ се присети Данило, загледан во небото. Во коријата блесна светлина и удри гром. Сопрво ветрот пиркаше топло, потоа свиреше по бреговите и ги навалуваше тополите, најпосле фати да ги крши ластарите во лозјето. Хоризонтот кон планината се затемни, од небото покапе. Беломорско Сонце слушаше некои овчари што ги вабеа овците под стреите на трлата, потоа клепаше и камбаната. Одеднаш времето се расипа, паѓаа ретки, но големи капки дожд. Зар ќе навасаат градоносни облаци, се прашуваше Слав, придржувајќи ја капата пред ветрот. Се довикуваа луѓе по полето, трчаа деца по џадето. „Да те понесам на моторов!“ предложи Данило, стокмен за тргнување. „Ќе си одам покроце!“ одговори Слав Плавески, но веќе се преплаши од грмежите. „Седни зад мене кога те молам!“ „Да не возиш пребрзо?“ „Држи се за мене, часкум ќе бидеме дома!“ „Ако врне како ноќеска, од лозјево не ќе остане ништо!“ „Сè може да се случи!“ „Колку богат род ќе однесе матната река!“ се туфкаше Слав и, додека трепкаше со очите, избегнувајќи ги тешките, градобијни удари од небото, цврсто ја стегаше половината на ветеринарот. „Клинка песот зад нас?“ праша Данило, пробивајќи се низ завирената вода. „Не се гледа, сè е замаглено!“ одговори Слав. „Исто како вчера!“ извика Данило. „И сношти те затекна дождот ваму?“ праша Слав, претчувствувајќи нешто кобно. „Не ти кажа Деница!“ викна Данило посилно, борејќи се со невремето. „Што треба да ми каже таа?“ се растревожи Слав. „Ништо!“ одговори Данило. „Да не си блудничел со неа?“ на Слав ќе му излеташе срцето од градите. „Ах, Беломорско Сонце, уште сто години да живееш, ти нема да ме засакаш! Зар мора сè што е лошо да го поврзеш со мене?“ прашуваше Данило, колку весел, толку дрзок. „Некој ѝ го скинал фустанчето!“ „Се остава ли сама мома по ридишта?“ праша Данило, кога вртеше крај чешмите и го фаќаше сокакот на Плавевци. „Што вели народната песна за тоа? Како расте мевот до заби?“ додаде весело и зеде да ги плаши кучињата на Гаврила што ги затече крај авлијата. „Да не си блудничел со девојката?“ Беломорско Сонце го повтори прашањето, смрзнат на моторот и до кожа прокиснат. „Прашај ја неа, што ме турмозиш мене!“ Малку потоа војводата го акна бастунот до оџакот, ја фрли капата на креветот, го спотна огнот и го пристави чајникот. Не се жалеше дека е накиснат, иако му престуде. Ги обеси панталоните на ѕидот, се војваше по собата, никаде не го собираше. Да оди кај Николовци за да ја праша Деница или да си седи мадро дома? Зар таа ќе му ја каже вистината, се туфкаше со дланките. Ако решила тајната да ја закопа подлабоко, сигурно и попот нема да разбере ништо. Можеби таа се изгребала по стрмата, козја патека, а пак Данило ѝ прискокнал на помош, фати да се теши. Дека вечерва и нему му направи добро дело, не го остави на милоста од градоносните облаци. Полека се успокои и, чекајќи да зоврие чајникот, се налакти на прозорецот да гледа како побелува гумното. Кога ќе загрмеше посилно тој се притулуваше и очекуваше да се откине малтер од ѕидовите на куќата. Но вечерва од кровот не падна ниедна керамида, ниту пак ветерот фиукаше низ отворот. Секаше во коријата и крај реката, грмеше некаде далеку; градот во гумното се истопи, дождот си ромонеше долго, тивко и ситно. Најпосле војводата отрпна на стравот, се расположи во креветот и пушеше додека пиеше чај без шеќер. Само што се прибра дома, песот задрема до суровиците, како да му е лут на господарот. Глувците цивкаа по ќошовите, попусто бара трошки. Само што сакаше да се покрие со веленцето, Слав Плавески слушна повик од прозорецот. „Врзан е песот?“ праша едноракиот учител и вчас се најде пред вратата. „Заспа пред мене, не знам што му е!“ одговори Слав, покревајќи се да му отвори на гостинот. „Не дојде попот?“ „Близу му е куќата, ќе дојде!“ „Не ми се верува дека е толку храбар!“ се сомневаше учителот. „Ќе греши, ако не дојде!“ Слав му го подаде триножникот. „Што не стоплиш малку ракија? Не ти студи тебе?“ „Огнот ме задрема! Ќе згреам и ракија!“ „Многу се рони куќава! Од варта побелува и дождот што се слева низ ѕидовите!“ „Видов, но што можам да сторам?“ Слав крена рамена додека бараше лонче за ракијата. „Ѕидарите се посрамотија! Дури и мене ме праќаа да правам записник! И јас со умот на комесарот!“ „Сакаш поблага ракија? Јас шеќер многу не трошам!“ „Да е потопла, ме тресе снагата!“ одговори Деспот, триејќи ги градите со рацете. „Не се плашиш да не се доурне куќава?“ додаде, галејќи го песот по грбот. „Господ е голем!“ воздивна Слав. „Попот не мисли да доаѓа!“ извика Деспот, џарејќи се во мрачниот прозорец. „Ќе дојде! А ти како го протера денов?“ се интересираше Слав и ја распретуваше жарта. „Ноќеска изгорев од болки! Денес спиев до пладне и, да не чуе ѓаволот, сега не ми е лошо! Камо среќа да потрае вака! Бистра ми е главата, не ме штрека ни во градите, ни во стомакот! Уште да не ми студи!“ заврши Деспот и го повлече триножникот поблизу до огнот. „Ја заклучи вратата дома?“ „Не заклучувам никогаш! Какво азно би ми украле мене?“ „Секакви лишки талкаат ноќе!“ „Зошто се плашиш толку многу?“ „Тешко ќе можам да ти објаснам!“ Беломорско Сонце му подаде на гостинот чаша стоплена ракија. „И децата тераат шега со Рамадан, синот на Крвникот!“ се осмели Деспот, дувајќи во чашата што се испаруваше. „Не е работата за шегување!“ воздивна Беломорско Сонце. „Ветрот свирна во оџакот!“ Деспот наслушна. „Не е ветрот туку е попот Никола!“ се расположи Слав и, отварајќи ја вратата, го избрка песот надвор. Попот бараше изговор за да не го пречекори прагот на куќата. Каков лош ден, му велеше на војводата, божем од пладне до вечер не го видел сонцето над својот двор. „Облаците слегоа ниско до земјата и се празнеа многу тивко, истурајќи прво градиште, а потоа ситен дожд!“ мрмореше во темното ходниче. „Влегувај таму, не те викнав да ми раскажуваш за облаците!“ го поттурна Слав и ја затвори вратата зад себе. „Жими Деница, вечерва над пченките се крена сина магличка! Запарниот воздух ги предизвика оние самотни грмежи без светлина!“ додаде Никола, како посрамен, влечејќи го триножникот подалеку од учителот. Овој молчеше, напорки загледан во гламјите што искреа. На војводата му беше тешко да го поврзе разговорот меѓу гостите. „Стопливме од твојата ракија, ќе сакаш да пробаш?“ му се обрати на попот. „Никогаш не ми е доста!“ извика овој за да се охрабри самиот. „Ако надојде реката ќе ги поплави ливаѓето!“ прв се јави Деспот, божем му се обраќа на домаќинот. „Тешко ќе се спасат долните градини и пченките околу мостот!“ Никола Николов го позеде муабетот. „Видов колку е заматена и распенета водата, како да ги носи големите снегови!“ додаде потоа, отпивајќи ја чашата со извесна леснина. „Тревата ќе си ја поврати зелената боја, но што ќе остане од родот во полето?“ праша Деспот. „Ќе бастросаат и лозјата и пченките, од тутуњето не ќе се обере последната рака!“ се пожали Никола и веќе се заврте кон соговорникот. „Помнам една ваква година при крајот на минатиот век! Тогаш беше убиен султанот, а голема царска војска престојуваше во Бовојзо!“ Беломорско Сонце го прифати дијалогот и фати да ја лепи цигарата што ја завитка. „Ни јачмен се пожнеа, ни пченката узреа!“ го прекина Никола, барајќи да му се дотури во чашата. „Во некои куќи зимата се вареа корења наместо компири, а штом окопнеа меѓите сите бараа полжави!“ извика Слав. „Како што правиме ние учителите сега!“ се засмеа Деспот Келешо. „Киселецот се голташе, но од печурките многумина се отруја!“ додаде Слав Плавески. „Да не се повтори таква година!“ воздивна Никола. „Не брзајте со ракијата, на шишето му го видов гаѕерот!“ предупреди Слав, фрлајќи цепенка во огнот. „Близу ми е куќата, часкум ќе донесам! Сладок ни е муабетов, затоа брзо се празнат чашите!“ одговори Никола Николов и ја распетла мантијата за да ги разлади градите. „Ќе се искиснеш до гола кожа, дождот не сака да престане!“ конечно му се обрати учителот на попот, а војводата ликуваше од среќа. „Ќе се изложи тој вечерва и на поголем ризик!“ се шегуваше Слав, пак подгреваше ракија во лончето на жарта што фрлаше светлина. „Керамидите на мојата куќа се раздробени, кровот може да прокисне како пролетоска!“ се пожали Никола, запетлувајќи ја мантијата. „Се заколнав повеќе да не се качувам горе!“ додаде и стана да ѕирне низ прозорецот. „Јас ќе ти помогнам!“ одненадеж се понуди Деспот. Попот ја виде светлината што блесна на рудничките ископи. Грмежите беа сè подалечни и послаби, ветрот сè уште ги тресеше гранките на багремот, но дождот спласна. Зарикаа магариња, се довикуваа луѓе по дворовите, почна да се бистри и небото. На војводата му се стори дека настапи погодно време за разговор во врска со држењето на попот за време на окупацијата, меѓутоа, не знаеше како да почне. И Деспот како да заборави на причините за оваа средба, додека Никола го молеше бога таков разговор никогаш да не се отвори. Тој прв го слушна тресокот на камењата што се урнаа од западниот ѕид на куќата. Ѕвекнаа и неколку керамиди, заквичија кучињата на соседот Гаврил. Се здрма и подот на печалката, чадот од оџакот се поврати назад. Деспот се преплаши, стана да ја побара вратата. Војводата ги храбреше обајцата да не бегаат; тој ја знае издржливоста на куќата во целост, таа нема да го изневери. „Собрани сме да решиме еден голем проблем!“ им рече тој. „Не слушаш како се нишаат гредите?“ го праша Деспот. „Ми се чини дека тонеме под земја!“ додаде Никола. „И да се урива западниот ѕид, и малтер да се рони, ние сме на сигурно место!“ ги бодреше Слав. Тогаш по сокакот се искачуваше возило што јачкаше на бранови, како да врти во празно. На попот не му беше тешко да го распознае рудничкиот џип и во темницата. Песот залаја откај стожерот на гумното но брзо ја сви опашката и се пикна во сламата на сеницата. „Тука е учителот Деспот?“ викна Алекс Тунај, покревајќи ја церадата кај прозорецот. „Кој ме бара мене?“ учителот истрча во дворот, а по него попот и војводата. „Ти ги донесов ќерќите!“ Алекс покажуваше на двете близначки одзади во џипот, меѓутоа, темницата покриваше сè. „А мајка им?“ подзина Деспот, обесен на портата. „Таа ме замоли да ги донесам!“ „Како можела да постапи толку безочно!“ се тревожеше Деспот, не сакајќи да му пристапи на џипот. „Побрзај ако мислиш да те возам дома! Сокаков е како поток, а мене ми се затвораат очите, цел ден сум на воланов!“ извика Алекс и додаде гас во моторот. „Лош е патот? И таму паднаа големи дождови?“ се интересираше Никола Николов, следејќи го учителот кој влегуваше кај близначките. „Таму не заврна!“ објасни Алекс нервозно. „Пороите фатија во Долен и Горен Бовојзо, реката се шири во полето, ќе остави пустош зад себе!“ „Да не го поткопа и Мостот на војводата“ извика Никола и го поздрави соседот Гаврил кој го водеше коњот на поило. „Веќе му се заканува! Побрзај, морам да го известам комесарот дека реката го поплави и мостот!“ му свика Алекс Тунај на учителот. Ноќта војводата преспа во домот на Николовци. Речиси до првите петли домаќинот исповедаше премрежиња од тешкиот живот по занданите. Чуварот Рамадан го спомна најмалку десетпати, неговиот татко не го спомна ниеднаш. Беломорско Сонце и веруваше и не веруваше, дека попот само за својата правда зборуваше. Кога веќе се опи, од него можеше да чуе сè за лозата на Апостол Дилески. Дека овој бивш комесар стои на оптегната жица што ќе се раскине, оти ќе го потроши сето азно за да го спаси образот; каде и да се отселува, нема да пушти корен. „Зар во таква куќа да ја омажам ќерката?“ праша најпосле Никола Николов. ГЛАВА СЕДМА Комесарот мачно ја преспа ноќта, а сега не можеше да се скраси во дворот. Со распетлана, бела кошула, во платнени, летни панталони, речиси се давеше во потта што излегуваше од телото. Не знаеше како да го почне работниот ден; што е поумно, да ги остави ѕидарите на скелињата од здравниот дом или да преземе нешто за спасување на мостот. Најпосле реши да ја подели групата. Сонцето на двапати изгреа над ридот и пак остана зад облаците, меѓутоа, сите знаци на утрото најавија убав ден. Дворовите беа оживеани; добитокот се истеруваше на паша, се тресеше постелината, девојките со ѓумови брзаа на чешма. Со тракање на макадамот пристигна колата на Узеир Алија; тој се пожали дека патот е раскален. „Тоа не е изговор за доцнење!“ го укори Апостол, клоцајќи една кокошка што му се најде пред нозе. „Нема да поведеме со нас уште некој?“ праша Узеир, дотерувајќи го амот на кобилата, а потоа седна до комесарот. „На пладне ќе ни треба помош, дотогаш можеме сами!“ одговори Апостол и пак слезе од колата. „Само да се видам со жена ми!“ додаде и се искачи во куќата. На Узеир Алија му остана доволно време да разгледа сè; шталата пространа и градена со мерак, плевната долга и проветрена, кокошарникот засебен и многу убав. Сега во гумното претаа многу кокошки, а под стреата на куќата еден мачор си го апаше вратот. Лицето на ѕидарот се скисели кога сфати дека во истиот двор и во истата куќа со еден влез живеат две семејства. Широкиот чардак пак му го врати расположението. Ја искара кобилата што сакаше да тргне напред, потоа им отпоздрави на двајца помлади ѕидари што вјасаа кон здравниот дом. „Ти фаќа окото? Куќа како сарај!“ извика покусиот ѕидар, кафтејќи се ту кон Узеир, ту кон својот другар. „Сè е градено за да трае илјада години!“ призна Узеир Алија; очекуваше да се појави комесарот. „Но двор со два господара не носи среќа!“ дофрли младиот ѕидар во чекор. „Брат ми ќе мисли на тоа, што ме засега мене?“ одговори Узеир Алија, не верувајќи им на своите зборови. Сега му текна да се праша каде е Данило утрово; ни трага од мотоциклот, ни синовите да покажат глави. Ја закачи уздата на лостот од колата, им се доближи на ѕидовите. Доволно се високи, помисли, но би можеле да бидат малку повисоки. Некој петел првна колку да го исплаши, а некаде залаја пес. Узеир замавна со десната рака пред очите како да брка грда помисла. Дури тогаш го здогледа помладиот син на комесарот, седнат на ѕидот спроти плевната. Му се насмевна, го праша дали се камењето студени. „Не се дури ни влажни!“ одговори Тале; држеше прачка во рацете. „Ти е жал за куќава?“ праша Узеир Алија. „Што има да се жали тука?“ возврати Тале, кршејќи ја прачката од ѕидот. „И онака ти дома нема да се завртиш! Едно школо, па друго школо! Сиот свет ќе ти е куќа тебе!“ мудруваше Узеир Алија. „За мајка ми ќе биде потешко!“ призна Тале, помирен со судбината. „Таа ќе си поплаче!“ додаде, фркајќи со остатокот од прачката. „Дека не видела подобар живот! Градскиот воздух ќе ѝ се заарни на Деса, само нека го помириса!“ извика Узеир Алија пред да се врати во колата. По сокакот врвеше грнчарот со една забрадена жена. Од нивите се враќаа тутунари разочарани дека не успеале да наберат тутун. „Што не почекавте до пладне, блатото ќе се исуши!“ ги кореше грнчарот. „Болеста да те почека и никогаш да не те дочека!“ се кикотеше една од тутунарките. „Зар не можеше поројот да се истури на друго место?“ извика Узеир Алија, колку да се замеша во разговорот. „Проколнати сме од Алабакот дека го закопавме во толку вода!“ одговори жената на Гаврил, брзајќи дома со нарамник зелје. Така, чекањето се издолжи, кобилата фркаше со пена низ уздата. Сонцето ги проби облаците, водата се ипаруваше од баричките по сокаците. Апостол Дилески истрча во дворот и фати да се туфка не знаејќи што да прави. Го здогледа синот на авлијата и му нареди да оди дома за да ѝ помогне на мајка си. „Ако ти бара нешто Богоја ѕидарот, не давај му ништо!“ го предупреди; седна во колата, покрај Узеир Алија. „Што си растрган утрово?“ го праша овој. „Вози напред и многу не прашувај!“ одговори комесарот, луто загледан во еден прозорец од кој ѕиркаше неговата жена. „Не видов како протера ноќеска војводата!“ додаде потоа, вртејќи го вратот кон сокакот нагоре. „Го побарав дома, ама не го најдов!“ извика Узеир Алија; ја тераше кобилата да го забрза клинкањето. „Требаше да му ја поправиме куќата!“ воздивна Апостол Дилески. „Што побрзо? Многу работа наваса!“ рече Узеир управувајќи ја колата пред воденицата, спроти градините. „Не знам дали морав сега да се преселувам?“ се тревожеше Апостол, загледан во пченките. „Ти велев прво да го собереш бериќетот!“ „Колку подоцна, толку потешко!“ „Што можам да ти советувам?“ „Ништо!“ остро пресече Апостол. „Пченката ќе ја обереш ти и ќе ми ја платиш на кутел, по овдешна цена! За пиперот и кромидот пари не ти барам! Гравот ќе ми го донесеш во вреќи, ми треба за исхрана! Исто и компирите! Брат ти Хадри нека го обере сончогледот и конопиштето! Кога ќе ора нека почне како во своја нива!“ заврши комесарот и плукна во меѓата. „Што реши за грозјето?“ се интересираше Узеир Алија. „Ако не го продадам лозјето, лично ќе дојдам да го берам грозјето! Таа работа многу се замати!“ воздивна Апостол, џарејќи се во ридиштата. „Со Беломорско Сонце е лесно, но со Данило не знам!“ „Обајцата се исти!“ „А како ќе го изѕидаме здравниот дом без тебе?“ праша Узеир Алија, колку искрено, толку лицемерно. „Богоја ќе одговара за сè!“ „Немам доверба во тој човек!“ „И мене не ми се допаѓа, но подобар ѕидар немаме! Да се вратеше Иле Алески на сите ќе им олеснеше!“ „Зошто мислиш така? Ќе може тој да ја држи мистријата?“ Апостол не одговори туку одмавна со рака. Вниманието му го привлече поштарот кој доаѓаше отспротива, качен на велосипедот. Некои старци ги одводнуваа градињето, а една девојка напасуваше крава во меѓата. Тропаше камбаната, на тополите врескаа чавки. Душата му се нажали на комесарот дека ќе ја напушти оваа убавина. Се џареше во поштарот кој слезе од велосипедот и од кожената торба извади некои хартии. „Дома е син ти Јован?“ праша Стево Лајме, плукајќи во прстите. „Отиде да ја преземе новата должност!“ одговори Апостол. „Може јас да се потпишам?“ додаде потоа; мислеше на судската работа што ја покрена Данило. „Не може! Но има овде и за тебе!“ Стево Лајме веќе му подаде еден плик и пенкало за да се потпише на одрезокот. „Кој ќе те зацрни ако не родениот брат!“ мрмореше Апостол, додека го враќаше пенкалото. „Што да правам за син ти, каде да го барам?“ се интересираше Стево Лајме, затворајќи ја торбата. „Кога ќе најде слободно време, сам ќе ти се јави!“ „Ова не е за чекање!“ „Кој сака нека брза!“ одговори Апостол Дилески и го остави поштарот да зјае по колата што тргна. Долго време Узеир не се осмелуваше да поведе разговор. Дека му е мачно на комесарот беше сигурен, меѓутоа, не можеше да процени што размислува во мигот. Го здогледа попот Никола кој излегуваше од школскиот двор за да се качи во својата чеза. Некои коњаници одјаваа напред, крај тополите. Му стана потопло во градите, му пречеше и сонцето што се растури по полето со целата јачина. Ги одмина и внуците Саме и Дамир кои вардеа десетина овци под една слива. Најпосле се покажа мостот со две деца што фрлаа камења во распенетата вода. Што бараат овде синовите на Данило, се чудеше Узеир Алија, повлекувајќи ја уздата кон себе. Потоа скокна на џадето и ја дофати кобилата под вратот. „Врви слободно, мостот не е оштетен!“ викна Апостол; веќе слезе од колата како претепан. „Кога се повлекла водата под плочата?“ „Не знам, изутрина не беше повлечена!“ „Ти да не спиеше овде?“ „Навратив двапати!“ одговори Апостол и тргна кон внуците, меѓутоа, тие заминаа намуртено, шлапкајќи во матната вода. „Диреците од јужната страна пропаднале малку!“ рече Узеир Алија, мошне загрижен, додека ја спроведуваше колата од другата страна на мостот. „Сè уште не открив пукнатини ни на плочата ни на столбовите!“ додаде Апостол, навалувајќи се на оградата. „Се надеваш водава да се повлече?“ „На пладне ќе слеземе долу!“ „Дали направивме големи грешки?“ „Не ни е севте?“ „Со каков полет го градевме!“ воздивна Узеир. „Не е време за плачење! Побрзај со колата, до пладне сакам да ми го донесеш и цементот и штиците!“ нареди Апостол, разгледувајќи го мостот од обете страни. „За железо што ќе правам?“ праша Узеир Алија и ја зеде уздата в раце. „Ти реков, ќе се јавиш кај Рамадан дома! Замоли го да дојде со тебе, многу ми е потребен!“ „Дали ќе имам време за сè?“ „Ако не запираш на друго место!“ одговори Апостол и ја следеше колата додека исчезна од видикот. Потоа слезе под мостот и фати да ги отплеткува ветките што заглавиле на столбовите. Најде партали донесени од планинските населби, парче од воловски јарем, раскинати цокули, садови од пластика и оштетен триножник. Им го отвори патот по реката и се загледа во еден клен исфрлен во тињата, што го напаѓаа муви. Долго време го испитуваше бетонот, како од јужната, така и од северната страна, исплашен дека ќе открие пукнатини што ќе се шират. На столбовите виде десетина вертикално распукани места, меѓутоа, плочата беше здрава. Во сета несреќа среќата победила, си рече во себе за да си олесни. Верно мостот од северната страна пропаднал до пет сантиметри во песокта и земјата, се убеди, споредувајќи го со џадето. Да се повлече реката уште малку и ќе се одреди местото за ѕидот што ќе ја заштитува плочата. Неговите осум мајстори тоа би можеле да го завршат до залезот на сонцето, планираше Апостол. Помина рудничкиот камион што го здрма целиот мост. Апостол се исплаши оти ќе се случи најлошото, скокна во песокта, подалеку од бетонот. Гумите на возилото истресоа кал во водата, а потоа сè се смири. Едно трнарче посака да пие од блатото, но брзо се откажа, губејќи се кон искршените врби. Апостол слушна ѕвон на говеда што брстеа во шумата, над кладенецот. Потоа и тресок на машини што допре од рудничките ископи. Мостот го премина и двоколката на грнчарот кој дремеше со дланките на темето, додека коњот брзаше кон Долен Бовојзо. И на комесарот му се приспа, дека ноќта ја пробдеа со грижи. Посака да се искачи до изворот и да легне под столетните дабје. Да се појавеше однекаде синот Јован сега многу ќе му значеше. Се џареше зад себе и вјасаше нагоре истоштен од припекот. Не можеше да се сети каде беше поставена бараката и под која евла водеше љубов со учителката. Под високите дабје не откри никакви промени, освен што секнале некои од изворите. Но главниот кладенец бликаше со истата јачина како пролетоска. Го зеде лончето од камарата и налеа; додека пиеше се џареше во густежот. Не можеше да одреди кое животно оставило траги под изворот. Помислата на мечка или волк ја отфрли сосема, но фати да се сомнева дека тука поминал шарениот пес на војводата. Стравот му се всели по целата снага што намовна; ја истури водата недопиена и реши да ја разгледа околината. Сенките што ги правеа гранките шетаа пред него, на баричките што светкаа околу старите лисја здогледа гуштери; некоја чудна птица скокаше по леските, повремено испуштајќи звуци како папагал. Во најблискиот дол зарика говедо, на ветрот зашуме целата гора. Апостол се врати до кладенецот и повторно налеа вода; сега пиеше многу поспокојно. „Мајстор си за бусии! Така ги убиваше царските војници?“ праша, густирајќи од лончето. „Не сакав да те исплашам!“ се правдаше Беломорско Сонце седнат на сув корен, дробејќи желад со нож. „Можеш на човек да му се доближиш без да те сети!“ додаде Апостол, бришејќи ги усните со дланка. „И на ѕвер, не само на човек!“ „Ќе го цвикнеш без да крикне!“ „Каде што ќе пресечев јас, таму трева не растеше!“ „Што дојде толку рано на изворов?“ „Рано излегов од куќата на попот! Дека во туѓ кревет, не можев да заспијам!“ „Му дадов наредба на Богоја ѕидарот да ја поправи твојата куќа! Не знам кога, но тој ќе те побара тебе!“ „Што побрзо? Мојата колиба или здравниот дом?“ „Ќе довтаса на обете места, златни му се рацете!“ „И на мостот се отвори работа!“ „Не е тоа ништо! Еден потпорен ѕид што ќе го излиеме до вечер, најдоцна утре!“ „Да ме прашавте мене, сега не ќе ве мачеа тие грижи!“ „Што да те прашавме?“ се зачуди Апостол Дилески. „Ништо! Ќе ви кажев дека ѕидате на жива земја!“ одговори Слав Плавески и фати да делка едно гранче. „Каква е таа жива земја? Сум градел палати во мочуришта, никој не спомнал таква работа!“ „Го гледаш кладенецов?“ „И го слушам и го гледам!“ „Ми се чини дека не го слушаш! Легни со главата таму каде што истечува водата!“ предложи Беломорско Сонце. „На што ти личам јас?“ Апостол кимаше и ја тресеше главата со гримаси кон војводата. „Легни кога ти велам, нема да се извалкаш!“ настојуваше овој. „Еве легнав!“ извика Апостол, откако го допре увото до земјата. „Слушаш како бучи долу?“ „Исто како што бучи крај реката!“ одговори Апостол и повторно легна на земја. „Не е исто!“ „Водата секаде бучи кога истекува!“ „Знаеш каде истекува реката?“ „Секое дете знае!“ „А каде истечува водата што бучи под таа земја?“ „Мислиш слегува до мостот?“ „А ти што мислиш?“ „Не можам да поверувам!“ призна Апостол, вџасено загледан де во кладенецот, де во Беломорско Сонце. „Толку силен извор јас не сретнав никаде! Откако го паметам тој не секнал ни во најсушните години! Целото место е водоврично! Во пролет се покажуваат до девет извори дека коритото не ја прима сета вода! Зар не виде како беше додека се топеа снеговите?“ праша Слав. „Во реката не открив никаква трага!“ „Таму под мостот бучи уште посилно! Само што водата извира низ песокта како низ сито! Имавте среќа што не пропаднавте в дупка!“ „Сега ми текна! Иле Алески се жалеше дека нешто го влече под земја!“ извика Апостол, наведнувајќи се по третпат. „Така е, силата влече надолу!“ „Од каде знаеш за таа сила?“ „Пред шеесет години сум го градел истиов мост! И не во пролет туку во зима, кога е потешко!“ одговори Слав. „Истиот мост?“ Апостол се стаписа. „Не бев сам, туку со стомина од Горен и Долен Бовојзо! Царските војници дежураа два месеца, сè додека не се изѕида последниот камен!“ „Мостот беше од камен?“ „Од најдобриот камен, од истиот со кој вие го градите здравниот дом! Го носевме покрај коријава, на двоколки со волови! И главниот мајстор беше прочуен во целата султанија!“ „А мостот се урна!“ Апостол се препоти. „Го однесоа првите големи дождови! Кога ќе надојде водата не удира само од коритото на реката туку и од овој извор! Затоа царот се откажа од повторна изградба на мостот!“ заврши Беломорско Сонце, го пикна ножето в џеп и се подготви да си оди прекутрупа низ коријата. „Зошто не пробал да гради подолу на рекава?“ „Кој, царот? Не го прашав, јас бев во војна со него!“ одговори војводата. „Не разбирам ништо!“ призна комесарот. „Сакаш да знаеш како ја минувавме рекава откако се урна камениот мост? Кој на коњ, кој на магаре!“ „Не тоа! Нешто друго ме збунува!“ „Знам што! Те интерсира кој го изгради дрвениот мост!“ извика Беломорско Сонце, удирајќи со бастунот по еден гуштер. „Новиот окупатор!“ избрза Апостол Дилески. „Не! Тогаш се менети само штиците и неколку диреци!“ „Па кој го изгради?“ „Сулејман Крвникот, нему му требаше!“ „Зар тој наплатуваше за премин?“ „И баждарина и друмарина и главарина!“ одговори Беломорско Сонце. „Што ми накажа, бре? Затоа мораше да го убиеш?“ „Една причина имаше за да живее, а пак илјада за да умре! Тој изгради доста добар мост што служеше до пролетоска и тоа народот не го заборави! Но зулумите мораше да се спречат!“ „Мостот на крвникот, сега ми текнува!“ се возбуди Апостол Дилески и по четврти пат легна да го слуша бучењето под земја. „Треба да се копа тука кај што бучи!“ рече Слав. „Зошто да се копа?“ „Тука лежи Сулејман Крвникот во ковчег од мермер!“ одговори Беломорско Сонце. „Не лажи ме, сум го видел неговиот гроб!“ извика Апостол Дилески, а некој уплав го полаза по снагата. „Гробот е празен, телото е донесено ваму!“ „Баш ќе го прашам Рамадан!“ Апостол се почеша по главата и се оддалечи од местото. „Не верувам дека ќе ти ја каже вистината!“ „Зошто да биде телото пренесено ваму?“ „Не знам! Прашај го татко му на Сулејман!“ одговори Беломорско Сонце и се закри во врлежот. „Чекај, не заминувај! Којзнае дали ќе се видиме другпат! Во кој гроб ќе го најдам татко му на Сулејман?“ „Жив е тој, треба да има нешто повеќе од деведесет години! До лани можеше да го сретнеш на улиците од Килиса Дереси, штом го минеш Босфор! Прашај го Рамадан, да не е болен сега!“ „Кој е болен, Рамадан или неговиот дедо?“ „Тој што беше господар на Долен и Горен Бовојзо! Многу сонуваше, а соништата му се исполнуваа! Тој му остави порака на Рамадана да го пренесе телото на убиениот ваму!“ „Што морал да вложува толку труд?“ „Сулејман загина жеден за вода! Цел ден пиеше со татко ти вино, кај вас дома! На квечерината се враќаше во Долен Бовојзо качен на црн коњ и си пееше по џадето! Беше толку жеден што заборави да ја откачи пушката! И по четвртиот куршум што го прими во градите сакаше да се напие вода!“ „Мислиш затоа го пренесоа овде!“ „Ем да му шуми подземниот извор, ем да биде заштитен од душманите!“ „Сигурен си дека Сулејман лежи овде?“ настојуваше Апостол Дилески. „Копај да се увериш!“ „Ех, си немам друга работа!“ одмавна Апостол со раката. „Во право си, не остана многу време за мостот! Треба да се заштити за да не клекне уште пониско!“ прифати Беломорско Сонце и почна да го ваби песот. „Не веруваш дека ќе го заштитиме?“ „Верувам, ама не со цемент!“ одговори војводата. „Ами како?“ се збуни Апостол. „Побарај ги диреците што ги изваде од реката! Сети се како беа поставени во песокта! Потпри ја бетонската плоча со нив!“ советуваше Беломорско Сонце. „Дрвото ќе го крепи бетонот? Жими децата, војводо ти си букоглав!“ се вангелоса Апостол Дилески. „Откако направи таква гешка, голем избор не ти остана!“ „Ќе го излеам потпорниот ѕид!“ „И шест ѕида да испречиш, пак ќе ги побараш диреците!“ извика Слав Плавески. Обичен драпач е војводата, си мислеше Апостол потоа, слегувајќи по врлежот. Одвај доклинкал ваму, ганголи како дамлосан, од тоа дртало можат да се чујат само луди совети. Да го потпира оној убав мост со скапаните греди на Сулејман Крвникот! Тој е како бесцветно дрво што си го бара коренот во горава, обично врекало кое не знае за човечка среќа. Така растревожен Апостол довјаса под мостот и легна во тињата да го слуша бучењето на подземните води. Морници му полазија по телото кога сфати колку јачи земјата под столбовите. Како некој да зборува таму, помисли Апостол и се вудвоса, го стегна глува болка во градите. Повторно си дојде на себе и наслушна, меѓутоа, сега му се стори уште пострашно. Тој што јачи долу ќе ведри и ќе облачи со мостот, се убеди комесарот, ни шест ѕида не ќе му помогнат нему. ГЛАВА ОСМА Стадата овци што слегуваа од рудините под врбаците го најавија пладнето. Рикаа магариња по меѓите, ботееше тревата низ тињата; малку по малку, реката се повлекуваше во своето корито. По полето беше вријавец, секој брзаше да се увери каква глоба му одредил Господ. Некои гиздави момчиња се фалеа дека нивните пченки не се погодени од пороите. Еден старец колнеше сè што оди и што лета, божем му догрдело да зависи од милоста на ќудливата природа. А комесарот беше склопчен на мостот како некој човек на беспаќе; се џареше по џадето кон Долен Бовојзо, очекувајќи го Узеир Алија со нарачаниот товар, но повеќе мислеше на ручекот што ќе му го донесе помалиот син. Овците беа измолзени и повторно јурнаа по ридиштата со бошлии вимиња, на велосипедот стаса поштарот Стево Лајме. Застана на мостот како некој делнат во умот, го заврза велосипедот на оградата, се врголеше де надолу, де нагоре, потоа го фати беспаќето на гората за да собира билки и шумски плодови. Или се правеше дека не виде никого при искачувањето во дивуријата или верно не го здогледа комесарот. Навтасаа уште двајца коњаници што брзаа да ѝ се доберат на планината пред да зајде сонцето. По нив помина и замина стариот автобус полн со чиновници што се враќаа од општината; возачот управуваше како да оди на закоп, но штом се најде од другата страна на мостот го нагази педалот. Најпосле од блатните ливаѓе пристигна Тале со ручекот во кошница. Апостол Дилески го прегрна синот топло како некој детешар и заедно седнаа под сенките на евлите. „Се ѕида здравниот дом?“ праша Апостол, меѓу два залака и го попушти ременот на својот глембав стомак. „На скелињата не видов никого! Тројца лежеа под ладовината на оревот и го задеваа она старо дртало, војводата!“ одговори Тале, како секогаш, повеќе одошто треба. „Оди најди ги и кажи им, како знаат и умеат, сите да дојдат овде! Што побрзо! Кошницата останува тука, да не те мачам за вечера!“ му нареди Апостол на синот, го удри нежно по задникот и, отпивајќи третина од шишето со вино, се исправи како да му се заканува на мостот. „Ако ми остане време ќе скокнам до лозјето!“ извика Тале, преоѓајќи во ливаѓето. „Што бараш таму?“ одненадеж се разлути Апостол. „Да погледнам како дрочи грозјето!“ одговори момчакот, колку натажен, толку изненаден. „Врати се назад!“ викна Апостол наврекнато и, откако се увери дека му е на досег на гласот, продолжи да го советува. „Не мораш да жалиш за секоја давлива цреша, не сакам да се драпаш по крастите! Сврши ја работата што ти ја дадов и помагај ѝ на мајка ти во пакувањето!“ заврши најпосле. „Зошто да се селиме наврапито?“ се осмели да праша момчакот. „Повисоките интереси го бараат тоа од мене! Кога ќе станеш полнолетен сè ќе разбереш!“ воздивна Апостол и фати да слегува под мостот. Храната му беше натежната во стомакот, ждригаше и ја бришеше потта од вратот. Таму каде што намераваше да легне на тињата за да го слуша бучењето на подземната вода сега имаше пцовисан глушец што го надлетуваа неколку оси. Го клоцна глодарот во водата, почека да заминат осите и се испружи со целата снага. Дамарите во слепоочниците го присилија да удира со дланките по тињата како полуден. Дека под земјата баботеше и јачеше таа непозната сила. Одеднаш се присети на една пештера во која се криеше за време на окупацијата. И таа испушташе необични звуци и понекогаш татонеше, но ова е нешто друго, се тревожеше. Да не се дрзна да ѝ пркоси на природата, против нејзините вековни легенди? Топла пот го обли по телото и падна во очај. Дека не веруваше во бога а беше испречен пред натприродна сила што не умееше да ја објасни, нему му беше уште потешко. Кога стануваше од тињата како претепан, слушна тракање на запрежна кола што му се доближа на мостот. „Како злато да барав, а не цемент!“ фати да објаснува Узеир Алија, надвиснат на оградата. „Дали ќе ни втаса денов?“ се прашуваше Апостол Дилески и загледан во сонцето што се бореше со неколку заскитани облаци ѝ пристапи на колата. „Не можев да се вратам побрзо! На две места милицијата ми вршеше претрес, а во Долен Бовојзо патот е раскопан!“ се правдаше Узеир Алија и ги префрлаше вреќите со цемент во меѓата. „Ќе ни требаат диреците од стариот мост!“ воздивна Апостол, навален на кобилата што фркаше и мафташе со опашката за да ги исплаши мувите. „Не грижи се за диреците, ги товаривме во камионот!“ извика Узеир, стенкајќи под тежината на вреќите. „Кој ги товари, во чиј камион?“ „Јас и Рамадан, во камионот на еден негов братучед, приватен превозник!“ одговори Узеир. „Од каде знае Рамадан за диреците?“ се чудеше Апостол Дилески; му помагаше да се растовари колата. „Ќе го прашаш него лично!“ крена рамена ѕидарот. „Да ви текнеше и за талпите!“ „Сè што беше поздраво и употребливо ставивме во камионот, дури и кусите греди за шалување на ѕидот!“ „Каде е сега Рамадан?“ „Каде да е, не е далеку! Штом докупил цемент и железо, тој побрзал ваму!“ „Ах, денов се преполови, ќе треба да се работи на полна месечина!“ се туфкаше Апостол. „Не ни е севте да ѕидаме ноќе! Но Рамадан сметаше дека ќе ни требаат два дена!“ „Што знае тој за мостов?“ „Не е за потценување тој човек! Кога го побарав во затворот, како мене да ме очекуваше!“ На комесарот му догрдеа разните претпоставки, веќе не сакаше да си го заморува умот. Го одреди местото за црпење на песок од реката, го стокми планот за потпорниот ѕид. Како ќе ја одврати водата од просторот околу јужните столбови? Му нареди на Узеир да собира камења за преградување; овој сопрво ја отпрегна кобилата да се напасува во ледината. Сообраќајот по џадето беше оживеан, се враќаа ќумурџиите од пазар, а чиновниците од општинските канцеларии. Така глембав и грамаден Апостол не се срамеше да се слече по гаќи и да се изложи на подбив од минувачите. „Комесарот пак лови во матно!“ се кикотеше Стево Лајме, одврзувајќи го велосипедот од оградата. „Еден ден ќе ти го заковам јазикот со клинец!“ се закани Апостол, мавтајќи со прстот. „Како да се изразам кога влегуваш во толку матна вода?“ заврши поштарот и го јавна велосипедот. Кога пристигна Богоја со помладите ѕидари, Апостол беше до гуша во реката. Се држеше за столбовите и со нозете ја пипаше песокта на дното; водата му се стори необично студена и разбранувана. Го доближа увото до бетонот и сети нешто како земјотрес; звукот му создаде потреба да изблуе. Одненадеж ја изгуби почвата под нозете, дека песокта се движеше. Малку потоа стоеше цврсто, откако дојде нова песок. На површината од матната вода се формираа меури што пенеа, се затресе и столбот на кој се чипчеше. „Да не врви кола по мостот?“ го праша Богоја, кој сега правеше гумно за мешање на цементот и песокта. „Ни ветар не дува!“ одговори ѕидарот, лут и незадоволен што мора да работи со продолжено време. Младите ѕидари беа поделени во две групи по тројца; додека едните црпеа песок од реката, другите шалуваа талпи што ги донесоа самите. Пристигна и камионот со товарот; Рамадан му објаснуваше на возачот каде да се паркира. На Апостол му олесна во главата; со толку материјал ќе се среди некако мостот. Излезе од водата и му подаде рака на пријателот. „Знаеше за живата земја?“ го праша направо. „И знаев, и не знаев!“ одговори Рамадан. „Не можеше да ме предупредиш?“ „Го сакаш мојот чесен збор?“ „Господ да ми е на помош!“ воздивна Апостол и првпат му се обрати на тој во кого не веруваше. „Мислев дека си мајстор што ќе ги реши проблемите со живата песок!“ извика Рамадан и фати да ги загледува столбовите. „Што да правам сега?“ „Донесов многу цемент и железо!“ Рамадан покажа со рака на камионот крај меѓата. „Се плашам дека ќе треба уште!“ додаде збивајќи. „Можеш да се сетиш како беа поставени диреците на стариот мост?“ „Да пробам!“ прифати Рамадан. „Ако не успее ѕидот, ќе ги подметнеме диреците!“ заврши Апостол Дилески, ги облече панталоните, ги навре чевлите и потоа издаваше наредби како да се витка железото. „Да го исплатам возачот или ќе ни затреба?“ праша Рамадан од меѓата. „А ти како ќе се вратиш дома?“ се интересираше Апостол. „Ќе го задржам возачов!“ Неполни три часа потоа беше одвратена реката од протокот крај двата јужни столба. Вода сè уште имаше до колена но мртва, така што Узеир Алија веќе можеше да го мести преградниот ѕид од талпи. Ги искова гредите, ги подметна лостовите, најпосле ги врза штиците со жица за столбовите. Додека младите ѕидари фрлаа камења во скротената вода, Апостол го постави железото за армирање. Беше задоволен дека работата напредна толку брзо и застана пред купиштата песок. Некои минувачи гледаа сеир од мостот, додека Богоја им пцуеше мајка. „Одете си дома, бесници, овде мечка не игра!“ викна Рамадан и фрли камен по намерниците. Апостол седна под евла и со тревка во устата размислуваше за живата земја. Де ќе погледнеше во ридот кај изворот, де под мостот што му зададе грижи. Да се појавеше однекаде Беломорско Сонце многу ќе го израдуваше. Беше убеден дека разговорот со него сè уште не е завршен. Дотрча Узеир Алија и го извести за тешкотиите со потпорниот ѕид. „Колку што фрламе камења во водата, толку е попразно таму!“ се пожали со поглед што содржеше очај. Стана Апостол да ја извиди работата, повика уште двајца помлади ѕидари и нареди да се полни шалот со поголеми камења и побрзо. Беше капнат од премор, жедта го параше во градите, грлото му се исуши. Повте да го земе шишето со вино од кошницата но се откажа од намерата, откако сфати дека не ќе може да ги почести сите. Пак седна на меѓата и се џареше кон планината што ги формираше првите големи сенки. Не можеше да се скраси на едно место, растрган од мислата дека ѕидот не е тој што ќе го спаси мостот. Треба да се копа горе под кладенецот, да се најде главната жица на подземната вода и да се мени текот на коритото. Зошто не го праша Беломорско Сонце уште нешто за камениот мост од пред шеесет години? Како ги подигал ѕидиштата тој славен мајстор на империјата? Безбели сега водата не е посилна од тогаш? Рој прашања му го тормозеа умот и веќе се плашеше дека ќе мора да ги употреби диреците од стариот мост. Се војваше меѓу работниците што го мешаа цементот со крупната песок и возачот на камионот кој со засукани ногавици влечеше кофи со вода од реката. Му пристапи и на Узеир Алија кој со Рамадана и двајцата помлади ѕидари ја полнеше мртвата вода со камења. „Водата ќе го испере бетонот!“ се жалеше Узеир. „Ќе го полниме ѕидот со две тезгериња! Колку да е гладна дупката, најпосле ќе се засити!“ предвидуваше Апостол. Рамадан вртеше со глава, меѓутоа, ќе го разочараше пријателот ако му ја кажеше вистината. Кога сонцето слезе на сажен до планината, веќе цементот се фрлаше во преградата. „Дојди ти со мене!“ му шепна Апостол на Рамадана, откако го извлече шишето со вино од кошницата. Обајцата беа препотени кога се добраа до кладенецот. Првнаа птици што колкаа во поточето, избегаа и гуштерите од најблиските корења. Столетните дабје веќе направиле дебела ладовина, земјата беше сува. Апостол му го подаде шишето на пријателот, за себе налеа вода. „Ако не заборавам, ќе го зачистам изворов!“ Рамадан го пофали виното, но се наведна да собира отпадоци крај изворот. „Беломорско Сонце навраќа секој ден, тој се грижи за чистотата овде!“ рече Апостол, пред да се оптегне на долгиот корен од дабот. „Доаѓа ама не фаќа ништо!“ извика Рамадан, отворајќи ѝ пат на застоената вода. „Како не! Утрово ми предлагаше да ја ископаме земјата на ова место!“ се пофали Апостол, кршејќи сува гранка од дабот. „Зошто би прекопувале земја?“ праша Рамадан, малку збунет, додека со врвот на цокулата газеше бумбар. „Го знаеш Беломорско Сонце! Бајрам со умот! Божем телото на татко ти лежи тука!“ одговори Апостол и му се нафрли на виното. „Што не ќе чуеш од тој старец!“ се насмевна Рамадан и потоа го плискаше вратот со вода. „Мене не може да ме измами, сум го видел гробот на Сулејман!“ извика Апостол, навалувајќи се повторно на коренот. „Оф, колку ми се спие!“ се пожали најпосле. „Што не отспиеш една партија? Да ти донесам ќебе од камионот?“ предложи Рамадан. „Да беше излиен ѕидот сега ќе се курдисав!“ почна да се кикоти Апостол, загледан во стеблото што завршуваше во синилото. „Местото е само за починка!“ воздивна Рамадан. „Татко ми најчесто спиеше овде!“ додаде расеано. „Не си помислил на одмазда?“ одненадеж праша Апостол, фрлајќи парче од гранката по едно врапче. „Како да се земе! Додека бев помлад се носев со намера да му вратам на војводата мило за драго! Арно ама, со времето, таа намера умре засекогаш! Не е јунаштво да убиеш старец; ако го убиеш тој ќе стане уште пославен!“ заврши Рамадан и го зеде лончето да се напие вода. „Добро си оценил!“ извика Апостол. „Но дедо ми не мисли така!“ додаде Рамадан, празнејќи го лончето. „Жив е дедо ти?“ се изненади Апостол и се присети на разговорот со војводата. „Порано живееше во Килиса Дереси, ама сега е многу стар, се пресели во Галиполе! Ќе си умре во санаториум!“ „Не знаев!“ призна Апостол. „Последен пат се видовме кога го купував ова чанче! Ме праша дали го одмаздив својот татко! Откако му ја кажав вистината, не сакаше да разговара со мене! Дојди по две години, ми порача кога ми ја подаваше раката за збогување!“ „Како да ти одредил време за извршување на одмаздата!“ се чудеше Апостол, веќе исправен крај стеблото на дабот. „Тоа време одамна истече!“ додаде Рамадан, со воздишка. „Ќе се видиш со дедо ти повторно?“ „Не верувам, тој е многу стар!“ Во гората паѓаше мрак, дека сонцето беше навалено зад ридот. Осветлени беа само крошните на високите дрвја и небото. Затракаа клопотарците на добитокот што се враќаше дома, допреа и звуците на далечна шупелка. И птици гукаа некаде во густежот, и пци лаеја во полето. Откако му го виде гаѕерот на шишето, Апостол го фрли со замав во долиштата. По врлежот доклинка Богоја Талески за да го извести комесарот дека попусто се троши цементот. „Матната река ја побелевме, а ѕидот не го завршивме!“ се нервираше ѕидарот. „Толку многу голтна дупката?“ праша Рамадан, подготвен за слегување на мостот. „Ни чакалот не помогна?“ Апостол чекореше со подзината уста, вџасен и очаен. „Само што го извишивме ѕидот до плочата, тој пак клекна три педи пониско!“ одговори Богоја. „Откажи се од намерата!“ советуваше Рамадан. „Не знам колку вреќи потрошивме?“ Богоја креваше рамена и објаснуваше со раце. „Педесет!“ промрморе Рамадан. „Толку донесов во камионот!“ „Ами сега што ќе правиме?“ се чудеше Богоја. „Со малку повеќе цемент, ѕидот ќе го излееме!“ извика Апостол, како да ѝ се заканува на реката. Возачот на камионот се жалеше дека рацете ги истегнал влечејќи вода со кофите. Малку потоа седна зад воланот и, заедно со Узеир Алија во кабината, отиде да го донесе цементот од плевната на Апостол Дилески. „Не ми текнува кога си го купил?“ провоцираше Богоја, црпејќи песок од брегот на реката. „Да ги оставиме кавгите за утре!“ предложи комесарот. Така, сонцето беше зајдено кога се врати камионот со товарот. Рамадан ги издвои диреците од стариот мост, долго ги токмеше и прекројуваше. Потоа го викна Апостола настрана. „Слушај, побратиме, ние со возачот ќе тргнеме за дома! Два часа ќе се трускаме по ова нерамно џаде!“ „Да почекавте уште малку!“ предложи Апостол. „На оваа работа не ѝ го гледам крајот!“ одговори Рамадан и веќе ја запетлуваше кошулата. „А диреците како ќе ги поставам?“ праша Апостол, клоцајќи една штица. „Барај го војводата!“ одговори Рамадан. „Беломорско Сонце?“ се зачуди Апостол. „Ако не се лажам, тој знае како да се постават!“ додаде Рамадан и веќе се качуваше во кабината на камионот. Ноќта што настапи беше топла, без посилни ветрови, со полна месечина. Штурците свиреа по целото поле на Горен Бовојзо; во коријата укаа птиците, по меѓите летаа светулките. Штом замина камионот џадето го покри штама; помина само еден старец на магаре. Богоја се разлути и сакаше да се тепа со комесарот, меѓутоа, Узеир Алија не му дозволи. Се работеше потамина, тезгерињата носеа во преградата колку бетон толку камења. Уште еднаш Апостол влезе по гаќи во реката, џбараше околу столбовите, се мачеше да открие каде пропаѓа градежниот материјал. Почвата што ја допираше со прстите не беше стабилна; ту ќе покажеше цврстина, ту ќе се изрони и ќе ја снема. Водата студеше неподносливо, а на глембавиот стомак комесарот чувствуваше необични струења. Цементот се фрлаше во процепот со кофи, дека работата привршуваше. Двајцата помлади ѕидари легнаа во меѓата, снагата ги издаде. Узеир Алија ги набиваше последните камења, задоволен што се зацврстува бетонот, а ѕидот не клекнува. Прелета лештарка во гората кога ѕидарите излегоа од водата. Апостол жалеше што не го понесе оној пагур со ракија за да ги почести. Погледна во прозрачната темнина на хоризонтот и успеа да распознае неколку осветлени прозорци на куќите. Не знаеше што да им советува на ѕидарите: да почекаат со него додека се стврдни бетонот или да си одат дома? Му беше страв да остане сам, а не беше ни сигурен дека по сртот на коријата ќе слезе неговиот иден зет Алекс Тунај. „Испушете по една цигара, додека Узеир Алија го намести амот на кобилата!“ им советуваше на младите ѕидари. „Под среќна ѕвезда е роден Иле Алески дека не мораше да ја подели нашата мака!“ воздивна Богоја Талески. „Работата содржи ризик!“ мудруваше Узеир Алија. „Ако не се урне ѕидот не треба да го жалиме трудот!“ воздивна Апостол Дилески. Потоа се искачи по врлежот до кладенецот. „Што бара толку високо по овој мрак?“ се чудеше еден од помладите ѕидари, светкајќи со цигарата. „Жал го обзема, дека утре се преселува! Овде ги помина најубавите години!“ објаснуваше Узеир Алија. „Нека го докаже потеклото на цементот, потоа очи да не му видам!“ се закануваше Богоја Талески. „Јас не се сомневам во неговата чесност!“ се огради Узеир и слезе под мостот да го провери ѕидот. „Ми пропадна оваа златна ноќ!“ Богоја Талески со решителни чекори се искачи по врлежот да го побара комесарот. Кобилата беше препасена и го одбиваше амот со фркање и тресење на главата. Узеир Алија знаеше дека сега мора да ја напои инаку таа нема да го пориза. Дека реката беше матна реши да ја одведе горе на кладенецот. Еден ѕидар се шегуваше божем животното има свилена утроба. „Зар тревата е почиста?“ го наслушуваше тупотот на копитата. „Наместо да врголиш во кобилава, слези под мостот и за последен пат провери го бетонот!“ му советуваше Узеир од густежот. Тогаш од местото на столетните дрвја се јави преплашениот глас на Богоја Талески. Тој панично ги повикуваше сите ѕидари да побрзаат на кладенецот, дека таму е извршен злостор. На Апостол Дилески некој му ја смачкал главата, душмански го удирал по целото тело. „Жив е комесарот сè уште, ама целиот искршен, не само главата, туку и рацете, нозете, којзнае дали му се здрави ребрата!“ заврши преплашено гласот од честакот. ГЛАВА ДЕВЕТТА Веќе се приѕираше денот кога Саме и Дамир Алија го качија Слав Плавески на лесата и го минаа преслапот за дома. Мештаните што беа развражени низ полето се џареа и ги прашуваа што правеле тие во гората под превезот на ноќта? Момчаците креваа рамена и никаков одговор не даваа. Ни за маките што ги претргаа додека ја направија дрвената леса, ни за војводата што се освестуваше со раѓањето на денот. Ноќеска поросил дождец, си мислеше овој, пипајќи ги раните по лицето со мака, триејќи ги очите за да го избистри заматениот поглед. Сè уште не беше подготвен да ѝ се предаде на судбината, иако знаеше дека ќе му биде полесно ако се пресели во вечноста. Животот во него одамна прегоре, тој не чувствуваше презир кон смртта, меѓутоа, раната во срцето не преболуваше. Мора да го пронајде својот одметнат син и да го предупреди за грешката што ја прави, гаснејќи го огништето на претците. Болеста на коренот е најстрашна, си мислеше Беломорско Сонце, загледан во пожолтените крошни на дрвјата крај патот. Кога ќе умре таткото, неговиот син ќе нема ни рода ни порода. Двапати се женеше но брзо се развенчуваше. Што беше таа прокуда, се прашуваше и бегаше од дреновите гранчиња што го боцкаа наместо да му бидат мека постела. Дишеше со мачнина на припекот што зрачеше од небото, се вртеше на лесата и патеше немо. Еднаш повте да ги замоли момчаците да го слезат на земја и да го остават сам да си го фати патот за дома, но болките по раздраното тело го потсетија дека силата му е одземена. Испружи рака за да го допре Самета; таа клапна и пак се издраска од лесата. Го зеде бастунот што беше положен до нозете и го премести до главата. Со последните сили потстана на лактите, се џареше наоколу во надеж дека ќе го здогледа песот. Пак легна откако издиша длабоко, сега погледот го прикова во угарите што ги покри џгурата од рудникот. Се потокми да каже нешто но брзо сфати дека момчаците немаа желба да разговараат со него. За два дена пороите зедоа данок од полето, сега земјата се потпечува како под вршник, мислеше Беломорско Сонце. Некогашниот посед на Плавевци ќе го покријат трње и капини, ќе нема кој да фрли семе во земјата. Рударите горе ја перат рудата, поројот истекува кон реката, но црната песок останува. Колку брзо се испоснија нивите крај врлежот, се чудеше патем. Му севна еден завет од покојниот татко, кој му велеше: „Дури не посееш нема да жнееш!“ Кога му се поразбистри во главата, реши да се спастри, да не го гледаат извалкан додека се искачува по сокакот. Пак го позедоа чудни размисли за тоа каква ќе му биде посмртната слава и кој ќе го држи посмртниот говор? Силниот порив за одржување веќе спласнуваше, погледот му се премрежи. Му се придрема, само што ги здогледа ѕидовите на новиот здравен дом, заспа со сон на праведник. Ниту сети кога Саме и Дамир го оставија крај авлиите на Узеир Алија, ниту се разбуди додека го пренесоа во дворот, под багремот. „Што си толку увилен, војводо, како вратен дома од поприште!“ го дрмаше Никола Николов и му ги бришеше образите со влажна крпа. „Паднал во некоја јама, близу до Изворите на беглерот!“ објаснуваше Узеир Алија, помагајќи му на попот. „Кој ти кажа?“ се заврте попот со загрижен поглед. „Внуците ми раскажаа сè пред да заминат во пченките!“ одговори Узеир. „Сиот се раздрал кога паднал!“ воздивна Никола и фати да ги прочистува раните со ракија од пагурот. „Несреќите го прекалија него, сега издржува сè!“ „Имал среќа да го најдат твоите внуци, инаку ќе си умреше без предишка!“ извика попот и го расони војводата. „Сам послав, сам си легнав!“ ги насмеа тој на сета мака и побара да му завиткаат цигара. „Ме поштукна, пријателе, цела ноќ те немаше!“ се пожали Никола, додека ја бараше кутијата по џебовите. „Староста треба да се предупреди!“ додаде Узеир. „Каде е песот?“ запраша Слав, обидувајќи се да свирне од устата. „Мислев дека е со тебе!“ одговори Никола. „Да не заскитал во друг синор?“ се чудеше Слав. „Каде да е, патот за дома е отворен!“ „Тој е умен и поризлив!“ „Може тебе да те замолам нешто?“ му се обрати Слав на Узеир. „Кога сум ти одбил со прек збор?“ Узеир ги рашири рацете. „Сакам да го доведеш Богоја ѕидарот!“ побара Беломорско Сонце, загледан во една мачка што слегуваше по сокакот. „Што ќе ти е тој препреден човек?“ праша Узеир, мошне изненаден. „Поскрпив нешто пари, можам сам да го платам ѕидањето на куќава! Доведи го ѕидарот да се пазариме!“ побара Слав. „Што ќе речат во општината?“ праша Узеир. „Зборувај посилно, не слушам! Кога ќе позастари човек поначесто си прашува!“ извика Слав и за првпат стана од клупата. „Лебот сака потен газ!“ се насмевна Узеир и го потапша Слав по рамената, со намера да го забошоти одговорот на прашањето. „Добро ќе платам!“ повтори војводата и потпирајќи се на бастунот им се доближи на улиштата. „Штом го покриеме здравниот дом, сите ќе се преселиме овде! Затоа пред Богоја да не покажуваш никакви пари!“ советуваше Узеир Алија, станувајќи да си оди. „Вчера ми се урна оџакот на куќата!“ се пожали Беломорско Сонце и фати да ги збира скршените гранки меѓу кошињата. „Видов утрово!“ промрморе Узеир, качен на авлијата. „Ако не дојдете со Богоја ќе побарам други мајстори!“ се закани Слав. „Јас ќе го потстегнам него, а ти стрпи се уште малку!“ предложи Узеир, пред да исчезне од видикот. „Што си се стилил? За кого ќе ја преѕидуваш куќава?“ се интересираше Никола, цицајќи од пагурот. „Не смеам да ти кажам!“ „Ќе ми биде жал, ако ја трошиш силата попусто!“ „Пак ќе запрпа оган во мојата куќа!“ „Лошо ти е кај мене? Не ти е доволно мек креветот? Ајде, стара коско, попаѓата чека на ручек! Пладнето веќе превали!“ Никола го вотна пагурот во длабокиот џеб и го допре резето на портата. „Ќе останам малку да го поткастрам багремов! Да видам што прават и кокошките!“ одговори Слав и со куцкање тргна кон плевната и сеницата. „Не барај ништо таму! Сета пердувеста живина ја пренесовме во нашиот двор!“ извика Никола Николов, со непријатна воздишка. „Толку подобро!“ погледот на Беломорско Сонце се прикова во кокошарникот. „Овде нема што да јадат!“ „Помниш што им се случи на овците? Во мојот двор не смее да припари никој!“ се правдаше Никола, вадејќи го пагурот од џебот. „Оди дома, ќе стасам и ќе те престасам!“ се обиде да се расположи Слав, додека проѕевката му доаѓаше на устата. „Немој да задоцниш! Сакам да поразговараме за иднината на Деница!“ викна попот од портата. „Да можев ќе те тепав заради неа!“ се закани Слав Плавески, отворајќи ја вратата на нужникот. „Данило ја побара за жена!“ воздивна Никола и нога за нога отиде по сокакот со сведната глава. Беломорско Сонце се прикрепуваше на бастунот додека извршуваше мала нужда. Над главата му брмчеше заскитан стршлен кој не успеваше да го пронајде излезот. Зошто попот го спомна името на ветеринарот Данило, се чудеше додека го закопчуваше петличето. Верно наглув човек треба да си препраша уште еднаш, се убеди кога завлезе меѓу урнатите ѕидови на куќата. Умот му се разбистри, но сега вниманието му го привлече коњската запрега на соседот Гаврил што затрака надолу. Двете кучиња џамкаа пред коњот, некои деца ги вабеа да се вратат назад. Гаврил проба да одмине без да се поздрави, но војводата го праша за штетата од поројните дождови. „Негде годе полегнал тутунот, во лозјето се изронети зрната, паднале и црвливите јаболка! Не е страшно колку што се плашев!“ призна Гаврил. „Ќе ги наполниш кошовите со пченка?“ праша Слав, кревајќи вретено од урнатините. „Ако послужи времево, богат ќе биде родот!“ „Господ да ти ја удвои сермијата!“ „Што се реши за куќава? Ќе се чека сама да падне?“ праша Гаврил, клоцајќи го кучето што џамкаше. „Не знам како да постапам!“ фати да се исповеда Слав. „Да чекам ќе испадне полошо, да брзам немам сили!“ „Што не се прчело, не се кози!“ Гаврил ја заниша главата и ја попушти уздата, потоа и колата затрака. „Ќе помогнеш ако ѕидам?“ „Зошто сме први соседи? Само да не очекуваш сè да падне врз моиве плеќи?“ извика Гаврил, пред да исчезне на свиокот. Беломорско Сонце се размрда околу куќата: отпретуваше стари предмети меѓу издробените плитари, пронајде рутишта од покојната Благуна, раскинат примерок од некој парохиски весник, самоделска, црвлива санка што ја користеле децата, парче од пушка, војничка матарка. Тука пороите нафрлиле многу кал што се потсушила и сега пукаше на горештината. Превртувајќи една греда вознемири четири глувци што цивкаа барајќи нова скривница. Проба да ги отепа со бастунот, меѓутоа, брзо се откажа од намерата. Седна на гредата и бришејќи ја потта што се сливаше низ издрасканите образи се загледа во кровот што висеше. Раскинатата трска се лулаше иако ветар немаше; керамидите стружеа една од друга. Долета ластовица што првна низ таванот, но и таа се преплаши и брзо одлета кон стреите на соседната куќа. Низ замрежените очи Слав го здогледа небото без ниедно облаче. Потоа ги следеше штрковите што тракаа на плевната од соседот Гаврил. „Ќе дојдеш на чаша млеко?“ извика жената од прозорецот. „Господ да ви го удвои стадото!“ благослави Слав Плавески и стана од гредата. „Не си гладен?“ праша жената. „Ќе ручам кај попот!“ „Да сум на твое место не би стапнала во таа куќа!“ извика сосетката. „И ти ја мразиш попаѓата?“ „Отров ќе ѝ турам во манџата! Ги збрложи сите мажи во селово!“ одговори жената срдито. „На Гаврила таа не помислува!“ фати да се шегува премалениот војвода. „Да му порачаш на попот нека ја заузда таа кобила! Да не шавнува во туѓи постели!“ додаде сосетката, пред да исчезне од прозорецот. Пред да се врати под сенката на багремот, Слав проба да ги искорне прецутените коприви крај ѕидот, од страната на сокакот. Корењето беа длабоко во земјата и не се предаваа; тој сети болки во крстот, брзо се откажа, потоа тешко го исправи грбот. Потпрен на бастунот ѝ се закануваше на куќата; сивилото одамна ја изделуваше неа, меѓутоа, сега му се виде како сениште. За неколку дена таа ќе падне, си мислеше, виткајќи цигара, опрен на портата, ако задуваат посилни ветрови може да се здроби и порано. Фати да се плаши дека во него не остана ни сила, ни волја за нејзиното подигање од темел. Се растрои, исчезнуваше последната надеж. Дури и да капари мајстори што би ја соѕидале, каде ќе го пронајде градежниот материјал? Тупкаше со бастунот по камењето и премалено чекореше кон сенката на багремот. Тогаш по сокакот се довлечка поштарот Стево Лајме и во брзаница почна да рошка по торбата. „Каде си, ранлива душо?“ праша, вадејќи го чекот за исплата. „Нема да ја испиеш својата чаша ракија?“ се изненади Беломорско Сонце. „Готово е со таа понадица, и моево тело се раскашави!“ одговори Стево Лајме, броејќи ги парите. „Значи така, ти скисна расолот!“ се пошегува Слав Плавески. „Не сум роб на алкохолот! И да знаеш, не сум скуден за ништо!“ „Ти се распарала кошулата!“ „Каков зорт виде таа!“ воздивна Стево Лајме и го запетла палтото од униформата. „Да ти кажам искрено, се расчепив од работа!“ додаде, пред да го сврти велосипедот за назад. „Не разбра ништо за земјата Мериленд?“ провоцираше Слав Плавески и вложуваше напор да го задржи поштарот на разговор. „Откако го вратив писмото назад, ништо друго не се случи!“ крена рамена Стево. „Денес не ти се овците на број!“ „Торбава е преполна, затоа морам да побрзам!“ се правдаше Стево Лајме, слегувајќи надолу. „Нема писмо за мене?“ „Видов сигурно дека нема!“ „Нешто криеш од мене! Ми изгледаш јаросан!“ рече Беломорско Сонце, надвиснат на плотот од сокакот. „Ноќеска беше во реонот околу мостот?“ праша Стево Лајме и ја крена главата откако позастана. „На враќање за дома паднав во јама и доста се издраскав!“ одговори Слав Плавески, покажувајќи ги раните по лицето и на рацете. „Се плашам да не ти скрпат обвинение!“ воздивна Стево Лајме, сожаливо загледан во војводата. „Мораш да правиш разлика меѓу насилниците и мене!“ одговори Слав. „Чувај се да не те скапат од ќотек на стари години!“ советуваше поштарот на заминување. Крвта му се сироса на Беломорско Сонце, го склукаа раните по скаменетото лице. Зар некој ќе се резили да се сомнева во неговата чесност, се прашуваше. Кога му скркорија цревата се присети дека треба да оди на ручек во домот на попот. Ги спастри чергите на клупата, ги зами образите и рацете со устоената вода во бардето, отиде до стожерот на гумното. Не знаеше ни што прави ни зошто се џари во навалениот покрив на куќата. Одвај го слушна петелот што кукуригаше во дворот на соседот Гаврил. Тогаш по сокакот се искачуваше Богоја Талески со мотика в раце. „Си порачал да се видиме!“ извика направо од портата. „Да пазариме нова куќа!“ одговори Слав и нога за нога слезе долу. „Со рогат не правам договор!“ „Ќе платам колку што ќе побараш!“ „Кога ќе се раздрапаш ти, ми иде да пукнам од смеа! Зар не сфаќаш дека не смеам да се пазарам со тебе?“ праша, загледан во сокакот по кој се искачуваше милициско комбе. „Сега ми ги урна сите надежи!“ воздивна Беломорско Сонце. „Што запна да градиш куќа? За една година ќе ти се раскости телото во гробот!“ ѕидарот уживаше да го навредува војводата. „Не биди сигурен во тоа! И порано ги свлечкував нозете, но болештината минуваше с ветрум!“ одговори Слав и фати да го следи комбето додека вртеше. „Сега ќе ти го извадат тртникот!“ предвидуваше Богоја Талески, навален на портата. „Трн си му во окото на овој што излегува од возилото!“ додаде, откако го препозна Јована Дилески, наконтен и одважен. „И тебе главата ти обеле, ама умот не ти дојде!“ воздивна Слав Плавески, вадејќи ја кутијата од џебот. „Што си толку издраскан, да не се бореше со ѕвер?“ праша Богоја, со глас што трепереше. „Доживеав и ова чудо да го видам!“ изусти Беломорско Сонце, како да ѝ шепоти на својата брада. „Не знам дали си виновен!“ призна ѕидарот, џарејќи се во Јована, кој се договараше со милиционерот зад воланот. „Но ќе ти го натоварат тој злостор, па чуди се како ќе излезеш на крај! Ќе пцовиса синот на комесарот додека не докаже оти си виновен!“ додаде и се исправи со мотиката на рамо. Во тој миг Слав утона во грижи, умот како да му се цепеше. Го слушаше ѕидарот кој му велеше дека ќе си ја проколнува мајчината цицка, божем ќе се фаќа и за сламка ако мора, ама веќе сè му се измеша. „Ќе запееш дури и со фалшив глас, штом се фрли вината на тебе!“ Богоја му изнарече сè што му дојде на уста. Дека лесно ќе го укротат во занданата, иако, поради старост ќе му се ублажи казната. Ќешки да си останеше дома вчера, немаше да го тормозат за ништо, фати да се кае војводата. Некако шуто му изгледаше сето ова, не го засегаше веќе ниедно жизнено прашање, меѓутоа, сега животот немаше цена. „Да мислеше навреме, немаше да црвиш!“ му упадна во мислите Богоја ѕидарот. Не треба да гради куќа туку да ги чува белите пари за црни денови. Слав посака да го удри со бастунот или да се фати гуша за гуша и така да ја докаже својата невиност. „Твојата мака е цвеќе спроти мојата!“ додаде ѕидарот и ја одврати кавгата. Откако ги разгледаа урнатите ѕидови од куќата, Јован Дилески и милиционерот се вратија под багремот. „Ова е тој многуфален војвода Беломорско Сонце!“ фати да објаснува бившиот јамски бригадир пред кусиот, збиток човек во униформа. Дека многу несреќи го згромија по војната и пак не легна в постела. „Синот му беше утеха но се пропи откако се фати со лошо друштво!“ додаде Јован, претурајќи ги чергите што го згрозија. Божем додека бил помал тој ги обожавал неговите јуначки дела, убивајќи разни аги и бегови што му пиеле крв на народот. „Во оган ќе се фрлев само да му угодам нему!“ заврши Јован, пипајќи го старецот по раните на главата што ги напаѓаа муви. Дека познат со тврдоглавост, Беломорско Сонце му ја откошна раката. „Ми падна тешка должност да те притворам! изјави Јован Дилески, вадејќи некаков лист од џебот. „Прави што ќе правиш!“ воздивна Слав Плавески, го крена палтото од клупата и тргна кон портата. „Ќе поразговараме на тевна, ако си невин, пак ќе те вратиме дома!“ „Побрзај, веќе доцниме!“ нареди милиционерот и го турлоса старецот во комбето. „Не прашуваш дали можам, туку само шибаш!“ се разлути Беломорско Сонце. Сонцето фрли светлина низ прозорецот на возилото; откако виде дека не е сам, Слав Плавески ги покри очите со глуждавите прсти. Додека комбето излегуваше од Горен Бовојзо, тројцата притворени изразуваа почит кон Беломорско Сонце. „Ова не можам никако да го разберам. Зар вината падна и врз народниот јунак?“ се исчудуваше еден зарипнат глас во темницата. „Ваква рана нема да зарасте никогаш!“ мрмореше некој до него. „Тој што го затвора војводата, не поседува совест!“ воздивна третиот што седеше од спротивната страна. Паднаа разни пцости за курназот што се дрзнал да прави рација по куќите, божем ќе си помине од лошо полошо, само да се создадат услови за одмазда. „Да не мисли тој дека времето е матно?“ се бунеше зарипнатиот глас. „Може да ми ветува златни кули, веќе нема да го сакам никогаш!“ се завета човекот отспротива. Дека наскоро ќе се покаже кој скршна од патот, дали повредениот комесар и неговиот син, или пак другите. „Не знам што ѕвер ќе биде со пендрекот в раце?“ се прашуваше зарипнатиот глас. „И како дете ми се качуваше на глава!“ се пожели некој во комбето. Божем на Јована му се излошил карактерот. Беломорско Сонце го слушаше разговорот со дланките на лицето, неговите потечени очи не можеа да заспијат. Ако даде господ да се врати повторно во Горен Бовојзо, ќе однесе јагне во манастирот, вети додека се трускаше по макадамот. Во потсвеста очекуваше животот да му згорчи уште повеќе; како да остана ѓубриште зад него, не му вредеше маката. Ќе може ли да опстане меѓу другите со толкав бигор во срцето, се прашуваше во темницата. Некој тука ја оправдуваше постапката на Јован Дилески, дека тој си ја врши работата. Зарипнатиот глас упадна во лутината, спомна зулуми од кои пропаднале многу царства. „Што може да ми напакости мене?“ срипа човекот од спротивната страна. „Нека испрашува, нека се заканува! И вака и така со мојов занает може да се вади лебот! А тој што знае да работи освен да мава со пендрек?“ заврши возбудено. „Да му се сотре семето, да си лелека довека!“ колнеше зарипнатиот глас. Војводата Беломорско Сонце ги посоветува да не се караат. „На тој век се плаќа за сите грешки!“ им рече утешно, меѓутоа, некој во темницата се засмеа. „Мртвите за душа, живите за гуша!“ извика зарипнатиот глас. „Ако се допрел до јак грб не значи дека нема да падне!“ додаде човекот отспротива. „Ах, ми ја затрни куќата тој гад!“ воздивна некој во темницата. „Душата ти мириса на спурено!“ го искара Слав Плавески. „Дека си каснат од змија, фати да се плашиш од гуштерица!“ се разлути тој со зарипнат глас. Војводата не размислуваше за жестината на постапката. Беше прегладнет, цревата му кркореа, од трускањето му се матеше во главата. Комбето намали со брзината и јачкаше под товарот на патниците. Надвор се вревеше; некој коментираше дека живата песок е како жива рана. Дури тогаш Беломорско Сонце сфати дека ја минуваат реката Анама, спроти Изворите на беглерот. „Ако бидеш мост, секој ќе те гази!“ се закикоти најпосле, меѓутоа, другите во темницата слушнаа крик. Тој крик не стаса до Злате Будигора, кој стоеше во бурјанот крај мостот и разговараше со учителот Бале Колар. Лицето му светеше од потта, а гласот му беше горчлив и жесток. Устата му фатила пена додека се распрашувал за дефектите на мостот; се џареше де во комбето што застана во меѓата, де во излоканите столбови на мостот. Кога му пристапи Јован Дилески веќе искажуваше кротост и милост. „Денес папсав од работа!“ му се пожали Злате, очекувајќи новодојдениот да се исповеда. „Некој одново ги подгрева старите кавги!“ воздивна Јован Дилески. „Кому му пречеше комесарот? Ниту беше омразен, ниту грешен!“ рече Злате. „Се плашам да не примените терор и одмазда!“ додаде учителот загледан во народниот херој. „Ќе ги подзакачи со неколку прашања, ако се невини пак ќе ги врати дома!“ одговори Злате Будигора. „Во рог да се пикне виновникот ќе го пронајдам!“ рече Јован Дилески, се поздрави и замина. „Не погани ја устата, не валкај ги рацете!“ му советуваше учителот на својот некогашен ученик. „Со памук ќе им ја вади душата!“ се поднасмевна Злате. „Да не оштури некоја куќа!“ Бале го следеше возилото што крена прашина. „Си ја знае тој работата!“ извика Злате и тргна кон џипот, од другата страна на мостот. „Денов свршува, да побрзаме! Што подгорува лисјето во горава толку рано?“ праша најпосле. „Сонцето ти го подлажува видот! Вршјето на дрвјата се како позлатени!“ одговори Бале Колар. „Ако можам да избирам место за покој, тоа ќе биде овде!“ Злате покажа кон столетните дабје. „Ќе се предомислиш дотогаш, како секоја грешна душа во капнато тело!“ „Многу ти знае таа учена глава! Си предел колчишта во зандана?“ „И во тиња се кашкав!“ одговори Бале и влезе во џипот. Додека се трускаа крај тополите што ги нишаше топлиот ветар, разговараа за чаеви што го лечат џигерот. Мечкино грозје, црна рибизла, рузмарин, невен, артичок, мирисна лазарка и сладок корен, смеша од четири супени лажици, објаснуваше учителот, врие околу три минути, се оладува, се процедува, се пие една чаша пред вечера. Потоа беа спомнувани чаеви за ублажување на реумата, за болни зглобови и за прочистување на организмот. Цвет од зајачки трн, лист од боровинка, цвет од коприва. Возачот на џипот се жалеше дека има мака со вените, а поначесто страда и од запек. За вените се мешаат лисја од имела, лисја од див костен, ајдучка трева, леска, орев, жабина трева и винова лоза. Чајот против запек содржи: црна рибизла, кора од круша, дива цикорија, бел слез, корен од коприва, подземно стебло на реум и лист од липа. „Вечер ќе ти запишам на хартија!“ вети најпосле Бале Колар. „Како да си го ублажам немирот, да си ги смирам нервите, како да си обезбедам подобар сон?“ запраша народниот херој, отпоздравувајќи му на Узеир Алија пред воденицата. „Вечер ќе свариме чај за убав сон! Цветни круни од мирисна лазарка, цвет од лавандула, лист од портокал, резанка од врба, лист од бадем, цвет од глог, лист од мајоран, мајчина душичка, корен од валеријана!“ Бале Колар броеше на прстите. „Чуваш такво зајре дома?“ се чудеше Злате. „Не продавам палаври!“ одговори Бале Колар. „Мислиш полесно ќе заспијам со чајот?“ „Ако немаш грижи на совеста!“ „Проколнат сум да ме снајде голема беда, ама јас не се предавам. Вечерва ќе сакам да ми се обнажи некоја велеродна жена, дури потоа ќе побарам чај за убав сон!“ заврши Злате Будигора и, удирајќи по рамената на учителот, ѝ се предаде на заразната, царска смеа. Далечно ѕвоно, со првиот мрак, врати необично ехо: дали утка го оплакуваше Беломорско Сонце? Роман за минливоста, работен во Скопје 1984, Струга 1985, Скопје 1986, завршен во Банско 1987